У.бр.115/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 21-а од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 36/2011, 24/2012, 82/2013 и 106/2013).

2. Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Република Македонија – Скопје на Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 9 и член 51 од Уставот на Република Македонија од причини што во Република Македонија органи на државната власт биле Собранието на Република Македонија, Претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, судството и јавното обвинителство, а не органите на државната и локалната власт, како што било предвидено во оспорената законска одредба. При одлучувањето по иницијативата, подносителот предлага да се земе предвид одлуката на Уставниот суд У.бр.184/2011 од 15 февруари 2012 година, со која бил поништен членот 3 точки 1 и 2 во деловите: „култура“ и општините, општините во градот Скопје, односно градот Скопје од Законот за јавните службеници.

Со употребениот термин „по потреба“ во Законот, била доведена во прашање правната сигурност на вработените и стекнатите права, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставови 1 и 2 и член 51 од Уставот. Тој поим не бил поблиску определен, не било дефинирано што се подразбира под поимот „по потреба“ поради што одредбата била нејасна, непрецизна и непотполна и можела да се користи за злоупотреби и манипулација со вработените на нивна штета, без нивна согласност и волја за преземање, со што се создавала правна несигурност, дискриминација и нееднаквост на вработените граѓани.

Со одредбата од членот 21-а ставови 3 и 4, која предвидува обврска на работникот да положи испит за јавен службеник, а во спротивност работниот однос му престанува, исто така се загрозувала правната сигурност и веќе стекнатите права и интереси на вработените. Оваа обврска не била пропорционална мерка со целите за кои е утврдена и претставува прекумерно ограничување на правата и слободите и загрозување на нивната сигурност, ако се има предвид последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпат доколку не го положат испитот за јавен службеник. Се доведувало во прашање и остварувањето на легитимните очекувања на субјектите, односно на постојните вработени, кои ги имале во моментот на засновањето на работниот однос, согласно условите што во тогаш важечкиот закон биле утврдени за вршење на работите за кои тие го засновале работниот однос. Со оспорените одредби се создавала правна ситуација односно можност Законот да се применува на односи пред неговото влегување во сила, со што тој имал ретроактивно дејство и бил спротивен на членот 52 од Уставот.

Во иницијативата се предлага при уставно-судската анализа да се имаат предвид сите досегашни измени и дополнување на Законот за јавните службеници и особено одлуките на Уставниот суд У.бр.133/2001 од 18 декември 2002 година, У.бр.70/2006 од 17 јануари 2007 година.

Со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на наведената одредба и истата да ја поништи, а со оглед на тоа што поради примената на оспорената одредба би можеле да настанат тешко отстранливи последици, се предлага судот да донесе времена мерка, односно решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 21-а од Законот вработен во органите на државната и локалната власт, други државни органи или институции, кој нема статус на јавен службеник, а кој ги исполнува посебните услови од членот 15 став (3) од овој закон, по потреба или по негово барање, може да биде преземен и распореден на работно место соодветно на претходното работно место, ако со тоа се согласи секретарот, односно функционерот кој раководи со органот во кој се превзема вработениот, доколку во органот не се именува секретар, односно раководното лице на институцијата од која се презема вработениот и раководното лице на институцијата во која се презема вработениот.

Вработен во органите на државната и локалната власт, други државни органи или институции, кој нема статус на јавен службеник и кој ги исполнува посебните услови од членот 15 став (3) од овој закон, по потреба или по негово барање, може да биде распореден во истиот орган.

Вработениот од ставовите (1) и (2) на овој член е должен, во рок од шест месеци од денот на неговото превземање или распоредување, да положи испит за јавен службеник.

Доколку вработениот не го положи испитот од ставот (3) на овој член работниот однос му престанува.

4. До Уставниот суд на Република Македонија, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија – УПОЗ поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 21-а од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 36/2011 и 24/2012).

По поднесувањето на иницијативата оспорениот член од Законот во дел претрпел измени со Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните службеници кој биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013, а со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните службеници, на седница на Собрание на Република Македонија одржана на 23 јули 2013 година, оспорениот член 21-а во целост е изменет и гласи:

„(1) Вработен во органите на државната и локалната власт, други државни органи, институции, агенции, фондови, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија во целосна државна сопственост, кој нема статус на јавен службеник, а кој ги исполнува посебните услови утврдени со актот за систематизација, по потреба или по негово барање, може да биде превземен и распореден на соодветно работно место во органите на државната и локалната власт, други државни органи, институции, агенции, фондови, јавни претпријатија или трговски друштва основани од Република Македонија во целосна државна сопственост, ако со тоа се согласат вработениот, како и секретарот, односно функционерот кој раководи со органот, односно работоводниот орган кој раководи со правното лице од кое се превзема и во кое се превзема вработениот.
(2) Вработен во органите на државната и локалната власт, другите државни органи или институции, кој нема статус на јавен службеник, а кој ги исполнува посебните услови од членот 15 став (3) од овој закон, по потреба или по негово барање, може да биде распореден на друго работно место во истиот орган, односно институција.
(3) За работни места на јавен службеник, вработениот од ставовите (1) и (2) на овој член е должен, во рок од шест месеци од денот на неговото превземање или распоредување, да положи испит за јавен службеник.
(4) Доколку вработениот не го положи испитот од ставот (3) на овој член работниот однос му престанува“.

5. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот на Република Македонија и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 23 јули 2013 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните службеници кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2013 од 29 јули 2013 година.

Според членот 2 од овој закон, членот 21-а се менува во целост и истиот има сосема поинаква содржина која гласи:

„(1) Вработен во органите на државната и локалната власт, други државни органи, институции, агенции, фондови, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија во целосна државна сопственост, кој нема статус на јавен службеник, а кој ги исполнува посебните услови утврдени со актот за систематизација, по потреба или по негово барање, може да биде превземен и распореден на соодветно работно место во органите на државната и локалната власт, други државни органи, институции, агенции, фондови, јавни претпријатија или трговски друштва основани од Република Македонија во целосна државна сопственост, ако со тоа се согласат вработениот, како и секретарот, односно функционерот кој раководи со органот, односно работоводниот орган кој раководи со правното лице од кое се превзема и во кое се превзема вработениот.
(2) Вработен во органите на државната и локалната власт, другите државни органи или институции, кој нема статус на јавен службеник, а кој ги исполнува посебните услови од членот 15 став (3) од овој закон, по потреба или по негово барање, може да биде распореден на друго работно место во истиот орган, односно институција.
(3) За работни места на јавен службеник, вработениот од ставовите (1) и (2) на овој член е должен, во рок од шест месеци од денот на неговото преземање или распоредување, да положи испит за јавен службеник.
(4) Доколку вработениот не го положи испитот од ставот (3) на овој член работниот однос му престанува“.

Со оглед дека со иницијативата се оспорува членот 21-а кој има поинаква содржина и истиот со измените на Законот е во целост изменет, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување, односно за оценување на иницијативата во овој дел, односно на членот 21-а, а во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.115/2012
25 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски