Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 344 став 2 од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010, 48/2010, 24/2011, 119/2013, 120/2013 и 41/2014).
2. Ацо Петрушев и Димитар Крстевски, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата кумулативниот начин на избор на членовите на одборот на директори и на членовите на надзорниот одбор претставувал начин на непосредна заштита на правата на т.н. малцински акционери и овој систем на избор им овозможувал на малцинските акционери посредно да влијаат на изборот на членовите на одборот на директори, бидејќи начинот на изборот на членовите во одборот на директори бил автономно право на сите акционери. Единствено преку овој механизам малцинските акционери можеле да остварат избор на свој член преку кој можеле да имаат влијание на донесување на одлуките во одборот.
Меѓутоа, со оспорениот став 2 на членот 344 од Законот, според иницијативата, вака даденото право се условувало единствено доколку овој начин на гласање бил определен во статутот на друштвото. Имено, ова значело дека иако со законот било предвидено ваквото право на кумулативен начин на гласање, малцинските акционери не можеле да го остварат поради неможноста да влијаат таквата одредба да биде внесена во статутот на друштвото, а кое право било предвидено во Законот и било наменето токму за тие акционери. Пречка за ова претставувала одредбата од членот 344 став 2 „ако тоа е определено со статутот“ и поради ваквата одредба, според иницијативата, ова право било неостварливо и недостапно во пракса за малцинските акционери.
Од наведените причини, според наводите во иницијативата со оспорената одредба се ставале во нееднаква положба граѓаните на Република Македонија кои се јавувале како малцински акционери во однос на мнозинските, што било спротивно на член 9 од Уставот.
Според иницијативата, исто така, оспорената одредба од Законот била спротивна на член 30 став 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во член 344 став 2 од Законот за трговските друштва е предвидено дека: „Ако тоа е определено во статутот, изборот на членовите на одборот на директори или на надзорниот одбор може да се врши со кумулативно гласање. Акционерот со право на глас да ги даде гласовите што ги има врз основа на акциите, помножени со бројот на членовите кои се избираат во корист на еден кандидат или да ги распредели меѓу кандидатите на кој било начин. Изборот од кандидатите се врши во исто време. Дадените гласови за секој од кандидатите се пресметуваат поединечно. За избрани се сметаат кандидатите кои што ќе добијат најголем број гласови.
4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 30 став 3 од Уставот е предвидено дека никому не можат да му бидат одземани или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за трговски друштва во членот 3 точка 34 дефинирал дека „орган на управување“ е органот во акционерското друштво кому му е доверено управувањето на друштвото како на одбор на директори во едностепениот систем на управување, на управен одбор или на управител во двостепениот систем на управување, односно на управител, односно управители или органот во кој што тие се организирани во командитно друштво, во командитно друштво со акции и во друштво со ограничена одговорност.
Според точката 42 на членот 3 од Законот, „акции со право на глас, претставени во собранието“ се оние акции со право на глас чии што сопственици присуствуваат лично или се застапени преку полномошник на свикано собрание.
Оспорениот член 344 од Законот е поместен во Оддел 6 од Законот за трговските друштва, со наслов: „Органи на друштвото“ и Под оддел 1 – „Заеднички одредби“.
Според член 342 од Законот во кој се уредени системите на управување, управувањето со друштвото може да биде организирано според едностепен систем (одбор на директори) или според двостепен систем (Управен одбор или управител и надзорен одбор). Друштвото го избира системот на управување. Со измени на статутот може едностепениот систем на управување да биде заменет со двостепен и обратно. Одредбите за собранието соодветно се применуваат како во друштвата со едностепен така и на друштвата со двостепен систем на организација на управувањето. Учеството на вработените во управување со друштвото се уредува со закон.
Членот 344 од Законот предвидува дека членовите на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор ги избира собранието со мнозинство гласови од акциите со право на глас од кворумот определен за работа на собранието со овој закон, освен ако со статутот не е определено повисоко мнозинство, на начинот и според условите определени во статутот (став 1). Ако тоа е определено во статутот, изборот на членовите на одборот на директори или на надзорниот одбор може да се врши со кумулативно гласање. Акционерот со право на глас има право да ги даде гласовите што ги има врз основа на акциите, помножени со бројот на членовите кои се избираат во корист на еден кандидат или да ги распредели меѓу кандидатите на кој било начин. Изборот од кандидатите се врши во исто време. Дадените гласови за секој од кандидатите се пресметуваат поединечно. За избрани се сметаат кандидатите кои што ќе добијат најголем број гласови (став 2). Пред да се пристапи кон избор на член на одборот на директори, односно на член на надзорниот одбор, во согласност со ставовите 1 и 2 од овој член, за секој кандидат, во писмена форма се објавуваат податоци за возраста, полот, образованието и другите професионални квалификации, работното искуство и како го стекнал, во кои друштва е или бил член на орган на управување, односно на надзорен одбор и другите поважни функции што ги вршел, бројот на акциите што ги поседува во друштвото и во други душтва како и заемните и другите обврски кои што ги има спрема друштвото (став 3). Податоците утврдени во став 3 од овој член им се доставуваат на акционерите најдоцна седум дена пред собранието дапристапи кон избор. Податоците се достапни на секој акционер (став 4). Одлуката на собранието за избор на одборот на директори или на надзорниот одбор, односно нанивен член влегува во сила од денот на донесувањето. Пријавата за упис во трговскиот регистарна избраниот одбор на директори, надзорниот одбор, односно на нивен член ја поднесува лицето определено со одлука на собранието. Решение за упис во трговскиот регистар, во согласност со одлуката на собранието, мора да биде донесено во рок од 48 часа од поднесувањето на пријавата (став 5).
Од анализата на цитираните уставни одредби, како и од анализата на наведените законски одредби, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани и оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кој се укажува во иницијативата.
Имено, од целината на оспорениот член 344 од Законот, јасно и недвосмислено произлегува дека истиот регулира, односно утврдува начин на избор на членови на одборот на директори и на надзорниот одбор. Според ставот 1 на овој член од Законот изборот се врши со мнозинство гласови од акциите со право на глас од кворумот определен за работа на собранието.
Тргнувајќи од фактот што од содржината на оспорениот став 2 на членот 344 од Законот, неспорно произлегува дека предвидениот кумулативен начин на гласање при избор на членови на одбор на директори од страна на акционерите, или пак на надзорниот одбор е определен алтернатвно, односно со можност и волја на акционерите, но не е императивно- задолжително. Оттука, според Судот, јасно произлегува дека овој принцип на избор кој е утврден во оспорениот став 2 од членот 344 од Законот, укажува дека кумулативното гласање се заснова исклучиво на доброволна основа, што значи, како што предвидува Законот, може, но не мора, односно не е задолжително да се применува овој начин на избор. Ова, од причина што основниот начин на гласање е утврден и определен во ставот 1 од член 344 од Законот,( кој со иницијативата не се спори), според кој членовите на одборот на директори и членовите на надзорниот одбор ги избира собранието со мнозинство гласови од акциите со право на глас од кворумот определен за работа на собранието со овој закон.
Според член 312 став 2 од Законот, на основачкото собрание мора да бидат присутни основачите и запишувачите на акции кои имаат во сопственост мнозинство од сите акции, а ако друштвото издало акции од повеќе родови , тогаш мнозинство на акции од секој род на акции.
Во член 314 од Законот, каде е определена надлежноста на основачкото собрание, меѓу другото, во алинеја 4 се наведува дека собранието ги избира оние органи на друштвото што според законот и статутот ги избира собранието, освен ако , во согласност со овој закон, не се назначени со статутот.
Имајќи ја во вид околноста, што во оспорениот став 2 од член 344 од Законот, утврдениот начин за избор е определен факултативно, но не и императивно, задолжително, Судот оцени дека оспорената законска одредба не е во спротивност со член 9 и член 30 од Уставот на Република Македонија, на кој се повикува иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.151/2013
9 април 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева