Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 26 февруари 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 568 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010).
2. Денис Прешова од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 568 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 568 од Законот за кривичната постапка се правела разлика помеѓу влегување во сила и примена на Законот, што било во спротивност со членовите 8 став 1 алинеја 3 и член 52 од Уставот.
Ова од причина што оспорената одредба внесувала нов правен институт, примена на закон и правела разлика помеѓу влегувањето во сила и отпочнувањето на примената на Законот, иако Уставот во ниту една своја одредба не правел ваква разлика. Единствено било важно кога еден закон ќе влезе во сила, а примената била социолошка категорија, која укажувала на фактот дали во реалноста законот произведувал правни последици што ги предвидел законодавецот. Во таа смисла со правното влегување во сила на законот целосно соодветствувало започнувањето на неговата примена.
Потоа се укажува на содржината на членот 52 од Уставот и се наведува дека од оваа уставна одредба недвосмислено произлегувало дека законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на нивното објавување. Инаку, во теоријата, периодот на чекање се нарекувал vacation legis и имал две цели: сите заинтересирани да се запознаат со содржината и суштината на законот и да им овозможи на надлежните органи да ги направат потребните организациски и други подготовки за примена на законот. Од овие причини во Уставот бил предвиден минималниот рок пред кој законот не може да влезе во сила, што значело дека законодавецот можел за посложени закони да предвиди далеку подолги рокови за влегување во сила.
Врз основа на ваквата определба кај законодавецот доаѓало до појава, два закона, во исто време да се влезени во сила, но едниот од нив да има одложена примена и да преставува правна основа за донесување на подзаконски акти, со што не се обрнувало внимание на целите на vacation legis и можноста за неговото подолго траење. Ова доведувало до состојба на непрегледност и нејасност во правниот систем што на најдиректен начин ја загрозувало правната сигурност, а со тоа и владеењето на правото.
Поаѓајќи од наведеното подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја укине на кој начин би била исправена грешката која се провлекувала во правниот систем не само со овој туку и со многу други закони.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 568 од Законот за кривичната постапка, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува по истекот на две години од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен одредбите кои се однесуваат на вршење на доставата по електронски пат, кои ќе започнат да се применуваат по истекот на една година од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2012 од 06.08.2012), се предвидува дека во член 568 од Законот зборовите: “а ќе започне да се применува по истекот на две години од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен одредбите кои се однесуваат на вршење на доставата по електронски пат, кои ќе започнат да се применуваат по истекот на една година од денот на влегувањето во сила на овој закон“ се заменуваат со зборовите: “а ќе започне да се применува од 1 декември 2013 година“.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2012 од 06.08.2012), бил влезен во сила во време на поднесување на иницијативата. Во членот 2 од овој закон е предвидено дека во член 568 (оспорена одредба) од Законот зборовите: “а ќе започне да се применува по истекот на две години од денот на влегувањето во сила на овој закон, освен одредбите кои се однесуваат на вршење на доставата по електронски пат, кои ќе започнат да се применуваат по истекот на една година од денот на влегувањето во сила на овој закон“ се заменуваат со зборовите: “а ќе започне да се применува од 1 декември 2013 година“.
Вака направената измена на оспорената одредба му била позната на подносителот на иницијативата во време на поднесувањето на иницијативата (05.09.2013) година, а во меѓувреме, сметано од 1 декември 2013 година започната е целосната примена на Законот за кривичната постапка донесен во 2010 година.
Сепак подносителот на иницијативата ја оспорува првичната содржина на членот 568 од Законот за кривичната постапка и тоа по однос на предвидената одложена примена на дел од одредбите од Законот, како законско решение спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 52 од Уставот на Република Македонија.
Имајќи предвид дека оспорениот член 568 од Законот ја нема онаа содржина која се изнесува во иницијативата, а заради направената содржинска измена, како и фактот што сметано од 1 декември 2013 година Законот за кривичната постапка е во целосна примена произлегува дека со иницијативата се оспорува одредба што не постои во правниот поредок на Република Македонија. Ова преставува процесна пречка за впуштање на Судот во анализа на основаноста на наводите од иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.
Инаку, во правниот поредок на Република Македонија се појавуваат закони кои предвидуваат одложена примена на дел од законските одредби или пак на целината на законите (кое нешто го нагласува и подносителот на иницијативата) од каде произлегува дека покренатото уставно-правно прашање во иницијативата за несовпаѓање на времето на влегување во сила и времето на примена на некои од законите, на генерално ниво во правниот поредок, постои.
Од наведените причини Судот сметаше дека е корисно да се даде краток осврт на постапката по предметот У.бр.219/2007 во која Уставниот суд на Република Македонија не повел постапка за оценување на уставноста на член 124 од Законот за меѓународното приватно право (“Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007), бидејќи оценил дека е во согласност со членот 52 од Уставот.
Во правното мислење по наведениот предмет Судот изразил став дека:
„Времето што истекува од моментот на објавувањето на законот до моментот на неговото влегување во сила се нарекува период на чекање на законот или vacatio legis. Смислата на vacatio legis се состои од потребата на граѓаните да бидат запознаени со содржината на законот пред неговото влегување во сила, како и од создавање на определени технички услови од надлежните органи за практична примена на донесениот закон. Објавувањето и vacatio legis имаат функција граѓанинот навреме да се запознае со содржината и точниот датум на влегување на законот во сила (urbi et orbi).
Од анализата на членот 52 од Уставот, Судот утврдил дека Уставот на Република Македонија прави временска разлика меѓу прогласувањето на законите, нивното објавување и влегување во сила. Имено, законот според оваа уставна норма влегува во сила осмиот ден од неговото објавување во службеното гласило. Оттука, според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорениот член 124 од Законот за меѓународно приватно право е во спротивност со Уставот, бидејќи токму оспорената одредба е израз и исполнување на гаранциите на основните слободи и права, односно оспорениот член го преточува уставното овластување законите да влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето и го регулира периодот на чекање на законот или vacatio legis.“
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.129/2013
22 јануари 2014 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева