84/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 септември 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставност и законитост на Одлуката за давање на право на трајно користење на градежно земјиште сопственост на Република Македонија на Општина Битола, донесена од Владата на Република Македонија, број 41-6398/1 од 26 август 2012 година, (“Службен весник на Република Македонија” број 107/2012).

2. Милтон Манаки од Куманово преку полномошникот адвокат Радмила Манки од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставност и законитост на Одлуката, означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата подносителот Милтон Манаки бил законски наследник на покојниот Милтон Манаки, бивш од Битола, а по право на претставување преку неговиот покоен татко Леонид Манаки, бивш од Куманово, пред Комисијата за одлучување по барањата за денационализација за подрачјето на општините Битола и Демир Хисар, со седиште на Комисијата во Општина Битола, се јавувал како барател во постапка за денационализација на недвижен имот (куќа во површина од 489 м2 и двор од 400 м2) заведен како кп.бр. 6542, м.в. Краљ Петар за КО Битола. Наведената недвижност со новиот премер од 1972 година влегла во нова кп.бр. 7339/1, м.в. Ул. М.Тито, со вкупна површина од 2518 м2, заведена во Пл.бр. 3502 за КО Битола, а потоа во 2008 година кп.бр. 7339/1, влегла во најновата кп.бр. 11789, м.в. Ул. М.Тито, со вкупна површина од 3670 м2, заведен во Имотен лист бр. 91906 за КО Битола 3 на име на Република Македонија. Иако недвижниот имот бил предмет на постапка за денационализација, Владата на Република Македонија ја донела оспорената одлука со која се дава право на трајно користење на градежно земјиште сопственост на Република Македонија на Општина Битола.

Подносителот на иницијативата со повеќе писмени претставки и известувања, се обраќал до надлежни институции и други органи во врска со донесувањето на предметната одлука, а во врска со предметниот настан списите по предметот по барањето за денационализација, биле на постапување пред Управниот суд на Република Македонија.

Од наведените причини со иницијатива се бара оценување на уставност и законитост на оспорената одлука, како и решение за запирање на извршувањето на истата.

3. Судот, на седницата утврди дека врз основа на член 42 став 3 од Законот за градежно земјиште („Службен весник на Република Македонија“ број 17/11 и 53/11) Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 26.08.2012 година, донела Одлука за давање на право на трајно користење на градежно земјиште сопственост на Република Македонија на Општина Битола.

Во член 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа одлука на Општина Битола се дава право на трајно користење, градежно земјиште сопственсот на Република Макеоднија кое претставува КП.бр. 11789 КО Битола 3 со површина од 3670 м2, евидентирано во Имотен лист број 91096, заради изградба на деловна зграда-Култура-Кино Манаки-Деловна намена, согласно геодетски елаборат за геодетски работи за посебни намени-Нумерички податоци Ко Битола 3, број 01-525-12 од 11.06.2012 година, изработен од ДООЕЛ “ГЕО ЛЕНД” – Битола.

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека правото на трајно користење на градежното земјиште од член 1 на оваа одлука се дава без надомест.

Според членот 3 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

Судот исто така утврди дека Одлуката е заведена под број 41-6398/1 од 26 август 2012 година и објавена во “Службен весник на Република Македонија” број 107/2012.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеи 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува Одлуката за давање на право на трајно користење на градежно земјиште сопственост на Република Македонија на Општина Битола како неуставна и незаконита.

Подносителот на иницијативата смета дека во случајот станува збор за општ пропис донесен од Владата на Република Македонија, кој не е во согласност со одредбите од член 30 и 51 од Уставот, како и член 64 ставови 1 и 2 од Законот за денационализација.

Од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека во случајов станува збор за поединечен, конкретен акт донесен од Владата на Република Македонија, со кој се одлучува за располагање со конкретен имот во сопственост на Република Македонија, односно со кој се дава право на трајно користење на градежно земјиште на конкретен субјект – Општина Битола.

Со оглед дека оцената на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти не спаѓа во надлежност на Уставниот суд, а во конкретниот случај станува збор за пропис со таков карактер, Судот утврди дека оспорениот акт не е подобен за уставно судска оцена.

Имајќи предвид дека не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, со кои се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и утврдуваат права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, а во конкретниот случај актот кој се оспорува со иницијативата, нема карактер на пропис, Судот оцени дека во овој случај настапени се процесните претпоставки за примена на цитираната деловничка одредба за отфрлање на иницијативата.

5. Поради наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У. бр. 84/2013
11 септември 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски