У.бр.113/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 5 февруари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА предлогот за решавање судир на надлежност меѓу Основен суд Гевгелија и Управен суд Скопје.

2. Злата Попова, судија во Основниот суд во Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за решавање на судир на надлежност предизвикан со Решение РО.бр.108/11 од 3.08.2011 година на Основниот суд Гевгелија и писмо У-5.бр.933/2011 од 8 ноември 2012 година. донесено од Управниот суд, на 10 јули 2013 година.

Според наводите во барањето, Основниот суд во Гевгелија при претходно испитување на тужбата нашол дека тужбеното барање на тужителката се однесува на барање да се оцени законитоста на поединечен управен акт на општината, како што претставува Решението на градоначалникот на општината за оценување на тужителката како државен службеник, за кое нашол дека овој суд не е надлежен да постапува.

Ова од причини што надлежен да постапува и да решава против поединечните акти на општината, бил градоначалникот на општината Богданци како носител на јавно овластување кој врши оценување на државните службеници согласно Законот за локалната самоуправа и Законот за државните службеници. Градоначалникот донел Одлука образец за оценување на државениот службеник против која одлука тужителката поднела приговор кој бил одбиен од Комисијата за преиспитување на оценувањето.Тужителката поднела жалба до Агенцијата за администрација која со Одлука бр.12-1749/4 од 22 јуни 2011 година ја одбила жалбата, а одлуката за одбивање на приговорот ја потврдила. При тоа Агенцијата во правната поука навела дека незадоволната страна има право да поднесе тужба до надлежниот основен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, иако во членот 82-б од Законот за државните службеници било предвидено „до надлежен суд“ без прецизирање и појаснување кој надлежен суд.

Повикувајќи се на одредби од Законот за управните спорови, Законот за судовите, Законот за државните службеници како и Законот за управна инспекција, подносителката на барањето смета дека во конкретниов случај стварно надлежен е Управниот суд.

Управниот суд, пак, по предметот: предизвикување на судир на надлежност, смета дека основата за надлежност на Основниот суд во Гевгелија произлегувала од правната поука на Комисијата на Агенцијата за администрација за решавање во втор степен, по жалби и приговори на државните службеници.

Имено, Управниот суд ценејќи ги одредбите од член 2 од Законот за управните спорови, член 82-б од Законот за државните службеници, член 181 од Законот за работните односи како и член 30 став 2 алинеја 9 од Законот за судовите, оценил дека Основниот суд е надлежен да постапува во постапка за оцена на државните службеници и побарал Врховниот суд на Република Македонија да одлучи за предизвикување на судир на надлежност помеѓу Основниот суд Гевгелија и Управниот суд Скопје.

3. Судот на седницата од увидот во предметот РО.бр.108/11 од 3 август 2011 година на Основниот суд Гевгелија го утврди следното:

Емилија Паункова од Богданци, вработена во општина Богданци како државен службеник на работно место помлад соработник, согласно Законот за државните службеници во текот на 2010 година од страна на градоначалникот на општината, Ристо Ичков на образец бр.08-704/2 од 20 април 2011 година била оценета со оценка „Не задоволува“.

Именованата незадоволна од ваквата одлука на градоначалникот на општината во предвидениот рок поднела приговор до Комисијата за преиспитување на оценката на државен службеник.

Надлежната комисија со Одлука бр.08-704/5 од 29 април 2011 година го одбила приговорот како неоснован.

По добивање на одлуката, именуваната упатила претставка до Државниот управен инспекторат на 7 мај 2011 година, кој извршил вонреден инспекциски надзор за што е составен Записник УП.I.бр.28-28 од 9 јуни 2011 година. При вршењето на надзорот од страна на инспекторот е констатирано дека: Комисијата за преиспитување на оценувањето на Емилија Паункова донела одлука со која го одбила приговорот како неоснован без притоа да спроведе преиспитување на оценувањето на именуваната, што не било во согласност со член 80 став 5 од Законот за државните службеници и е укината и препорачано е да се надминат утврдените повреди. Воедно инспекторатот му укажува и препорачува на претседателот на Комисијата за преиспитување на оцена на државен службеник во иднина по поднесените приговори да се постапуваа согласно член 50 став 5 од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија „бр. 76/2010- пречистен текст).

На 25 мај 2011 година подносителката поднела жалба до Агенцијата за администрација против Одлуката на Комисијата за преиспитување на оценката (Образец за оценување на државните службеници за решавање во втор степен по жалби и приговори на службеници) при што Комисијата на Агенцијата за администрација за државните службеници со Одлука бр.12-1749/4 од 22 јуни 2011 година ја одбила жалбата на Емилија Паункова и ја потврдила Одлуката за одбивање на приговорот од Комисијата за преиспитување на оценката 08-704/5 од 29 април 2011 година.

Во правната поука на Одлуката на Агенцијата за администрација стои дека незадоволната страна има право да поднесе тужба до надлежниот основен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката.

Незадоволна од Одлуката на Агенцијата за администрација и Комисијата за преиспитување на оценувањето на државниот службеник, Емилија Паункова од Богданци вработена во општина Богданци поднела тужба против наведените органи за поништување на одлуките.

Основниот суд Гевгелија, со Решение РО.бр.108/11 од 3 август 2011 година се огласил за стварно ненадлежен за постапување во постапка по Тужбата на тужителката Емилија Паункова и истата ја упатил дека по правосилноста на решението предметот да се отстапи на стварно надлежен суд – Управен суд Скопје.
.
По правосилноста на решението (31.08.2011) на 9 септември 2011 година, Основниот суд во Гевгелија го препратил предметот до Управниот суд во Скопје како стварно надлежен суд.

Постапувајќи по предметот У-5.бр.933/2011 од 8 ноември 2012 година, а од увидот во списите по предметот РО.бр.108/2011 на Основниот суд Гевгелија, Управниот суд констатирал дека е ненадлежен да постапува по поднесената тужба на тужителката Емилија Паункова од Богданци.

Управниот суд, имајќи ги предвид одредбите од Законот за управните спорови, член 82-б од Законот за државните службеници член 30 став 2 алинеја 9 од Законот за судовите како и член 181 од Законот за работните односи, оценил дека во постапката за оцена на државен службеник е надлежен основниот суд.

Со оглед на тоа, Управниот суд до Врховниот суд на Република Македонија поради предизвикување на судир на надлежност поднел барање Врховниот суд да го реши предизвиканиот судир на надлежност помеѓу Основниот суд во Гевгелија и Управниот суд во Скопје.

Врховниот суд на Република Македонија на 18 април 2013 година во правната работа на тужителката Емилија Паункова од Богданици против тужителот општина Богданци за поништување на Одлука за оценување, решавајќи по предизвиканиот судир на надлежност помеѓу Основниот суд Гевгелија и Управниот суд донел Решение Р.бр.25/2013, со кое утврдил дека Основниот суд Гевгелија е надлежен за постапување по тужбата на тужителката против тужениот општина Богданици, за поништување на Образецот за оценување на државен службеник бр.08-704/2 од 20.04.2011 и Одлуката бр.12-1749/4 од 22.06.2011 година на Комисијата на Агенцијата за администрација за решавање во втор степен по жалби и приговори на државните службеници како незаконити и истите да не произведуваат правно дејство.

Во образложението на Решението Р.бр.25/2013 година од 18 април 2013 година, Врховниот суд на Република Македонија, покрај другото, наведува дека во конкретниот случај со поднесената тужба на тужителката како работник вработен во државна служба, односно државен службеник бара поништување на одлуката за оценување, кое оценување согласно член 74 од Законот за државните службеници се врши врз основа на податоци што се однесуваат на резултати од нивната работа и личните квалитети што ги покажале во текот на работењето. Оттука, според судот станува збор за постапка која е непосредно поврзана со процесот на работа, што значи во конкретниов случај тужителката бара заштита на право од работен однос кое смета дека и е повредено, а за кое право согласно член 30 став 2 алинеја 9 од Законот за судовите надлежни се основните судови.

4. Според член 110 став 1 алинеите 4 и 5 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да решава за судирот на надлежностите меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт како и да решава за судирот на надлежностите меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа.

Согласно член 62 од Деловникот на Уставниот суд, предлог за решавање на судир на надлежност меѓу носителите на законодавната, извршната и судската власт и меѓу органите на Републиката и единиците на локалната самоуправа може да поднесе секој од органите меѓу кои настанал судир. Предлог може да поднесе и секој што поради прифаќањето или одбивањето на надлежноста на одделни органи не може да оствари свое право.

Според член 63 став 2 од Деловникот, субјектите од член 62 на овој Деловник, кои поради прифаќање или одбивање на надлежност не можат да остварат свое право, предлогот за решавање на судирот на надлежност може да го поднесат откако и двата органа ја прифатат или ја одбијат надлежноста со конечен или правосилен акт.

Во член 64 од Деловникот е предвидено дека предлогот за решавање на судир на надлежност содржи предмет на спорот поради кој и настанал судирот, органите меѓу кои настанал судир и означување на конечните односно правосилни акти со кои органите ја прифаќаат или одбиваат надлежноста да одлучува по ист предмет.

Според член 65, пак, од Деловникот со одлука со која решава за судирот на надлежност, Уставниот суд го определува надлежниот орган за одлучување по предметот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот утврди дека во конкретниов случај постоел негативен судир на надлежност помеѓу Основниот суд во Гевгелија и Управниот суд Скопје, кој судир го разрешил согласно својата надлежност Врховниот суд на Република Македонија.

Наведеното становиште Судот го заснова имајќи го предвид следното.
Според член 2 став 5 од Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.62/2000 и 150/2010), во управен спор се одлучува за судир на надлежности меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините и градот Скопје и по споровите настанати за судир на надлежност меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита.

Според член 82-б став 1 од Законот за државните службеници („Службен весник на РМ“ бр.59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011, 6/2012 и 24/2012 и 15/2013), државниот службеник кој не е задоволен од конечната одлука донесена од Агенцијата во рокот утврден во член 82-а од овој закон, има право во нареден рок од 15 дена да бара заштита на своите права пред надлежниот суд.

Прашањето на остварување на правата, обврските и одговорностите од работниот однос и судската заштита е уредена во Глава XVI од Законот за работните односи, односно во членот 181. Од целината на наведениот член произлегува дека доколку работникот не е задоволен од одлуката на работодавачот има право да бара судска заштита пред надлежен суд.

Во член 30 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010) е утврдена стварната надлежност на судовите. Според ставот 2 алинеја 9 од наведениот закон, основните судови во прв степен се надлежни да одлучуваат покрај другото и за граѓански спорови за работни односи.

Согласно член 35 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјата на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управен суд и друг суд, судир на надлежност меѓу виши управни судови и друг суд.

Тргнувајќи од анализата на наведените законски одредби кои ги уредуваат прашањата на судска заштита на работниците како и надлежноста на судовите во судскиот систем, произлегува дека за судир на надлежност помеѓу основните судови и Управниот суд одлучува Врховниот суд на Република Македонија.

Врховниот суд на Република Македонија, тргнувајќи од утврдената фактичка состојба и надлежност утврдена со закон, а по барање на Управниот суд, го решил судирот на надлежност во смисла на тоа што утврдил дека во конкретниов случај надлежен е Основениот суд во Гевгелија.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување.

Тргнувајќи од изнесените уставни, законски и деловнички одредби, Судот утврди дека нема надлежност да решава за судир на надлежност меѓу судовите, од кои причини барањето се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски,Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.113 /2013
5 февруари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева