Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 декември 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
– член 5 став 2 и член 12 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на РМ“ бр.62/2005).
– член 1 ставови 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на РМ“ бр.113/2005),
– член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на РМ“ бр.88/2008), и
– член 4 и член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на РМ“ бр.99/2009).
2. Полио Плус – Движење против хендикеп – Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законите означени во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата наметнатата обврска на лице со хендикеп, без разлика дали хендикепот е интелектуален, телесен или сетилен, да се појави пред Комисија при Министерството за труд и социјална политика за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветното работно место, со цел да добие Наод и мислење дека е работоспособно за вршење на работните задачи кои произлегуваат од конкретно работно место, била спротивна на Уставот на Република Македонија. Ова од причина што самото постоење на ваква Комисија ги негира уставните темелни вредности за основни слободи и права на човекот и граѓанинот, слободата на пазарот и претприемништвото, недискриминација и еднаквост.
Додека Уставот прокламирал дека „секој има право на работа, слободен избор на вработување“ и дека „секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“, со горенаведените членови од оспорениот Закон се воспоставувал систем со кој на лицата со хендикеп им се наложувало потреба да поседуваат дополнителна „дозвола“ (Наод и мислење од Комисијата) за да можат да се вработат на одредено работно место, иако ги исполнувале општите и посебните услови за конкретното работно место – нешто што за лицата без хендикеп не се бара. На овој начин, овие законски одредби, исклучувале цела група на лица од уставно прокламираната еднаквост, односно истите биле дискриминаторски кон сите лица со хендикеп кои сакале активно да учествуваат во економскиот живот, кој претставува и основа за поквалитетен живот. Оваа законска и системска дискриминација била противуставна и на директен начин ги прекршувала горенаведените членови од Уставот на Република Македонија.
Во иницијативата се наведува дека лицата со хендикеп биле посебна ранлива група на лица и, правилно, биле вклучени во Уставот и за кои Република Македонија има обврска да се грижи и да обезбедува посебна заштита, но и посебни услови за нивно вклучување во општествениот живот. А priori, лицата со хендикеп, како група, биле издвоени од останатите граѓани на Република Македонија, во однос на неопходноста од системска државна законска заштита и политика на локално и централно ниво – логичен и неопходен чекор кон потполна интеграција на оваа група луѓе во општествените и социјални текови.
Постоењето на Комисијата при Министерството за труд и социјална политика, според иницијативата, имало оправданост во случаи на интелектуален хендикеп (во контекст на совесно, стручно и одговорно вршење на функција работодавец, односно на вработено лице кај работодавец и дали можностите и способностите на соодветното лице со интелектуален хендикеп одговараат на задачите кои треба да ги извршува) и, можеби, во тие случаи претставувало и заштитен и афирмативен механизам, но во случаи на телесен и сетилен хендикеп истата била противуставна творба. Генерализирањето на сите видови хендикеп е неоправдано, впрочем, затоа што истиот Закон предвидува средства од Посебниот фонд за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица да се распределуваат за: 1. Вработување на лице со хендикеп (финансиска мерка насочена кон работодавачите), 2. Адаптација на работното место во однос на индивидуалните потреби на лицето со хендикеп на самото работно место: специјални компјутери за слепи лица, иновативни технолошки решенија за продуктивно и ефикасно искористување на потенцијалот на лицата со хендикеп итн.). Со овие одредби од Законот (член 16-а, став 1), на соодветен интелектуален хендикеп при вработувањето и работењето, Наодот и мислењето на оваа Комисија претставувал неоправдан и противуставен дополнителен услов кој им се поставува при вработување и работење – таков услов не се бара од лицата без хендикеп.
Со други зборови, со внесувањето на вакви норми во нашиот позитивно-правен поредок, особено во оваа сензитивна сфера, се поткопувале основните начела на кои се темели нашата демократија – владеење на правот (анг. Rule of Law), правната држава (герм. Rechtstaat), еднаквоста и недискриминацијата, солидарноста и социјалната држава, како и принципот на правна сигурност.
3. Судот на седницата утврди дека според член 5 став 2
„Членот 4-а став 2 се менува и гласи:
Инвалидно лице може да биде работодавец или да врши работа на одговорно лице кај работодавец доколку добие позитивно мислење од комисијата од членот 2 став 3 од овој Закон.
Во член 1 став 2 и 3 од Законот се предвидува на членот 4-а по став 1 се додаваат три нови става 2, 3 и 4.
Ставовите 2 и 3 на членот 4-а гласат:
„Работите кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветното работно место ги определува Комисија при Министерството за труд и социјална политика која со акт ја формира министерот за труд и социјална политика, со кој го оределува и составот на Комисијата.
Министерството за труд и социјална политика со акт го определува начинот за донесување на Наодот и мислењето на Комисијата од ставот 2 на овој член“.
Согласно член 12 став 3 од Законот „Во член 12-а ставот 2 (кој станува став 3) точката се брише и се додаваат зборовите: „и ако има оцена на работната способеност дека може да ги работи работите на соодветното работно место“.
Според член 4 од Законот „Во членот 12-а став 3 зборовите: „оцена на работната способност дека може да ги работи работите на соодветното работно место“ се заменуваат со зборовите: „наод и мислење од Комисијата при Министерството за труд и социјална политика за определување на работи кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветното работно место“.
Во член 8 од Законот е предвидено дека „Членот 20-а се менува и гласи:
„Глоба во износ од 1800 до 2000 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на правното лице доколку постапи спротивно на член 4-а и 16-б ставови 1 и 7 на овој закон.
Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице“.
Согласно член 10 од Законот „Во членот 20-а став 1 по бројот „4-а“ се додаваат зборовите: „ставови 1 и 5, 12-а став 3“, а броевите: „1 и 7“ се заменуваат со броевите: „1, 5, 7 и 8“.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 7, 8 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, слободата на пазарот и претприемништвото, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во членот 32 од Уставот се предвидува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).
Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Членот 35 став 3 од Уставот предвидува дека Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Законот за вработување на инвалидни лица ги уредува посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица: кога самостојно вршат дејност како трговец поединец, кој работодавец или има својство на работодавец, во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установи, агенции и фондови и други државни институции, како и условите за основање на погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво (член 1).
Според член 2 од овој закон, инвалидно лице, во смисла на овој закон, е лице со оштетен вид, оштетен слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, телесно инвалидно лице со пречки во интелектуалниот развиток и лице со комбинирани пречки кое поради степенот на инвалидност има специфична потреба во работењето (став 1). Инвалидно лице се смета и инвалид на трудот со преостаната или намалена работна способност и ако се води во евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија, како невработено лице (став 2). Инвалидноста врз основа на поднесено барање од инвалидно лице, неговиот родител или старател ја утврдува комисијата за оцена на работната способност на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, освен ако инвалидноста на лицето не е утврдена од друг надлежен орган (став 3).
Од анализата на цитираните уставни норми и одредбите од Законот за вработување на инвалидни лица, според Судот јасно станува збор за посебна категорија на лица за кои Република Македонија и според Уставот има обврска да се грижи да обезбедува посебна заштита на инвалидни лица и да обезбедува услови за нивно вклучување во општествениот живот.
Токму и во таа смисла Законот за вработување на инвалидни лица ги уредува посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица. Оттука, јасно произлегува дека овие лица се со посебни потреби за разлика од останатите граѓани во општеството, бидејќи самиот тој факт упатува на констатација дека за нивно адаптирање во општествениот живот, во нивен интерес, е исполнувањето на неопходни посебни услови, кои истовремено наметнуваат и посебни мерки за подобрување на условите за нивно вработување и работење.
Членот 4-а став 1 од Законот, предвидува дека работодавец не може да вработи или да распореди од едно на друго работно место инвалидно лице за кое работно место не ги исполнува општите и посебните услови, односно кое не е оспособено за вршење на работите на тоа работно место и ако нема оцена на работната способност од комисијата од членот 2 став 3 на овој закон дека може да ги извршува работите на соодветно работно место.
Оспорениот член 5 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица,предвидува дека инвалидно лице може да биде работодавец или да врши работа на одговорно лице кај работодвец, доколку добие позитивно мислење од комисијата од членот 2 став 3 на овој закон.
Тргнувајќи од фактот што оспорениот член 4-а е поместен во Глава II од Законот, со наслов: „Мерки за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидно лице“, овој член од Законот токму е во насока за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидните лица. Со овој член од Законот се создаваат услови за обезбедување на подобри услови за работа и заштита при работа на инвалидните лица бидејќи со прибавеното мислење од Комисијата како стручен орган се детерминира работно место, превенирајќи ја можноста за влошување на здравствената состојба на инвалидното лице доколку се изврши неправилен избор на работното место. Со ваквата законска определба се врши заштита на здравјето на инвалидното лице, и добиеното мислење од Комисијата е насока, односно правец за определување на соодветно работно место кое таквото лице може да го обавува. Од овие причини, Судот оцени дека оспорениот член 4-а став 2 од Законот не е во спротивност со уставните норми на кои се упатува во иницијативата.
Со оспорениот член 1 ставови 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2005) се предвидува дека работите кои може да ги извршува инвалидното лице на соодветното работно место ги определува Комисија при Министерството за труд и социјална политика која со акт ја формира министерот за труд и социјална политика, со кој го определува и составот на Комисијата. Министерот за труд и социјална политика со акт го определува начинот на донесување на наодот и мислењето на Комисијата од ставот 2 на овој член. Средствата за работа на Комисијата од ставот 2 се обезбедуваат од Посебниот фонд од членот 15 став 1 на овој закон.
Од анализата на содржината на оспорениот член од Законот, Судот оцени дека истиот не е во спротивност со принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, од причина што Комисијата како стручен орган е во функција и заштита на инвалидното лице со цел за нивно вклучување во општествениот живот. Имено, Комисијата прави непосреден увид на работните места при што ги зема во вид сите услови за работа вклучувајќи го и начинот на доаѓање до работното место, неговата адаптација кон потребите на лицето со инвалидност, превентивните мерки кои треба да се преземаат како од страна на лицето со инвалидност, така и од страна на работодавачот. При вршењето на оваа основна и главна функција Комисијата ја цени ,пред се здравствената состојба на инвалидното лице и претпоставката за евентуално влошување на истата базирана на етаблирани медицински постулати.
Оспорениот член 12 став 3, во делот: „иако има оцена на работната способност дека може да ги работи работите на соодветното работно место“, според Судот, е во согласност со Уставот на Република Македонија и не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со истата се врши дискриминација на цела група на граѓани, за која се пропишуваат посебни услови за вработување и работење.
Според Судот во конкретниов случај не станува збор за дискриминација и нема услови за дискриминаторски основ, туку напротив законодавецот респектирајќи ја уставната обврска за обезбедување на посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во секојдневието, ги пропишува основните потреби за нивно оптимално инволвирање во општествениот живот. За таа цел се јавува всушност како неопходна потребата за оцена на работната способност за вршење на соодветни работни задачи, а посебно ако се има во вид фактот што здравјето посебно кај оваа категорија на лица е од променлив карактер.
Аргументите истакнати погоре се во иста конотација и по однос на наводите во иницијативата за член 4 од Законот за измена и дополна на Законот за вработување инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2009).
Имено, наодот и мислењето за определување на работи кои може инвалидното лице да ги извршува на соодветно работно место е во функција на адаптација на условите за работење на инвалидното лице, што не е во спротивност со одредбите од Уставот на Република Македонија.
Членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) ја регулира висината глобата за сторен прекршок на правното лице доколку постои спротивност на членовите 4-а и 16-б ставови 1 и 7 од Законот и истиот, според Судот, е во насока да се превенира незаконското работење на заштитните лица, но и на сите правни субјекти кои што вработуваат лица со инвалидност кои е неопходно да прибавуваат и поседуваат наод и мислење од Комисијата дали се исполнети сите услови лицето со инвалидност да биде вработено на конкретното работно место.
Имајќи во вид дека сето ова е во насока на исполнување на уставната обврска на Републиката за обезбедување на посебна заштита на оваа категорија на граѓани – инвалидни лица, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да се постави прашањето за согласноста на сите оспорени одредби од Законот, со уставните норми на кои упатува иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.64/2013
11 декември 2013 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева