У.бр.53/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 22 став 3, член 45 ставови 7, 8, 9, 10 и 11, член 57 алинеја 2, член 83 став 1 алинеи 12 и 13, член 100 став 4, член 110-а и член 146-б од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 51/2011 и 15/2013).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на:

– член 87-а ставови 1 и 2 и член 99 став 3 , од Законот означен во точката 1 од ова решение, и
– на Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, во целина (“Службен весник на Република Македонија” бр.15/2013).

3.Љубица Георгиевска – Исмаил и група професори од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение, како и за целината на Законот означен во точката 2 aлинеја 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот закон бил донесен во скратена постапка, што било во спротивност со член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорените членови 45, 57 и 110-а од Законот се негирала автономијата на универзитетот во самостојно уредување на внатрешната организација и работењето, во уврдувањето на правилата на студирање и утврдување услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус.

Имено, наспроти уставната определба во член 46 од Уставот, со Законот се навлегло во прашањата што се дефинирани како автономни прашања, на начин што Владата директно се мешала во утврдувањето на правилата и критериумите на студирање и самата ги определувала условите за студирање.

Со членовите 99 став 3 и 100 став 4 од Законот, според иницијативата се негирала автономијата на универзитетот во планирањето, остварувањето и развојот на високообразовната дејност, односно се вршело ограничување на автономијата на универзитетот во планирањето и развојот.

Членот 83 став 1 алинеи 12 и 13, членот 87-а став 1, член 146-б од Законот, според иницијативата, ја негираат автономијата на универзитетот во располагање со одобрените финансиски средства како и со сопствените приходи и на универзитетот му се наметнувала обврска која подразбирала конкретен начин на трошење на неговите сопствени средства. Располагањето со средствата не се ограничувало само на средствата кои Владата ги давала преку буџетски издвојувања за универзитетот, туку и на средствата кои универзитетот ги остварувал од други извори.

Автономијата на универзитетот во одлучувањето за формите на соработка со други организации биле ограничени со членот 22 став 3 од Законот. Имено, со овој член од Законот, од една страна се ограничувала самостојноста на институциите во организирањето на втор и трет циклус на студии, а од друга страна се присилувале организационите единици на универзитетот на соработка дури и тогаш кога немале заеднички интерес за развивање на истоветни или слични програми.

Според иницијативата со членот 45 став 9 од Законот, се негирала автономијата на универзитетот во остварувањето на меѓународна соработка. Законското решение во овој член од Законот упатувал на констатација дека на овој начин универзитетите се присилувале да соработуваат со одреден број странски субјекти по критериуми кои ги определува Владата и без можност за сопствен избор.

Во иницијативата, исто така, се укажува дека оспорените членови од Законот биле во спротивност и со меѓународните стандарди кои ги прифатила Република Македонија. Владеењето на правото е издигнато на највисоко можно ниво во меѓународното право. Република Македонија како членка на ООН, на Советот на Европа и на ОБСЕ, во 2003 година ја потпишала Балканската декларација од 1999 година. Еден од базичните стандарди на оваа Декларација е токму автономијата на универзитетот. Болоњската декларација и автономијата на универзитетот биле разработени во повеќе декларации донесени од страна на Европската асоцијација на универзитети препознаена како релевантна од страна на Европската комисија, Декларација од Грац, Декларација од Прага, Декларација од Лисабон и Конвенцијата од Саламанка. Во овие документи, автономијата на универзитетот се дефинирала низ четири базични димензии на автономијата: 1) академска (одлучување за нивото на образование, програмски метод на обука, областите, ширината, целите и методите на истражување), 2) финансиска автономија (добивање и располагање со средства, одлучување за школарина, располагање со акумулираниот вишок средства), 3) организациска автономија (определување на структурата на универзитетот) и 4) автономија на вработување (одговорност за регрутирање, плати и промоција). Токму, со сите овие видови автономија била дефинирана автономијата на универзитетот, во Законот за високото образование на Република Македонија и предлогот на законот недвосмислено се повикувал и посочувал во предлог законот дека промените во Законот биле во функција на приближување на правото на Република Македонија кон европското право во оваа област.

4. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 3 од Законот за високото образование научен институт во состав на универзитет како негова единица може да врши високообразовна дејност во втор и трет циклус на студии во соработка со единица која изведува студиски програми од исто или средно научно поле“.

Во член 45 ставови 7, 8, 9, 10 и 11 од Законот е предвидено дека универзитетот основа најмалку еден центар за кариера. Центарот за кариера води посебна евиденција за поранешни студенти (алумни) и организира саеми за кариера на секој факултет/универзитет каде што има центар за кариера.

Центрите за кариера се формираат заради организирање на практична настава за студентите за подготовка на стручен кадар кој ќе применува современи иновативни техники и технологии во наставата. Центрите за кариера се состојат од профил на советници кои имаат познавања од областа на образованието.

Центрите за кариера имаат обврска да формираат работни групи (од претставници од технички факултети и стопански комори) и да организираат месечни средби со присуство и на претставници од Агенцијата за СДИ за потребите од кадар на пазарот на трудот и намалување на јазот меѓу побарувачката и понудувачката на работна сила.

Универзитетот или единица во негов состав, како и високообрзаовна школа/установа има обврска да склучи најмалку два договора за соработка со универзитет од првите 500 високо рангирани универзитети согласно со Шангајската листа, односно 100 најдобро рангирани универзитети по МБА програма, како и акредитирана високообразовна установа на еден од првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветното научно подрачје, согласно со Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report i Times Higher Education Supplement-World University Ranking.
Универзитетот или единица во негов состав, како и високообразовна школа/установа има обврска да склучи најмалку два договора за двојна диплома (double degree) или заедничка студиска програма (joint degree) со Универзитет од првите 500 високо рангирани универзитети согласно со Шангајската листа, односно 100 најдобро рангирани универзитети по МБА програма, како и акредитирана високообразовна установа на еден од првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветното научно подрачје, согласно со Шангајскиот Џио Тонг универзитет, US News and Report i Times Higher Education Supplement-World University Ranking.

Според член 57 алинеја 2 од Законот ректорската управа го утврдува и го објавува конкурсот за запишување на студиите од прв, втор и трет циклус, по претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Согласно член 83 став 1 алинеја 12 и 13 од истиот закон Советот во рамките на своите надлежности има обврска да предлага мерила на универзитетот или единици во негов состав за финансирањето на научноистражувачката дејност, како и да го поттикнува финансирањето на базичните истражувања најмногу до 10% од вкупните средства кои се издвојуваат за финансирање на научноистражувачката дејност, и – советот има обврска да го известува министерството надлежно за работите од областа на високото образование во случајна намалување на финансирањето во областите на научноистражувачката дејност.

Според член 87-а ставови 1 и 2 од Законот, (1) Дел од средствата стекнати од партиципација на трошоците на студирање за бројот нас студентите чие финансирање се врши во рамките на бројот на студентите чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија и од кофинансирање на трошоците за студирање за студентите чие образование не се финансира од Буџетот на Република Македонија, во висина од 40%, јавниот универзитет, односно јавната високообразовна установа задолжително ги употребува за фундаментални и применети истражувања, осовременување на научно-истражувачката инфраструктура, за оспособување и усовршување на кадрите за научно-истражувачката работа, како и за инвестиции и инвестициско одржување. Расположливите средства во вредност од 40% дефинирани во овој став се користат за инвестирање во научно-истражувачки проекти, распишување на конкурси за финансирање од страна на универзитетите, како и за покривање на трошоците на соработникот/асистентот кој има обврска да оствари минимум еден студиски престој во траење од не помалку од еден месец, а не повеќе од три месеца во период од три години на првите 500 рангирани универзитети согласно со Шангајската листа, односно првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветното научно подрачје, односно, првите 100 најдобро рангирани универзитети по МБА програма согласно со Шангајскиот Џио Тонг Универзитет, US News and Report i Times Higher Education Supplement-World University Ranking и (2) Подготвувањето и распределбата на 40% од расположливите средства, наведени во ставот 1 на овој член се врши согласно со правилник за внатрешна распределба на финансиите, кој го носи универзитетот, а по претходно одобрение на министерот надлежен за работите од областа на високото образование.

Според член 99 став 3 од Законот студиските програми во сите студиски години треба да содржат задолжителни и изборни наставни предмети. Задолжителните наставни предмети треба да бидат од соодветната област на единицата на универзитетот, односно на внатрешната организациона единица (институт, катедра, оддел), при што нивното учество е најмногу до 60% од бројот на предметите. Остатокот од студиската програма ги сочинуваат 30% изборни наставни предмети кои што студентите самостојно ги избираат од редот на сите наставни предмети застапени на единицата на универзитетот и 10% изборни наставни предмети кои што студентите самостојно ги избираат од листа на слободни изборни предмети предложена од секоја единица на универзитетот посебно. Во овие 10% изборни наставни предмети задолжително да се вклучат предмети од областа на претприемништвото и иновации на оние факултети каде што се изучуваат овие предмети.

Согласно член 100 став 4 од Законот покрај програмите за стручно, односно професионално усовршување, универзитетот и неговите единици, односно високата стручна школа, високообразовната установа има обврска да организира различни облици на неформално учење и тоа најмалку по два курсеви/обуки годишно по студиска програма и слично, ако тоа не влијае на изведувањето на студиските програми за стекнување на високо образование.
Во член 110-а од Законот се предвидува дека Владата на Република Македонија со одлука го утврдува бројот на квоти на студенти ослободени од плаќање на уписнина на докторски и магистерски студии и специјализации кои се доделуваат на годишно ниво врз основ на Националната програма за високо образование и научно-истражувачка дејност.

Владата на Република Македонија со одлука го утврдува бројот на квоти за запишани студенти по студиски програми, како и бројот на студенти кои ќе бидат ослободени од плаќање на уписнина во рамки на државните квоти.

Обврската за исплата на уписнината на студентите од ставот 2 на овој член во рамките на државните квоти останува на факултетите.

Право на бесплатно школување имаат студенти со завршен просек од над 9 во претходната година.

Според член 146-б од Законот на наставник кој раководел или учествувал во научен проект на еден од првите 50 рангирани универзитети согласно со последната објавена Шангајска листа, му се исплаќа месечен надоместок во износ од 30% од платата што ја примал во период од една година, со тоа што учесникот добива 20% за три години, а раководителот добива 50% за првата година и 20% за наредните две години.

Наставниците имаат право на поврат на патните и дневните трошоци и трошоци за котизација за учество на најмалку два меѓународни конференции годишно организирани/одржани во една од ОЕЦД земјите, доколку пријавиле научен труд од предметната материја.

Наставниците кои предаваат на студиски програми за кои високообразовна установа од Република Македонија издава двојна или заедничка диплома со универзитет рангиран меѓу првите 200 најдобро рангирани универзитети согласно со Шангајската листа имаат право на месечен надоместок од 15% од последната исплатена плата во месеците во кои се одвиваат предавањата.

На наставник вработен на универзитет, за секој објавен труд во научно списание со импакт фактор, чиј автор е наставникот, може да му се исплати еднократен надоместок во висина од една последна нето плата која му била исплатена на наставникот.

Странски професори кои предаваат на студиски програми за кои високообразовна установа од Република Македонија издава двојна или заедничка диплома со универзитет рангиран меѓу првите 200 најдобро рангирани универзитети имаат право на надоместок на патните и дневните трошоци, доколку истите не им се покриени и постојат услови за тоа.

Надоместоците од ставовите 2, 3 и 4 на овој член се исплаќаат од приходите со кои самостојно располагаат единиците на универзитетот.

Надоместокот од ставот 5 на овој член се исплаќа од приходите кои универзитетот ги стекнал од единиците наменети за финансирање на интегрираните дејности“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Уставот на Република Македонија во членот 44 утврдил дека секој има право на образование и дека образованието е достапно на секого под еднакви услови, а во членот 45 од Уставот е утврдено дека граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Според членот 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија (став 1). Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон (став 2).

Според член 47 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво, а според став 3 на истиот член, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот, науката, уметноста и културата.
Од наведените уставни одредби произлегува дека автономијата на универзитетот е уставна категорија и услов за обезбедување на квалитетно високо образование.

Тргнувајќи од содржината на член 46 став 2 од Уставот произлегува дека условите, вршењето и престанокот на дејноста, на универзитетите се уредуваат со закон, што значи дека автономијата на универзитетот не е апсолутна категорија што се исцрпува само со наведената уставна одредба. Материјата по однос на тоа што претставува автономија на универзитетот и кои се елементите на автономијата на универзитетот, Уставот препушта да биде предмет на уредување со закон.

Врз основа на наведеното, донесен е Законот за високото образование, со кој се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високо образовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високо образовна дејност (член 1).

По однос на прашањето врзано за автономијата на универзитетот и академската слобода, Уставниот суд на Република Македонија веќе завзел став изразен во Решението У.бр.98/2011 од 13 февруари 2013 година, кој во целост ќе биде следен заедно со изнесените во него правни аргументи, и во правното мислење во овој конкретен предмет, со оглед дека се работи за ново донесени одредби по ова прашање во Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/2013).

Со сега поднесената иницијатива ( од истите подносители како и во предметот У.бр.98/2011) повторно концепциски се напаѓаат одредбите од Законот и со истата се негира автономијата на универзитетот, поради нивна несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 46 од Уставот.

Меѓутоа, следејќи го ставот на Уставниот суд изразен во предметот У.бр.98/2011 Судот оцени дека при дефинирање на решенијата во оспорениот закон се користени искуствата и регулативата за високото образование на земјите на Европската Унија и земјите во регионот, како и релевантните меѓународни документи: Магна карта на универзитетите (Bologna Magna Charta Universitatum) усвоена во Болоња 1988 година, основните принципи и препораки на Болоњската декларација потпишана во 1999 година од министрите за образование на 29 европски земји, како и препораките и документите произлезени од досегашниот целокупен болоњски процес.

Автономијата на универзитетот е регулирана во посебна глава втора (член 11 до член 14). Според член 11 од Законот, универзитетите и единиците во нивниот состав и самостојните високо образовни установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија (став 1). Со академската автономија се гарантира интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности (став 2). Автономијата на универзитетот вклучува академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата (став 3). Високо образовните установи имаат право да покренат постапка пред надлежен суд за заштита на автономијата на универзитетот (став 4).

Академската слобода е дефинирана во член 12 од Законот, и таа опфаќа: – слобода во научно-истражувачката работа, уметничко создавање, примената и посредување на знаењето; – самостојно уредување на внатрешната организација и работењето статут во согласност со закон; -слобода на изведување на наставата, спроведувањето на научните истражувања, уметничката дејност, односно творештво и применувачка дејност,вклучувајќи ја слободата на објавување и јавно претставување на научните резултати и уметничките достигања; -слобода на студирањето, утврдувањето на правилата на студирање, облиците и видови на наставно образовните дејности и на проверката на знаењата на студентите; – слобода на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети, како и подготвување на учебници и други учебни помагала; -слобода на избор на методот на интерпретирање на наставните и уметничките содржини; -утврдување услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус, како и други видови на образование; -подготвување, усвојување и остварување на научно-истражувачки програми и применувачка работа; – доделување стручни, академски и научни звања согласно со закон, како и доделување на почесни академски титули; -определување услови, критериуми и постапка за избор во наставно-научни, научни, наставни звања и – избор во наставно, научни, научни, наставни звања.

Автономијата во управувањето е регулирана во член 13 од Законот и се изразува во: -планирањето, остварувањето и развојот на високо образовнаа дејност; -воспоставувањето и уредувањето на внатрешната организација; -донесување на статутот, односно правилникот на единицата; -изборот, именувањето и отповикувањето на органите согласно со статутот; -располагањето со одобрените финансиски средства, како и со сопствените приходи, -формирањето на фондови и основањето други организации од сопствени приходи, донации и други извори заради вршењена високообразовна, науно-истражувачка, издавачка и применувачка дејност; -управувањето и користењето на имотот во согласност со намената за кој е добиен; – одлучувањето за формите на соработка со други организации; -здружувањето и асоцирањето во соодветни организации и форуми во земјата и странство; -остварувањето на меѓународната соработка, склучувањето договори и учеството во меѓународните организации и асоцијации и – одлучувањето за други права утврдени со статутот, односно правилникот на единицата.

Од анализата на целината на Законот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со член 22 став 3 од Законот се негира автономијата на универзитетот во одлучувањето за формите на соработка со другите организации. Имено,од содржината на наведената законска одредба не произлегува ограничување на самостојноста на институтите во организирањето на втор и трет циклус на студии, како што се тврди во иницијативата, туку, напротив, само се дава насока во начинот на соработка кој упатува на единица со студиска програма од исто или сродно научно поле, а се со цел за ефикасно работење на институтите.

Со иницијативата концепциски се напаѓаат одредбите од Законот како негација на „автономијата“ на универзитетот, спротивно на членовите 8 и 46 од Уставот.

Поточно, подносителот на иницијативата приговори дека со изнесеното во членот 45 од Законот била извршена законска интервенција спротивна на уставната определба за „автономија“ на универзитетот, со тоа што бил наметнат терминот: „Применувачка дејност на високообразовните установи“, со цел да се отстрани терминот „внатрешна организација на универзитетот“ и со тоа автономијата да се скрати во нејзиниот елемент „слобода на внатрешна организација на универзитетот“. Оттука, произлегува дека подносителите на иницијативата оспорувајќи ги одредбите од Законот за високото образование, всушност приговараат на терминолошките дефинирања во Законот.

Тргнувајќи од наведените приговори на терминолошко дефинирање на поимите во Законот, Судот оцени дека е неопходно да се напомене дека Република Македонија во септември 2003 година ја потпиша Болоњската Декларација со што се приклучи кон земјите кои се обврзаа да го градат заедничкиот Европски простор на високо образование. Високото образование има витална улога во развојот на стопанството и демократското општество засновани на знаење. Способноста на општеството за произведување, селектирање, прилагодување и користење на знаењето претставува критичен фактор за одржлив економски раст и подобрување на животниот стандард.

Понатаму, од анализата на целината на Законот, јасно произлегува дека студиските програми ги рефлектираат промените во врска со приоритетите на истражувањата и претстојните дисциплини, како и фактот дека истражувањата се во насока на потпомагање на наставата и учењето. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата за ограничување на автономијата на универзитетот, дотолку повеќе што, според Судот, научниот институт во состав на универзитетот не може да се гледа како изолиран субјект.

По однос на член 45 став 9 од Законот, со кој, како што се тврди во иницијативата, дека се негирала автономијата на универзитетот во остварувањето на меѓународната соработка,сметаме дека истиот неможе основано да се доведе под сомнение по однос на член 46 од Уставот. Ова, од причина што, оспорената одредба дава широк спектар на универзитети – 500 високо рангирани универзитети согласно Шангајската листа, односно 100 најдобро рангирани универзитети по МБА програма како и акредитирана високообразовна установа на еден од првите 200 најдобро рангирани универзитети од соодветно научно подрачје, согласно со Шангајскиот Џио Тонг универзитет, со кој Универзитетот има обврска да склучи договор за соработка.Оттука, јасно произлегува правото на Универзитетот сам да одлучува по однос на соработката со странските субјекти, со оглед на големиот број на субјекти определени во оспорениот член од Законот, со што неможе да се прифати тврдењето во иницијативата дека со истата се негира автономијата во остварувањето на меѓународната соработка.

Подносителите на иницијативата сметаат дека со членот 57 алинеја 2 од Законот се негира автономијата на универзитетот во утврдување на правилата на студирање и утврдување услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус, со тоа што е предвидено давање на претходна согласност на Владата на Република Македонија без која не може да се распише конкурс за запишување на студии, со што Владата, односно извршната власт директно влијае на условите и критериумите кои универзитетот ги воспоставува за запишување на студентите.

Ценејќи ги истакнатите наводи, Судот оцени дека се неосновани, односно не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека конкурсот за запишување студии треба исклучиво да го води и распишува универзитет без било каква согласност на Владата. Ова, од причина што, според Судот, работењето на универзитетот не може да се гледа изолирано и надвор од целокупното општествено збиднување. Имено, истото неопходно е да се приспособи и адаптира кон потребите во државата, односно општеството, како и на работодавачите. Впрочем, основна и крајна цел на сите студенти е дипломата да вроди плод, што значи дека истата мора да се прилагоди на потребите во државата на определен профил и надзор на студии. Токму во таа насока се јавува и потребата за согласноста на Владата на Република Македонија, која како релевантен фактор ја креира политиката во општественото живеење со цел за постигнување на конечен ефект од завршените студии.

Со иницијативата, исто така, се наведува дека со член 100 став 4 од Законот, се негира автономијата на универзитетот во процесот на планирање, остварување и развој на високообразовната дејност и се ограничува можноста за самостојно планирање и развој на високообразовната дејност, односно дека на универзитетот му се наметнувала обврска која значи ограничување на неговата автономија во планирањето и развојот.

Според Судот, оспорениот член 100 став 4 од Законот, не е во спротивност со Уставот на Република Македонија, од причина што истиот е во директна корелација со Букурешкото Коминике (2012) што јасно укажува на потребата дипломираните студенти да поседуваат комбинирани, трансверзални, мултидисциплинарни и иновативни вештини и способности и со останатите предмети од студиската програма со цел да можат да ги задоволат пошироките потреби на општеството и пазарот на трудот. Имено, иновативноста и претприемништвото всушност се два круцијални елементи за зголемување на вработеноста и социо-економскиот развој на една земја. Оттука, и задолжителното додавање на предмети од областа на претприемништвото и иновациите, според наше мислење е во согласност со потребата на државата и истовремено е со цел обезбедување на студентите иновативни и претприемнички знаења, способности и вештини.

Во членот 100 став 4 од Законот се уредува воведувањето на програми за стручно образование и обука, односно различни облици на неформално образование. Општо е познато дека основните квалификации кои се стекнуваат со завршување на одреден циклус на студии во текот на кариерата на студентот се надградуваат преку различни облици на неформално учење. Универзитетот како поседувач на најсовремените тековни достигнувања во науката или на јавниот интерес е најкомпетентен да организира ваков вид на курсеви и обуки, и со тоа не се ограничува можноста на самостојно планирање и развој на установата.

Со иницијативата се оспоруваат и членот 83 став 1 алинеи 12 и 13 и член 146-б, по однос на негирање на автономијата на универзитетот во располагање со одобрените финансиски средства, како и со сопствените приходи. Имено, според наводите во иницијативата, со наведените членови од Законот се поставувале стриктни граници на средствата кои универзитетот може да ги вложи во одредени области и со кои истовремено му се наметнуваат обврски кои подразбираат конкретен начин на трошење на неговите сопствени средства.

Од анализата на содржината на оспорените членови од Законот, а во корелација со наводите во иницијативата, кои се навистина доста оскудни по однос на нивната согласност со Уставот и нормите на кои се упатува, според Судот се неосновани. Ова од причина што наведените аргументи во иницијативата не се доволни да се прифати дека со најновите измени на Законот во 2013 година е повредена автономијата на универзитетот.Според Судот, законскиот концепт за автономија на универзитетот е сосема логичен и оправдан од аспект на негова егзистенција во рамките на општеството и доброто на заедницата. Целата содржина на оспорените одредби децидно укажува на околностите дека сите средства кои што ги стекнува универзитетот се користат за унапредување на квалификациите на студентите и нивниот личен и професионален развој, како и за научно истражувачка дејност, односно научно истражувачки проекти, распишување на конкурси за финансирање од страна на универзитетот.

Концепцијата на Законот за високо образование е насочена кон меѓународна отвореност на универзитетот што е клучен фактор за развој на високото образование.

Според Судот, оспорените одредби од Законот обезбедуваат усогласен сооднос со уставно утврдените слободи и права, во кои е содржано и правото на образование и посебно потенцираниот автономен институционален облик на универзитетот со автономниот статус во обавувањето на дејностите од сферата на образовниот и научен труд.

Гаранцијата на автономијата на универзитетот утврдена со член 46 од Уставот, според наше мислење, не ја исклучува можноста за влијание на државата во работењето на универзитетот на секој сегмент од неговото делување, па дури и во располагање со финансиските средства, преку соодветното министерство, кое е во насока на почитување на Законот за високото образование како и почитување на Уставот.

Тргнувајќи од содржината на одредбите од членовите 95 и 96 од Уставот, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од членовите 83 став 1 алинеи 12 и 13 и член 146-б од Законот за високото образование, Судот оцени дека даденото законско овластување е во согласност со Уставот, поради што не се постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни норми.

Оспорениот член 110-а од Законот, исто така не може да се доведе под сомнение по однос на член 46 од Уставот, од истите причини кои се погоре наведени односно дека не може да се прифати тврдењето дека се ограничува автономијата на универзитетот на начин што Владата има законска обврска со одлука да го утврдува бројот на квотите на студенти ослободени од плаќање на уписнина на докторати и магистерски студии. Имено, оспорената одредба е во функција на подигнувањето на нивото на субјективен и објективен квалитет на услугите што универзитетот ги дава кон општеството во целина, што несомнено не може да биде предмет на интерес само на универзитетот.

Анализирајќи ги во целина сите оспорени одредби од Законот за високото образование vis a vis член 46 од Уставот, Судот оцени дека истите не предвидуваат концепциско негирање на автономијата на универзитетот од причина што со истите се обезбедува зајакнување на врската на академската со пошироката општествена јавност која значително обезбедува квалитет на квалификациите со кои се стекнуваат студентите и истовремено се дава можност за развивање на научно-истражувачката дејност согласно актуелните општествени потреби. Оттука, не може да се опсервира универзитетот изолирано од општествениот и социо-економски развој.

6. При градењето на правното мислење Судот ги имаше во вид и ги ценеше наводите содржани во иницијативата и по однос на член 87-а ставови 1 и 2 и член 99 став 3 од Законот, меѓутоа оцени дека во конкретниов случај не постојат процесни претпоставки судот мериторно да се впушти во оценување на основаноста на наводите во иницијативата, од причина што Уставниот суд се произнел по однос на уставноста на овие два члена од Законот со Решение У.бр.98/2011 од 13 февруари 2013 година и истиот оценил дека оспорените одредби од Законот неможат да се доведат под сомнение по однос на член 46 од Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во наведеното Решение Судот изразил став дека законското решение е во функција на исполнување на преземените обврски од Болоњскиот процес и создавање услови за вршење на дејноста на универзитетот, поради што Судот не прифатил дека ваквата регулатива води кон нарушување на автономијата на универзитетот. Во иста смисла, според Судот, треба да се третира и одредбата со која законодавецот утврдува сооднос на задолжителни и изборни предмети, како во член 99 став 3 од Законот.
Оценувајќи дека во конкретниов случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, по однос на овие две одредби од Законот, поради што Судот ја отфрли иницијативата во овој дел.
7. Со иницијативата се спори целината на Законот за изменување и дополнување на Законот за високо образование по однос на постапката за неговото донесување, односно дека вака сложен закон неможе да се донесе во скратена постапка како што е сторено со донесувањето на истиот поради што бил повреден член 170 од Деловникот на Собранието на Република Македонија.

Меѓутоа, според Судот, Уставниот суд во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија каде е дефинирана надлежноста на Уставниот суд, одлучува за согласноста на законите со Уставот, но нема надлежност да цени дали постапката на неговото донесување е во согласност со Деловникот на Собранието. Имено, Уставниот суд ја цени содржината на Законот vis a vis Уставот, а додека пак формалниот аспект на донесување на Законите, односно нивната претходна процедура на донесување ги надминува рамките на ингеренциите на Уставниот суд за уставно-судска анализа во оваа насока.

Од овие причини Судот одлучи и по однос на овој дел иницијативата да ја отфрли , а поради ненадлежност во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Решението по однос на точката 1 и точката 2 алинеја 1 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.53/2013
5 март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.53/2013