У.бр.35/2013-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 17 став 12 од Правилникот за овластување и начин на работа на контролата на Фондот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 105/2010, 33/2011 и 29/2012) донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

4. Судот на седница утврди дека според член 17 став 1 од Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорна казна се формира со решение на директорот на Фондот. Комисијата е составена од 6 члена вработени во Фондот (претседател, секретар и четворица членови) и 5 надворешни члена номинирани од надлежните комори. Надворешните членови се вклучени во работата на Комисијата по потреба, во зависност од содржината на записниците и извештаите кои се предмет на разгледување. (став 2) Комисијата ги разгледува доставените записници и извештаи за извршена контрола во здравствените установи од Секторот за контрола, Секторот за фармација и Сектор за финансии во Фондот, како и контролата извршена во подрачните служби на Фондот. (став 3) Комисијата работи континуирано по утврдена динамика зависно од видот и бројот на доставените записници и извештаи. (став 4) Комисијата ја утврдува фактичката состојба како и сторените повреди на договорните одредби од страна на здравствената установа и оценува дали постојат услови за изрекување на договорна казна или еднострано раскинување на договорот со субјектот. (став 5) За сите разгледани записници и извештаи Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорна казна составува записник. (став 6) Секретарот на комисијата еднаш месечно изготвува преглед на изречени договорни казни и еднострано раскинати договори и истите ги доставува до Директорот на Фондот. (став 7) На субјектот на кој е изречена договорна казна или еднострано раскинување на договорот им се доставува известување потпишано од претседателот на комисијата. (став 8) По добивањето на известувањето од Комисијата субјектот може да поднесе приговор во рок од 15 дена до Директорот на Фондот. (став 9) Доколку субјектот не поднесе приговор за изречената казна или едностраното раскинување на договорот во предвидениот рок, известувањето станува конечно и по истото се постапува. (став 10) Доколку субјектот во предвидениот рок поднесе приговор по основ на известувањето од Комисијата, Директорот на Фондот го разгледува истиот и доставува известување по кое субјектот нема право на приговор. (став 11) Комисијата за своето работење добива надоместок утврден со решение од Директорот на Фондот. (оспорен став 12)

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и локалната самоуправа се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 51 од Уставот, во Република Македонија е определено дека законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 53 од Законот за здравствено осигурување, за спроведување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување се основа Фонд за здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со наведениот закон.

Фондот како купувач на здравствени услуги, со општ акт поблиску ги определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност.

Во членот 56 од наведениот закон е определен делокругот на работа на Управниот одбор (орган кој управува со Фондот) во кој, меѓу другото, е предвидено дека Управниот одбор на Фондот ги донесува општите акти предвидени со овој закон.

Според членот 68-а од овој закон, Фондот е купувач на здравствените услуги во интерес на осигурените лица. Во зависност од потребите на здравствените услуги и утврдените средства за таа намена во буџетот на Фондот, Фондот купува здравствени услуги за што склучува и раскинува договори со здравствени установи.

Министерот за здравство дава согласност на општиот акт од став 1 на овој член.

Според член 71 од Законот, Фондот врши контрола на здравствените установи и правните лица кои вршат изработка, издавање и сервисирање на ортопедски и други помагала со кои има склучено договор во однос на примена на општите акти на Фондот, исполнување на обврските од договорот со Фондот, договорениот вид и обем на здравствени услуги, медицинската документација поврзана со укажаните здравствени услуги, примена на медицината базирана на докази и примена на критериумите за оцената за привремена спреченост за работа.

Покрај контролите од став 1 на овој член во јавните здравствени установи, Фонодт врши и контрола на користењето на средствата за вршење на здравствените услуги во согласност со членот 68 став 2 од овој закон, со кој се утврдува дека здравствените установи се должни средствата потребни за обезбедување на определениот обем на здравствени услуги да ги користат рационално, економично, ефикасно и наменски согласно со утврдените годишни планови на приходи и расходи.

Контролата ја вршат овластени лица од Фондот.

Овластените лица од ставот 2 на член 71 од Законот при вршењето на контролата во здравствените установи и правните лица кои вршат изработка, издавање и сервисирање на ортопедски и други помагала се идентификуваат со легитимација, што ја издава директорот на Фондот.

Здравствените установи и правните лица кои вршат изработка, издавање и сервисирање на ортопедски и други помагала се должни да обезбедат вршење на контрола на овластените лица од Фондот, како и да ја стават на увид медицинската документација поврзана со укажаните здравствени услуги на осигурените лица.

Начинот и постапката на вршење на контрола како и формата и содржината на легитимацијата за вршење на контрола се утврдува со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност.

Врз основа на цитираните членови 56 и 71 од Законот е донесен Правилникот во кој се содржани оспорените одредби на член 17 став 12. Правилникот содржи 20 члена и е донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на седницата одржана на 21 јули 2010 година заведен под број 02-10434/8 и потпишан од претседателот на Управниот одбор.

Со овој Правилник согласно одредбите на Законот за здравственото осигурување се утврдуваат овластувањата и начинот на работа на овластеното лице за контрола од Фондот за здравственото осигурување за спроведување на контролата и образецот на службената легитимација

Со иницијативата се оспорува законската определба членовите на Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорна казна да примаат дополнителен надоместок за нивната работна обврска, затоа што не станувало збор за дополнителен ангажман на вработените во Фондот, туку за нивна работна обврска за чие извршување добиваат плата, што не било во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.

Од анализата на законските одредби и наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се основани со оглед на тоа дека законската определба членовите на Комисијата за оценување на услови за изрекување на договорна казна да примаат дополнителен надоместок за нивната работна обврска, што ја формира директорот на Фондот за здравственото осигурување, покрај платата, да примаат награда, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.

Во оваа смисла, во предметот У.бр. 20/2009 година, Судот утврди дека дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот, поради што ги укина член 266-б став 4 точка 4 и став 8 и член 266-г став 12 од Законот за работните односи, кои одредби предвидуваа вакво право за државните службеници.

Исто така, Судот утврди дека овие одредби не предвидуваат право на други надоместоци на членовите на Комисијата, како што е на пример за ангажираност на членови (внатрешни и надворешни) во извршувањето на контролата. Имено, со одредбите од Законот за здравственото осигурување се решени прашањата за тоа дека Фондот како купувач на здравствени услуги, со општ акт поблиску ги определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност. Фондот врши и контрола на користењето на средствата за вршење на здравствените услуги во согласност со членот 68 став 2 од овој закон, со кој се утврдува дека здравствените установи се должни средствата потребни за обезбедување на определениот обем на здравствени услуги да ги користат рационално, економично, ефикасно и наменски согласно со утврдените годишни планови на приходи и расходи, но не се дадени критериуми во законот со кои се определуваат надоместоци во висина каква што доносителот на актот тоа го сметал за потребно без притоа да постои законски основ за определување на тие надоместоци.

Од анализата на оспорените одредби од правилникот, како и од целината на Законот, Судот утврди дека во Законот не се содржани критериуми и мерила врз основа на кои надлежниот министер ќе ја определи висината на наградата на членовите на комисија и така даденото законско овластување на министерот, без критериуми и рамка значи навлегување на извршната власт во законодавната, што не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со останатите наведени членови од Уставот.

Поради наведеното Судот оцени дека член 17 став 12 од Правилникот за овластување и начин на работа на контролата на Фондот за здравственото осигурување, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот .

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.35/2013
22 јануари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева