Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 4 јуни 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за неисполнување на условите за усогласување на намената на бесправните објекти со намената на земјиштето на кое се изградени бесправните објекти утврдени со важечкиот ДУП Реонски центар Ѓорче Петров на општина Ѓорче Петров, заведена под бр. 07-3982/5 од 24.12.2012 година, донесена од Советот на општина Ѓорче Петров („Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.16/2012).
2. Ангеле Димовски и група граѓани од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката наведена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била спротивна на Законот за постапување со бесправно изградени објекти поради тоа што со неа не била дозволена легализација на објектите во Стара Српска Железничка Колонија (по ново Реонски Центар) во општина Ѓорче Петров, бидејќи тие објекти биле планирани да се рушат и на нивно место да се изградат стамбени и деловни објекти.
Одлуката била донесена кон крајот на 2012 година, при донесување на Буџетот на општината, како претпоследна точка на дневниот ред, при што градоначалникот ги приморал советниците укажувајќи дека доколку не ја донесат одлуката, немало да им бидат исплатени паушалите. Одлуката била донесена поради атрактивноста на земјиштето кое се наоѓало во центарот на населбата, во кој имало околу 200 куќи во сопственост на физички и правни лица кои чекаат на легализација на објектите како сите граѓани во Република Македонија. Со оспорената одлука, граѓаните од овој дел на населбата Ѓорче Петров биле ставени во нерамноправна положба со останатите граѓани во населба Ѓорче Петров и во Република Македонија.
Одлуката била спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, 6 и 8 и член 9 од Уставот на Република Македонија, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука ја донел Советот на општина Ѓорче Петров на 24 декември 2012 година, заведена под бр. 07-3982/5 од 24.12.2012 година и објавена во „Службен гласник на општина Ѓорче Петров“ бр.16/2012.
Според членот 1 од Одлуката, со оваа Одлука се утврдува дека не се исполнети условите за усогласување на намената на бесправните објекти со намената на земјиштето на кое се изградени бесправните објекти утврдена со важечкиот ДУП Реонски центар Ѓорче Петров на општина Ѓорче Петров, донесен со Одлука број 07-165/4 од 28.02.2003 година и нема можност за усогласување на намените во идното донесување на урбанистичко-планска документација, заради вклопување на изградените бесправни градби изградени надвор од сегашен плански опфат на општината.
Во членот 2 од Одлуката е наведено дека оваа Одлука се однесува за урбанистичките парцели утврдени со ДУП Реонски Центар Ѓорче Петров и тоа следните: УП 1.2.1 со намена КДД; УП 1.2.2 со намена КДД; УП 1.3.1 со намена КДД; УП 1.3.2 со намена СО; УП 1.4 со намена КДД; УП 1.5.1 со намена КДД; УП 1.5.2 со намена КДД; УП 1.6.1. со намена КДД; УП 1.6.2. со намена КО; УП 1.6.3. со намена КДД; УП 2.1.2. со намена КДД; УП 2.2.1. со намена КДД; УП 2.2.2. со намена КДД; УП 2.5. со намена КДД; УП 2.6. со намена КО; УП 5.2. со намена КДД; УП 5.4. со намена КДД; УП 5.5. со намена КДД; УП 5.6. со намена КДД. Графичкиот прилог за урбанистичките парцели од став 1 е составен дел на оваа Одлука.
Согласно членот 3 од Одлуката, таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен Гласник на Општина Ѓорче Петров “ .
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од содржината на оспорената одлука донесена од Советот на општина Ѓорче Петров произлегува дека станува збор за одлука донесена согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со која се утврдува дека не се исполнети условите за усогласување на намената на бесправните објекти со намената на замјиштето согласно важечкиот ДУП за Реонски Центар Ѓорче Петров. Одлуката по својата содржина е конкретен акт кој има дејство само за сопствениците на бесправно изградените објекти кои се наоѓаат во овој реон, а не пропис со кој на општ начин се уредуваат односите за неопределен круг на лица.
Со оглед на тоа што оспорената одлука претставува конкретен акт кој не може да биде предмет на оценка пред Уставниот суд, Судот утврди дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.39/2013
4 јуни 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски