У.бр.165/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на последните два реда од табелата која е во состав на член 4 од Одлуката за одобрување на регулиран максимален приход и цена за вршење на регулираната енергетска дејност производство на електрична енергија на АД ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА – Скопје за 2013 година, УП1-08-111/13, донесена од Регулаторната комисија за енергетика на 28 јуни 2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 91/2013).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот дел од Одлуката со кој се предвидувале цени за реактивна електрична енергија, по висока и ниска тарифа (ВТ и НТ), се повредувал член 8 од Уставот – владеењето на правото, затоа што во ниту еден закон не било предвидено производителите на електрична енергија да наплатуваат или плаќаат за реактивна електрична енергија.

Во член 22 од Законот за енергетика биле наброени надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика, при што во став 1 точка 4 на овој член било наведено дека оваа комисија е надлежна да донесува одлуки за цени, но во истата точка било наведено дека тие одлуки треба да ги донесува не произволно, не „од ракав“ и не „како кому ќе му текне“, туку било наведено дека таквите одлуки за цени и тарифи се донесуваат врз основа на соодветни прописи, методологии и тарифни системи.

Подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд во оценувањето да земе во предвид дека Регулаторната комисија за енергетика има донесено и методологија и тарифен систем, во коишто воопшто не било предвидено постоење на ставка реактивна електрична енергија кај производителите на електрична енергија.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд оспорените делови од Одлуката да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека точката 4 од Одлуката за одобрување на регулиран максимален приход и цена за вршење на регулираната енергетска дејност производство на електрична енергија на АД ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА – Скопје за 2013 година, гласи:

4. Во согласност со цената на електрична енергија утврдена во точка 3 на оваа Одлука, како и регулираната просечна тарифа за пренос на електрична енергија и регулираната просечна тарифа за организирање и управување со пазарот на електрична енергија, цените за пресметковните елементи за електрична енергија и моќност испорачана на потрошувачи директно приклучени на преносната мрежа кои вршат дејност од јавен интерес, се утврдени да изнесуваат:

Напон Kv Пресметковен елемент Единица Тарифно време Цена (денари)
Моќност Kw 882,1347
ВТ 2,1479
KWh НТ 1,0739
ВТ 0,5451

110 Енергија Kvrh НТ 0,2148

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија е регулаторно тело основано со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ брoj 16/2011, 136/2011, 79/2013, 164/2013 и 41/2014), заради регулирање на одделни прашања во енергетскиот сектор.

Статусот, составот, надлежностите и работењето на Регулаторна комисија за енергетика се определени во Глава III. (членови 15 – 36) од Законот.

Според член 22 точка 4 од Законот, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, Регулаторната комисија за енергетика донесува одлуки за цени и тарифи врз основа на соодветните прописи.

Според член 30 став 1 точка 2 од Законот, заради извршување на работите од својата надлежност Регулаторната комисија за енергетика донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон и прописите донесени во согласност со овој закон, вклучително и одлуки со кои на вршителите на регулираните енергетски дејности им наредува или им забранува определено однесување со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија или енергенти и ефикасна конкуренција на одделните енергетски пазари.

Според став 2 на овој член, во постапката за донесување на одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон е предвидена поинаква постапка. Според став 5 на истиот член, актите на Регулаторната комисија за енергетика од ставот (1) точки 1 и 2 на овој член се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, а според став 6 на истиот член, актите на Регулаторната комисија за енергетика од ставот (1) точки 1, 2 и 3 на овој член се објавуваат на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика.

Според член 31 став 1 од Законот, против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.

Според член 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 150/2010), за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, одлучува судот во управен спор (член 1).

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика, како независно и самостојно регулаторно тело основано со Законот за енергетика, е надлежна за регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика. Заради извршување на работите од својата надлежност, Регулаторната комисија за енергетика, помеѓу другото, донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон и прописите донесени во согласност со овој закон. Во постапката за донесување на овие одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон е предвидена поинаква постапка. Против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија. За законитоста на поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика се одлучува во управен спор.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека оспорената Одлука за одобрување на регулиран максимален приход и цена за вршење на регулираната енергетска дејност производство на електрична енергија на АД ЕЛЕКТРАНИ НА МАКЕДОНИЈА – Скопје за 2013 година, УП1-08-111/13 од 28 јуни 2013 година, е поединечен, управен акт на Регулаторната комисија за енергетика, донесен согласно член 22 точка 4 од Законот за енергетика, против кој може да се изјави жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, при што жалбата не го одлага извршувањето на одлуката. Законитоста на одлуката се цени во управен спор, пред Управниот суд, а не во постапка пред Уставниот суд.

Оттаму, Судот оцени дека оспорената одлука по својот карактер е управен акт, а не пропис во смисла на член 110 од Уставот, поради што Судот не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената одлука и дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.165/2013
19 март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева