У.бр.112/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеja 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 119 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2009, 35/2010, 36/2011, 158/2011 и 114/2012 ).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 176 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 126/2010 ).

3. Марјанчо Ангеловски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од ова решение, како и за оценување на уставноста на членот од актот, означен во точката 2 од решението.

Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби од член 119 од Законот за внатрешни работи и член 176 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи бил повреден членот 21 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира право на граѓаните мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Согласно наведениот член од Уставот на Република Македонија, користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Од друга страна пак, подносителот на иницијативата, со дополнителна иницијатива поднесена на први октомври 2013 година, бара од Уставниот суд да одреди времена мерка за запирање на постапувањето на дисциплинската Комисија при СВР Куманово, по поднесениот предлог за дисциплинска одговорност против Марјанчо Ангелкоски за изразениот мирен протест на Први мај 2013 година.

Поради тоа со иницијативата се бара да се укинат член 119 од Законот за внатрешни работи и член 176 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 119 од Законот за внатрешни работи е предвидено дека организаторот на штрајкот е должен да го најави штрајкот на министерот за внатрешни работи и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 176 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи е предвидено дека организаторот на штрајкот е должен да го најави штрајкот на министерот и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандманот XXI од Уставот, со кој се заменува членот 15 на Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредени со закон.

Согласно член 21 од Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Според став 2 од овој член, користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдени со закон и со колективни договори.

Според член 38 став 1 од Уставот, е гарантирано правото на штрајк. Според став 2 од овој член, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Од наведените уставни одредби произлегува дека правата и положбата на вработените се уредува со закон и со колективни договори, дека со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите и дека тие мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Во член 118 став 1 од Законот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/09, 35/10, 36/11,158/11 и 114/12), работниците во Министерството правото на штрајк можат да го остваруваат на начин и под услов битно да не се нарушува редовното извршување на внатрешните работи. Заради спречување на евентуални штетни последици од неизвршување на внатрешните работи за време на штрајкот, министерот или од него овластен работник е должен да обезбеди потребно функционирање на организациските единици во процесот на работата. (став 2) Во случајот од ставот 2 на овој член работниците се должни да постапуваат по соодветните наредби. (став 3) Доколку работниците не постапат согласно со ставот 3 на овој член министерот, односно од него овластен работник е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување со соодветни работници.(став 4)

Според член 119 став 1 од Законот, организаторот на штрајкот е должен да го најави штрајкот на министерот и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот.

Во член 120 од овој закон, е уредено дека за време на организиран штрајк во Министерството е неопходно да се извршуваат работите и задачите: за организирање и сервисирање на телекомуникациските и информатичките системи и системот на криптозаштита, за неодложни потреби; – за издавање на лични исправи (патна исправа, лична карта, сообраќајна и возачка дозвола) на граѓаните за неодложни потреби; – од делокругот на работа на Управата и – други работи и задачи согласно со посебен закон.

Согласно член 121 став 1 од Законот, се забранува штрајк во Министерството во воена, вонредна или кризна состојба. Во случај на сложена безбедносна состојба, нарушување на јавниот ред и мир во поголем обем, природни непогоди и епидемии или загрозување на животот и здравјето на луѓето и имотот во поголем обем, во штрајк истовремено не може да учествуваат повеќе од 10% од работниците во Министерството и штрајкот не може да трае подолго од три дена.(став 2) Доколку штрајкот започнал пред настапувањето на кој било од условите од ставовите 1 и 2 на овој член, работниците во Министерството се должни штрајкот веднаш да го прекинат.(став 3)

Оттука, Судот утврди дека ова законско овластување на работодавачот (дефинирано во членот 119 од Законот за внатрешни работи) организаторот на штрајкот да го најави штрајкот на министерот и да ја достави одлуката за стапување во штрајк, како и програмата за начинот и обемот на вршење на работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат за времето на штрајкот, најдоцна седум дена пред почетокот на штрајкот, не претставува подзаконско регулирање на остварувањето на правото на штрајк туку непосредно спроведување на законските одредби во функција на обезбедување на неопходното ниво на процесот на работата со кое нема да се загрози животот, здравјето, економската и социјалната сигурност на граѓаните и неопходното одвивање на животот во земјата, во обем и на начинот утврдени со закон од соодветната дејност од јавен интерес како и извршувањето на меѓународните договори.

Судот оцени дека треба да се има предвид и тоа дека правото на штрајк не може да се сфати како апсолутно право така што правото на штрајк на работниците во јавниот и приватниот сектор не може да ги доведе во прашање интересите на корисниците на јавните услуги кои посредно или непосредно учествуваат во стекнувањето средства за работа.

Тргнувајќи од тоа дека условите под кои може да се реализира правото на штрајк се утврдени со закон и само во функција на доуредување на законските услови, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 119 од Законот за внатрешни работи со членот 21 од Уставот на Република Македонија.

Согласно наведеното, Судот оцени дека во корелација на спецификите на надлежностите на Министерството за внатрешни работи, сосема е оправдано што остварувањето на правото на штрајк за работниците на Министерството се условува во смисла да неговото остварување битно не го нарушува редовното извршување на внатрешните работи, што е во согласност со одредбата од членот 38 од Уставот на Република Македонија.

Со оглед на тоа, Судот оцени дека оваа одредба е во духот на остварувањето на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија односно владеењето на правото и е во согласност со член 38 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата. Ваквото регулирање на правото на штрајк суштински се разликува од правото на граѓанинот на изразување јавен протест.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека член 119 од Законот за внатрешни работи не е во несогласност со Уставот на Република Македонија.

6. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Прашањето за уставноста на оспорениот член 176 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи склучен меѓу Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат веќе било предмет на оцена од страна на Уставниот суд во постапката по предметот У.бр.34/2012 и Судот со решение од 11 септември 2013 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

Според гледиштето на Судот изразено во наведениот предмет, не постојат уставни пречки министерот за внатрешни работи, врз основа на Законот, да го уреди предметното прашање на начин како што е тоа уредено со оспорената одредба од Колективниот договор и од овој аспект таа не може уставно да се проблематизира од наводите во иницијативите.

Со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи се доуредуваат правата и обврските на работниците во Министерството и работодавачот и истите мора да бидат во согласност со Уставот и законите, во конкретниот случај одредбите кои се однесуваат на остварување на правото на штрајк од страна на вработените во Министерството за внатрешни работи, а тие целосно соодветствуваат односно содржински се идентични со посочените одредби од Законот за внатрешни работи.

Според наведеното, Судот оцени дека наводите во предметната иницијатива не можат да доведат до промена на утврдената фактичка и правна состојба во предметот У.бр.34/2012, односно не преставуваат основ за поинакво одлучување.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.112/2013
22 јануари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева