Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 октомври 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 став 1 точки 1 и 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/2012).
2. Васка Величковска од Делчево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата подносителот смета дека член 49 став 1 бил во спротивност со Уставот од причини што во Законот за вршење на сметководствени работи во член 49 став 1 точките 1, 2 и 3 биле предвидени услови за стекнување на уверение за овластен сметководител и право на полагање на различни категории на лица со различен степен на стекнато образование што било во спротивност со членот 9 и членот 32 од Уставот.
Според подносителот на иницијативата, во конкретниот случај, им било дозволено на поединци со помало образование а на база на поголемо работно искуство да аплицираат за стекнување на уверение за овластен сметководител подеднакво како и лицата со високо образование. Имено, лицата со средно и вишо образование биле во повластена положба, а лицата со високо образование биле во понеповолна положба и биле изедначени со лицата со пониско образование, бидејќи условот во времетраење на стаж било само обид да се компензира образованието. Истотака, законодавецот направил релативитет на две нееднакви категории: стаж со образование, бидејќи на лицето со високо образование му биле потребни најмалку 4 до 5 години за да го стекне високото образование кое нешто му било достапно и на лицето со пониско образование, кое право му е загарантирано со Уставот. Поради тоа подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на овој член од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 49 став 1 точките 1, 2 и 3 од Законот е предвидено дека лицето кое до влегувањето во сила на овој закон вршело сметководствени работи може да поднесе барање за добивање уверение за овластен сметководител во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, ако 1) има средно образование и најмалку десет години работно искуство во вршење на сметководствени работи или 2) има вишо образование (прв степен) и најмалку осум години работно искуство во вршење на сметководствени работи или 3) има високо образование и најмалку три години работно искуство во вршење на сметководствени работи.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Согласно ставот 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Во конкретниот случај, од наводите во иницијативата произлегува дека лицата со средно и вишо образование се во повластена положба, а лицата со високо образование во понеповолна положба. Со таквиот став законодавецот го омаловажил стекнатото високо образование, а со тоа и звањето овластен сметководител, што било спротивно на член 9 и член 32 од Уставот на Република Македонија.
Со решение У.бр.219/1992 од 16 декември 1992 година Судот не повел постапка за оценување на законитоста на член 2 точка 2 од Правилникот за систематизација на работите и работните задачи на работниците во Комбинираната детска установа “Димче Мирчев” во Титов Велес, донесен на Собирот на работниците на 18 април 1989 година и Аналитичката проценка за вреднување на работите и работните задачи, донесена на 1 јуни 1987 година, во делот што се однесува на вреднувањето на работите и работните задачи на воспитувачите.
На седницата Судот утврди дека во член 2 точка 2 од Правилникот за вршење работи и работни задачи на воспитувачите е предвидено високо или више образование.
Според член 7 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, работен однос може да заснива секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој закон и посебните услови утврдени со закон и општ акт.
Според член 119 став 1 од Законот за предучилишно и основно образование и воспитание (“Службен весник на СРМ” бр.19/83) згрижувачката и воспитно-образовната дејност на организацијата за згрижување и воспитание ја остваруваат воспитувачи, педагошко-медицински сестри и други стручни работници. Според став 2 од овој член воспитувачи во организациите за згрижување и воспитание можат да бидат лица кои завршиле Педагошка академија – отсек за воспитувачи, а според ставот 4 од овој член, воспитувачи можат да бидат и лица кои завршиле Филозофски факултет – педагошка група – насока за предучилишни педагози, филозофски факултет, педагошка – група за еднопредметна педагогија или филозофски факултет – група педагогија двопредметни студии, група психологија, филолошки факултет – грпа македонски јазик и група историја на книжевностите на народите на СФРЈ, факултет за муизичка уметност – наставна насока, факултет за ликовна уметност – наставна насока, факултет за физичка култура – наставна насока, ако имаат завршено специјалистичка студија за предучилишни педагози.
Од изнесените одредби произлегува дека законот точно го определил видот и степенот на стручното образование за вршење на воспитувачката дејност.
Според мислењето на Судот, иако оспорениот член од Правилникот е непотполн, со директна примена на одредбите од Законот се обезбедува вработување и на лицата со завршен филозофски факултет – група педагогија, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените одредби од Законот.
Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012) ги уредува условите на вршење сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.
Во таа смисла, според член 14 од овој Закон се наведува дека со статус на сметководител или овластен сметководител се стекнува лице кое положило испит за сметководител или овластен сметководител.
При анализа на оспорените одредби, Судот поаѓаше од фактот дека на лицата кои имаат средно или вишо образование и стекнале времено уверение за овластен сметководител издадено од министерот за финансии им се дава можност доколку, поднесат барање за полагање на испитот за овластен сметководител до Институтот во текот на важноста на временото уверение, да го полагаат испитот за овластен сметководител, иако не го исполнуваат критериумот во однос на образованието за полагање на испитот утврден во основните одредби на Предлог законот. Имено, Судот оцени дека ова норма е транзитна норма и го заштитува правото на работа на оние лица кои имаат пониско образование, а поголемо работно искуство.
Тргнувајќи од напред наведените причини, Судот оцени дека со оспорениот член 49 став 1 точките 1 и 2 од Законот не се повредува членот 9 и членот 32 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски и Владимир Стојаноски.
У.бр.58/2013
30 октомври 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски