У.бр.15/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012).

2. Здружението за заштита и унапредување на правата на пензионерите ОБЕДИНЕТИ ПЕНЗИОНЕРИ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителот укажува дека со законските решенија предвидени во членовите 115, 116, 117 се кршел уставниот принцип на еднаквост и равноправност на граѓаните така што средствата се собирале само од Здруженијата што се членови на Сојуз, а не и од Здруженија кои не се членови на сојузите и истите ги префрлувале исклучиво само на сојузите. Имено, со истите се определело да се регистрира посебна организација која ќе одлучела за висината на солидарниот фонд и членарината како единствена за сите пензионери, што не било во склад со законските решенија од Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените членови од Законот се фаворизирале Сојузите на здруженијата на пензионери, каде што се ставале во нееднаква положба здруженијата кои не се членови на Сојузите, се оспорувале нивните права и самостојноста во определување на нивните активности, нивното функционирање кои ги регулираат со нивниот Статут. Поради тоа подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членовите 115, 116 и 117 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012), бидејќи истите биле во спротивност со членовите 8 алинеи 3 и 8, член 9 и член 20 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 115 став 1 од Законот е предвидено дека на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина).

Според ставот 2 од овој член од Законот, средствата за солидарен фонд – посмртна помош Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 116 став 1 од Законот е предвидено дека издвојувањето на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.

Според ставот 2 од овој член од Законот, висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.

Според ставот 3 од овој член од Законот, актот од ставот (2) на овој член се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“.

Според ставот 4 од овој член од Законот, средствата по основ на членарина Фондот ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите.

Судот на седницата исто така утврди дека во членот 117 од Законот е предвидено дека исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд ја врши Стручната служба на Фондот преку подрачните единици.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Согласно ставот 2 од овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 30 ставови 1 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.

Во конкретниот случај, од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ги оспорува членовите од Законот, бидејќи тие ги фаворизирале Сојузите на здруженијата на пензионери, од каде произлегува дека се ставале во нееднаква положба здруженијата кои не се членови на Сојузите, се оспорувале нивните права и самостојноста во определување на нивните активности, нивното функционирање кои биле регулирани со нивниот Статут.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/2012) го уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници го остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување.

На наведената законска основа за надлежностите на Фондот во Законот е предвидена Глава “X Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ со три члена 115, 116 и 117, со кои се уредува предметната материја.

Со Глава X се уредуваат посмртната помош и членарината за корисниците на пензија. Ова решение е идентично со досегашните одредби за оваа проблематика и веќе е воспоставен систем на сервисирање на солидарната парична помош и трансфер на средствата за членарина до општинските здруженија на пензионерите.

Со членот 154 точка 10 од Законот е предвидено дека Фондот врши исплата на посмртна помош на корисниците на пензија и задршка од пензијата за членарина. Според членот 157 точка 10 од Законот, Управниот одбор се грижи и ја следи исплатата на посмртната помош на корисниците на пензија и на издвоените средства од пензиите за членарина.

Во таа смисла, со Законот е уредено прашањето за начинот и условите за давање согласност од страна на корисниците на пензија предвидена во членот 115, поради што чинот на согласноста е определив во контекст на членот 116 од Законот, односно порано дадената согласност во здруженијата на граѓаните се смета за согласност во смисла на членот 115 од Законот, и е основ за фондово преземање на средствата од здруженијата како што е уредено во членот 116 од Законот.

Од анализата на изнесените одредби од Законот, според Судот, со Законот посебно е уредена предметната материја за посмртна помош на корисниците на пензија за членовите на нивните семејство и за членовите во здружение на пензионерите (членарина), но со нивна согласност. Имено, согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор. Оттука, поаѓајќи од волјата на категоријата на граѓани пензионери кои доброволно со нивна согласност одлучиле да издвојуваат дел од своите пензии, со Законот е регулирано дека средствата се утврдуваат со посебна постапка во рамките на Трезорската сметка.

Тргнувајќи од напред наведените причини, Судот оцени дека со оспорените членови 115, 116 и 117 од Законот не се повредува ниту една од темелните вредности на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 8, членот 30 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.15/2013
25 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски