У.бр.114/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 јануари 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на став 3 од Решението на Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, донесено по жалбата на ЕВН Електростопанство на Македонија АД – Скопје, на седницата одржана на 29.07.2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 108/2013).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Решението означено во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, наведеното решение не било општ акт, туку поединечен акт. Но ставот 3 од Решението претставувал општ акт, бидејќи со него било сторено нешто, што според Законот за енергетика, требало да се стори со општ акт.

Во ставот 3 на Решението биле утврдени цените на пресметковните елементи врз основа на кој тарифните потрошувачи ќе ја плаќаат испорачаната електрична енергија (цени на струја).

Утврдувањето на цените на струјата, според Законот за енергетика, било во надлежност на Регулаторната комисија за енергетика. Во член 22 став 4 од овој закон било наведено дека Регулаторната комисија овие цени ги утврдува со донесување одлука и никаде во Законот за енергетика или во друг закон не стоело дека цените на струја можат да се утврдуваат со било какво решение донесено од било каков орган и во било каква постапка.

Надлежностите на Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката биле наведени во член 31 од Законот за енергетика и не било наведено дека оваа комисија има надлежност за донесување одлуки за утврдување на цени или дека има надлежност на други начини да ги утврдува цените.

Во последниот пасос на оспореното решение, пред правната поука, како основ за донесување на ваквата одлука, Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката се повикувала на членовите 242 и 243 од Законот за општа управна постапка, според кои било предвидено второстепените управни органи да можат да го променат решението на првостепениот орган или поинаку да решат. Меѓутоа, ниту во Законот за енергетика, ниту во било кој друг закон не било наведено дека Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката претставувала второстепен орган, ниту дека била управен орган според одредбите на Законот за општа управна постапка.

Поради наведеното, се бара оценување на согласноста на оспорената точка 3 од Решението со член 8 од Уставот на Република Македонија, во ставот кој се однесува на владеењето на правото.

Притоа, подносителот бара Уставниот суд да ги земе предвид одредбите на член 22 став 4 и член 31 од Законот за енергетика и членовите 1, 242 и 243 од Законот за општа управна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека став 3 од Решението на Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, донесено по жалбата на ЕВН Електростопанство на Македонија АД – Скопје, на седницата одржана на 29.07.2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 108/2013), гласи:

„3. Во согласност со просечната продажна цена на електричната енергија утврдена во цените на пресметковните елементи врз основа на која тарифните потрошувачи ќе ја плаќаат испорачаната електрична енергија изнесува:
3.1 За категорија на тарифни потрошувачи на 35 kV напонско ниво и категорија на тарифни потрошувачи на 6 kV, 10 (20) kV напонско ниво:

Тарифен став (денари)
Потрошувачка на висок напон
Пресметковна величина Единица Тарифно време 35kV 35kV 10kV
моќност kW 920,11 969,88 748,03
BT 2,27 2,85 3,14
kWh HT 1,14 1,47 1.54
BT 0,56 0,74 0,69
енергија kvarti HT 0,21 0,36 0,43

3.2 За категорија на тарифни потрошувачи на 0,4kV (380/220kV) напонско ниво:

Тарифен став (денари)
Потрошувачка на низок напон
домаќинства Останата потрошувачка
Пресметковна величина Единица Тарифно време Едно тарифно мерење Дво тарифно мерење I Тарифен степен II
Тарифен степен Јавно осветлување
моќност kW () () 727,18 ()
BT 3,25 4,05 3,48 6,31 5,42
kWh HT 2,03 1,71
BT 0,86 1,60
енергија kvarti HT 0,44

(*) Во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на тарифни потрошувачи („Службен весник на РМ“ бр. 88/2011, 97/2012 и 123/2012) активната моќност на потрошувачките од категоријата на тарифни потрошувачи на 0,4kV (380/220 V) напонско ниво, група „домаќинства“ и група останати, подгрупа останати, подгрупа II тарифен степен учествува во вкупната вредност на електричната енергија од 25%, а се пресметува на таков начин што вредноста на превземената активна електрична енергија (kWh) се зголемува за 33% за секој потрошувач.“

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија е регулаторно тело основано со Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ брoj 16/11, 136/11 и 79/13 и 164/2013), заради регулирање на одделни прашања во енергетскиот сектор.

Статусот, составот, надлежностите и работењето на Регулаторна комисија за енергетика се определени во Глава III (членови 15 – 36) од Законот.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека Регулаторната комисија за енергетика, како независно и самостојно регулаторно тело основано со Законот за енергетика, е надлежна за регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика. Заради извршување на работите од својата надлежност, Регулаторната комисија за енергетика, помеѓу другото, донесува одлуки со кои одлучува по поединечни работи во согласност со овој закон и прописите донесени во согласност со овој закон, вклучително и одлуки со кои на вршителите на регулираните енергетски дејности им наредува или им забранува определено однесување со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија или енергенти и ефикасна конкуренција на одделните енергетски пазари. Во постапката за донесување на овие одлуки, Регулаторната комисија за енергетика го применува Законот за општата управна постапка, ако со овој закон е предвидена поинаква постапка. Против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика може да се поднесе жалба до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, најдоцна 15 дена по објавувањето на актот на Регулаторната комисија за енергетика. Жалбата не го одлага извршувањето на одлуката на Регулаторната комисија. Комисијата за жалби, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија, одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови, во рок од 60 дена од денот на поднесување на жалбата.

Со член 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија” број 38/2005, 110/2008 и 51/2011), се пропишува дека според овој закон се должни да постапуваат министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон и други државни органи, кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички лица, правни лица или на други странки (став 1). Според овој закон се должни да постапуваат и правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања кога решаваат за работите од ставот 1 на овој член (став 2).

Решавањето на второстепениот орган по жалбата е уредено во главата XIV. ЖАЛБА, точка 7 од Законот за општата управна постапка (членови 239-245).

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, неспорно произлегува дека Комисијата за жалби основана согласно член 31 од Законот за енергетика, е второстепен орган кој одлучува по жалби изјавени против поединечни акти на Регулаторната комисија за енергетика, донесени согласно одредбите на Законот за општата управна постапка. Законот за енергетика не утврдува посебни надлежности на Комисијата за жалби, ниту посебна постапка за одлучување, туку само го утврдува нејзиниот состав, потребното мнозинство на гласови за донесување на одлуките, рокот за одлучување, од каде основано произлегува дека и оваа комисија постапува (продолжува со постапката) согласно Законот за општата управна постапка, според одредбите со кои се уредува постапувањето на второстепениот орган кога одлучува по жалба. Поради наведеното, Судот оцени дека се погрешни наводите во иницијативата дека во Законот за енергетика, ниту во било кој друг закон, не било наведено дека оваа комисија претставува второстепен орган, ниту дека била управен орган според одредбите на член 1 од Законот за општата управна постапка.

5. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, постапувајќи по жалбата на ЕВН Електростопанство на Македонија АД, Скопје, на седницата одржана на 29.07.2013 година го донела оспореното решение („Службен весник на Република Македонија“ бр. 108/2013).

Со оспореното решение се уважува жалбата на ЕВН Електростопанство на Македонија АД, Скопје, Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, УП1.бр.08-121/13 од 28.06.2013 година се поништува и мериторно се одлучува.

Имајќи ја предвид содржината на член 31 од Законот за енергетика, кој е основ за поднесување на жалбата по која е одлучувано, произлегува дека жалбата е поднесена против поединечен акт на Регулаторната комисија за енергетика и дека во постапка пропишана со Законот за општата управна постапка, Комисијата за жалби, повикувајќи се на членовите 242 и 243 од овој закон, го донела оспореното решение, против кое може да се поведе управен спор пред Управниот суд на Република Македонија во рок од 30 дена од денот на неговото доставување.

Според член 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 150/2010), за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, одлучува судот во управен спор (член 1).

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспореното решение претставува управен акт донесен во втор степен (конечен управен акт), чија законитост се цени во управен спор, а не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот.

Оттаму, произлегува дека Судот не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспореното решение и дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2013
22 јануари 2014 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева