У.бр.107/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 12 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и Дополнување на Детален урбанистички план Долно Водно, Општина Центар, бр.07-2780/22 од 5 април 2012 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 4/2012).

2. Ристо Гуштеров од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 6 и 10, член 30 став 2, член 43, член 115 и Амандман XVII од Уставот на Република Македонија, како и со членовите 24 и 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во образложението на иницијативата, подносителот ја цитира содржината на оспорената одлука, одредбите од Уставот кои смета дека се повредени со одлуката, како и релевантни одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање и укажува дека одлуката била донесена во постапка што не е пропишана со закон, односно спротивно на членовите 24 и 25 од Законот. Се наведува дека при донесувањето на оспорената одлука била спроведена јавна презентација и јавна анкета, но поради големиот број на забелешки и предлози од заинтересираните лица и субјекти, предлог-планот претрпел значајни промени, поради што одново биле спроведени јавна презентација и јавна анкета заради запознавање на заинтересираните лица со изменетиот предлог-план.

При повторната јавна презентација и јавна анкета (јули 2011 година), предлог–планот повторно претрпел измени и дополнувања поради прифаќање на 6 анкетни листови со забелешки и предлози по кои изготвувачот на планот постапил и ги вградил во Предлог-планот, кој бил ставен на јавен увид со плански решенија од февруари 2012 година, вклучувајќи го и планското решение на градежната парцела на подносителот на иницијативата. Но прифатените решенија не биле содржани во конечно усвоениот план, односно истите биле изменети. Тие плански решенија се однесувале на утврдената класа за намена на земјиштето на градежната парцела на подносителот на иницијативата (7.24), на начин што со предлог планот намената на земјиштето била означена како А1- домување во станбени куќи, а со донесениот оспорен план истата била преиначена на класа на намена на земјиштетот како А0 – домување во стамбени куќи со посебен режим. Измените се однесувале и во однос на пристапната улица до градежната парцела во сопственост на подносителот на иницијативата.

Со оспорениот акт било повредено начелото на владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата бидејќи со оспорениот план се зафаќала површина од Парк-шумата Водно и се уништувале 11.000м2 густа шума заради предвидените градби со оспорениот план, се заради поединечен интерес, а на штета на националниот интерес.

Поради наведеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и Дополнување на Детален урбанистички план Долно Водно, Општина Центар, бр.07-2780/22 од 5 април 2012 година, донесена од Советот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр. 4/2012) и истата да ја поништи како спротивна на Уставот на Република Македонија и Законот, како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени, односно превземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со одлуката се донесува Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Долно Водно, Општина Центар, Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (“Службен гласник на Град Скопје” број 08/2002, Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Сл ужбен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011), Правилникот за поблиската содржина размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” број 78/2006) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 142/2010, 64/2011 и 98/2011).

Во членот 2 од Одлуката е определена границата на планскиот опфат.

Во членот 3 од Одлуката е наведена содржината во утврдените граници на опфатот од членот 2 и тоа: документациона основа, намена на земјиштето, планска документација, сообраќај, паркирање, комунална инфраструктура, атмосферска канализација, фекална канализација, електро-енергетика со локација на објекти, П.П.Т. мрежа и објекти, топлификација, услови за изградба, како и графички дел со документациона основа и планиран развој.

Во членот 4 од Одлуката се наведени составните делови на одлуката и тоа: текстуален дел на планот; графички прилози; нумерички дел; услови за градба; Програма за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2011 година, број 07-4297/2 од 29.12.2010 година и Програма за дополнување на Програмата за урбано планирање “Ф” на Општина Центар за 2011 година, донесена од Советот на општината, број 07-1193/2 од 18.03.2011 година; Планска програма изработен од изготвувачот на планот од април 2011; Стручна ревизија на планот изготвен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг “ЗУАС”-Скопје, од април 2011 година; Одговор на Стручната ревизија од изготвувачот на планот од мај 2011 година; Решение од градоначалникот на Општина Центар за формирање Комисија за давање Мислење по планот, број 08-1140/1 од 10.03.2011 година; Мислење по Предлог планот од Комисијата формирана од градоначалникот на Општина Центар, број 08-2175/1 од 18.05.2011 година; Одговор на Мислењето од Комисијата од изготвувачот на планот од мај 2011 година; Решение за Јавна презентација и јавна анкета по Предлог планот, број 08-2267/1 од 26.05.2011 година; Соопштение за организирање на Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 08-2267/2 од 26.05.2011 година и доказ за објава во две јавни гласила; Решение за формирање на Стручна комисија за изготвување на Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета, број 08-2267/3 од 14.06.2011 година; Записник од спроведената Јавна презентација, број 25-652/24 од 14.06.2011 година; Извештај од Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 25-652/25 од 14.06.2011 година; Заклучок за постапување по Извештај по спроведена Јавна анкета и Јавна презентација, број 25-652/26 од 14.06.2011 година; Решение за повторна Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 08-2267/4 од 08.08.2011 година; Соопштение за организирање на повторна Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 08-2267/5 од 08.08.2011 година и доказ за објава во две јавни гласила; Решение за формирање на Стручна комисија за изготвување на Извештај од повторна Јавна презентација и Јавна анкета, број 08-2267/6 од 30.08.2011 година; Записник од спроведената повторна Јавна презентација по Предлог планот, број 25-652/35 од 31.08.2011 година; Извештај од спроведена повторна Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 25-652/36 од 31.08.2011 година; Известување за постапување по Извештај по спроведена повторна Јавна презентација и Јавна анкета по Предлог планот, број 25-652/37 од 31.08.2011 година; Мислење по Предлог планот од Град Скопје, број 13-4931/1 од 15.12.2011 година; Мислење од Дирекција за заштита и спасување, Подрачно одделение за заштита и спасување-Центар, број 10-129/2 од 13.04.2011 година; Мислење од ЈП Водовод-Скопје, број 1202-3408/2 од 19.12.2011 година и Мислење од Министерството за култура-Управа за заштита на културното наследство, број 17-189/4 од 24.08.2011 година; Мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање, број 08-7116/2 од 14.09.2011 година; Мислење од АД ГА-МА-Скопје, број 0308-1491/1 од 09.06.2011 година; Одговор од Друштво за дистрибуција на топлинска енергија “Дистрибуција на топлина” ДООЕЛ-Скопје, број 01-517/1 од 15.08.2011 година; Мислење од ЕВН-Македонија АД Скопје, КЕЦ Скопје, број 27-407/1 од 02.02.2012 година и Согласност од Министерството за транспорт и врски-Сектор за уредување на просторот, број 16-2987/2 од 07.03.2012 година.

Во членот 5 од Одлуката, се наведени административните работи во врска со заверка на предметниот план, бројот на примероците, чувањето, доставувањето на органите и местото на изложување на планот заради достапност на јавноста.

Во членот 6 од Одлуката е наведена обврската на Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје, во рок од 30 дена од донесување на предметниот план, да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон, како и обврска за предавање на картираните подлоги на Агенцијата за катастар на недвижности на чување и користење.

Во членот 7 од Одлуката е наведена обврска за чување и грижа за реализација на Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план Долно Водно, Општина Центар-Скопје со сите нејзини делови од страна на Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје.

Во член 8 од оваа одлука е предвидено дека истата влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“-Скопје.

Одлуката е донесена под број 07-2780/22 од 05.04.2012 година и е објавена во “Службен гласник на Општина Центар-Скопје” со број 4 од 9 април 2012 година.

4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорениот урбанистички план за Долно Водно веќе бил оценуван од страна на Уставниот суд, во предметот У.бр. 14/2013.

Уставниот суд со Решение У.бр.14/2013 од 17 април 2013 година, повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за изменување и дополнување на ДУП за Долно Водно и го запрел извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа решение.

Судот констатирал дека: „оспорениот план во делот кој се оспорува со иницијативата, не е истоветен како и Предлог-планот кој бил изложен по повод последно спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, на начин што презентираниот Предлог-план во делот што се оспорува со иницијативата, претпрпел суштинска промена од аспект на поединечната класа на намена на земјиштето, вклучително и по однос на пристапниот пат, граѓанинот, во случајов подносителот на иницијативата, обесправен е во можноста да се изјасни по однос ново настанатата состојба. При таква состојба, кога јавно изложен план на увид на граѓаните е со едни содржини, а се презентира конечен план со други содржини, на тој начин според Судот, се доведува во прашање принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, односно правната сигурност на граѓаните“.

На седницата на судот одржана на 10 јули 2013 година, Судот не го изгласал предлогот за укинување на оспорената одлука, поради што судот со Решение У.бр.14/2013 од 10 јули 2013 година, ја запрел постапката за оценување на уставноста и законитоста.

Со оглед на тоа што оспорената Одлука за измена на деталниот урбанистички план за Долно Водно веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, Судот утврди дека иницијативата треба да се отфрли врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.107/2013
12 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.107/2013