62/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 5 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 213-в став 3 од Законот за работните односи „Службен весник на РМ“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013 и 170/2013).

2.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 213-в став 2 алинеа 2 во делот „и работодавачот„ и став 4 од Законот означен во точката 2 од ова решение.

3. Асоцијацијата „Магна Карта“ претставувана од Димитар Апасиев од Велес, Движење за социјална правда „Ленка“ претставувано од Богољуб Павловски од Скопје, и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници претставуван од Тамара Чаусидис од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точките 1 и 2 од ова решение од Законот за работните односи.

Според наводите на подносителите на иницијативата точката 2 од став 2 од член 213-в од Законот предвидувал непропорционална одредба список на синдикалните членови дополнително да се верификува од страна на работодавачот – што било директно мешање во внатрешните работи на синдикатот, како автономна одделна и независно правно лице sui generis, што било неспоиво и со начелото на „слободно синдикално здружување“ и директно (тајно) синдикално членство.

Понатаму, според подносителите оспорениот став 3 на член 213-в од Законот веќе е безпредметен од причина што со измените на Законот од јануари 2012 година се избриша задолжението синдикатот како прилог кон потребната документација до комисијата за утврдување на репрезентативност да поднесува и оригинални потпишани пристапници на своите членови. Оттука, евидентно било дека опстојувањето на став 3 кој бил во неразделна врска со ставот 2 точка 2 и кој претставува функционална целина, предизвикува непотребни забуни и компликации при толкувањето во практиката што е спротивно на начелото на владеење на правото.

Подносителите, понатаму, наведуваат дека ставот 4 на член 213-в во кој се предвидувало работодавачот да издава некаква си потврда за работниците кои се членови на матичниот синдикат и кои редовно плаќаат чланарина било неспоиво со современиот концепт на новото македонско синдикално право во објективна смисла на зборот, затоа што тоа стрикно забранувало било каков вид надзор и контрола од страна на работодавачот врз синдикатот, како и со тоа дека за разлика од порано сега de jure веќе не постоеле апсолутно никакви правни пречки работниците да можат дирекно да се зачленуваат во граѓански синдикат, без тие да имаат основано основна синдикална организација на ниво на работодавач. Од друга страна, пак и уплатата на членарината не морала секогаш да биде преку веќе надминатиот и застарен метод на запирање од плата, туку тоа можело да се остварува и преку уплатница т.е. директно на жиро-сметката на синдикатот, токму со цел да се избегне можноста работодавачот, како помоќна договорна страна во работниот однос, да ги дознае членовите и активностите на синдикатот врз кои потоа би се очекувало да спроведува различни,суптилни или отворени методи на вознемирување кои како крајна цел би имале нивна пасивизација.

Тргнувајќи од наведеното, подносителите сметаат дека оспорениот член од Законот е спротивен на членовите 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 и став 2, 9, 18, 20, 25, 37, 50 став 3, 58 став 1, 54став 1, 2 и 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и истите ги цитираат.

Во понатамошниот текст од иницијативата, подносителите ги наведуваат односно ги цитираат ратификуваните меѓународни акти за синдикалното организирање и тоа:

А) Акти на Меѓународната организација на трудот, Конвенција бр.87 (1948) за синдикална слобода и заштита на синдикалните права, Конвенцијата бр.98 (1949) за приватно организирање и колективно договарање, Конвенцијата бр.135 и Протоколот на МОТ бр.143 (1971) за заштита и олеснување на претставниците на работниците во претпријатијата.

Б) Акти на ООН и тоа: 1. Универзалната декларација за правото на човекот (1948) прокламирано со Резолуцијата на ООН 217 А (III) од страна на Генералното собраните на ОН.

2. Меѓународниот пакт за економски, социјални и кутурни права (1966).

В) Акти на Советот на Европа.
1. Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (1950) и Протоколот XI.
2. Европската социјална повелба (1961) нејзините анекси и дополнителни протоколи.

Г) Акти на Европската Унија т.е, Спогодбата од Рим (1957) кои предвидуваат поширока соработка на државитечленки во областа на синдикалната слобода и колективното договарање.

Подносителите на иницијативата во понатамошниот текст од иницијативата ги лоцираат законските противречности во нашето домашно трудово правна регулатива vis a vis национално заштитена превентивна легислатива – спротивно на уставно постулираниот концепт на владеење на правото, како и досегашните уставно-судски преседани на Уставниот суд на Република Македонија во контекст на заштита на авторитативниот правен стандард на правна сигурност на граѓаните.

Оттука, подносителите сметаат дека оспорениот член кој патем речено е и спротивен на смислата и супстратот на социјалната држава и внесувала огромна доза правна несигурност и се противела на инкорпорираниот принцип на уставност и законитост (во материјална и формална смисла) која што го обврзува законодавецот, при носењето на закони, да конципира и формулира прецизни, недвосмислени и јасни правни норми – бидејќи само таквите норми можат да претставуваат солидна основа за постапување од страна на државните органи и нивните службеници.

На крајот, подносителите наведуваат дека оспорената норма е антиконституционална и конфузна која е инкопатибилна со нашиот демократски уставен поредок, земајќи ја предвид јавната полза и правичност од тоа дејствие, и истата треба да биде касирана како противуставна, крајно штетна и изразито непропорционална.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 213-в став 2 алинеа 2 од Законот е предвидено дека со барањето за утврдување на репрезентативност, покрај другото, се поднесува и список на членовите на синдикатот кои плаќаат чланарина заверен од страна на овластен претставник на синдикатот и работодавачот (оспорен дел) односно доказ за членство на работодавачи во здружението на работодавачите.

Во оспорениот став 3 на член 213-в е предвидено дека „По завршување на опостапката за утврдување на репрезентативност пристапниците од ставот 2 на овој член се враќа на синдикатите“.

Во оспорениот став 4 од член 213-в е предвидено дека „Работодавачот е должен, на барање на синдикатот, да издаде потврда со список на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат чланарина“.

5.Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото; хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и почитува-њето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според став 2 на член 8 од Уставот,во Република Македонија слободно есе што со Уставот и законот не е забрането.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 18 од Уставот, се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци. На граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоци.

Според членот 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1).

Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2).

Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост (став 3).

Според член 37 од Уставот, заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 50 став 3 од Уставот, граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, а во ставот 2 од овој член од Уставот е утврдено дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Согласно членот 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Законот за работните односи, во делот XVIIII насловен како „Синдикати и здруженија на работодавачи“,ги уредил прашањата на основањето на синдикатите и здруженијата на работодавачи, доброволноста на нивното членство, заштитата, здружување на повисоки нивоа, статутите на овие асоцијации, правната способност и запишувањето во регистар кој се води во Министерството за труд и социјална политика, постапка за упис во регистарот, имот на синдикактот и здружението на работодавачите, судска заштита на членските права, судска заштита на правото на здружување, синдикални претставници и нивна заштита, престанок на дејствување на синдикатите и здруженијата на работодавачите, забрана на дејствување на синдикатот и здруженијата на работодавачите и други прашања.

Согласно овие одредби од Законот, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него се зачленуваат под услови пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работници во која добрволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Работодавачите имаат право, по свој слободен избор, да основаат здружение и во него да се зачленуваат, под услови пропишани со статутот или правилата на тоа здружение. Здружението на работодавачите е самостојна, демократска и независна организација во која работодавачите доброволно стапуваат заради претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други интереси. Синдикатите и здруженијата на работодавачи можат да се основаат без било какво претходно одобрување.

Во делот XIX „Колективни договори„ од Законот се уредуваат прашањата кои се однесуваат на видовите на колективни договори, учесници во склучувањето на колективен договор, репрезентативноста на синдикатот и на здружението на работодавачи, услови за определување на репрезентативност на синдикатот, орган надлежен за утврдување на репрезентативноста ,барање за утврдување на репрезентативност,постапката по барањето и други прашања поврзани со колективното договарање.

Во членот 213-в поместен во поднасловот„Барање за утврдување на репрезентативност е предвидено:
(1) Барање за утврдување на репрезентативност до Комисијата доставува синдикат, односно здружение на работодавачи на повисоко ниво.
(2) Со барањето се поднесуваат и докази за исполнување на условите за репрезентативност, и тоа:
1) решение од уписот во регистарот на синдикати, односно решение од уписот во регистарот на здруженија на работодавачите;
2) список на членовите на синдикатот кои плаќаат членарина заверен од страна на овластен претставник на синдикатот и работодавачот (оспорен дел), односно доказ за членство на работодавачите во здружението на работодавачите;
3) список на склучени колективни договори или колективни договори на кои им пристапил синдикатот, односно здружението на работодавачи;
4) список на синдикати – членки на синдикатот по гранки, односно оддели, односно список на работодавачи членки по гранки, односно оддели и
5) список на локалните синдикати – членки, односно работодавачи по општини со седиште и адреса.
(3) По завршувањето на постапката за утврдување на репрезентативноста, пристапниците од ставот (2) на овој член се враќаат на синдикатите.(оспорен став)
(4) Работодавачот е должен, на барање на синдикатот да издаде потврда со списокот на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат членарина.(оспорен став).

Тргнувајќи од наведените уставни одредби,одредбите од Законот за работните односи, со кој се уредува постапката за утврдување на репрезентативност на синдикатот ,наспрема наводите во иницијативата според кои со оспорените одредби се повредувале поголем број на уставни одредби Судот оцени дека тие се неосновани.

Ова од причини што, правото на синдикално организирање и дејствување на работниците во Уставот е сместено во делот на економски, социјални и културни права (член 37), што укажува дека синдикалното организирање и дејствување е издвоено, односно е посебен облик на организирање на граѓаните, различен од здруженијата на граѓаните и политичките партии кои се организирани согласно член 20 од Уставот, во кои граѓаните остваруваат заштита на своите политички, економски, културни и други права и уверувања, а преку организирање во политички партии се залагаат за учество во власта (Законот за политичките партии). Основањето, пак, на синдикатите има јасна цел – остварување и заштита на економските и на социјалните права на граѓаните, односно на работниците. Законот за работните односи ги има предвид само организациите на работниците кои имаат синдикален карактер, вид на организирање на работниците заради остварување на нивните економски и социјални права од работниот однос, а кои се утврдени со закон и колективен договор.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 213-в став 2 алинеа 2 во делот „и работодавачот„ и ставот 4 на член 213-в од Законот за работните односи со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

6. Во однос на ставот 3 на членот 213-в од Законот,Судот изрази сомнение од следните причини:

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („ Службен весник на Република Македонија„бр. 130/20009) по членот 213 се додаваат шест нови наслови и шест нови члена,меѓу кои и насловот„Барање за утврдување на репрезентативост„ и член 213-в.

Во членот 213-в било предвидено:
(1) Барање за утврдување на репрезентативност до Комисијата доставува синдикат, односно здружение на работодавачи на повисоко ниво.
(2) Со барањето се поднесуваат и докази за исполнување на условите за репрезентативност, и тоа:
1) решение од уписот во регистарот на синдикати, односно решение од уписот во регистарот на здруженија на работодавачите;
2) список на членовите на синдикатот кои плаќаат членарина заверен од страна на овластен претставник на синдикатот и работодавачот,и пристапници на членовите) односно доказ за членство на работодавачите во здружението на работодавачите;
3) список на склучени колективни договори или колективни договори на кои им пристапил синдикатот, односно здружението на работодавачи;
4) список на синдикати – членки на синдикатот по гранки, односно оддели, односно список на работодавачи членки по гранки, односно оддели и
5) список на локалните синдикати – членки, односно работодавачи по општини со седиште и адреса.
(3) По завршувањето на постапката за утврдување на репрезентативноста, пристапниците од ставот (2) на овој член се враќаат на синдикатите.
`(4) Работодавачот е должен, на барање на синдикатот да издаде потврда со списокот на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат членарина.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија„ бр.11/2012 ) било предвидено дека во членот 213-в став 2 точка 2 зборовите„ и пристапниците на членовите„ се бришат.

Тргнувајќиод анализата на наведениот член произлегува дека при утврдување на репрезентативност на сидикатот освен списокот на членовите на синдикат кон барањето за утврдување на репрезентативност било потребно до Комисијата да се достават и пристапници на членовите, при што согласно ставот 3 од истиот член по завршување на постапката пристапниците од ставот 2 на член 213-в се враќале на синдикатот .

Со измените во Законот за работните односи од 2012 година обврската за доставување на пристапници на членовите на синдикатот за утврдување на репрезентативност престанала или поточно речено делот од член 213-в став 2 точка 2„и пристапниците на членовите„ се избришани.

Оттука,Судот смета дека ставот 3 на член 213-в,а кој е оспорен со иницијативата, бил во функција на ставот 2 се до измените на Законот.Со направените измени, ,оспорениот став 3 на член 213-в ја изгубил својата функција односно станал неприменлив,од кои причини се доведува во прашање начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во однос на наводите од иницијативата според кои со барањето потврда од работодавачот со список на членови на синдикатот, работодавачот би можел да презема мерки кои неповолно би се одразиле на работникот, Судот оцени дека се фактички прашања за кои не е надлежен да одлучува.

7. По однос наводите од иницијативата дека оспорените одредби од Законот не биле согласни и со одделни меѓународни акти кои се ратификувани во согласност со Уставот, со што станале дел од внатрешниот поредок и не можат да се менуваат со закон (член 118 од Уставот), тие наводи се сведуваат на барање за оцена на оспорените законски одредби и од аспект на нивната согласност со наведените меѓународните акти што излегува надвор од уставно утврдените рамки на надлежности на Уставниот суд, имајќи го предвид уредувањето со членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, според кои Уставниот суд одлучува исклучиво за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но, не и за согласноста на законите со меѓународните акти.

8. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
Решението за не поведување на постапка на член 213-в став 2 алинеа 2 во делот„и работодавачот„ и ставот 4 од Законот, Судот го донесе со мнозинство.

У.бр.62/2013
5 март 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева