142/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 декември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на

– член 163 и член 164 ставовите 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005), и

– член 13 став 2 од Законот за судски такси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009).

2. Техно-интерекспорт Душко ДООЕЛ – Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби (кои претходно, по иницијатива на истиот подносител, биле предмет на оцена од страна на Уставниот суд на Република Македонија, од аспект на тоа што за правни лица и за физички лица постоеле нееднакво пропишани правила за пристап пред суд во случај кога странките од оправдани причини не можеле да ја платат судската такса во определениот рок, со што се нарушувала еднаквоста на сите правни субјекти пред Уставот и законите, а со тоа и еднаквоста при пристапот на судот, за кое правно прашање Уставниот суд во Решението У.бр.14/2012 искажал став дека оспорените одредби не се во несогласност со одредбите на Уставот и не повел постапка за оценување на нивната уставност, а со Решение У.бр.33/2013 оценил дека нема основи за промена на ваквиот став), сега се оспоруваат по друг основ, а тоа е дека оспорените одредби воопшто не содржеле уредено правило за пристап пред судот во случај кога и правното лице се најде во иста положба како и физичкото лице од оправдани причини да не може да ја плати судската такса во определен рок, што претставувало класична дискриминација на правното лице, спротивно на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права.

Поради непостоење на уредено правило за пристап кон судот на правно лице во случај кога од оправдани причини не може да ја плати судската такса во определениот рок, последиците што настанувале поради неплатената судска такса што биле уредени со одредбите од член 146 став 3, член 410-а, член 417-а и член 429 од Законот за парничната постапка (ЗПП) со кои било уредено да се смета дека поднесокот е повлечен доколку не е платена судската такса, ги сноселе само правните лица, поради што се предлага за овие одредби да се воведе времена мерка во случај кога тужителот е правно лице се додека не се уредат правила и за правно лице за пристап кон судот во случај кога од оправдани причини не може да ја плати судската такса.

Доколку не се усвоела предложената иницијатива за времена мерка, ќе настанела правна последица поднесените тужби од правните лица да се сметаат за повлечени поради неплатена судска такса во определениот рок, а со тоа да настане застарување на самото право на намирување со што се оштетувало правното лице која штета на крајот ќе била на терет на државата.

3. Судот на седницата утврди дека според член 163 од Законот за парничната постапка, судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоците на постапката странката која според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за својата нужна издршка и нужната издршка на своето семејство (став 1). Ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката опфаќа ослободување од плаќање на такси и ослободување од полагање на аванс за трошоците на сведоците, вештаците, за увид и за судските огласи (став 2). Судот може да ја ослободи странката само од плаќање на такси ако со плаќањето на таксите значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката и членовите на нејзиното семејство (став 3). При донесувањето на одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката, судот грижливо ќе ги оцени сите околности, а особено ќе ја земе предвид вредноста на предметот на спорот, бројот на лицата што ги издржува странката и приходите што ги имаат странката и членовите на нејзиното семејство (став 4).

Според член 164 став 2 од истиот закон, странката е должна кон предлогот да поднесе уверение од надлежниот орган на државната управа за својата имотна состојба. Според став 4 на истиот член, поблиски прописи за издавање на уверенија за имотната состојба донесува органот определен со посебен пропис, а според став 5 на овој член, кога е тоа потребно и самиот суд може по службена должност да ги прибави потребните податоци и известувања за имотната состојба на странката која бара ослободување, а може за тоа да ја сослуша и противната странка.

Судот, исто така утврди дека според член 13 став 2 од Законот за судски такси, судот може на странката да и го одложи плаќањето на таксата се до донесувањето на одлуката или да и дозволи плаќање на таксата на рати.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со оспорените член 163 и член 164 ставовите 2, 4 и 5 од Законот за парничната постапка се регулира ослободувањето од плаќање на трошоци на постапката (ослободување од плаќање на такси и ослободување од полагање на аванс за трошоците на сведоците, вештаците, за увид и за судските огласи), кога човекот и граѓанинот се странки во постапката.

Со оспорениот член 13 став 2 од Законот за судски такси, се уредува постапувањето на судот во случаите кога судот може на странката (кога човекот и граѓанинот се странки во постапката) да и го одложи плаќањето на таксата.

Со иницијативата се оспорува уставноста на овие одредби, од аспект на тоа што не содржеле уредено правило за пристап пред судот во случај кога и правното лице се најде во иста положба како и физичкото лице, од оправдани причини да не може да ја плати судската такса во определен рок, што претставувало класична дискриминација на правното лице, спротивно на член 9 од Уставот и член 14 од Европската конвенција за човековите права.

Од изнесената уставна норма произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста на законите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите кои се предвидени и содржани во одреден закон, но нема надлежност да одлучува за тоа што законот не содржел, а трабало да содржи, на што се однесува барањето во предметната иницијатива. Уредувањето на одредено прашање со закон, согласно член 68 од Уставот, претставува надлежност на Собранието на Република Македонија.

Тргнувајќи од анализата на содржината на оспорените законски одредби, како и наведените уставни и деловнички одредби во однос на барањето во иницијативата да се оценуваат законите заради тоа што не содржат одредби какви, според подносителот, би требало да содржат, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по истата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Поради наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за прифаќање на барањето во иницијативата, до уредувањето со закон на правила за тоа и правното лице да има под исти услови како и физичкото лице пристап кон судот во случај кога од оправдани причини не може да ја плати судската такса, Судот да донесе времена мерка за примената на одредбите од член 146 став 3, член 410-а, член 417-а и член 429 од Законот за парничната постапка во случај кога тужителот е правно лице.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.142/2013
4 декември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева