52/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јули 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на член 189 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 16/2010-пречистен текст, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013 и 25/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 189 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 189 од Законот не бил во согласност со член 37 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој: „Заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации“. Имено, со оспорената одредба, како задолжителна законска одредба, се доведувале во прашање самостојноста и слободната волја на синдикалните организации на ниво на работодавач особено што синдикалната организација на ниво на работодавач стекнувала својство на правно лице со денот на уписот во Централниот регистар на Република Македонија, која состојба важела се до направената измена со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012).

Поточно со наведената законска одредба дошло до бришење на ставот 1 од членот 189 од Законот за работните односи од кога синдикалните организации на ниво на работодавач го изгубиле својството на правен субјект, а со тоа и престанале да постојат, со што не можеле легитимно да настапуваат, да учествуваат во колективното преговарање, да ги заштитуваат правата од работен однос и друго на кој начин противуставно се органичувало и правото на штрајк од членот 38 став 1 од Уставот. Воедно, ваквата законска централизација била спротивна и на членот 37 став 1 од Уставот, бидејќи според дикцијата на оспорената одредба синдикалната организација на ниво на работодавач можела да се здружи во синдикална организација на повисоко ниво, но и не морала, во зависност од волјата на синдикалната организација на ниво на работодавач, а не како што било уредено со оспорената законска одредба, присилно.

Дека тоа било така произлегувало и од членот 20 став 2 од Уставот, односно ако граѓаните можеле слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, дотолку повеќе тоа можеле да го прават и синдикалните организации на ниво на работодавач.

Оспорената одредба не била во согласност и со членот 37 став 2 од Уставот, кој определува дека со закон можат да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата, бидејќи истата имала ограничувачки карактер.

При нормирањето на оспорената законска одредба не бил запазан ниту членот 54 став 1 од Уставот, од каде произлегувало дека оспорената законска одредба немала уставна основа за тоа само синдикат на повисоко ниво, односно здружение на работадавачите на повисоко ниво да стекнува својство на правно лице со денот на уписот во Централниот регистар, а тоа исто право го немале синдикалните организации на ниво на работодавач.

Во иницијативата, исто така, во поткрепа на тврдењето за неуставност на оспорената одредба се посочува на содржината на членовите 184 и 187 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи.

Врз основа на изнесеното подносителот на иницијативата смета дека оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 20 ставови 1 и 2, член 37, член 38 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија, врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нејзиното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

3. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 189 од Законот, синдикат на повисоко ниво, односно здружение на работодавачите на повиско ниво, стекнува својство на правно лице со денот на упис на Централниот регистар на Република Македонија, по претходен упис во регистарот на синдикати, односно регистарот на здруженија на работодавачи.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Членот 189 од Законот за работните односи се до 1 февруари 2012 година, кога влегол во сила Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2012), ја имал следната содржина:

„1) Синдикална организација на ниво на работодавач стекнува својство на правно лице со денот на упис во Централниот регистар на Република Македонија.

2) Синдикат на повисоко ниво, односно здружение на работодавачите на повиско ниво, стекнува својство на правно лице со денот на упис на Централниот регистар на Република Македонија, по претходен упис во регистарот на синдикати, односно регистарот на здруженија на работодавачи.“

Ова од причина што со членот 8 од наведената измена на Законот ставот 1 од членот 189 е избришан, а ставот 2 станал став 1. Предмет на оспорување во оваа иницијатива е сегашниот член 189 од Законот или поранешниот став 2 од истата одредба.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата произлегува дека во неа, преку оспорувањето на сегашната содржина на членот 189 до Законот, всушност се оспорува отстранувањето од правниот поредок на ставот 1 од членот 189 од Законот за работните односи, кој бил во правниот поредок се до 1 февруари 2012 година, на кој начин всушност подносителот на иницијативата се обидува преку иницијатива до Судот да ја врати во правниот поредок избришаната одредба (поранешниот став 1 на членот 189 од Законот). Имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд утврдена во Уставот на Република Македонија Судот оцени дека не е надлежен да врши законодавната функција, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту, пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени и оправдува уставната основаност на бришаната одредба и од друга страна уставната неоснованост на одредбата со која таа била бришана од Законот, на што се сведуваат наводите во иницијативата. Оттаму, исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на оваа иницијатива.

Од друга страна, анализата на наводите од иницијативата покажува дека сегашниот член 189 од на иницијативата му служи само како појдовна основа за покренување на иницијатива за оценување на уставноста на веќе непостоечка норма (поранешниот став 1 на членот 189 од Законот). Единствениот навод кој конкретно се однесува на оспорената одредба е дека правото дадено во неа (здружување на работодавачите на повисоко ниво) го немале синдикалните организации на работодавачи на пониско ниво, што според Судот не преставува навод кој оди во насока на оспорување на одредбата. Оттаму, во недостаток на аргументи за самостојно оспорување на членот 189 од Законот, Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата од членот 28 алинеја 3 од Деловникот.

Според сето наведено Судот оцени дека не се исполенти условите за донесување на решение за запирање на извршувањето согласно членот 27 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.52/2013
10 јули 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски