Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 алинеја 1 и 2 во делот: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 1 алинеја 3 ,во деловите: “поранешни” и “ јавна дејност или”,член 3 став 1 точка 25, член 3 став 1 точка 26,во делот: “адвокат и медијатор”, член 3 став 2 точките 1, 2, 3 и 4, член 4 став 1, во делот: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ и во делот: „од 17 ноември 1991 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“,член 4 ставови 2 и 3, член 14 став 1 алинеја 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11, член 15 став 3, член 18 ставови 3 и 4 во деловите: „до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 27 став 3, член 28 ставови 1, 2 и 3, член 29 ставови 1, 2 и 3,член 30, член 31 ставови 2, 3 и 4, член 33, член 36 став 2 и член 40, како и на целината на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност („Службен весник на РМ“ бр.86/2012).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Александар Петрушевски од Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Стамен Филипов, Петар Карајанов и Борис Стојаноски, сите од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение, како и на посебно определени членови од истиот.
Во иницијативата поднесена од Александар Петрушевски од Скопје се наведува дека одредбите кои се оспоруваат од овој закон се: член 4, член 14, член 28, член 29, член 30 и член 33, од причина што со нив се повредувале член 9, член 11, член 25, член 91 и член 106 од Уставот на Република Македонија, како и член 137 од Кривичниот законик и член 276 од Законот за кривичната постапка.
Според иницијативата, членовите 4 и 14 од оспорениот закон биле спротивни на член 9 и член 106 од Уставот на Република Македонија, член 137 од КЗ на РМ, како и член 276 од ЗКП од причина што комисијата за верификација на факти немала право во периодот од 14 ноември 1991 година па се до 2006 година да истражува и докажува кои лица од член 1 од истиот закон ги кршеле човековите права,и биле налогодавачи или соработници на ДБК како тајна полиција, затоа што тоа било работа на Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, кои како државни органи го имале ексклузивното право да истражуваат и да констатираат правна последица, а не комисијата. А доколку МВР на Република Македонија и Обвинителството имаат такви основани сомненија, дека лицата од член 1 од истоимениот закон после 14 ноември 1991 година, сториле кривично дело по член 137 од КЗ на Република Македонија и работеле спротивно на член 9 од Уставот на Република Македонија, требало да покренат кривични пријави против истите лица од член 1 од Уставот на Република Македонија по службена должност. На овој начин и Владата на РМ и пратениците на Собранието на РМ го прекршувале член 9 и член 106 од Уставот на РМ, член 137 од КЗ на РМ и член 276 од ЗКП на РМ.
Граѓаните жртви во процесот на лустрацијата, според наводите во иницијативата, биле дискриминирани и со законот биле доведени во нерамноправна положба пред Уставот и законите на Република Македонија поради фактот што лицата од член 1 од законот биле политичари и функционери и блиски соработници на ДБК и нема да се покренела кривична пријава против нив по член 137 од КЗ на РМ од страна на МВР на РМ и Јавното обвинителство на РМ, туку ќе ги истражувала комисија која не смее да врши истрага за дејствија кои ги содржат елементите на кривично дело по член 137 од КЗ на РМ, а истите се противзаконски дејствија. Поради овој факт, жртвите кои имале спротивни ставови и политички погледи и размислувања од оние на тогашната власт со овој закон им се давало до знаење на сите граѓани на Република Македонија кои се еднакви пред законот и Уставот на РМ, со што и член 25 од Уставот на РМ бил повреден, бидејќи достоинство, приватност и личен и семеен живот во Република Македонија можат да имаат соработниците на ДБК, но не и граѓаните на РМ кои имале различни политички погледи од функционерите на власта и после 1991 година, што значело кршење на истиот член од Уставот, бидејќи приватноста не им била заштитена од самата држава на жртвите кои биле прогонувани и пратени од соработниците налогодавачите и ДБК.
Понатака, член 28, член 29 и член 33 од истиот закон биле спротивни на член 9 од Уставот на РМ, од причина што на лицата од член 1 од законот, откако комисијата ќе истражи и донесе решение со правна последица и ќе докаже кој политичар судија или друго лице од член 1 од истиот закон кршел човекови права од член 9 од Уставот на РМ, укажува дека на веб страната на самата комисија ќе се објави име и презиме на соработникот на ДБК, откако ќе се донесе решение кој бил соработник на тајните служби и самите докази. Но,член 33 од истиот закон предвидувал дека на веб страната на комисијата за верификација на факти нема да се објави идентитетот т.е. податоците на соработникот како лице од член 1 од законот ако си даде оставка од кандидатурата за функција или јавното овластување кое го поседува. На овој начин пратениците со изгласувањето на овој закон им давале предности на соработниците и налогодавачите кои биле политичари со убедување различно на оние кои биле жртви на овие дејствија и со овој акт како закон, пратениците направиле кривично дело по член 137 од КЗ на Република Македонија.
Со иницијативата поднесена од Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија се оспоруваат член 1 алинеја 2, член 4 став 1, член 15 став 3, член 27 став 3, член 28 став 2, член 29 став 2член 31 став 2, 3 и 4, член 33 и член 36 став 2 од Законот, од причина што со истите биле повредени член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9,, Амандман XXI, член 18, член 25, член 50, член 51 и член 54 став 1 од Уставот.
Имено, во иницијативата се наведува дека во членовите 1 алинеја 2, член 4 став 3 и член 18 ставови 3 и 4 од Законот, било предвидено лустрацијата да се одвива и по 17 ноември 1991 година, односно по стапувањето во сила на актуелниот Устав на РМ, а до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на РМ“ бр.13/ 2006), односно до 1 септември 2006 година. Уставниот суд на Република Македонија во Одлука У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 („Службен весник на РМ“ бр.45/2010) и Одлука У.бр.52/2011 и У.бр.76/2011 („Службен весник на РМ“ бр.48/ 2012) и двете конечни и извршни, а во врска со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на РМ“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011), се изјаснил дека одвивањето на процесот на лустрација по стапувањето во сила на актуелниот Устав, нема уставна оправданост.
Во наведените одлуки на Уставниот суд на РМ недвосмислено се утврдува дека спроведувањето на процесот на лустрација и по 17 ноември 1991 година ќе значи негирање на вредностите и институциите востановени во Република Македонија по донесувањето на актуелниот Устав. Во спротивно, таквиот процес би се јавил како современа алтернатива на постојниот правен систем и институциите изградени со актуелниот Устав, со што се губи историската димензија и оправданост на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција. Според Уставниот суд на РМ, не постои правна пречка за примена на постојниот правен режим утврден во законите за поведување на кривично правна и друга соодветна одговорност за лицата кои соработувале со безбедносните служби, како и за остварување на правата на лицата чии права биле повредувани во периодот по донесувањето на актуелниот Устав.
Во погоре наведените одлуки на Уставниот суд на Република Македонија, укинати се одредбите кои се однесуваат на временскиот опфат на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција кој по својата содржина и областа која ја уредува е многу сличен на Законот предмет на оваа иницијатива. Сличноста на овие два закона кои носат различно име не ја менува суштината на оспорените одредби од причина што се работи за идентична правна материја, односно определување на временски опфат поврзан со процесот на лустрација. Поради сето наведено, а заради конзистентноста и аналогијата во работата на Уставниот суд на Република Македонија, се предлага наведените одредби да се проглсат за неуставни и следствено да се укинат поради тоа што се во спротивност на темелните вредности на уставниот поредок, односно со принципот на владеење на правото утврден во член 8 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Според наводите во истата иницијатива, членовите 15 став 3, 27 став 3, 28 став 2, 29 став 2, 31 ставовите 2, 3 и 4 и член 33 од Законот било предвидено Комисијата за верификација на фактите, по проверка на лицата на кои се однесува Законот, за истите да води Регистар и заедно со решението со кое се утврдува соработка со органите на државната безбедност да ги објавува нивните имиња и документи кои биле употребени како доказ за утврдување на соработка на лицето со органите на државната безбедност на својата веб страна. Објавувањето на решението, имињата и документите се одвивало по автоматизам, без притоа да се чека на евентуално судско одлучување.
Со Одлука У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 („Службен весник на РМ“ бр.45/2010), во врска со Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, Уставниот суд на Република Македонија утврдил дека објавувањето на имиња на лица кои соработувале со органите на државната безбедност по правосилноста на постапката пред надлежен суд во „Службен весник на Република Македонија“, претставува повреда на достоинството, моралниот и личниот интегритет на граѓанинот.
Во истата одлука се наведува дека јавното објавување на имињата на лицата значи непроверено, паушално и јавно жигосување. Според Уставниот суд на Република Македонија ваквото објавување не е дозволено, затоа што ја надминува оправданоста на пропишувањето на посебниот услов за вршење на јавна дејност. Понатаму, во одлуката, Уставниот суд на РМ истакнува дека јавното објавување на имињата има карактер на санкција, која може да има последица во сите сфери на нивното живеење, а не само забрана за вршење на јавна функција, што е целта на Законот.
Наспроти Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, оспорените одредби од Законот кој е предмет на иницијативата, објавувањето на решенијата, имињата и документите, предвидува објавување на веб страница, која за разлика од Службениот весник на РМ е достапна бесплатно. Дополнително, според одредбите од актуелниот закон, објавувањето следува пред воопшто решенијата на Комисијата да станат правосилни, односно пред одлука на надлежен суд кој би ја потврдил нивната веродостојност и законитост.
Вака конципираните одредби биле спротивни на член 8 (владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), член 9 (еднаквост на граѓаните пред Уставот), Амандман XXI (правна заштита против поединечни правни акти), член 18 (сигурност и тајност на личните податоци и заштита од повреда на личниот интегритет), член 25 (почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот), член 50 (судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа) и член 51 (ограничување на слободите и правата на граѓанинот само во услови предвидени во Уставот) од Уставот на Република Македонија.
Имено, владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, предвидувало сите правни акти да произлегуваат од носител на власт, во согласност со одредбите од Уставот. Никој не можел и не смеел произволно да ги ограничува правата на граѓаните без притоа да бидат исполнети условите кои се предвидени со Уставот. Во конкретниов случај тоа значело дека Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, нема надлежност да ограничува права или заштита на истите преку извршен орган како што е Комисијата, без притоа да предвиди правна заштита од страна на надлежен суд како носител на судската власт.
Кога определена група граѓани немала можност да добие судска заштита,според иницијативата, се ставала во нееднаква положба со другите граѓани пред законот, што е во спротивност со фундаменталните вредности на едно демократско општество. Непостоењето на правна заштита од поединечните правни акти го поткопувала владеењето на правото и допринесувала не само за нееднаквост помеѓу граѓаните, туку и за произволно мешање на државата во начинот на кој граѓаните ги остваруваат своите права и слободи. Необезбедувањето на сигурност и тајност на личните податоци значело директна повреда на личниот интегритет на граѓаните. Според наводите во иницијативата, во конкретниов случај, државата наместо да ги промовира и заштитува почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот, таа ги подривала и ограничувала основните права на граѓаните и нивните најблиски.
По однос на член 36 став 2 од Законот, според иницијативата, истиот бил во спротивност со член 8 (владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска), Амандман XXI (правна заштита против поединечни правни акти) и член 50 (судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа). Преку ваквата одредба на Комисијата и е доверена и извршна и судска власт, што е во директна спротивност со Уставот на Република Македонија. Непостоењето на правна заштита од страна на надлежен суд, а против одлуките на поединечни правни акти на државната управа (во конкретниот случај Комисијата), според иницијативата, било незаконито и недопуштено според уставниот поредок на РМ.
Според подносителите на третата иницијатива (Стамен Филипов, Петар Карајанов и Борис Стојаноски), со која се оспорува Законот во целина и посебно член 1 алинеја 1, алинеја 2, во делот: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 3 став 1 точка 25, член 4 став 1, во деловите: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 18 ставовите 3 и 4, во деловите: „до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ и член 40, истите биле противуставни од причина што широкиот регистар на лица опфатени со Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, што според член 3, ги опфаќа сите актуелни државни, општествени, политички и граѓански субјекти и генералната важност за лицата опфатени со член 4 од Законот, кој се протега на неколку децениски период од донесувањето на Декларацијата на АСНОМ, за основните права на граѓанинот на демократска Македонија, на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (со ненаведена година и датум), ги надминува рамките на било каква лустрација на некакви соработници со цивилните и армиските органи на државната безбедност, со последици врз основните права и слободи на граѓаните.
Според Преамбулата на Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите претци за жртвите и посветеноста на нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанские слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори, го донесоа овој Устав.
Меѓутоа, со оспорениот Закон, не се обезбедувало исполнувањето на темелната вредност на уставниот поредок владеењето на правото и не се обезбедувал мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот. Напротив, со овој Закон, сето ова се рушело на штета на загарантираните човекови права и граѓански слободи. За ефикасна заштита на внатрешното уредување и безбедноста на земјата не било потребно ниту пак оправдано да се употребуваат средствата и мерките што во неодамнешна историја биле отфрлани.
Оспорениот Закон, според иницијативата, во целина не бил во согласност со Преамбулата на Уставот на Република Македонија од 17 ноември 1991 година и со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, како и со членовите 9, 11 став 1, 13 став 1, 14 став 1, 23, 25 и 51 од Уставот на Република Македонија.
Подносителите на иницијативата наведуваат дека според општата одредба на член 1 алинеја 2 од Законот, со овој закон се уредува: постапката за пристап, откривање и употреба на документите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ, во периодот од донесувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Оспорениот законски дел од оваа алинеја и во останатиот текст на оспорениот Закон биле во спротивност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, член 9, член 23, член 51 и особено со членот 112 ставовите 1 и 3 од Уставот, како и со одлуките на Уставниот суд на Република Македонија:
– У.бр.42/2008 и У.бр.77/2008 од 24.03.2010 година, со која се укина член 2 став 1, во делот: „до денот на влегување во сила на овој закон“, член 8, во делот: „и го објавува во „Службен весник на РМ“, член 13 и член 34 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција и У.бр.52/2011 и У.бр.76/2011 од 28.03.2012 година, со која се укина член 1, во деловите: „како и лицето кое било носител на јавна функција, а кое не е починато“ и „како и лицето кое било носител на јавна функција“, член 2 став 1, член 5 точка 29 во делот: „и организации“, член 6 став 3, член 7 во делот: „и лицата кои биле носители на јавни функции, а кои не се починати“, член 10-а, член 10-б и член 12 став 3, член 30 став 1, член 32 и член 35-а алинеја 3 од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција и член 25 од Законот за изменување и дополнување на Законот за определување дополнителен услов за вршење на јавна функција.
Според член 112 од Уставот, Уставниот суд ќе укине или поништи закон ако утврди дека не се во согласност со Уставот. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Од наведените уставни одредби, како и од целината на уставните одредби кои се однесуваат на системот на заштита на уставноста и законитоста, произлегува дека одлуките на Уставниот суд се општозадолжителни, конечни и извршни. Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија мериторно одлучил во овој случај, а неговите одлуки се конечни, извршни и непроменливи,со предлог оспорениот Закон да се поништи во целина, затоа што повторно се пропишуваат исти или многу слични одредби, а кои биле веќе укинати со наведените две одлуки на Уставниот суд.
Проширувањето на опфатот на лустрацијата по донесувањето на Уставот на Република Македонија, на лица кои биле поранешни функционери, задолжителното лустрирање на членовите на политичките партии, невладините организации, верските заедници и новинарите се одредби од досегашниот Закон за лустрација, за кои Уставниот суд утврдил дека се неуставни и како такви ги укинал. Повторното регулирање на овие одредби во оспорениот Закон е во спротивност со Уставот на Република Македонија и наведените одлуки на Уставниот суд, што претставува кршење на уставниот поредок на Република Македонија и неизвршување на конечните и извршните одлуки на Уставниот суд, а што воедно претставува и кривично дело неизвршување на судска одлука.
Според иницијаторите не може оспорениот Закон да се применува дури до денот на отпочнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, туку тој можел да се применува само и исклучиво до донесувањето на Уставот на Република Македонија, како што се веќе има произнесено Уставниот суд, во двете наведени одлуки. Меѓутоа, според оспорениот Закон, лустрацијата се однесувала и на периодот по 1991 година, а што било спротивно и на споменатите одлуки на Уставниот суд на Република Македонија,со што водело и до повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Лустрацијата значела процес на справување со минатото, со цел да се одбележат и отстранат можностите за натамошно кршење на човековите права од актуелниот општествено-политички систем. Тоа значи дека требало и можело да се однесува само на периодот кога лицата имале можност да ги кршат човековите права и да ги злоупотребуваат за лични цели, без за тоа да постојат изградени уставни и законски можности за нивно санкционирање. Според тоа, лустрацијата не можела и не смеела да се однесува и на периодот кога државата изградила поинаков општествено-политички систем, кој за основа ги има човековите права и нивната заштита.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека со законското решение на член 3 став 1 точка 25 се вршело упад во приватниот сектор и во пазарната економија, а се избегнувало кривично гонење на евентуалните злоупотреби извршени при приватизацијата. Било несфатливо и неразбирливо зошто со оспорениот Закон се опфатени и членовите од поширокиот круг на семејството на лицата кои се стекнале со сопственост од над 5% од капитал во претпријатијата со општествена сопственост, кога тие лица не биле сторители, ниту биле носители на јавни функции, а ниту ќе бидат.
Освен тоа, ова можело да се утврдува само и единствено од судската власт, а не од Комисијата за верификација на факти. Затоа што според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а според ставот 2 на овој член од Уставот, секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Според Амандман 25 точка 1 на Уставот, судската власт ја вршат судовите, кои се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Од наведените уставни одредби произлегувало дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот. Имајќи ги во вид наведените уставни одредби во корелација со оспорената законска одредба, според иницијативата, овластувањето на Комисијата за верификација на факти да утврдува кои лица и со нив поврзани лица и на кој начин се стекнале со над 5% од капитал во претпријатијата со општествена сопственост, согласно Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал, немало уставна основа.
Од тие причини оспорената законска одредба не била во согласност со темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 6 и 7, како и со член 23, Амандман 25, член 30, член 51 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата,иницијаторите укажуваат на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.209/2010 од 20.04.2011 година, со која се укина член 7 став 2 алинеја 2 во делот: „неговите деца и брачниот другар“ и алинеја 3 во делот: „неговите деца, брачниот другар, родителите и за другите лица со кои тој живее во иста семејна заедница“ од Уредбата за безбедност на лица корисници на класифицирани информации.
Оспорениот член 40 од Законот, според иницијативата имал ретроактивно дејство што било спротивно на член 52 став 4 од Уставот и истиот имал понеповолно дејство за граѓаните на Република Македонија.
Поради наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната бебедност, во целина, и посебно член 1 алинеја 1, алинеја 2, во делот: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 3 став 1 точка 25, член 4 став 1 во деловите: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 18 ставовите 3 и 4 во деловите: „до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“ и член 40, и истите да ги поништи, како несогласни со Уставот на Република Македонија.
Истовремено, се предлага Судот во смисла на член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на извршувањето на актите и дејствијата преземени врз основа на оспорениот закон, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
4. Оспорениот закон е донесен на седница на Собранието на Република Македонија одржана на 20 јуни 2012 година, и истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.86/2012).
Законот содржи VIII Глави ,и тоа:
– I Глава: „Општи одредби“,
– II Глава: „Комисија за верификација на фактите,
– III Глава: „Обврска на органите на државната безбедност и други државни органи“,
– IV Глава: „Обврски на граѓаните и институциите“,
– V Глава: „Постапка за утврдување и објавување на соработка со органите на државната безбедност“,
– VI Глава: „Пристап до документите на органите на државната безбедност,
– VII Глава: „Казнени одредби“, и
– VIII Глава: „Преодни и завршни одредби“.
Член 1 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот предвидува дека со овој закон се уредува:
– условот со кој се ограничува вршењето на јавна функција,
– постапката за пристап, откривање и употреба на документите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ, во периодот од донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (оспорен дел).
Во член 3 став 1 точка 25 од Законот се предвидува дека опфатени со овој закон се и “лица и со нив поврзаните лица кои се стекнале со над 5% од капитал во претпријатијата со општествена сопственост, согласно со Законот за трансформација на претпријатија со општествен капитал. Под поимот поврзани лица се подразбираат физички лица кои се во сродство преку брак или посвојување, деца и родители, браќа и сестри, полубраќа и полусестри, баби, дедовци и внуци, на друг начин се крвно поврзани до втор степен, живееле во заедница пет години непрекинато во однос на родител – старател и дете, маќеа или очув и посинок и поќерка, снаа, зет и родители на брачните другари”(оспорен дел).
Според член 4 од Законот:
(1) Лицето опфатено со овој закон за кое во периодот од донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,(оспорен дел) Комисијата ќе утврди дека е евидентирано во досиејата на органите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ како таен соработник, оперативна врска или таен информатор при оперативно прибирање известувања и податоци (во натамошниот текст: информации) што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност, во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досиеја, оформени и водени за одредени лица со кои се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини во комунистичкиот режим и од политички, идеолошки и партиски причини од 17 ноември 1991 година до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, го исполнува условот со кој се ограничува кандидирањето или вршењето јавна функција(оспорен дел).
Согласно член 14 од Законот, Комисијата ги има следниве надлежности:
– собира, истражува, анализира и оценува документи кои содржат информации за активностите согласно со членот 4 од овој закон,
– објавува имиња на лица, кандидати за носители на јавна функција или јавно овластување, поранешни и сегашни носители на јавни функции или поранешни и сегашни вршители на јавна дејност или јавни овластувања чија соработка е утврдена со органите на државната безбедност,
– овозможува пристап на физички лица до информациите собрани за нив, во смисла на овој закон, на нивно барање, на барање на
нивните роднини по права линија до втор степен вклучително и на лица овластени од нив со полномошно заверено на нотар,
– издава документи за соработката на физички лица со органите на државната безбедност, во смисла на овој закон,
– покренува постапка по иницијатива на трети лица,
– ги информира надлежните органи за натамошно постапување,
– донесува деловник за работа,
– изготвува шестмесечен извештај за својата работа и го доставува до Собранието на Република Македонија,
– одржува соработка со слични меѓународни институции,
– води регистар согласно со членот 15 од овој закон и
– врши и други работи определени со овој закон.
Во член 15 став 3 од Законот се предвидува дека Регистарот од ставот (1) на овој член се објавува на веб страницата на Комисијата.
Според член 18 ставови 3 и 4 од Законот, под органи на државна безбедност на кои се однесува соработката од членот 4 од овој закон се сметаат Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, Воената служба за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана и Агенцијата за разузнавање и нивните правни претходници во Република Македонија и поранешната СФРЈ, во периодот од донесувањето на Декларацијата на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (оспорен дел).
Под соработка, во смисла на овој закон, се смета свесна тајна, организирана и континуирана соработка и активност, утврдена со документ, со органите на државната безбедност, во својство на таен соработник, оперативна врска или таен информатор (во натамошниот текст: таен соработник) при оперативно прибирање на инфромации што биле предмет на обработка, чување и користење од органите на државната безбедност, во облик на автоматизирани или рачни збирки на податоци и досиеја, оформени и водени за одредени лица со кои се кршени или ограничувани основните права и слободи на граѓаните од политички или идеолошки причини во комунистичкиот режим и од политички, идеолошки и партиски причини од 17 ноември 1991 година до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер(оспорен дел) и од која е остварена материјална корист или погодности при вработување или напредување во службата.
Согласно член 27 став 3 од Законот резултатите од проверката на лицата ќе бидат објавени и на веб страницата на Комисијата.
Во член 28 од Законот е предвидено дека:
(1) Лицето носител на јавна функција или јавно овластување, за кое Комисијата по завршувањето на проверката ќе утврди дека соработувало со органите на државната безбедност во периодот определен со членот 4 од овој закон, го исполнува условот со кој му се ограничува правото за вршење на јавна функција или јавно овластување во периодот на примената на овој закон.
(2) Комисијата веднаш, а најдоцна во рок од три дена по завршувањето на постапката за проверка и известувањето на лицето од ставот (1) на овој член за постоење на доказ за соработка со органите на
државната безбедност, решението со кое се утврдува соработка со органите на државната безбедност го објавува на веб страницата на Комисијата и го доставува до Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Државната изборна комисија и органот или телото за конкурирање или кандидирање на лицето носител на јавна функција или јавни овластувања, заради покренување на постапка за разрешување.
(3) Решението со кое се утврдува соработка со органите на државната безбедност, Комисијата го донесува во рок не подолг од 15 дена од денот на добивањето на податоците од органите од членот 20 од овој закон.
Членот 29 од Законот предвидува дека:
(1) Лицето кое било носител на јавна функција или јавно овластување, за кое Комисијата по завршувањето на проверката ќе утврди дека соработувало со органите на државната безбедност во периодот определен со членот 4 од овој закон, му се ограничува правото за вршење на јавна функција или јавно овластување во периодот на примената на овој закон.
(2) Комисијата веднаш, а најдоцна во рок од три дена по завршувањето на постапката за проверка и известувањето на лицето од ставот (1) на овој член за постоење на доказ за соработка со органите на државната безбедност, решението со кое се утврдува соработка со органите на државната безбедност го објавува на веб страницата на Комисијата и го доставува до Собранието на Република Македонија, Владата нa Република Македонија и Државната изборна комисија за лицето кое било носител на јавна функција или јавно овластување, а кое соработувало со органите на државната безбедност.
(3) Решението со кое се утврдува соработка со органите на државната безбедност Комисијата го донесува во рок не подолг од 15 дена од денот на добивањето на податоците од органите од членот 20 од овој закон.
Според член 30 од истиот закон:
(1) Утврдување на соработка со органите на државната безбедност Комисијата врши и по поднесено писмено барање од:
1) трговско радиодифузно друштво, непрофитна радиодифузна установа кои имаат дозвола за вршење на радиодифузна дејност и печатените медиуми, во однос на основачите, носителите на раководни функции и нивните вработени новинари,
2) политичките партии во однос на претседателите, заменик-претседатели, членови на органите и телата и нивните членови,
3) верските заедници и религиозните групи во однос на нивните поглавари членови во органите и телата и
4) организации од јавен карактер регистрирани согласно со закон, во однос на нивните основачи, носители на раководни функции и членови во органите и телата.
(2) Барањето од ставот (1) на овој член ќе биде потпишано од страна на застапниците на правните лица од ставот (1) на овој член. Кон барањето се приложува и писмена согласност од страна на лицето на кое ќе се изврши проверка од страна на Комисијата.
(3) Резултатите од проверката ќе бидат доставени во писмена форма до барателот на информацијата од ставот (1) на овој член во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на барањето. Лицето над кое е спроведена проверката ќе биде известено доколку постои доказ за соработка со органите на државната безбедност, а решението ќе биде објавено на веб страницата на Комисијата во рок не подолг од три дена од денот на доставувањето на известувањето за резултатите од спроведената проверка.
Во член 31 ставови 2, 3 и 4 од Законот се предвидува дека:
(2) Личните податоци на лицата соработници со органите на државната безбедност, не претставуваат лични податоци, во смисла на овој закон, за заштита на лични податоци.
(3) Лицето над кого се врши проверка ќе биде известено од страна на Комисијата за резултатите од спроведената проверка. Решението од ставот (1) на овој член ќе биде објавена на веб страница-та на Комисијата во рок не подолг од три дена од денот на доставувањето на известувањето за резултатите од спроведената проверка.
(4) На веб страницата на Комисијата, со решението од ставот (1) на овој член, ќе бидат објавени и документи кои биле употребени како доказ за утврдување на соработка на лицето со органите на државната безбедност.
Согласно член 33 од Законот:
(1) Податоците за лицата нема да бидат објавени само во следниве случаи кога:
1) лицето е починато и
2) лицето ќе ја повлече својата кандидатура за јавна функција или јавно овластување или ќе поднесе оставка како носител на јавна функција или јавно овластување три дена пред писменото известување за резултатите од спроведената проверка.
(2) Одредбата од ставот (1) на овој член нема да се применува на лица утврдени во листите за кандидати за носители на јавни функции согласно со Изборниот законик. Доколку се утврди соработка со органите за државната безбедност името на тоа лице задолжително ќе се објави на веб страницата на Комисијата и ќе биде доставено до Државната изборна комисија.
Во член 36 став 2 од овој закон се предвидува дека за да не биде откриен или јавно објавен документ соодветната служба за безбедност доставува предлог до Комисијата. Комисијата носи решение кое е конечно и нема право на жалба.
Според член 40 од Законот започнатите постапки за утврдување на соработка со органите на државната безбедност започнати согласно со Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на РМ“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2012) ќе завршат согласно со одредбите од овој закон.
5. Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 11 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Во член 18 од Уставот се предвидува дека се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Со Амандман XXI од Уставот со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувaња се уредува со закон.
Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во смисла на член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Собранието на Република Македонија согласно своите надлежности утврдени во член 68 од Уставот, со закон ги уредува областите во општествениот живот.Во таа насока Собранието го донесе Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност со кој се уредува условот со кој се ограничува вршењето на јавна функција, постапката за пристап, откривање и употреба на документите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ во периодот од донесувањето на Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година до денот на започнување на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, објавувањето на соработката на лица – кандидати за носители на јавна функција или јавно овластување, поранешни и сегашни носители на јавни функции или поранешни и сегашни вршители на јавна дејност или јавни овластувања – со органите на државната безбедност и надлежностите на Комисијата за верификација на факти (член 1).
Тргнувајќи од фактот дека уставна надлежност на законодавната власт е вршењето на законодавната функција, Судот оцени дека законодавецот има уставна основа со закон да уреди одредено прашање од сферата на општественото живеење за кои оценил дека е потребно и оправдано да се уреди посебно, односно да утврди нормативни претпоставки и за тоа извршителите на прекршувањата на човековите права во претходниот политички систем, да не бидат носители на јавни функции во сосема друг демократски систем што се регулира во членот 1 алинеја 1 од Законот, во која смисла најнапред го донел Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на РМ“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011), а потоа и сега оспорениот закон со кој во член 41 од истиот се регулира дека со денот на влегување во сила на овој закон (осмиот ден од објавувањето 17 јули 2012 година) престанува да важи претходно наведениот закон.Ваквата констатација всушност произлегува и од ставот на Уставниот суд изразен во претходните две одлуки во кои децидно е наведено дека лустрацијата како процес не се смета за противуставен.
Имено, Уставот на Република Македонија е донесен на 17 ноември 1991 година („Службен весник на РМ“ бр.52/1991) Амандманите I и II („Службен весник на РМ“ бр.1/1992), Аманданот III („Службен весник на РМ“ бр.31/1998), Амандманите IV до XVIII („Службен весник на РМ“ бр.91/2001), Амандман XIX („Службен весник на РМ“ бр.84/2003), Аманд маните XX до XXX („Службен весник на РМ“ бр.107/2005), Амандманот XXXI („Службен весник на РМ“ бр.3/2009 и 13/2009-исправка) и Амандманот XXXII(“Службен весник на Република Македонија” бр.49/2011)
Според преамбулата на Уставот, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот преку своите претставници во Собранието на РМ, избрани на слободни и демократски избори, го донесоа овој Устав.
Компарирајќи ги прашањата кои се уредуваат со актуелниот закон,според Судот процесот на лустрацијата е процес за прочистување и помирување со минатото, што е причина и мотив за донесување на овој закон, кој по својот карактер е темпорален и определува дека ја исцрпува својата примена 10 години од денот на изборот на составот на Комисијата за верификација на фактите (член 42).
Со поднесените иницијативи, генерално се оспорува законот во целина, како и одделни негови членови кои апсолвираат прашања по однос на временскиот опфат на процесот на лустрација, лицата кои се опфатени со овој закон, објавувањето на решението со кое се утврдува соработката со органите на државната безбедност на WEB страната на Комисијата за верификација на фактите, пред истото да стане правосилно, како и обврската на членовите на верските заедници и здруженија и фондации да даваат такви изјави.
Уставниот суд на Република Македонија, анализирајќи ја содржината на целината на законот, неговите одделно оспорени одредби, vis a vis уставните норми на кои се укажува во иницијативата јасно и недвосмислено констатира дека истакнатите наводи се неосновани, поради што оспорениот закон во целина, како и одделните негови одредби не може да се доведат под сомнение по однос на Уставот на Република Македонија.
Според Судот, оспорениот закон не содржи одредби со кои се кршат и ограничуваат основните слободи и права на граѓаните туку истиот се заснова токму на начелата на владеењето на правото, правната сигурност и заштита на слободите и правата на граѓаните.
Одредбите од Законот кои го уредуваат прашањето за временскиот период за кој треба да се изврши постапката за пристап, откривање и употреба на документите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ, односно да се изврши проверка на бараните податоци за лицата кандидати за носители на јавна функција или јавно овластување дали соработувале со органите на државната безбедност, според Судот се уставно оправдани и истите не може да се доведат под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кој се повикуваат иницијативите.
Судот оцени дека согласно одредбите од Уставот право е на законодавецот да го креира и истовремено утврди законскиот текст по однос на временскиот опфат на процесот на лустрацијата, па така проценка е на законодавецот дали истиот треба да трае токму до моментот на донесувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (2006 година). Ова, од причина што не може да се прифати дека со донесувањето на Уставот на Република Македонија во 1991 година, веднаш е направена промена на системот,односно веднаш настапила демократијата во Република Македонија, од објективна причина што неопходен е истек на определен период за профункционирање на промените на системот. Имено, според Судот веднаш со донесувањето на Уставот на Република Македонија во 1991 година не се извршени реформи во правосудниот систем и другите сегменти, како последица на што Уставот претрпува повеќе амандмански измени кои траат една деценија и повеќе по донесување на Уставот, кое нешто укажува на долгорочниот процес на усогласување на општественото уредување , како и на самиот процес на демократизација.
На промени од ваков карактер посебно се укажува во резолуцијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа, односно Резолуција 1096 од 1996 година во која децидно се содржани мерките за расчистување со наследството на поранешните комунистички тоталитарни системи и Резолуцијата 1481 од 2006 година за потребата за меѓународна осуда на тоталитарните комунистички режими.
Имено, тоа се изворите на европските стандарди во областа на лустрацијата на кои и Република Македонија е обврзана да истите ги почитува и применува. Резолуцијата 1096 всушност ги посочува како референца насоките со кои се осигурува законите за лустрација и слични управни мерки да се во согласност со условите на држава која се заснова пред се напринципот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
Соодветно на тоа, по 1991 година продолжил процесот на делување и на оние кадри кои во еднопартискиот општествено-политички систем вршеле повреда на слободите и правата на граѓаните од идеолошки причини преку соработката со органите на државната безбедност, а извесно е дека дел продолжиле со такво делување и во новиот општествено-политички систем. Ова од причина што тој процес веднаш не запрел туку се менувал со текот на реформите и демократизацијата на државата. Оттука, и периодот на кој се однесува оспорениот Закон е периодот и по 1991 година, односно до донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година.
Имено, со донесувањето на новиот Устав, веднаш не се случиле реформи во системот на работењето во државните институции и други јавно-правни институции и организации, во чиј состав останале да бидат на раководни и други работни места не само оние кои професионално и чесно работеле од претходниот општествено-политички систем, туку дел останале и продолжиле да работат лица со товар на идеолошко-политичко делување насочено против “идеолошко неподобните лица во државата” како во еднопартискиот систем, така и во плуралистичкиот систем.
Според оценката на Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека по периодот од 1991 година со настапувањето на демократскиот начин на уредување, исклучиво во судска постапка може да се казнуваат соработниците со органите на државниот прогон со што кршеле одредени човекови права. Имено, не случајно законодавецот го утврдил терминот на донесување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (2006 година), бидејќи со овој закон се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации, и им се овозможува на физичките и правните лица да го остваруваат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Покрај фактот што со него се обезбедува јавност и отвореност во работењето на имателите на информации, истовремено им се овозможува на физичките и правните лица да остварат едно ново право кое може да има суштинско значење во бројни ситуации од човековото живеење. Со овој Закон, Република Македонија прави чекор напред кон демократизација на општеството, отварање на институциите кон граѓаните, зголемување на контролата на јавноста врз работата на државните органи и сите носители на јавни овластувања, што во крајна линија би требало да води кон зголемување на довербата на граѓаните во носителите на јавни функции. Оттука, логичен е заклучокот на Судот дека овој Закон е единствен од ваков вид и карактер поради што истиот неможе да се компарира со ниту еден друг од постоечките во позитивниот правен систем.
Според Судот, на овој начин се овозможува транспарентно и ефикасно спроведување на процесот на лустрација, кој процес е исклучива надлежност на законодавецот, односно надлежност на законодавниот дом е уредувањето на лустрационата постапка бидејќи истиот ја утврдува созреаноста на општеството и моментот кога демократијата може самата да се брани. Исто така, законодавецот цени за кој период лустрацијата треба да важи и да му се спротивстави на тоталитарниот режим.
При градењето на правното мислење по однос на наведеното правно прашање, според Судот, неопходно е да се спомене и праксата на Судот на Литванија и Латвија, кои на Законот за лустрација не гледаат како на закон за заштита на човековите права, туку како на закон за ограничување на човековите права. Меѓутоа, ограничувањето на човековите права е во насока на остварување на друг повисок јавен интерес, односно постоење на легитимна цел, а тоа е заштитата на демократијата, заштитата на постулатите на кои се заснова државата, односно заштита на уставните принципи предвидени во член 8 од Уставот на Република Македонија.
Определувањето на овој услов за ограничување за вршење на јавна функција има за цел заштита на основните слободи и права на граѓаните од нивно кршење од идеолошки или политички причини. На ова упатува токму и периодот опфатен во сите оспорени одредби кои го определуваат временскиот опфат, кој е битен за лицето кандидат за носител на јавна функција да не е евидентирано во досиејата на органите на државната безбедност на Република Македонија и цивилните и армиските органи на државната безбедност на СФРЈ. Воедно, смислата и суштината на уставната одредба за слобода на уверувањето, совеста и мислата и јавното изразување на мислата на граѓаните е операционализирана со наведениот закон. Така, овој услов за лицата опфатени во него не значи задирање во уставната гаранција за непречено вршење на функцијата утврдена со Уставот на Република Македонија – член 23.
Што се однесува до оспорените одредби од Законот со кој се определува кругот на лица кои се опфатени со овој закон, според Судот истите не може да се доведат под сомнение по однос на уставните норми и постулати на кои се темели Уставот. Имено, право е на законодавецот да го определи и децидно и конкретно да го утврди опсегот, односно кругот на лицата кои се опфатени со овој закон. Со овој закон се лустрираат лица кои имаат индивидуална вина, не вина во кривично-правна смисла туку во смисла на непочитување на човековите права и нивно кршење, без оглед дали станува збор за општо кршење на човековите права, во еден поконкретен размер како што предвидува Законот за лустрација, а тоа е да собираат податоци, информации, досиеја итн. со кои се кршени човековите права од политички и идеолошки причини.
Од анализата на целината на Законот, како и на сите одделно оспорени одредби, Судот оцени дека правото на законодавецот да цени за кои лица се однесува оспорениот закон произлегува, првенствено од сферата на неговите сознанија со кои може да дојде до конкретно проценување и објективизирање на степенот на демократизација на сопствената држава, како што е тоа, исто така, конкретно прашање на законодавните системи и на секоја друга држава која спроведува закони со предмет на уредување како оспорениот закон.
Според оценката на Судот, со конкретниот закон не се регулира, односно утврдува генерална и специјална превенција, туку станува збор за исполнување на дополнителен услов за вршење на јавните функции што бара лојалност од носителите на истите кон системот и кон уставните принципи на кои истиот се заснова, а тоа секако се владеењето на правото, поделбата на власта, заштитата на човековите права.
Оспорениот член 3 од Законот, според Судот, не ги ограничува основните права на човекот и граѓанинот. Ова од причина што поставувањето на посебни услови не претставува дискриминација, бидејќи сите права во Уставот не се апсолутни освен оние кои експлицитно се наведени. Сите други права можат и треба да се ограничат, но за една поголема цел, во смисла на постигнување на јавен интерес кој во случајов е обезбедување на демократијата и на демократските вредности.
Од анализата на уставните норми, целината на Законот, како и посебно на оспорените членови од Законот кои уредуваат решение донесено од Комисијата за верификација на фактите со кое се утврдува соработка со органите на државната безбедност, да се објави на WEB страницата на Комисијата пред започнувње на постапка пред Управниот суд, според оценката на Судот неспорно произлегува дека истите не се во спротивност со Уставот на Република Македонија. Ова од причини што во конкретниов случај се работи за донесување на решение во постапка пред орган на државната управа, во која постапка правото на жалба или друг вид на правна заштита е уредено со закон, а во смисла на Амандман XXI од Уставот.
Имено, според Амандман XXI од Уставот се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Оттука, тргнувајќи од овластувањата дадени во точката 2 од наведениот уставен амандман,според Судот, законодавецот го уредил начинот на постапката пред Комисијата за верификација на фактите, во која, како дел е и објавувањето на решението на WEB страницата на Комисијата, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека овие оспорени одредби се во спротивност со уставните начела и принципи.
Предмет на уставно-судска анализа во конкретниов предмет беа и членовите во Законот кои пропишуваат дополнителниот услов за вршење на јавна функција да се однесува и на лицата кои вршат партиски функции во политички партии, членуваат во верски заедници и религиозни групи, како и членови на граѓански организации. Меѓутоа, по наоѓање на Судот, со овие оспорени одредби не се надминуваат уставните гаранции на слобода на граѓаните за остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, исто така не се нарушува уставната определба за одвоеноста на црквата, верските заедници и религиозните групи од државата. Ова од причина што, од содржината на законските одредби јасно и недвосмислено произлегува дека со истите се пропишува можност, но не и обврска, односно давањето на ваквата изјава не е облигаторна, туку факултативна, по избор и волја , поради што не може да се прифати дека во конкретниов случај станува збор за инволвирање на државата во работењето на наведените организации, поради што одредбите кои го регулираат ова прашање, не се доведуваат под сомнение по однос на темелните вредности и постулати на уставниот поредок на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на член 1алинеја 2 во делот „до донесување на Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер”, член 1 алинеја 3 во деловите „поранешни“ и „јавна дејност или“,член 3 став 1 точка 25, член 3 став 1 точка 26 во делот „адвокат и медијатор“, член 3 став 1 точките 1, 2, 3 и 4, член 4 став 1 во делот „до денот на започнување на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, и во делот „од 17 ноември 1991 година до започнување на примената на Законот заслободен пристап до информации од јавен карактер“, член 14 став 1 алинеја 2, член 15 став 3, член 18 став 3 во делот „до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 18 став 4 во делот „од 17 ноември 1991 година до денот на започнувањето на примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер“, член 27 став 3, член 28 став 1 и 2, член 29 ставови 1 и 2, член 30, член 31 ставовите 2, 3 и 4, член 33 и член 40 е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.111/2012
9 април 2014 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева
Издвоено мислење по предметот У.бр.111/2012