У.бр.86/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на членот 5 ставови 2 и 3, членот 10 и членот 11 од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Алберт Садику, Војче Блажевски, Зуријет Лимани, Кадри Зендели и Дануш Исени, сите на издржување казна затвор во КПУ„Тетово“-Тетово до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Со решение У.бр.86/2012 од 9 мај 2013 година Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на означениот закон, како целина и поведе постапка за оценување на уставноста на членот 5 ставовите 2 и 3, членот 10 и членот 11 од Законот за посебен регистар на лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012).

На седницата на Судот одржана на 11 декември 2013 година предлогот за укинување на членот 5 ставови 2 и 3, членот 10 и членот 11 од Законот за кои беше изразено сомнение дека не се во согласност со Уставот не го доби потребното мнозинство гласови.

Имено, Судот изрази став дека овие одредби се во функција на превенција и заштита на можните жртви од постојаниот пораст на кривичните дела против половата слобода и моралот, како и тоа дека со јавното објавување на личните податоци на сторителите на вакви дела не се доведува во прашање приватноста, моралниот и личен интегритет на сторителот, членовите на неговото семејство или пак жртвата.

Оттаму, Судот оцени дека членот 5 ставови 2 и 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 18 и член 25 од Уставот, а членовите 10 и 11 од Законот се во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и Амандманот XXV на Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.86/2012
11 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Издвоено мислење по предметот У.бр.86/2012