43/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 26 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 137 ставовите 3 и 4 од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр. 67/2007, 90/2009, 67/2010 и 26/2013).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 137 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Александар Михајловски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 137 ставовите 1 и 3 од Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007) и член 37 ставовите 1 и 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банки. („Службен весник на Република Македонија 26/2013), при што членот 37 ставовите 1 и 2 од измените на Законот се однесуват на член 137 ставовите 3 и 4 од основниот текст на Законот за банките, од кои причини во конкретниов случај предмет на уставно судска оцена ќе биде содржината на Законот за банките со сите измени и дополнувања.

Подносителот на иницијтивата во поднесокот ја цитира содржината на оспорените членови и наведува дека тие биле спротивни со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, со член 30 став 1 и член 58 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму ја цитира содржината на член 59 и 137 став 2 од Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007), член 3 став 1 точки 1, 2, 7, 10, 329 и 382 од Законот за трговските друштва како и содржината на членовите 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 30 и член 58 од Уставот при што заклучува дека од цитираните одредби од Законот за трговските друштва недвосмислено произлегувало дека едно од основните права од сопственост на акции е правото на сопственикот да учествува во управување со друштвото банка и правото на дел од добивката од друштвото во форма на дивиденда.

Според подносителот во конкретниов случај со оспорените одредби се ограничувало правото на сопственост на лицата на начин што се определувало дека на лицата кои стекнале акции спротивно на член 59 од Законот за банки им се ограничувало правото на управување и правото на дивиденда. Имено, според подносителот недозволиво било да се ограничи правото на сопственост затоа што правната заштита на сопственост била темелна вредност на уставниот поредок, и таа можела да се ограничи само кога се работело за јавен интерес.

Во Законот за банки законодавецот јасно изразил волја да го регулира начинот на стекнување на акции со цел да се заштити финансискиот систем во Република Македонија, но предвидел механизам во кој гувернерот ќе го задолжи акционерот кој стекнал акции спротивно на член 59 од законот во рок од 180 дена да ги продаде акциите, па доколку истото тоа не го стори тогаш гувернерот ќе ги продаде. Според подносителот државата преку овие законски одредби доволно го регулирала начинот на стекнување на акции во банка, меѓутоа со што одредбите за ограничување на правото на управување и правото на добивка биле неуставни од причини што не може да се ограничи правото на сопственост без да се утврди соодветен јавен интерес и без да се даде соодветен паричен надомест.

Со оглед на наведеното, подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови и истите да ги поништи.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 137 став 1 поместен во делот „ограничување на права од акции“ е предвидено дека „За акциите стекнати спротивно на член 59 од овој закон и акциите за кои е повлечена издадената согласност, согласно со членот 153 од овој закон гувернерот донесува решение со кое утврдува дека на акционерот кој ги стекнал тие акции не му носат право на глас.

Во ставот 2 на член 137 е предвидено дека „На акционерот кој стекнал акции спротивно на членот 59 од овој закон и на акционерот на кој му е повлечена издадената согласност според членот 153 од овој Закон гувернерот му наложува да ги отуѓи акциите во определен рок, кој не може да биде подолг од 180 дена, освен во случаи од членот 59 став 2 на овој закон кога гувернерот може да определи подолг рок.

Во оспорениот став 3 на член 137 од Законот е предвидено дека „Ако акционерот од ставот 2 на овој член не ги отуѓи акциите во определениот рок, гувернерот во рок од осум дена од истекот на определениот рок донесува решение со кое утврдува дека тие акции, покрај правото на глас, на акционерот не му носат и право на исплата на дивиденда и ќе спроведе продажба на акциите во име на акционерот од ставот 2 на овој член.

Според оспорениот став 4 на член 137 од Законот „Доколку во периодот по донесувањето на решението од ставот 3 на овој член до продажбата на акциите банката исплатила дивиденда на останатите акционери, дивидендата за акционерот за кој со решението од ставот 3 на овој член е утврдено дека нема право на исплата на дивиденда, се распределува во општата резерва на банката“.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Согласно став 4 на истиот член, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Во членот 6 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.158/2010 и 123/2012) е определено дека основна цел на Народната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност, да придонесува кон одржување на стабилен конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.

Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на целта утврдена во став 1 на наведениот член и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.

Според член 7 став 1 точка 9 од наведениот закон за остварување на целта од членот 7 на овој закон. Народната банка покрај другото, регулира издава дозволи и врши супервизија на банки, штедилници, друштва за издавање на електронски пари и други финансиски институции на начин утврден со овој или друг закон.

Според член 8 од Законот, стабилноста на банкарскиот систем и мерки што се преземаат заради постигнување и одржување на неговата стабилност се од јавен интерес.

Според член 48 став 1 точка 5 од Законот за Народната банка е предвидено дека гувернерот на Народната банка покрај другите овластувања и задачи, одлучува за издавање на дозволи и согласности на финансиските институции и ги одзема издадените дозволи и согласност, во согласност со закон.

Со Законот за банките се уредува основањето, работењето, супервизијата и престанокот на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Република Македонија, како и отворањето и работењето на филијали на банки од земји членки на Европската унија (член 1).

Согласно член 2 од овој закон, каде се утврдува значењето на одделни изрази употребени во овој закон, “банка” е правно лице со дозвола од гувернерот на Народната банка на Република Македонија основано согласно со одредбите од овој закон, чија основна дејност е прибирање депозити и други повратни извори на средства од јавноста и одобрување на кредити во свое име и за своја сметка (точка 1).

Согласно член 12 од истиот закон, банка се основа како акционерско друштво со седиште во Република Македонија.

Според член 16 од истиот закон, гувернерот издава дозвола за основање и работење на банка.

Согласно член 131 став 1 од овој закон, гувернерот презема мерки и определува рокови за нивно спроведување, доколку банката, банкарската група, акционерите или органите на банката не ги почитуваат прописите со кои е уредено работењето на банките или нивните интерни процедури. Според ставот 2 на овој член, мерките што ги презема гувернерот се: 1) редовни мерки; 2) дополнителни мерки; 3) воведување администрација; 4) повлекување на согласност и 5) одземање на дозвола.

Редовните мерки, согласно член 132 од овој закон, гувернерот ги презема кога банката или банкарската група не ги почитува прописите со кои е уредено работењето на банките.

Дополнителните мерки, согласно член 133 од истиот закон, гувернерот ги презема спрема банка или акционер на банка кога сериозно ги прекршуваат прописите на банката. Дополнителни мерки кои ги презема гувернерот со решение се:
1) овластува лица за непосредно следење на работата на банката или на банкарскиот систем
2) на банката и/или акционерот наложува да:
– ги ревидира интерните процедури и политика,
– ги намали трошоците на работење,
– достигне соодветно ниво на резерви,
– смени лице со посебни права и одговорности,
– изврши дополнителна ревизија од страна на друштво за ревизија, различно од друштвото за ревизија ангажирано од банката, во обем и под услови дефинирани од гувернерот и на трошок на банката,
– постигне и одржува повисок износ на сопствени средства и/или повисока стапка на адекватност на капиталот од пропишаните во согласност со овој закон,
-постигне или одржува построги супревизорски стандарди утврдени во членовите 70, 71, 72, 73 и 74 на овој закон,
– подготви и спроведе план за подобрување на состојбата на банката, доколку банката е поткапитализирана и
– ја докапитализира банката и
3) забранува, ограничува или наложува посебни услови за:
– исплата на дивиденда,
– остварување на правата од акции,
– исплати на членовите на органите на управување,
– изложување кон поврзани лица, освен ако тие се покриени со залог на хартии од вредност издадени, или гарантирани од страна на Република Македонија или Европската унија, кои се чуваат од страна на независно трето лице – депозитна институција и чијашто пазарна вредност во секое време надминува 125% од износот на кредитот, или друг облик на изложеност,
– трансакции со други лица од банкарската група или поврзани лица со банката,
– изложување спрема лице за кое согласно со методологијата на Народната банка се врши исправка на вредност или се издвојува посебна резерва од најмалку 20%,
– пролонгирање на одобрени кредити,
– вршење на сите или одредени финансиски активности,
– отворање делови на банка,
– учество на девизен пазар,
– стекнување на капитални делови во други правни лица и
– отпочнување со нови финансиски активности.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите од Законот за Народната банка како и содржината на оспорените одредби прозлегува дека во случаите кога акционерот ги стекнал акциите спротивно на одредбите од Законот за банки ( член 59 ), кои се таксативно утврдени и акциите за кои е повлечена издадената согласност, гувернерот носи решение со кое на тој акционер, акциите не му носат право на глас, и ќе определи рок во кој акционерот е должен да ги продаде акциите. Доколку во предвидениот рок акционерот не ги продаде акциите, а банката исплатила дивиденда на другите акционери, дивидендата за акционерот за кој со решение е утврдено дека нема право на исплата на дивиденда, тие средства се распоредуваат во општата резерва на банката.

Имајќи го предвид наведеното,Судот оцени дека наводите во иницијативата дека со законското решение од член 137 ставовите 3 и 4 од Законот се ограничувало правато на сопственост без да се утврди јавен интерес и без да се даде соодветен паричен надоместок, биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 30 став 3 и 4 како и член 58 од Уставот се основани.

Според мислењето на Судот согласно наведените одредби на гувернерот на Народната банка на Република Македонија му се дадени прешироки овластувања при преземање на дополнителни мерки кои мерки се презема во исклучителни ситуации спрема акционерите во банка. Тоа значи дека во конкретниов случај гувернерот располага со туѓи акции во смисла на тоа што ако акционерот не ги продаде акциите во определениот рок, по налог на гувернерот истите се продаваат на берза, а средствата одат во резервниот фонд на банката. Со ваквиот начин на уредување на ова прашање Гувернерот се става над органите на управување во банките кои да одлучуваат за овие прашања, поради што од основано се поставува прашањето дали со вака дадените прешироки овластување не се доведува во прашање уставно гарантираното право на сопственост утврдено во член 30 од Уставот.

6. По однос на наводите во иницијативата дека оспорениот член 137 став 1 од Законот за банките, според кој акционерот што стекнал акции во банка спротивно на закон го губи правото на глас од поседување на акции не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7, со член 30 став 1 и член 58 од Уставот на Република Македонија, Судот оцени дека истите се неосновани.

Имено, тргнувајќи од наведените уставни одредби како и од член 58 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето, а учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Прашањето на управувањето и одлучувањето во банките како посебни институции се уредени во Законот за Народната банка и Законот за банките со цел обезбедување и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем, почитувајќи ги меѓународните стандарди, со интенција банкарскиот систем како дејност од јавен интерес да функционира стабилно, ефикасно и транспарентно.

Оттука, според Судот преземањето на предвидената дополнителна мерка одземање на правото на глас од поседување на акции од страна на гувернерот на Народната банка, кои стекнале акции на нелегален начин, односно за овие акции е повлечена издадената согласност има за цел да ги заштити другите акционери и банката од влијанието на акционерите во процесот на управувањето и одлучувањето во банката.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 137 став 1 од Законот за банките во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Судот решение од точката 1 го донесе со мнозинство гласови, а од точката 2 едногласно во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.43/2013
26 јуни 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски