Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 мај 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката донесена од собранието на доверители на Приватната здравствена установа Градска аптека Скопје-Скопје, на рочиштето одржано на 01.07.2011 година по предметот I. СТ. 427/10 кој се води во Основен суд Скопје 2 Скопје.
2. Планинка Јовановска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Подносителот на иницијативата, наведува дека оспорената Одлука била донесена со мнозинство на гласови спротивно на одредбите на член 49 став 2 од Законот за стечај, одлуката била донесена на предлог од неовластен предлагач спротивно на член 40 став 2 точки 4 и 5 од Законот за стечај, и дека одлуката не била во согласност со член 98 став 2 од Законот за стечај, како и Уставниот суд според член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да донесе Решение за запирање на извршувањето на Одлуката на собранието на доверители на Приватната здравствена установа Градска аптека Скопје-Скопје, на рочиштето одржано на 01.07.2011 година по предметот I. СТ. 427/10 кој се води во Основен суд Скопје 2 Скопје, бидејќи постоел основ за сомневање дека извршувањето на оваа одлука можела да предизвика тешко отсранливи последици.
Врз основа на наведените причини подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд на Република Македонија да ја испитa уставноста и законитоста на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука предвидува да се затвори деловниот потфат на стечајниот должник Приватна здравствена установа Градска Аптека – во стечај Скопје и да се пристапи кон впаричување на неговиот имот по пат на прибирање на затворени писмени понуди и истовремено Судот утврдил дека со формално решение ќе ја констатира одлуката на собранието на доверители.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Од називот и содржината на оспорената одлука јасно се гледа дека со неа се затворил деловниот потфат на стечајниот должник Приватна здравствена установа Градска Аптека – во стечај Скопје и се пристапило кон впаричување на неговиот имот по пат на прибирање на затворени писмени понуди, од што произлегува дека по својата форма и содржина одлуката претставува поединечен и конкретен акт кој нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот и не може да биде предмет на уставно судска оцена. Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека се исполнети условите утврдени во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
Тргнувајќи од фактот дека секој пропис треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да определува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот утврди дека во конкретниов случај оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што не може да биде предмет на уставно судска оцена.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.36/2013
29 мај 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски