У.бр.109/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи и 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 ноември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на слободите и правата на Мирослав Зафировски од Куманово.

2. Мирослав Зафировски од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата, според него, повредени со дејствија на Министерство за одбрана на Република Македонија, Армијата на Република Македонија и други државни органи и лица вработени во наведените органи.

Во барањето за заштита на слободите и правата подноси-телот на барањето најнапред наведува дека Основниот суд Скопје I Скопје на 15 мај 2013 година, ја запрел кривичната постапката што се водела спрема него по предметот К.бр.269/2008 за сторено кривично дело Фалсификување на исправа по член 378 став 3 в.в. со став 1 од КЗ, поради настапување на застареност.

Во натамошниот тек, подносителот на барањето, според спроведените фази на предистражната, истражната и кривичната постапка, опишува како дошло до тоа спрема него да се води постапка за наведеното кривично дело, кое во целост го негира. Во барањето се опишуваат превземените дејствија во текот на 2005 година и наваму од страна на одговорни лица во Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија и други државни органи (службен разговор, негово сослушување во отсуство на бранител, сослушување на сведоци, прибавување на докази, присила спрема него, соочување на сведоци и слично), кои дејствија немале правна и законска основа за превземање, од каде дошло до кршење на Уставот, Законот за кривичната постапка и Законот за одбрана. Ова од причина што наведените дејствија единствено можеле да ги превземаат овластените лица во Министерството за внатрешни работи и Јавниот обвинител, според одредбите на Законот за кривичната постапка.

Инаку, според него, во постапката не се докажало дека тој употребил фалсификувана диплома во врска со неговиот работен однос во Министерството за одбрана, каде пристапил по пат на превземање врз основа на спогодба, и кога точно тоа го сторил, но покрај се работниот однос му престанал.

Поради превземањето на дејствија кои не смееле да ги вршат овластените службени лица во Министертсвото за одбрана и Армијата на Република Македонија, но и органите смета дека била сторена повреда на презумпцијата на невиност и правото на работа, а со тоа биле прекршени и повеќе одредби од Уставот на Република Македонија, во делот на човековите права и слободи, како и одредби од Законот за кривичната постапка и Законот за одбрана.

3. Судот во претходната постапка со допис У.бр.109/2013 од 10.09.2013 година, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, како и членовите 51 и 52 од Деловникот, од Мирослав Зафировски побара појаснување на барањето за заштита на слободите и правата по однос на следните околности:

-Кој орган или лице ја сторило повредата (назив и седиште на органот/органите, односно име и презиме на лицето/лицата),

-На кој датум и со кој акт или пак дејствие е сторена повредата (доколку се работи за акт да се означи датумот и бројот на донесување и податок за конечноста или правосилноста на актот),

-За која од можно определените повреди од членот 110 став 1 алинеја 3 од Уставот станува збор и

-Фактите и доказите на кои се заснова барањето.

Оставен е рок од пет дена по приемот на писмото со напомена дека Уставниот суд ќе ја спроведе постапката врз основа на разположивите податоци, доколку во определениот рок недостатоците не бидат отсранети.

Дописот У.бр.109/2013 од 10.09.2013 година Мирослав Зафировски го примил на 12.09.2013 година. Рокот за појаснување на барањето истекол на 17.09.2013 година, но истиот се до донесувањето на ова решение не го појасни барањето.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација по однос на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Согласно член 51 од Деловникот, секој граѓанин кој смета дека со поединечен акт му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, може да бара заштита од Уставниот суд на Република Македонија во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од членот 51 од Деловникот е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување.

Судот, поаѓајќи од анализата на наводите од барањето за заштита на слободите и правата, а во отсуство на појаснување на истото, оцени дека барањето не ги содржи сите потребни елементи во смисла на наведените одредби за натамошно постапување по барањето. Поточно од барањето не може со сигурност да се утврди за какви повреди станува збор, кои се конкретните дејствија, од кого точно се превземени и во кој временски период тие дејствија се превземени.
Судот, по однос на наводите за превземање на дејствија од ненадлежни органи и неовлстани службени лица оцени дека вака изнесените наводи не можат да предизвикаат покренување на механизмот на заштита на слободите и правата, бидејќи спаѓаат во доменот на други постапки и не се во надлежност на Уставниот суд.

Конечно повредата на презумпцијата на невиност и правото на работа на кои се повикува подносителот на барањето се уставно гарантирани права кои не можат да бидат предмет на заштита или пак оцена во постапката за заштита на слободите и правата, според корпусот на правата и слободите опфатени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, туку евентуалните нивни повреди Уставниот суд ги утврдува во апстрактната постапка за оцена на уставноста и законитоста на актите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, Бранко Наумоски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2013
13 ноември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева