31/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 12 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 162 став 1 алинеја 2 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2012, 145/2012, 87/2013 и 164/2013).

2.Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, „наведената законска одредба не е во согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија.

Имено, според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука. Меѓутоа, со оспорената законска алинеја, лицето се смета за обвинето правосилно осудено, ако му е изречена само дисциплинска мерка или мерка за намалена работна успешност во период од 12 месеци пред објавувањето на интерниот оглас, со што се повредува наведената уставна одредба. Тука мора да се има предвид дека намалената работна успешност не може да се смета за дисциплинска мерка, туку тоа е само дел од платата односно критериум како се определува платата согласно член 106 став 3 од Законот за работните односи. Во Законот за здравствената заштита не е предвидена дисциплинска мерка – мерка за намалена работна успешност. Ниту, пак, дисциплинската мерка може да се поистовети со правосилна судска одлука, како што е предвидено со оспорената законска алинеја.

Потоа, дали секоја дисциплинска мерка предвидена во член 183 од Законот за здравствената заштита, може да произведува таква правна последица како што е предвидено во оспорената законска алинеја?! Ова затоа што, согласно член 101 став 1 од Кривичниот законик, и правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настанат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. А тоа значи дека дисциплинската мерка не може да произведува такво правно дејство како што е тоа предвидено во оспорената законска одредба.

Со постоењето на оспорената законска алинеја во правниот поредок на Република Македонија, се ограничува правото на работа, а особено достапност на секое работно место, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.“

Подносителот на иницијативата предлага поведување на постапката и поништување на член 162 став 1 алинеја 2 од Законот, поради несогласност со наведените уставни одредби.

3.Судот на седницата утврди дека оспорената законска одредба е систематизирана во Глава VII „Здравствени работници и здравствени соработници“, Поддел „Вработување на здравствените работници односно здравствените соработници“, Под-поддел „Интерен оглас“.

Во член 162 став 1 од Законот се определува дека „поблиските услови за пријавување на интерен оглас во здравствена установа се уредува на начин што право да се пријави на интерен оглас има секој здравствен работник, односно здравствен соработник кој ги исполнува општите и посебните услови од овој закон, како и:
-алинеја 2: да не му е изречена дисциплинска мерка или мерка за намалена работна успешност во период од 12 месеци пред објавувањето на интерниот оглас.“

Според тоа, оспорениот член 162 став 1 алинеја 2 од Законот, гледајќи ја содржината на самата одредба и пошироката правна материја на која и припаѓа таа одредба, уредува прашања од работен однос односно утврдува услови за учество на здравствените работници и здравствените соработници, кои се веќе во работен однос во истата здравствена установа, на интерен оглас, меѓу кои е и оспорениот услов- „да не му е изречена дисциплинска мерка или мерка за намалена работна успешност во период од 12 месеци пред објавувањето на интерниот оглас.“

4.а) Член 13 став 1 од Уставот е систематизиран во Поддел „Граѓански и политички слободи и права“ на човекот и граѓанинот. Во овој поддел најнапред се утврдува еднаквоста меѓу самите граѓани и еднаквоста на граѓаните пред државата (член 9), неприкосновеноста на животот на човекот (член 10), на неговиот физички и морален интегритет (член 11) и на неговата слобода од повикување, приведување или лишување, освен во уставно утврдени рамки (член 12).

Потоа, според член 13 став 1 од Уставот, „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.“

Понатаму, во овој поддел се утврдува неможност за казнување во случај кога казнивото дело не било определено како такво со закон (член 14), се гарантира правото на жалба (член 15), слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата (член 16), слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација (член 17), сигурноста и тајноста на личните податоци (член 18), слободата на вероисповеста (член 19), слободата на здружување (член 20), правото на мирно собирање и изразување на јавен протест (член 21), избирачкото право (член 22), правото на учество во вршењето на јавни функции (член 23), правото на поднесување претставки и добивање на одговори на нив (член 24), почитувањето и заштитата на приватноста и на личниот и семејниот живот (член 25), неповредливоста на домот (член 26), слободното движење и избор на место на живеење на територијата на Република Македонија (член 27), правото и должноста на одбрана на Република Македонија (член 28) и слободите и правата на странците во Република Македонија (член 29).

Според тоа, содржината на членот 13 став 1 од Уставот припаѓа на граѓанските и политичките слободи и права односно, поблиску определено, на личните слободи и права на човекот и граѓанинот во случај кога е обвинет за казниво дело. Притоа, наведената уставна одредба определува дека обвинетото лице не се смета за виновно с’е додека тоа не се утврди со правосилна судска одлука.

б) Во Подделот „Економски, социјални и културни права“ од Уставот, пак, најнапред се утврдува гаранција на правото на сопственост и на правото на наследување (член 30) и правото на сопственост и на странско лице во Република Македонија (член 31).

Притоа, во член 32 од Уставот се определува дека „секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност“ (став 1); „Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“ (став 2); „Секој вработен има право на соодветна заработувачка“ (став 3); „Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат“ (став 4); „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“ (став 5).

Понатаму, во овој поддел од Уставот се утврдува обврската за плаќање на данок и други јавни давачки (член 33), правото на социјална сигурност и социјално осигурување (членовите 34 и 35), посебните социјални права на борците од НОБ, воените инвалиди, прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, и на членовите на нивните семејства (член 36), правото на основање на синдикати (член 37), правото на штрајк (член 38), правото на здравствена заштита (член 39), посебната грижа и заштита на семејството (член 40), правото за слободно одлучување за создавање на децата (член 41), посебната заштита на мајчинството, децата и на малолетните деца (член 42), правото на здрава животна средина (член 43), правото на образование (член 44), правото на основање на приватни образовни установи (член 45), автономијата на универзитетот односно на високото образование (член 46), слободата на научното, уметничкото и на другите видови на творештво (член 47), правото на припадниците на заедниците слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници (член 48) и грижата на Република Македонија за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија (член 49).

Според тоа, во овој поддел од Уставот се уредуваат економските, социјалните и културните права на граѓаните. Во врска со економските права, во член 32 од Уставот се утврдуваат правото на работа, слободниот избор на вработувањето, заштитата при работењето и материјална обезбеденост за привремена невработеност (став 1), достапноста на секое работно место на секого под еднакви услови (став 2), правото на соодветна заработувачка (став 3) и правото на платен одмор (став 4), со тоа што остварувањето на наведените и други права на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).

Со други зборови, а во врска со конкретната оспорена законска одредба, Судот утврди дека членот 32 став 5 од Уставот претставува уставна основа за законодавецот со закон да го уреди остварувањето на правата на вработените, а во тие рамки и да ги утврди условите за учество на здравствените работници и на здравствените соработници на интерниот оглас објавен во нивната здравствена установа. Притоа, пропишувањето на условот-на здравствениот работник или здравствениот соработник „да не му е изречена дисциплинска мерка или мерка за намалена работна успешност во период од 12 месеци пред објавувањето на интерниот оглас“, со цел да може да учествуваат на интерниот оглас, Судот оцени дека треба да се разбере како привремено задржување на тие лица на истото работно место поради утврдена дисциплинска одговорност и изречена дисциплинска мерка или поради утврдена намалена успешност во работата и изречена мерка за тоа, заради корегирање на таквото нивно однесување при работењето, а не како повреда на казнено-правните институти презумпција на невиност и несоодветно степенување на казнените санкции како што смета подносителот на иницијативата, со оглед дека Уставот дозволува и работно-правна одговорност, која по одделни прашања е надвор од системот на казнено-правната одговорност и чии мерки (дисциплински и други) се надвор од системот на казнените санкции.

Оттука, Судот утврди дека оспорената содржина на член 162 став 1 алинеја 2 од Законот за здравствената заштита уредува друга материја од онаа уредена со член 13 став 1 од Уставот, поради што оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по тој дел од иницијативата, па согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.Во однос, пак, на согласноста на оспорената законска одредба со другите одредби од Уставот наведени во иницијативата (член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1), Судот утврди дека исто така постојат процесни пречки за одлучување и по тој дел од иницијативата со оглед дека во иницијативата не се наведени причини поради кои член 162 став 1 алинеја 2 од Законот за здравствената заштита не е во согласност со наведените одредби од Уставот. Поради тоа, и за овој аспект на оспорување на наведената законска одредба, согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, се одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.31/2013
12 март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева