54/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 2 и член 8 став 2 од Правилникот за начинот на поведување и водење на дисциплинската постапка за утврдување на дисцииплинска одговорност на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија и начинот на работата на комисиите за спроведување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, број 01-154/1 од 3 јануари 2013 година, донесен од министерот за одбрана, (“Службен весник на Република Македонија” број 8/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата оспорените одредби од Правилникот немале основа во Уставот на Република Македонија и во Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Наведеното од причини што Правилникот во кој се содржани оспорените одредби, а кој го донесува министерот за одбрана врз основа на член 145 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, во тој закон не била дадена можност, министерот за одбрана со Правилникот да пропишува дека во постапката ќе се применуваат прописите за општата управна постапка, како што тоа било сторено со член 127 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кој во постапката за решавање на правата од пензиското и инвалидското осигурување ќе се применуваат прописите за општата управна постапка или пак со член 4 од Законот за државните службеници, според кој за прашањата што не се уредени со овој закон и за прашања за кои овој закон не упатува на примена на друг закон, а се однесуваат на државните службеници, се применуваат општите прописи за работните односи.

Прашањето по однос на тоа кој закон ќе се применува, спаѓало во законодавната функција, а не во управна функција, бидејќи согласно со членот 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно со изнесеното, оспорените одредби од Правилникот, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот и членовите 128-145 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспоруваат одредби од Правилникот за начинот на поведување и водење на дисциплинската постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија и начинот на работата на комисиите за спроведување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, донесен од министерот за одбрана број 01-154/1 од 3 јануари 2013 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 8/2013).

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Оспорениот член 3 став 2 од Правилникот уредува дека доставувањето на иницијативата се врши во согласност со одредбите од Законот за општа управна постапка. Оспорениот член 8 став 2 од Правилникот, уредува дека доставувањето на поканата од ставот 1 на овој член, се врши во согласност со одредбите од Законот за општа управна постапка.

Одредбите кои се оспоруваат со иницијативата се содржани во Правилник за начинот на поведување и водење на дисциплинската постапка за утврдување на дисциплинска одговорност на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија и начинот на работата на комисиите за спроведување на постапката за утврдување на дисциплинска одговорност, донесен од министерот за одбрана на основа на член 145 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија “Службен весник на Република Македонија” број 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 29/2014).

Со Правилникот министерот за одбрана пропишал одредби за содржината на иницијативата за поведување на дисциплинска постапка (член 2), начинот на доставата на иницијативата и рок за изјаснување по истата (членови 3 и 4), известување на други органи доколку во сторената повреда на воената дисциплина се содржани елементи на кривично дело (член 5), начин на постапување ако лицето против кое е поднесена иницијативата во меѓувреме е преместено од организационата, односно воената единица каде повредата е сторена во друга воена единица (член 6) и начин на работа на военодисциплинската комисија (членови 7-23).

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека прописот во кој се содржани оспорените одредби, нема карактер на пропис подобен за уставносудска оцена во смисла на член 110 од Уставот.

Имено, од содржината на Правилникот во кој се содржани оспорените одредби, Судот утврди дека со истиот се доуредуваат одредени прашања кои се однесуваат исклучиво на интерните односи во Министерството за одбрана од областа на службата во Армијата на Република Македонија во делот на дисциплинското постапување за утврдување на дисциплинска одговорност на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата, односно тој се однесува само за лицата кои се на служба и работа во Армијата на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот подобен за уставносудска оцена, а имајќи предвид дека во конкретниот случај се оспоруваат одредби содржани во акт кој не е подобен за уставносудска оцена, Судот оцени дека се настапени условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр. 54/2013
12 март 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева