У.бр.131/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 16 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 точка 5 во делот: “одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд на Република Македонија и” од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, (“Службен весник на Република Македонија” број 56/1999 и 43/2002).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот дел од законската одредба, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 став 1 и член 112 став 3 од Уставот на Република Македонија. Со одредбите од членовите 108-113 од Уставот на Република Македонија биле утврдени сите релевантни прашања за местото, улогата и надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија, така што неговата надлежност не можела да биде предмет на законско уредување, бидејќи според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот. Според член 78 став 2 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” број 70/19920), одлуките на Уставниот суд се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, а според став 3 од наведениот член од Деловникот, Уставниот суд може да одлучи во “Службен весник на Република Македонија” да се објават и одделни решенија, а не како што било предвидено со оспорениот законски дел од членот 3 точка 5 од Законот, да се објавуваат сите решенија и други акти на Уставниот суд.

Со иницијативата се бара при одлучувањето да се имаат предвид одлуките на Уставнито суд по предметите 131/2000, 75/2007 и 256/2007.

3. Судот на седницата утврди дека член 3 точка 5 од Законот определува дека во “Службен весник на Република Македонија” се објавуваат одлуките, решенијата и други акти на Уставниот суд на Република Македонија и актите на правосудните органи за кои тоа е определно со закон.

Предмет на оспорување со иницијативата е член 3 точка 5 во делот: “одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд на Република Македонија и”.

4. Спoред член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Ставот 3 од овој член на Уставот утврдува дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на принципот на владеење на правото и остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти. Објавувањето, пак, на законите и другите прописи претставува акт на обнародување на тие акти и нивно ставање на увид на јавноста. Имајќи го предвид карактерот и значењето на објавувањето на законите и другите прописи, Уставот утврдил обврска тие да се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, како службено гласило на Републиката.

Уставот на Република Македонија во членот 108, утврдил дека Уставниот суд на Република Македонија е орган на Републиката кој ја штити уставноста и законитоста.

Надлежностите на оваа институција се утврдени со членот 110 од Уставот на Република Македонија и произлегуваат од него.

Според членот 112 став 3 одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.

Според членот 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.

Врз основа на изнесените одредби од Уставот произлегува дека надлежностите на Уставниот суд на Република Македонија се детално определени со самиот Устав, и неговата структура и функции се дирекно разработени со Уставот.

Со член 113 од Уставот се препушта начинот на работата и постапката пред Уставниот суд да се уредуваат со акт на Судот. По тој уставен основ со Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992) се врши уредување на начинот на работата и постапката пред Уставниот суд.

Во Глава IX од Деловникот помеѓу другото се содржани и одредби по однос актите кои Уставниот суд ги донесува, како и одредби за нивното објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

Со член 69 од Деловникот е определено дека Уставниот суд донесува одлуки, решенија и заклучоци.

Според член 78 став 2 од Деловникот одлуките на Уставниот суд се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, а според став 3 од наведениот член Уставниот суд може да одлучи во “Службен весник на Република Македонија” да се објават и одделни решенија.

Со член 1 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија” (“Службен весник на Република Македонија” број 56/1999 и 43/2002), е определено дека со овој закон се уредува објавувањето на законите, другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, како и издавањето на службеното гласило “Службен весник на Република Македонија”.

Со членот 3 точки 1-9 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”, се наведени актите и доносителите на актите кои се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”.

Со член 3 точка 5 од Законот е определено дека во “Службен весник на Република Македонија” се објавуваат одлуките, решенијата и други акти на Уставниот суд на Република Македонија и актите на правосудните органи за кои тоа е определно со закон.

Предмет на оспорување со иницијативата е член 3 точка 5 во делот: “одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд на Република Македонија и”.

Согласно член 5 став 7 од Законот, налог за објавување на законите и другите прописи и акти дава одговорното лице кое се грижи за објавувањето на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија”.

Со иницијативата, подносителот цитирајќи ја содржината на оспорениот дел од законската одредба, се повикува на одредби од Уставот (членови 108-113), при што констатира дека Уставниот суд кој ја штител уставноста и законитоста, имал уставно утврдени ингеренции, наведувајќи дека неговата надлежност не може да биде предмет на законско уредување, бидејќи според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредува со акт на Судот.

По однос на овие наводи неспорно е дека надлежностите на Уставниот суд не можат да бидат предмет на законско уредување и дека начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредува со акт на Судот, меѓутоа според Судот, така уредениот оспорен дел од законската одредба, нема значење на востановување на надлежност на Уставниот суд како што впрочем смета подносителот со иницијативата.

Ова од причини што надлежностите на Уставниот суд се јасно дефинирани со член 110 од Уставот, додека видот на актите кои Уставниот суд ги донесува во вршењето на неговите надлежности, како и нивното објавување во “Службен весник на Република Македонија” се прашања од деловното работење на Уставниот суд, уредени со Деловникот за начинот на работа и постапката пред Уставниот суд.

Уставниот суд во своето работење и постапување донесува одлуки, решенија и заклучи.

Одлуките на Уставниот суд, се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” (член 78 став 2 од Деловникот), но Уставниот суд може да одлучи во “Службен весник на Република Македонија”, да се објавуват и одделни решенија.

Исто така, во “Службен весник на Република Македонија”, можат да бидат објавени и други акти, а не само одлуките и решенијата на Судот. Така, согласно член 25 став 6 од Деловникот судијата што гласал против одлуката или што смета дека таа треба да се заснова на други правни основи, може да го издвои своето мислење и писмено да го образложи. Издвоеното мислење се објавува во “Билтенот на Судот“ и во службеното гласило во кое се објавува одлуката на Судот.

Деловникот на Уставниот суд како акт на Судот, исто така се објавува во “Службен весник на Република Македонија” (член 102 од Деловникот).

Според тоа, со уредувањето на оспорениот дел од законската одредба се констатира кои акти од доносителот-Уставниот суд, се предмет на објавување во “Службен весник на Република Македонија” и тоа уредување во оспорениот член од Законот, не може да се согледува надвор од одредбите уредени со Деловникот на Уставниот суд и да му се придава значење на норма од императивен карактер, односно дека тоа значело задолжително објавување и на сите решенија и други акти кои Уставниот суд ги донесува, како што впрочем смета подносителот со иницијативата, имајќи во вид дека определбата кои акти од Уставниот суд задолжително се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија”, а кои факултативно, е предмет на уредување со Деловникот на Уставниот суд.

Ова дотолку повеќе што објавувањето на актите на Судот, фактички се реализира по даден налог од одговорното лице во органот кое се грижи за нивно објавување (член 5 став 7 од Законот). Според тоа, објавувањето на актите на Уставниот суд, не наоѓа фактичка реализација по автоматизам, туку исклучиво по налог на лицето одговорно за нивното објавување, што значи предмет на објавување можат да бидат само оние акти за кои е даден налог за нивно објавување до Јавното претпријатие “Службен весник на Република Македонија”-Скопје кое е надлежена институција за објавување на законите, и другите прописи и акти.

Оттука, уредувањето со оспорениот член 3 точка 5 во делот: “одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд на Република Македонија и”, нема значење на императивност во уредувањето, имајќи во вид дека Јавното претпријатие “Службен весник на Република Македонија” во службеното гласило “Службен весник на Република Македонија”, е во обврска да ги објави исклучиво актите за кои е доставен налог за нивно објавување до Јавното претпријатие “Службен весник на Република Македонија” од страна на одговорното лице од органот.

Што се однесува до наводите од иницијативата дека членот 3 точка 5 во оспорениот дел: “одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд на Република Македонија и” од Законот, бил несогласен со членот 112 став 3 од Уставот според која уставна одредба одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, според Судот, оспорениот законски дел не може да се доведе под уставно сомнение во однос на оваа уставна одредба, бидејќи со уредувањето дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни е определена едностепеноста на постапката пред Уставниот суд, односно дека Уставниот суд мериторно одлучува за одредено прашање во прв и последен степен, што значи дека против одлуките на Уставниот суд не се дозволени правни средства.

По однос предлогот со иницијативата Уставниот суд при одлучувањето да ги има предвид Одлуките по предметите У. број 131/2000 од 21.03.2001 година, У. број 75/2007 од 13.02.2008 година и У. број 256/2017 од 16.04.2008 година, Судот оцени дека упатувањето на наведените предмети е несоодветно и не можат да имплицира влијание при одлучувањето во овој предмет со оглед на тоа што не се работи за иста правна ситуација.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 3 точка 5 во делот: “одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд на Република Македонија и” од Законот, со одредбите од член 8 алинеја 3, член 51 став 1 и член 112 став 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.131/2013
16 април 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.131/2013