Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 април 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 став 1 алинеја 1 од Тарифен систем за продажба на топлинска енергија бр.01-1265/1 од 11 јули 2013 година, донесен од Регулаторната комисија за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2013).
2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба, без постоење на законски основ, било наметнато плаќање на нов тарифен елемент „ангажирана топлинска моќност“ кој како таков не можел да биде предмет на облигационо-правен однос.
Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот од причини што во ниту еден закон не било предвидено фиксните трошоци да се претставуваат како ангажирана топлинска моќност, ниту пак на овој начин да се определувале и пресметувале фиксните трошоци.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба не била јасна и прецизна, од причина што не бил објаснето што значи поимот „ангажирана топлинска моќност“, поради што и одредувањето на единечната цена на ангажираната топлинска моќност било невозможно и неопределиво.
Имено, според иницијативата „ангажираната топлинска моќност“, како што било предвидено во Тарифниот систем, била неопределива и невозможна величина и по одредувањето на поединечната цена и по одредувањето на количината за која граѓаните треба да платат и како таква не можела да претставува предмет на облигационен однос. Подносителот на иницијативата како дилема го наметнува прашањето за тоа каква врска постоела помеѓу „фиксни трошоци“ и „ангажирана топлинска моќност“, при што наведувајќи дека ангажираната топлинска моќност немала никаква врска со фиксните трошоци, од причина што наметнувањето на плаќањето и ангажирана топлинска моќност, според иницијативата, било само начин за зголемување на цените на Топлификација.
3. Судот на седницата утврди дека според член 4 од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија „Тарифни елементи се: 1) Ангажирана топлинска моќност (kw) и 2) Потрошена топлинска енергија (kwh)“.
4. Владеењето на правото е една од темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок укажува на такво политичко и уставно уредување во кое правото и правните норми се појдовните рамки за дејствувањето и активноста не само на државните органи и институции, туку и на самите граѓани во државата. Сите тие се под Уставот и законите во државата и се должни своите функции, активности, дејствија и поведение да го усогласат со Уставот и законите во државата.
Со Законот за енергетика се уредуваат: целите на енергетската политика, и начинот на нејзината реализација, енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности, изградбата на енергетските објекти, статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија, условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката (член 1).
Согласно член 2 од Законот, целта на овој закон, меѓу другото, е да обезбеди сигурно, безбедно и квалитетно снабдување на потрошувачите со енергија и енергенси.
Во Глава III, со наслов „Регулаторна комисија за енергетика“, односно во членовите од 15 до 36 се уредени прашања кои се однесуваат, покрај другото, и за надлежноста на Регулаторната комисија да донесува прописи и тарифни системи и донесува или одобрува методологии за формирање на тарифи за регулаторните енергетски дејности (член 22 став 1 алинеја 2).
Постапувајќи во рамките на надлежностите дефинирани во наведениот член од Законот за енергетика, Регулаторната комисија на седницата одржана на 11 јули 2013 година, го донела оспорениот Тарифен систем за продажба на топлинска енергија.
Предмет на уредување на овој акт во смисла на член 1 од истиот се: критериумите за определување на категории на потрошувачи, пресметковни елементи за утврдување на надоместок за испорачана топлинска енергија и моќност помеѓу вршителот на енергетската дејност дистрибуција на топлинска енергија и вршителите на енергетските дејности, производство на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија, пресметковни елементи за утврдување на надоместокот за топлинска енергија помеѓу вршителот на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и потрошувачите на топлинска енергија, основи и начин на формирање на тарифни ставови и нивна примена врз пресметковните елементи и распределба на надомест на мерно место.
Во член 2 од Тарифниот систем се определени дефинициите на одделни изрази употребени во овој Тарифен систем, па така, во точката 1 од овој член е наведено дека терминот „ангажирана топлинска моќност“ значи топлинска моќност што е ангажирана на ниво на мерно место која се определува по пат на пресметка дефинирана во овој Тарифен систем.
Според член 2 точка 30 од Тарифниот систем терминот „тарифен елемент“ значи дел од тарифниот модел кој се однесува на потрошена топлинска енергија и ангажираната топлинска моќност, а според точка 29 од истиот член, тарифен модел е модел за пресметка на тарифни ставови.
Оспорениот член 4 од Тарифниот систем определува дека тарифни елементи се: 1) ангажирана топлинска моќност (kw) и 2) потрошена топлинска енергија (kwh).
Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, Судот оцени дека се неосновани тврдењата во иницијативата дека не постои можност да се определи ангажираната топлинска моќност. Ова од причина што ангажираната топлинска моќност (kw) како еден од тарифните елементи кој е дел од тарифниот модел за пресметка на тарифните ставови, децидно и прецизно е определена и дефинирана во Глава III од Тарифниот систем со наслов: „Надомест на мерно место“ во која се содржани членовите од 29 до 45.
Според член 29 од Тарифниот систем надомест на мерно место се состои од: 1) надомест за ангажирана топлинска моќност (фиксен дел) и 2) надомест за потрошена топлинска енергија (варијабилен дел).
Во член 34 од Тарифниот систем:
(1) Топлинската моќност според која се пресметува надоместокот на топлинска енергија е ангажираната топлинска моќност Wan (kW).
(2) Ангажираната топлинска моќност на категорија потрошувачи е збир на пресметаните ангажирани топлински моќности на сите потрошувачи од таа група.
(3) Ангажираната топлинска моќност на мерно место е збир на пресметаните ангажирани топлински моќности на групите на потрошувачи приклучени на мерното место.
(4) Ангажираната топлинска моќност (Wan) се определува со следење на потрошувачката на енергија во определен период, на следниот начин:
Wan = W* Epot/Epre
Wan – ангажирана топлинска моќност за разгледуваниот период, (kW)
W – инсталирана топлинска моќност во разгледуваниот период, (kW)
Epot – потрошена топлинска енергија во разгледуваниот период, (kWh)
Epre – пресметана топлинска енергија во разгледуваниот период во (kWh) , пресметана согласно член 36. (kWh)
Пресметката на потрошената топлинска енергија преку топлинска моќност е регулирана и децидно утврдена во член 36 од оспорениот акт, каде се предвидува дека потрошената топлинска енергија со пресметка преку топлинска моќност и се определува на следниот начин:
Epre = Wan* (20-tnsr)/(20-tnpr)*H
Epre – пресметана топлинска енергија, (kWh)
Wan – ангажирана топлинска моќност, (kW)
тnsr – средна надворешна температура во разгледуваниот период мерена за 24 часа од Републичкиот хидрометеоролошки завод, C
тnpr – надворешна проектна температура, (за Скопје – 15С) C
H – часови на работа на системот во разгледуваниот период (h)
Од наведената регулатива, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата за нејасна и непрецизна одредба на член 4 став 1 алинеја 1 од Тарифниот систем од причина што од целината на оспорениот Тарифен систем за продажба на топлинска енергија децидно произлегува дека ангажираната топлинска моќност претставува тарифен елемент преку кој се обезбедуваат фиксните трошоци на претпријатијата, при што истите се распределуваат на секој потрошувач соодветно на Тарифниот систем.
Истата забелешка за поврзаност помеѓу фиксните трошоци и ангажираната топлинска моќност може да се даде и за грејната површина како тарифен елемент од претходниот Тарифен систем. Значи тарифниот елемент „ангажирана топлинска моќност“ има улога на обезбедување на дел од надоместокот за испорачаната топлинска енергија, со кој се обезбедува правилно лоцирање на трошоците за топлинска енергија на секој потрошувач, земајќи ја во предвид и енергетската ефикасност на објектите и различната потреба од топлинска енергија на потрошувачите.
Имајќи ја во вид направената уставно-судска анализа, според Судот не може да се доведе во прашање основаноста на оспорениот член од Тарифниот систем за продажба на топлинската енергија со одредбите од Уставот на Република Македонија, на кој се повикува иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.110/2013
9 април 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева