Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеја 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 5 февруари 2014 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Ариф Демиров од Куманово, поднесено преку полномошникот адвокат Јасна Аранѓеловиќ од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност, за кои смета дека му´ се повредени со дејствие на службено лице припадник на полицијата која врши гранична контрола при Министерството за внатрешни работи.
2. Ариф Демиров од Куманово, преку полномошникот адвокат Јасна Аранѓеловиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на расна и национална припадност.
Во барањето се наведува дека на ден 08.06.2013 година, барателот Ариф Демиров од Куманово, се упатил на патување до Бујановац, Република Србија преку граничниот премин Табановце, но дека тој бил вратен од страна на службено лице на Министерството за внатрешни работи, кое вршело гранична контрола, со образложение дека барателот не може да ја премине границата од причини што претходно му бил забранет премин преку границата и поради тоа не може повторно да патува. Поради тоа барателот не можел да го оствари своето право од член 27 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Република Македонија и да се врати во Републиката.
Со барањето подносителот наведува дека во конкретниот случај не било постапено согласно овластувањата при вршењето на граничната контрола при што барателот бил издвоен од лицата кои ја преминувале границата и имал поинаков третман, односно бил дискриминиран, поради потемната боја на неговата кожа и припадноста на ромската националност.
Оттука, барателот смета дека службеникот на Министерството за внатрешни работи со пединечно дејствие го повредил неговото право слободно да ја напушти територијата на Република Македонија и извршил дискриминација по основ на расна и етничка припадност.
Од овие причини со барањето, подносителот бара овој суд да утврди дискриминација по основ на расна и етничка припадност, извршена со дејство на службено лице, да го забрани дејството на дискриминација на подносителот Ариф Демиров на спречување слободно да ја напушти територијата на Република Македонија, како и посебен предлог овој суд во текот на постапката, првенствено да донесе решение со кое ќе се запре дејствието на дискриминација и забраната за напуштање на територијата на Република Македонија за да му се овозможи на барателот слободно и неограничено да ја премине границата до донесувањето на конечна одлука по поднесеното барање.
3. Од наводите во барањето и прибавената и доставена документација од страна на Министерството за внатрешни работи, произлегува дека лицето Ариф Демиров од Куманово на 08.06.2013 година, се упатил на граничниот премин Табановце заради патување во Бујановац, Република Србија.
При вршењето на граничната контрола, од страна на службено лице, припадник на полицијата на Министерството за внатрешни работи, на подносителот на барањето Ариф Демиров од Куманово не му бил дозволен излез од територијата на Република Македонија.
Во одговорите доставени од Министерството за внатрешни работи, број 225-48767/1 од 05.08.2013 година и број 213-50387/1 од 16.08.2013 година, се наведува дека во односниот случај било постапено согласно членот 15 став 4 од Законот за гранична контрола (“Службен весник на Република Македонија” број 171/2010), кој помеѓу другото уредувал дека при спроведувањето на минималните гранични проверки на лицата државјани на Република Македонија, како и над лицата кои го уживаат правото на Заедницата за слободно движење, полицискиот службеник може врз не систематска основа да провери во соодветните евиденции и електронски бази на податоци дали тие лица претставуваат закана за националната безбедност, јавната политика, меѓународните односи или закана по јавното здравје.
Во одговорот се нагласува дека Законот за гранична контрола согласно членот 4 од наведениот закон, се применувал над сите лица кои ја преминуваат државната граница на Република Македонија, а согласно членот 2 алинеите 2 и 4 од Законот, оваа контрола покрај другото се вршела и со цел спречување и откривање на илегалната миграција и спречување и откривање на други опасности по јавниот ред, правниот поредок, националната безбедност како и меѓународните односи.
По однос наводите во барањето дека дејствието на спречување за премин на границата се должело исклучиво заради негова дискриминација по наведените основи со барањето, во одговорите се наведува дека од страна на Секторот за гранични работи и миграции при Министерството за внатрешни работи, бил испитан конкретниот настан со увид во предметот за недозволен излез од Република Македонија на ден 08.06.2013 година за лицето Ариф Демиров од Куманово на граничниот премин Табановце, при што било констатирано дека причината од кои се раководела граничната полиција за недозволениот излез во конкретниот случај не била неговата боја на кожа и неговата национална припадност, како што се наведувало во барањето, туку фактот што при вршењето на подетални гранични проверки кои се темелеле на направени анализи на ризик и профилирање на патници, констатирано било дека истиот не можел да ги образложи причините и условите за планираниот престој во странство.
Воедно, од страна на Секторот констатирано било и дека барателот Ариф Демиров не поседувал доволно парични средства за издржување за време на планираната должина на престој и за враќање во Република Македонија. Исто така лицето Демиров не поседувало ниту писмена гаранција од домаќин кај кого би престојувал во странство, ниту пак адреса на живеење или контакт телефон од лице за престој во Бујановац, поради што постоеле основи за сомнение дека истиот би ја злоупотребил визната либерализација што претставувало закана за меѓународните односи на Република Македонија со земјите членки на Европската Унија.
4. Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата незвисно од полот, расата, бојата на кожата, националносто и социјалносто потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 27 став 2 од Уставот, секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката.
Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност.
Со членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Од погоре цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за заштита само на оние слободи и права кои се утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, меѓутоа, слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, граѓаните таа заштита може да ја остварат пред судовите кои одлучуваат за заштитата на индивидуалните права и слободи на граѓаните во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност (член 50 став 1 од Уставот).
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во членот 52 од Деловникот е определено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со барањето, подносителот бара заштита од дискриминација по основ на расна и национална припадност, со наводи дека на 08.06.2013 година, на граничниот премин Табановце, не можел да го оствари правото од членот 27 ставот 2 од Уставот и слободно да ја напушти територијата на Република Македонија, бидејќи во конкретниот случај не било постапено согласно овластувањата од страна службено лице при вршењето на гранична контрола, при што барателот бил издвоен од останатите лица кои ја преминувале границата и имал поинаков третман, односно бил дискриминиран поради основите наведени во барањето.
Во конкретниот случај се оспорува дејствие на постапување на овластено службено лице, припадник на граничната полиција на граничниот премин Табановце, кои се места определени од надлежен орган на државната власт за преминување на државната граница, што претпоставува претходно исполнување на одредени услови за премин на границата, уредени со закон.
Подносителот со барањето, наведува дека од страна на службеното лице добил образложение за причините за недозволениот излез од државната граница, односно дека барателот не можел да ја премине границата затоа што претходно му бил забранет премин преку границата и поради тоа не можел повторно да патува, за кои причини со барањето, подносителот не се произнесува од своја страна.
Од содржината на барањето, произлегува дека подносителот остварувањето на правото од членот 27 став 2 од Уставот, го поврзува со отстранување, односно забрана на дискриминација, преку барање за заштита од дискриминација по наведените основи со барањето.
Оттука произлегува дека барателот првенствено бара заштита на правото од членот 27 став 2 од Уставот, односно како што бара со посебниот предлог од поднесеното барање, овој суд првенствено да доднесе решение со кое ќе се запре дејствието на дискриминација и забраната за напуштање на територијата на Република Македонија за да му се овозможи на барателот слободно и неограничено да ја премине границата до донесувањето на конечна одлука по поднесеното барање.
Меѓутоа, уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку само на оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓанинот, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно погоре цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Во оваа смисла, со барањето од страна на самиот подносител е наведено дека од страна на службеното лице му била предочена претходна забрана за премин на границата, која била причина за неможноста од повторниот обид за премин на границата на наведениот ден со барањето. Оттука доколку барателот сметал дека ги исполнувал бараните услови за премин на границата, односно дека таквото ограничување немало уставна и законска основа, за остварување на своето индивидуално право од членот 27 став 2 од Уставот, можел да бара заштита пред надлежен суд.
Во конкретнито случај, иако подносителот се повикува на укажувања од службено лице за постоење на законски пречки за напуштање на територијата на Републиката, наведува дека причината за спречувањето тој да ја напушти територијата била поради негово дискриминирање.
Испитувајќи го барањето од аспект на членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, во конкретниот случај Судот оцени дека наводите во барањето за сторена дискриминација, не ги исполнува критериумите на факти и докази на чија основа овој суд може да се впушти во мериторно постапување по барањето за заштита на слободи и права, поради следното:
Изразот дискриминација означува изложување на одредено лице на нееднаков, различен или понеповолен третман или положба во споредба со други лица кои се наоѓаат во иста ситуација, односно неоправдано правно или фактичко, непосредно или посредно правење на разлика или нееднакво постапување односно пропуштање (исклучување, ограничување или давање првенство) во однос на лица или групи на лица, кое се заснова на некоја нивна карактеристика (дискриминаторска основа).
Суштествено кај случаите на дискриминација е лицето кое тврди дека му е повредено правото на еднакво постапување со дискриминација, треба да ги изнесе сите факти и докази во поткрепа на своето тврдење односно да докаже дека со дејствието што го оспорува тој бил дискриминиран по една или повеќе дискриминаторски основи, односно треба да покаже prima facie (релевантни факти и докази) дека бил изложен на нееднаков третман или недоволен третман во споредба со друго лице во иста ситуација, за да се активира механизмот за заштита од дискриминација.
Со барањето меѓутоа отсуствуваат, факти и докази за евентуално фаворизирање на некој граѓанин или граѓани во остварувањето на слободите и правата во однос на барателот, поради што на барателот му биле намалени или воопшто исклучени можностите за остварувањето на истите тие слободи и права, поради наведените основи во барањето.
Бидејќи со барањето не се презентирани докази во поткрепа на тврдењето за нееднакво постапување во еднакви случаи, односно дека барателот бил во иста правна и фактичка положба со друго лице или лица, но тој имал неповолен третман во однос на тие лица, со намалување или воопшто исклучување на можностите во остварувањето на истите слободи и права, според Судот изнесените наводи во барањето, не ги задоволуваат критериумите на факти и докази, како појдовна основа од која би можело да се тргне во анализа, а потоа и во мериторно одлучување по барањето за заштита од дискриминација.
5. Имајќи го предвид претходно наведеното, со оглед дека во конкретниот случај не се исполнети предвидените услови од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по барањето, при што согласно членот 28 став 3 од Деловникот, оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето за заштита на слободи и права кои се однесуваат на забрана од дискриминација по основите наведени во барањето.
6. Поради горе изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.99/2013
5 февруари 2014 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева