У.бр.98/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија за 2013 година на Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ-Скопје, Уп.1 бр.08-142/13 од 30 јули 2013 година донесена од Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување на Одлуката УП.1 Бр. 08-162/12, УП.1 бр.08-165/12 и УП.1 бр.08-168/12 од 27.07.2012 година во врска со Одлуката за примена на цената на вршење на дејноста снабдување со топлинска енергија на Друштвото за снабдување со топлинска енергија Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ-Скопје, УП.1 бр.08-29/13 од 28.02.2013 година, донесена од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија
3. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 и 2 од ова решение. Според наводите во иницијативата најнапред се оспорува Одлуката од 28 февруари 2013 година, со која во член 1 став 1 се зголемува цената на ангажираната топлинска моќност на 893, 5202 ден/KW/години. Со оваа одлука, била направена дискриминација бидејќи со ангажирана топлинска моќност се задолжувале само исклучените, а приклучените плаќале и ангажирана топлинска моќност и топлинска енергија на ниво на мерно место. Во услови кога била намалена продажната цена на природниот гас, вкупната цена која ја плаќале исклучените била зголемена, а вкупната цена која ја плаќале приклучените била намалена.
Од наведените причини оспорената одредба на член 1 став 1 од Одлуката била во спротивност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 и член 55 од Уставот, член 8 став 1 од Законот за облигационите односи и членовите 34 и 35 од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
Со истата иницијатива се оспорува членот 6 став 1 ред 1 од Одлуката донесена на 30 јули 2013 година, со која повторно сепокачува цената на ангажирана топлинска моќност.
Одлуката УП1 бр.08-142/13, чии одредби сега се оспоруваат е донесена на 30.07, што значи пред почетокот на грејната сезона и истата се оспорува во однос на одредбата на член 35 од Тарифниот систем дека висината на цената се одредува со пресметување, а не произволно. Оваа одредба за покачувaње на цената на ангажираната топлинска моќност за натамошни 16,11%, се оспорува и во однос на фактот што цената била покачена, во услови кога трошоците на снабдувачот и цената на гасот биле намалени, а сите други цени мирувале што било доказ дека ова покачување на цената било произволно.
Понатаму во иницијативата се наведува дека приклучените плаќале топлинска енергија и ангажирана топлинска моќност, а исклучените добивале сметки само за ангажирана топлинска моќност. Сметките на приклучените биле незначително пониски од колку што биле претходно, а сметките за исклучените биле зголемени за 55,96%. Ако се прифател фактот дека исклучените добивале од истата топлина со „поминување на цевки“ и „топли ѕидови“, се поставувало прашањето зошто исклучените сега ја плаќале истата топлина многу поскапо од приклучените?
Во оспорување на оваа одредба иницијаторот се повикува исто на членовите 8, 9 и 55 од Уставот, член 8 од Законот за облигациони односи и членовите 34 и 35 од Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија.
Со ова неосновано поскапување на ангажираната топлинска моќност биле погодени и исклучените, а поради тоа што приклучените корисници сега добивале само малку пониски сметки од претходно. Намалена била цената на горивото, односно ставката на топлинска енергија. Но истовремено неосновано била зголемена ставката ангажирана топлинска моќност. Така да намалувањето било „компензирано“ со неосновано покачување на цената на ставката ангажираната топлинска моќност.
Наместо за толку да ги намали цените за затоплувањето кои ги плаќаат приклучените, Регуларотната комисија ја покачувала цената на ангажираната топлинска моќност и со тоа го „компензирала“ намалувањето на цената на гасот.
Со дополнување на иницијативата, Одлуката од 30 јули 2013 година, се оспорува и по однос на околноста што одлуката била донесена пред почетокот на грејната сезона, а според член 35 од Тарифниот систем, промената на ангажирана топлинска моќност според која се пресметува надоместокот на топлинска енергија се вршел на почетокот на секоја грејна сезона.
4. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука донесена на 28 февруари 2013 година содржи вкупно 13 точки.
Во точката 1 од одлуката се предвидува дека врз основа на одобрениот регулиран максимален приход од точка 1, на оваа Одлука, согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.151/2009) се утврдуваат следните тарифни ставови за снабдување на топлинска енергија за 2013 година на ниво на снабдувач:

Ред
број
ТАРИФНИ СТАВОВИ
Единица мерка

Цена
2013 година

КАТЕГОРИЈА ДОМАЌИНСТВА
1.
Ангажирана топлинска моќност на ниво на мерно место
Ден/kW/година

893,5202
2.
Топлинска енергија на ниво на мерно место
Ден/kWh

2,6256

КАТЕГОРИЈА ОСТАНАТИ
1.
Ангажирана топлинска моќност на ниво на мерно место
Ден/kW/година

1.787,0404
2.
Топлинска енергија на ниво на мерно место
Ден/kWh

5,2512

Според точката 13 од одлуката, произлегува дека одлуката не се применува од 1март 2013 година.
Според содржината на одлуката донесена на 30 јули 2013 година, истата содржи 8 точки, така што во точката 6 е предвидено дека врз основа на одобрениот регулиран максимален приход од точка 1 на оваа Одлука, согласно Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2013), се одобруваат следните тарифни ставови за снабдување со топлинска енергија за греење на ниво на мерно место:
Ред
број ТАРИФНИ СТАВОВИ Единица мерка Цена
од 1.08.2013 година
КАТЕГОРИЈА ДОМАЌИНСТВА
1. Ангажирана топлинска моќност на ниво на мерно место Ден/kW/година 1.037,4710
2. Топлинска енергија на ниво на мерно место Ден/kWh 2,4106
КАТЕГОРИЈА ОСТАНАТИ
1. Ангажирана топлинска моќност на ниво на мерно место Ден/kW/година 2.074,9420
2. Топлинска енергија на ниво на мерно место Ден/kWh 4,8212

Во точката 8 од истата одлука се наведува дека одлуката ќе се применува од 1 август 2013 година.
5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 1 од Законот за енергетика со овој закон се уредуваат:
1) Целите на енергетската политика и начинот на нејзиното реализирање,
2) Енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности,
3) Изградба на енергетските објекти,
4) Статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија,
5) Пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија,
6) Условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија, и
7) Други прашања од значење за енергетиката.
Регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон, според член 15 став 1 од Законот, ги врши Регулаторната комисија за енергетика. Според став 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.
Според член 22 став 1 алинеи 3 и 4 од овој закон, Регулаторната комисија за енергетика, заради обезбедување на ефикасно, конкурентно и непречено функционирање на енергетските пазари, има меѓу другите надлежности да донесува прописи, методологии за формирање на цени и тарифни системи за испорака на одделни видови на енергија и/или енергенти за тарифните потрошувачи, да донесува одлуки за цени и тарифи врз основа на соодветните прописи, методологии и тарифни системи.
Тргнувајќи од напред изнесеното сметаме дека право е на законодавецот да основа стручни независни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајов, да основа Регулаторна комисија за енергетика на која и се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика (член 4 став 1 точка 12).
Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, врз основа на член 22 од Законот за енергетика, ги донела сега оспорените одлуки за цена на ангажираната топлинска моќност, а врз основа на соодветните прописи и Тарифниот систем.
Со оглед дека во Законот за енергетика постои основ за донесување на одлуката за цена, произлегува дека истата е во функција на доразработка и операционализација на одредбите од Законот за енергетика од страна на Регулаторната комисија за енергетика.
Во член 26 од Законот за енергетика се предвидува дека со одлуките за цените на електрична и топлинска енергија или енергенти и тарифите за регулираните услуги се утврдуваат цените на електричната и топлинската енергија или енергенсите или регулираната услуга, во согласност со соодветните прописи за формирање на цени.
Регулаторната комисија за енергетика, постапувајќи во рамките на овластувањата дадени во наведената законска одредба ги донела сега оспорените одлуки, со кои, меѓу другото, ја утврдува и висината на цената на ангажираната топлинска моќност.
Со иницијативата се оспорува и Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, донесена од 30 јули 2013 година која е во правна сила. Оваа одлука била донесена пред почетокот на грејната сезона но иницијаторот ја оспорува истата од причина што висината на цената се одредувала исклучиво со пресметување во смисла на член 35 став 1 од Тарифниот систем, а не произволно, со што бил повреден принципот на владеењето на правото.
Наводите во иницијативата истакнати по однос на начинот на пресметување на ангажираната топлинска моќност, се неосновани, од следниве причини:
Според член 1 од Тарифен систем за продажба на топлинска енергија:
(1) Со овој Тарифен систем за продажба на топлинска енергија (во понатамошниот текст: Тарифен систем) особено се уредуваат:
1) Критериумите за определување на категории на потрошувачи,
2) Пресметковни елементи за утврдување на надоместок за испорачаната топлинска енергија и моќност помеѓу вршителот на енергетската дејност дистрибуција на топлинска енергија и вршителите на енергетските дејности производство на топлинска енергија и снабдување со топлинска енергија,
3) Пресметковни елементи за утврдување на надоместокот за топлинска енергија помеѓу вршителот на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија и потрошувачите на топлинска енергија,
4) Основи и начин на формирање на тарифни ставови и нивна примена врз пресметковните елементи,
5) Распределба на надомест на мерно место.
Ангажирана топлинска моќност според член 2 од овој тарифен систем претставува топлинска моќност што е ангажирана на ниво на мерно место која се определува по пат на пресметка дефинирана во овој Тарифен систем.
Според член 4 од истиот Тарифен систем, тарифни елементи се: ангажирана топлинска моќност (KW) и потрошена топлинска енергија (kwh).
Според член 34:
(1) Топлинската моќност според која се пресметува надоместокот на топлинска енергија е ангажираната топлинска моќност Wan (kW).
(2) Ангажирана топлинска моќност на категорија потрошувачи е збир на пресметаните ангажирани топлински моќности на сите потрошувачи од таа група.
(3) Ангажираната топлинска моќност на мерно место е збир на пресметаните ангажирани топлински моќности на групите на потрошувачи приклучени на мерното место.
(4) Ангажираната топлинска моќност (Wan) се определува со следење на потрошувачката на енергија во определен период,на следниот начин:
Wan = W * Epot/Epre
Wan – ангажирана топлинска моќност за разгледуваниот период,
(kW)
W – инсталирана топлинска моќност во разгледуваниот период, (kW)
Epot – потрошена топлинска енергија во разгледуваниот период, (kWh)
Epre – пресметана топлинска енергија во разгледуваниот период во (kWh), пресметана согласно член 36. (kWh)
Во член 35 од Тарифниот систем:
(1) Промената на ангажираната топлинска моќност според која се пресметува надоместокот на топлинска енергија се врши на почетокот на секоја грејна сезона.
(2) Периодот во кој се следи потрошувачката на топлинската енергија за промена на ангажираната моќност е една грејна сезона при што се земаат во предвид само месечните пресметковни периоди, каде просечното дневно време на работење на топланата е поголемо од 10 часа.
(3) Кога потрошувачот писмено најавил промена на пријавената топлинска моќност за следниот период, а со мерење е утврдено дека ангажира омала топлинска моќност од инсталираната, промената на топлинската моќност може да се изврши и после еден пресметковен период.
(4) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период не се менува доколку Epot/Epre е од 0.85 до 1.15 во текот на претходната грејна сезона.
(5) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период се намалува за 20%, доколку во изминатата грејна сезона односот Epot/Epre е од 0.7до 0.85.
(6) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период се намалува за 30%, доколку во изминатата грејна сезона односот Epot/Epre е од 0.5 до 0.7.
(7) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период се намалува за 50%, доколку во изминатата грејна сезона односот Epot/Epre е 0.5.
(8) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период се зголемува за 20%, доколку во изминатата грејна сезона односот Epot/Epre е од 1.15 до 1.3.
(9) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период се зголемува за 30%, доколку во изминатата грејна сезона односот Epot/Epre е 1.3 до 1.5.
(10) Ангажираната топлинска моќност од претходниот период, за следниот период се зголемува за 50%, доколку во изминатата грејна сезона односот Epot/Epre е 1.5 и веднаш се започнува постапка за проверка на инсталираната топлинска моќност.
При градењето на правното мислење Судот го имаше во вид фактот дека за висината за тарифата за ангажираната моќност треба да се имаат во предвид вкупниот фиксен надоместок, вкупната ангажирана моќност на системот како и меѓусебниот однос, односно учеството на категориите на потрошувачи „домаќинства“ и „останати“, а не како што подносителот на иницијативата смета дека тарифата за ангажирана моќност треба да се намали, единствено бидејќи се намалиле вкупните фиксни трошоци во последната одлука за цена. Според Судот, во конкретнава ситуација треба да се има во вид дека е намалена и вкупната ангажирана топлинска моќност на системот и тоа од 505 344 kW, со која е калкулирано во претходната одлука за цена, на 445 000 kW со последната одлука за цена. Дополнително и односот помеѓу категориите на потрошувачи „домаќинства“ и „останати“ е нарушен, бидејќи се има намалено учеството на категоријата на потрошувачи „останати“ кои всушност со односот на тарифите помеѓу категориите „домаќинства“ и „останати“ од 1:2, ги субвенционираат домаќинствата. Во одлуката за утврдување на регулиран максимален приход и тарифни ставови за вршење на енергетската дејност снабдување со топлинска енергија за греење за 2012 година од 31.07.2012 година, односот на „домаќинства“ и „останати“ е 68,76% : 31,24% а во последната одлука од 30.07.2013 година е 70% : 30%.
Исто така, од суштинско значење е и фактот што при носење на цени, освен што се согледуваат трошоците на вршителите на дејностите од областа на топлинска енергија за регулираниот период за кој се донесува одлуката, се согледуваат и нивните помалку или повеќе остварени приходи од претходната одлука за цена за изминатиот период и се врши порамнување на овој повеќе/помалку остварен приход. Подносителот на иницијативата во своите анализи, како споредбена цена постојано ја зема во предвид цената на ангажираната моќност од одлуката од 31.07.2012 година, која што се однесува за претходниот лиценциран вршител на дејноста снабдување со топлинска енергија, и во која што освен трошоците за регулираниот период има и порамнувања од претходен период, додека пак со последните две одлуки за цена од 28.02.2013 година и 30.07.2013 година се однесуваат на ново лиценциран вршител на дејноста снабдување со топлинска енергија, кој нема претходен историјат на носење на цени и кај кого нема претходни повеќе или помалку остварени приходи, поради што споредбата која што ја прави подносителот на иницијативата е несоодветна.
Од наведеното јасно произлегува дека при формирањето на цената на ангажираната топлинска моќност, Регулаторната комисија за енергетика, ги имала во вид сите перформанси кои се од влијание за формирање на истата, а се предвидени во тарифниот систем, односно критериумите за определување на категории на потрошувачи, како и пресметковните елементи за утврдување на надоместокот за испорачана топлинска енергија и моќност, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата за повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Што се однесува до наводот дека со оспорената одлука се повредува принципот на недискриминација, Судот оцени дека е неоснован. Ова од причина што погрешно е тврдењето на иницијаторот дека исклучените потрошувачи добиваат од истата топлина како и приклучените, а ја плаќаат поскапо, бидејќи видно од одлуката исклучените потрошувачи плаќаат само за ангажирана топлинска моќност која има иста цена и за приклучените и за исклучените потрошувачи.

6. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од причина што Одлуката на Регулаторната комисија донесени на 28 февруари 2013 година, престанала да важи со донесување на Одлуката од 30 јули 2013 година, односно истата не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата по однос на оваа одлука, а во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.98/20135
март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева