У.бр.119/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ружа Настева од Скопје, поднесено преку полномошникот Стојан Настев од Скопје, со кое бара заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот, кои смета дека и´ се повредени со одлуки на Основниот суд во Штип и Апелациониот суд во Штип.

2. Ружа Настева од Скопје, преку полномошникот Стојан Настев од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободи и права од член 110 алинеја 3 од Уставот.

Во барањето, подносителката изнесува хронологија на донесени одлуки од Основниот суд во Штип и Апелациониот суд во Штип, од водена вонпарнична постапка за физичка делба на имот по предметот ВПП бр. 60/10, во која постапка таа била учесник, со кои одлуки, таа смета дека судските органи извршиле повреда на нејзините права загарантирани со Уставот.

Со барањето се наведува дека подносителката не била задоволна од Решение ВПП бр.60/10 од 05.07.2011 година на Основниот суд во Штип, со кое била извршена физичка делба на имот, со наводи дека првостепениот суд врз основа на нецелосно вештачење за кое таа претходно приговарала, го донел решението за физичка делба, без претходно вештото лице да ја утврди вредноста на одделните делови од недвижните имоти, а потоа да ја изврши делбата како што било побарано со предлогот, поради што го обжалила првостепеното решение.

Апелациониот суд во Штип со Решение ГЖ. бр. 1160/11 од 29.09.2011 година, ја одбил жалбата како неоснована, а првостепеното решение го потврдил.

Во барањето понатаму се наведува дека по правосилноста на второстепеното решение, до Основниот суд во Штип, барателката поднела предлог за повторување на постапката, со кој приложила нов доказ-проценка на пазарната вредност на одделните делови од имотот кој бил предмет на физичката делба, за што таа ангажирала судски вештак и проценител, меѓутоа, Основниот суд во Штип, со Решение ВПП.бр. 60/10 од 26.01.2012 година, го одбил предлогот од барателката за повторување на постапката, со образложение дека истиот не претставувал нов доказ, кој што странката не можела да го обезбеди во претходните расправи.

Барателката и против решението со кое бил одбиен предлогот за повторување на постапката вложила жалба, при што Апелациониот суд во Штип со Решение ГЖ. бр. 690/12 од 24.04.2012 година, ја одбил жалбата како неоснована, а Решението на првостепениот суд ВПП.бр. 60/10 од 26.01.2012 година со кое бил одбиен предлогот за повторување на постапката, го потврдил.

Барателката понатаму, преку Основниот суд во Штип, до Врховниот суд на Република Македонија, вложила ревизија против Решението ГЖ. бр. 1160/11 од 29.09.2011 година, донесено од Апелациониот суд во Штип. Основниот суд во Штип, со Решение ВПП.бр. 60/10 од 11.06.2012 година, ја отфрлил ревизијата како недозволена, при што и против ова решение, барателката вложила жалба.

Апелациониот суд во Штип, постапувајќи по жалбата, со решение ГЖ.бр.1096/12 од 02.07.2012 година, ја одбила жалбата како неоснована, а Решението ВПП.бр. 60/10 од 11.06.2012 година го потврдил, со образложение дека правилно првостепениот суд постапил кога ја отфрлил ревизијата како недозволена од причини што одредбите од членовите 213-227 од Законот за вонпарничната постапка, со кои се регулирала делба на заеднички предмети или имот, не предвидувале можност за изјавување на ревизија против правосилно решение за физичка делба помеѓу странките донесено во вонпарнична постапка.

Поради сето погоре наведено, барателката бара Уставниот суд, во рамките на неговите надлежности кои се однесуваат на заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, ги земе предвид сите погоре наведени одлуки по предметот ВПП.бр.60/10, донесени од Основниот суд во Штип, како и Апелациониот суд во Штип, кои судови со донесените одлуки извршиле повреда на нејзините права загарантирани со Уставот на Република Македонија.

3. Од извршениот увид во доставената и прибавена документација произлегува дека пред Основниот суд во Штип се водела вонпарнична постапка за физичка делба на имот во која барателката Ружа Настева од Скопје била учесник.

Од увидот во документацијата се утврди дека Основниот суд во Штип, постапувајќи по предлогот за физичка делба, со Решение ВПП бр.60/10 од 05.07.2011 година, извршил физичка делба на недвижности на реални делови помеѓу учесниците во постапката, против кое барателката вложила жалба.

Апелациониот суд во Штип, со ГЖ. бр. 1160/11 од 29.09.2011 година, ја одбил вложената жалба како неоснована, а првостепеното решение го потврдил, со образложение дека првостепениот суд извел доволно докази во текот на постапката за физичката делба на имотот, дека истите правилно ги оценил и на основа на тоа ги утврдил сите решителни факти од релевантно значење за одлучувањето.

Незадоволна од таквиот исход на постапката, барателката поднела предлог за повторување на постапката, кој предлог од страна на Основниот суд во Штип, со Решение ВПП.бр. 60/10 од 26.01.2012 година, бил одбиен, а кое по повод вложена жалба од барателката, истото од страна на Апелациониот суд во Штип со Решение ГЖ. бр. 690/12 од 24.04.2012 година, било потврдено. Понатаму, барателката против Решението ГЖ. бр. 1160/11 од 29.09.2011 година, вложила ревизија, но Основниот суд во Штип, со Решение ВПП.бр. 60/10 од 11.06.2012 година, ја отфрлил ревизијата како недозволена, при што и против ова решение, барателката вложила жалба.

Апелациониот суд во Штип, постапувајќи по жалбата, со решение ГЖ.бр.1096/12 од 02.07.2012 година, ја одбила жалбата како неоснована, а Решението ВПП.бр. 60/10 од 11.06.2012 година го потврдил, со образложение дека правилно првостепениот суд постапил кога ја отфрлил ревизијата како недозволена од причини што одредбите од членовите 213-227 од Законот за вонпарничната постапка, со кои се регулирала делба на заеднички предмети или имот, не предвидувале можност за изјавување на ревизија против правосилно решение за физичка делба помеѓу странките донесено во вонпарнична постапка.

Од доставената и прибавена документација, произлегува дека барателката Решението ГЖ. бр. 1160/11 од 29.09.2011 година на Апелациониот суд во Штип, со кое е потврдено првостепеното решение за физичка делба на Основниот суд во Штип, го примила на 14.10.2011 година.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, барателката со барањето изнесува хронологија на дејствија преземени од нејзина страна во водена вонпарнична постапка ВПП.бр.60/10 пред Основниот суд во Штип за физичка делба на имот, насочени кон докажување дека начинот на извршената физичка делба бил извршен на основа нецелосно вештање, како и хронологија на донесени одлуки од страна на Основниот суд во Штип и Апелациониот суд во Штип, од чиј исход таа не е задоволна.

Со поднесок до овој суд (насловен како уставна жалба), подносителката бара предмет на оценка пред овој суд да бидат земени одлуки донесени од посочените судски органи, со кои таа смета дека и биле повредени нејзините права загарантирани со Уставот.

Всушност од поднесокот произлегува дека барателката, бара Уставниот суд во рамките на неговата надлежност, која се однесува на заштита на слободи и права на човекот и граѓанинот, да ги заштити нејзините слободи и права од кои таа смета дека тие и се повредени со конкретни акти на судски органи, меѓутоа со истото, подносителката не се повикува на повреда на ниту едно од слободите и правата за чија што заштита е надлежен Уставниот суд согласно со членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Од приложената и прибавена документација, се утврди дека второстепеното Решението ГЖ. бр. 1160/11 од 29.09.2011, донесено од Апелациониот суд во Штип, барателката го примила на ден 14.10.2011 година, а барањето за заштита на слободи и права до овој суд е поднесено на ден 02.09.2013 година.

Разгледувајќи го барањето од аспект на членот 51 од Деловникот, Уставниот суд може да постапува по барање за заштита на слободи и права на граѓанинот утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот за кои граѓанинот смета дека му се повредени со конечен или правосилен поединечен акт во определен рок, односно во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечниот или правосилниот поединечен акт.

5. Имајќи ги предвид одредбите од членовите 51 и 52 од Деловникот на Уставниот суд, а со оглед дека од денот на доставувањето на поединечниот акт до денот на поднесувањето на барањето за заштита на слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, поминало повеќе од 2 месеци, како и со оглед дека со барањето не е посочено за кои слободи и права утврдени со Уставот, барателката бара заштита, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по барањето, при што согласно членот 28 став 3 од Деловникот, Судот оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права.

6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.119/2013
12 февруари 2014 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева