17/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на измена и дополнување на дел од Детален урбанистички план Населба „Хром“ – УБ 24 Ѓорче Петров, донесена од Советот на општина Ѓорче Петров на 11 март 2011 година бр.07-477/5 („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.3/2011).

2. Бранислав Митревски од Скопје,до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведивање на постапка за оцебување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 21 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената одлука за измена на Деталниот урбанистички план се повредувале темелните вредности на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 и 6 од Уставот на Република Македонија, правото на сопственост загарантирано со член 30 од Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање како и Законот за градење.

Ова од причина што со измената на планот е избришан објектот односно првиот влез на легално изградена станбена зграда на Ул. „Воин Драшкоци“, направена е пристапна слепа улица со ширина од 9,20 метри за пристап на останатиот објект во слепа улица, а главна улица е „Воин Драшкоци“ која е со ширина од 7 метри.

Со направената измена лицата кои живеат во првиот влез кои живеат во станови согласно Деталниот урбанистички план не постојат, а се во приватна сопственост и се запишани во Агенцијата за катастар за недвижности.

Исто така подносителот на иницијативата смета дека овие станари го губат правото на приватизација на градежното земјиште кое е сопственост на Република Македонија, а кое служи за редовна употреба на зградата, а воедно го губат правото на легализација.

Со ново проектираната пристапна патека уништен е тротоарот пред влезот на станбената зграда 38 влез 1 така што нема 50 см. од влезот на зградата до улицата што е спротивна на Законот за градење.

Понатаму, подносителот наведува дека при спроведување на постапката за донесување на промена на Деталниот урбанистички план над 80% од граѓаните не добиле покана за учество на јавната анкета за блоковската измена на Деталниот урбанистички план.

3. Судот во претходната постапка, а од увидот во документацијата доставена од Советот на општина Ѓорче Петров го утврдени следното:

– Измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ УБ 24, согласно член 17 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање е финансиран од физичко лице за што на 6 ноември 2009 година општината Ѓорче Петров претставувана од градоначалникот на општината и физичко лице склучиле Договор за финансирање за изработка на планот бр.03-3348/1.

– Изработувањето на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план врз основа на Договорот за доделување на јавна набавка на услуга за изработка на измените на Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ УБ 24 бр.03-9/3 од 1 март 2010 година е доверено на ДТУП БИЛД ДООЕЛ Скопје.

– Врз основа на добиената измена и дополна на Нацрт-планот за населба „Хром“ УБ 24, а согласно член 7 и 21 од Законот за просторно и урбанистичко планирање извршена е Стручна ревизија од ДООЕЛ „Нимаер“ – Струга д.е. Скопје бр.03-145/10 од јуни 2010 година.

– По забелешки од Стручната ревизија изработувачот на планот „БИЛД“ ДООЕЛ Скопје изготвил Извештај за постапување по забелешките од Стручната ревизија бр.90/10 од 8 јуни 2010 година.

– Комисијата за давање на мислење по Нацрт-планот за изменување и дополнување на планот формирана од градоначалникот на општина Ѓорче Петров со домен бр.08-2741/1 од 17.09.2009 година, дала мислење по Нацрт Деталниот урбанистички план бр.20-314/2 од 23 јуни 2010 година.

– По повод даденото мислење од Комисијата за давање мислење, изработувачот на планот „БИЛД“ ДООЕЛ Скопје изготвил Извештај за постапување по мислењето од Комисијата бр.90//10 од 13 јули 2010 година.

– Градот Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот на 4 јули 2010 година бр.13-3459/1 дал мислење по Нацрт Деталниот урбанистички план локалитет „Хром“ УБ 24 во кои биле содржани одредени забелешки и сугестии.

– Изработувачот на планот БИЛД ДООЕЛ Скопје во октомври 2010 година изготвил Извештај за постапување по забелешките од стручното мислење од Секторот за планирање и уредување на просторот на град Скопје.

По спроведување на наведените претходни дејствија Советот на општина Ѓорче Петров на 15 ноември 2010 година донел Нацрт-Одлука за утврдување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ УБ 24 општина Ѓорче Петров бр.07-3289/5.

По утврдување на Нацрт-Одлуката за Деталниот урбанистички план, градоначалникот на општина Ѓорче Петров донел Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-Одлуката за утврдување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ УБ 24 Ѓорче Петров бр.08-3479/1.

Во наведената одлука е предвидено дека Соопштението за организирање на јавна анкета по Нацрт-Планот утврден од Советот на општината ќе биде објавено во јавните гласила „Утрински весник“ и „Дневник“,а јавната анкета ќе трае 10 работни дена од денот на објавување на Соопштението во јавните гласила.

Наведено е дека јавната презентација и јавната анкета по Нацрт-Планот ќе се спроведе со излагање на Нацрт-Планот во просториите на УЗ „Хром“ општина Ѓорче Петров при што заинтересираните граѓани и правни лица во предвидениот рок ќе можат да даваат забелешки, предлози и мислења на анкетни листови.

На 22 ноември 2010 година, градоначалникот на општината Ѓорче Петров донел Соопштение бр.08-3479/, со кое се известуваат граѓаните и правните лица дека ќе се одржи јавна презентација и јавна анкета на Нацрт-Планот.

Наведеното Соопштение било објавено во весниците „Дневник“ и „Утрински весник “ на 23 ноември 2010 година.

По повод поканата за стручна консултација за Нацрт-Планот свое мислење доставиле ЕВН Македонија, ЈП Водовод и канализација и АД Македонски телекомуникации – Скопје.

Врз основа на член 24 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање градоначалникот на општина Ѓорче Петров на 9 декември 2010 година донел Решение за формирање на стручна комисија за изработка на извештај од спроведена јавна анкета по измени на планот бр.08-3702/1.

Стручната комисија на 13 декември 2010 година изготвила Извештај од спроведената јавна презентација и јавната анкета по Нацрт-Планот за Населба „Хром“ УБ 24 Ѓорче Петров во кој извештај е утврдено времетраењето на јавната презентација, времетраењето на излагањето на планот, како и лицата кои присуствувале на јавната презентација и јавната анкета.

Составен дел на наведениот извештај се Известувањата од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки, како и извештај од јавната презентација која се одржала на 26 ноември 2010 година.

Исто така по барање на општината Ѓорче Петров градот Скопје на 20 декември 2010 година доставил позитивно мислење бр.13-4439/1, во кое е констатирано дека во Деталниот урбанистички план се вградени основните параметри и намени со Генералниот урбанистички план на град Скопје.

Во врска со Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ УБ 24 општината побарала мислење и од Министерството за култура – Управа за заштита на културно наследство, Дирекцијата за заштита и спасување, кои доставиле свои мислења.

По спроведување на сите наведени претходни дејствија и донесување на соодветни акти општината поднела барање за издавање на согласност на Предлогот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ Ѓорче Петров.

Министерството за транспорт и врски по разгледување на доставената докуменација на Предлог-планот на 27 јануари 2011 година дало Согласност на предлог-планот за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Населба „Хром“ УБ 24 (0,87 ха) (2010-2015) општина Ѓорче Петров бр.16-819/1.

Во текот на постапката, а имајќи ги предвид наводите во иницијативата од увидот во списокот е утврдено дека на презентацијата на Деталниот урбанистички план присуствувале 19 граѓани кои своерачно се потпишале со име, презиме и адреса на живеење, а од Записникот изготвен од општината бр.20/314/9 од 5.11.2010 година е утврдено дека во просториите на општината за измена на планот се одржани стручни консултации со претставници на јавните претпријатија, претставници на изготвувачите на планот и лица од службите на општината.

Во врска со јавната анкета на нацрт-планот за која биле доставени 3 анкетни листа, до подносителите на анкетните листови доставени се одговори за прифаќање, односно неприфаќање на забелешките.

По спроведување на наведената постапка, Советот на општина Ѓорче Петров, врз основа на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009 и 124/2010) и член 16 став 1 точка 14 од Статутот на општина Ѓорче Петров, Советот на општина Ѓорче Петров на седницата одржана на 11 март 2011 година донел Одлука за донесување на измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба „Хром“ – УБ 24 општина Ѓорче Петров Скопје бр.07-477/5.

Според член 1 од оспорената одлука, со оваа одлука се донесува измена и дополнување на Деталниот урбанистички план за населба „Хром“ УБ 24, општина Ѓорче Петров.

Деталниот урбанистички план е работен во склад со Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, Правилникот за поблиска содржина, размер и начинот на графичка обработка на урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Во членот 2 од Одлуката е утврдена површината на опфатот на урбанистичкиот план од 0,87 ха и се утврдени границите на опфатот.

Во членот 3 од одлуката е утврдено дека Деталниот урбанистички план е изработен од Друштвото за производство, услуги и промет БИЛД ДОЕЛ извоз-увоз, Скопје со технички број 90/10.

Понатаму,во членот е предвидено дека документираниот основ и планската документација на планот го сочинуваат текстуалниот и графичкиот дел.

Во член 4 од одлуката е предвидено дека Деталниот урбанистички план се заведува со печат на Советот на општината и потпис на претседавачот на Советот.

Во членот 5 од одлуката е предвидено дека Одделението за урбанизам и просторно планирање на општина Ѓорче Петров во рок од 30 дена од заверување на целокупната законска постапка за донесување на планот, ќе обезбеди и комплетна документација за реализација на планот.

Според член 6 од одлуката Деталниот урбанистички план со сите негови делови се составен дел на оваа одлука и истиот се чува во Одделението за урбанизам, просторно планирање и животна средина на општината.

Во член 7 од одлуката е предвидено дека таа влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3,6 и 10 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото, правната заштита на сопственоста како и, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантираат правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 на овој член, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата, а според ставот 3 никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Согласно став 5 на истиот член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Согласно член 22 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5). Според став 6 на овој член, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8 на истиот член, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози (став 9).

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно член 31 став 1 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистичкиот проект државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација, задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, а имајќи ја предвид доставената документација за донесување на оспорената одлука и утврдената фактичка состојба, произлегува дека во текот на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што сметаме дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите на Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање, како што се наведува во иницијативата.

Во однос на наводот во иницијативата дека објектот на подносителот е избришан од планот не е точен од причина што од увидот од нацрт-планот и предлог план на КП.24.1 не е планирано, туку се евидентирани бесправно изградени објекти (4).

Наводот во иницијативата дека направената пристапна улица до останатите објекти која била со широчина од 9,20 м., а главната улица „Воин Драшкоци“ била со широчина од 7 м., на кој начин со новопроектираната улица бил уништен просторот и немало ниту 50 см. до влезот на зградата не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

Имено, параметрите за стандардите и нормативите за урбанистичкото планирање се утврдени со Правилник, при што Уставниот суд не е надлежен да се впушта во оцена на Деталниот урбанистички план во однос на подзаконски акт од причина што за примената на подзаконските акти се грижи и ги спроведува изработувачот на планот како и органот надлежен за давање на согласност на планот.

Наводите на кои се укажува во иницијативата по однос на повредата на правото на сопственост на градежна парцела и правото на сопственост на градежниот објект, не може да бидат предмет на оценување во оваа постапка.

Ова од причини што со Законот за просторното и урбанистичкото планирање не е регулирано дека треба да запре донесувањето на урбанистичките планови и нивните измени и дополнувања поради спорни имотно правни односи на граѓаните за чие решавање се применуваат законите во Републиката, меѓу кои е и Законот за сопственост и други стварни права („Службен весник на Република Макекдонија“ бр. 18/2001 и 92/2008). Според ставот на Уставниот суд изразен во Одлуката У.бр.227/2008 од 22 април 2009 година единствено треба да се има предвид дека уредувањето и хуманизацијата на просторот и унапредувањето на животната средина и природата е темелна вредност определена со Уставот и претставува посебен интерес за Републиката за негово непречено остварување.

Правото на сопственост, на што како спорен момент се укажува во предметната иницијатива, се стекнува според самиот закон, врз основа на правна работа и со наследување (член 112 од Законот за сопственост и други стварни права).

Во одредбите на член 156 до 163 од Законот за сопственост и други стварни права, се содржани правилата за заштита на правото на сопственост. Овие законски одредби за заштита на правото на сопственост (156-163) се однесуваат на т.н. стварна правна заштита на правото на сопственост која се постигнува само и исклучиво преку сопственичките тужби, преку кои се изведува контрадикторна – доказна постапка и врз основа на која се утврдува фактичката состојба, со цел за правилна примена на материјалното право.

Од наведеното, јасно произлегува дека во постапката за донесување на Детален урбанистички план не може да се утврдува правото на сопственост, туку истата се утврдува во редовна постапка пред надлежен суд, иницирана со сопственичка тужба. Ова дотолку повеќе што, околноста на која се укажува во иницијативата не може да биде правна пречка за урбанистичкото планирање кое во својата суштина претставува план, а не реална реализација на терен и располагање со имот. Тоа поточно значи дека Судот не се впушта во оценка на уставноста од аспект на тоа дали е повредено правото на сопственост при планирањето бидејќи кога станува збор за урбанистички планови Уставниот суд ја цени само валидноста на постапката за нивното донесување

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.17/2013
11 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски