У.бр.121/2012-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 17-и од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011 и 6/2012, 24/2012, 15/2013, 82/2013 и 106/2013).

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани од Скопје, со Решение У.бр.121/2012 од 9 јануари 2013 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 17-и од Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 112/2000, 34/2001, 103/2001, 43/2002, 98/2002, 17/2003, 40/2003, 85/2003, 17/2004, 69/2004, 81/2005, 61/2006, 36/2007, 161/2008, 6/2009, 114/2009, 35/2010, 167/2010, 36/2011 и 6/2012, 24/2012), затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.

3. Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 23 јули 2013 година го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 106/2013, од 29 јули 2013 година). Во став 1 на член 2 од овој закон е определно дека во членот 17-и ставот 1 се менува и гласи:

„Вработен во органите на државната и локалната власт, други државни органи, институции, агенции, фондови, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија во целосна државна сопственост, кој нема статус на државен службеник, а кој ги исполнува посебните услови од членот 13 став 3 од овој закон, по потреба или по негово барање може да биде преземен и распореден на соодветно работно место во друг орган на државната и локалната власт или друг државен орган, ако со тоа се согласат вработениот, како и секретарот, односно функционерот кој раководи со органот, односно работоводниот орган кој раководи со правното лице од кое се преземе и во кое се презема вработениот.“

Во ставот 2 на истиот член од Законот е определено дека ставот 3 се менува и гласи:

„За работни места на државен службеник, вработениот од ставовите 1 и 2 на овој член е должен, во рок од шест месеци од денот на неговото преземање или распоредување, да положи испит за државен службеник“.

Во ставот 3 на Законот, е определено дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија“.

Со цитираната измена на ставовите 1 и 3, членот 17-и, добил нова содржина, така што оспорената одредба веќе не е во правниот поредок, бидејќи сметано од 6 август 2013 година, таа престанала да важи.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Со оглед на тоа што оспорениот член 17-и став 1 и став 3 од Законот за државните службеници престанал да важи во текот на постапката за оценување на неговата уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

7. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.121/2012
11 септември 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски