Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 мај 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Одлуката за организирање на Јавното претпријатие ГАМА во Акционерско друштво ГАМА АД – Скопје бр.19-2247/1, донесена од Владата на Република Македонија на 14 јуни 2006 година („Службен весник на РМ“ бр.77/2006).
2. Државното правобранителство на Република Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 4 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член 4 од Одлуката се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51, член 88 и член 91 став 1 алинеа 5 од Уставот на Република Македонија како и член 2 и член 36 став 3 од Законот за Влада на Република Македонија.
Според подносителот со донесување на наведената одлука Владата на Република Македонија постапила надвор од своите законски овластувања дадени со Законот за Владата на Република Македонија кога во уводот на одлуката како извор на право за донесување на одлуката го има цитирано Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со Гасоводниот систем на Република Македонија склучен меѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД во Скопје заведен под бр.19-2247/1 од 14 јуни 2006 година.
Наведениот Протокол во никој случај не можел да биде извор на право Владата на Република Македонија да донесе одлука бидејќи бил во спротивност со член 2 и член 36 став 3 од Законот за Влада на Република Македонија спротивно на член 88 и член 91 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија.
Ваквата одлука создавала правна несигурност според подносителот во правниот систем на Република Македонија бидејќи е во спротивност со уставниот принцип на владеење на правото, согласно кој принцип сите акти треба да бидат во согласност со Уставот и законот, практичната примена на начелото на уставност и законитост, подведување на сите органи на власта и поединци под Уставот и законот, односно потчинетост на правниот поредок.
Оспорениот член од одлуката бил спротивен на член 9 од Уставот на Република Македонија бидејќи со Протоколот како извор на правото се фаворизирала одредена група на граѓани кои раководат со Макпетрол и ЈП ГАМА – Скопје дадени во став 2 од член 4, долгувањето кое ЈП ГАМА го има до денот на донесувањето на оваа одлука ги презема Владата на РМ, што значи врз основа на Протоколот – облигационен договор Владата на Република Македонија превзела некои долгувања кои не се знае ни по кои основи се настанати, која висина, видот на долгувањето и на кој начин е настанат спорниот правен однос.
Содржината на одредбата 4 од Одлуката немала уставна и законска основа во уводот на оспорената одлука.
Владата на Република Македонија своите надлежности не ги извршувала врз основа на облигационен протокол заклучен со правно или физичко лице.
Согласно член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија, со одлука Владата одлучувала за одделни прашања и мерки за извршување на законите, а во конкретниов случај Протоколот не претставува закон и со Одлука не може да се извршува протокол кој претставува облигационен акт.
Извршувањето на своите надлежности преку облигационен протокол кој претставувал извор на право на оспорената одлука бил спротивен на член 88 и 91 од Уставот.
Поради сето наведено подносителот му предлага на Уставниот суд на Република Македонија да донесе одлука за поништување на оспорената одредба, а до донесување на конечната одлука Судот да донесе решение со кое ќе го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на член 4 од Одлуката.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 4 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на РМ“ бр.38//1996, 6/2002, 40/2003,и 49/2006), а во согласност со Протоколот на начинот на уредување намеѓусебните односи во стопанисувањето со Гасоводниот систем на РМ склучен меѓу Владата на РМ и Макпетрол АД од Скопје. Владата на РМ на седницата одржана на 14 јуни 2006 година донела: Одлука за организирање на јавното претпријатие ГАМА во Акционерско друштво ГАМА АД – Скопје.
Во член 1 од одлуката е предвидено дека „Заради стопанисување со Гасоводниот систем на РМ Владата на РМ го прифаќа вложувањето на Макпетрол АД Скопје во Јавното претпријатие ГАМА Скопје, според условите определени во Одлуката за вожување во ЈП ГАМА бр.0202-3091/1 донесен од АД Макпетрол на 14 јуни 2006 година.
Во член 2 од одлуката е предвидено дека „Согласно член 1 од оваа одлука ЈП ГАМА Скопје се организира како акционерско друштво ГАМА (во натамошниот текст: ГАМА АД).
Во членот 3 е предвидено дека ГАМА АД ќе управува и стопанисува со Гасоводниот систем на РМ согласно Законот за енергетика („Службен весник на РМ“ бр.63/2006) и Статутот на ГАМА АД.
Во оспорениот член 4 од Одлуката е предвидено дека: „Основната главнина на ГАМА-АД ја сочинуваат: гасоводниот систем на Република Македонија реализиран до основањето на ГАМА АД кој е дефиниран како систем за пренос на природен гас според Законот за енергетика подвижните ствари поврзани со гасоводниот систем, кои што технички, технолошки и книговодствени му припаѓале на гасоводниот систем според пописот заклучно со 30.06.2006 година и финансиските средства за отпочнување со работа (обратен капитал) кои се искажани во прилог бр. 1 од Протоколот.
Долгувањата кои ЈП ГАМА ги има до денот на донесување на оваа одлука ги презема Владата на Република Македонија.”
Во членот 5 од одлуката е предвидено дека: „Согласно точката 4 и точката 6 од Протоколот почетниот сооднос во номиналниот износ на основната главнина до правосилната пресуда на судот е 50% : 50%.
Владата на РМ го овластува Централниот депозитар на хартии од вредност да го запише на сметката на ГАМА АД бројот на акциите соодветен на номиналното учество на РМ во ГАМА АД определено според правосилната одлука на судот. Соодветно на така утврденото учество на акциите во основната главнина на ГАМА АД ќе се извршат соодветни измени во Статутот на ГАМА АД.
До денот на утврдувањето на учеството со правосилна одлука на судот, Република Македонија и Макпетрол АД ќе учествуваат во распределбата на добивката и управувањето со ГАМА АД според учеството определено во став 1 на овој член.“
Во член 6 од Одлуката е предвидено дека :
Согласно точката 5 од Протоколот во ГАМА АД ќе продолжат да работат лицата кои континуирано се вработени во ЈП ГАМА заклучно со 26.09.1997 и вработените во Дирекцијата за природен гас на Макпетрол АД Скопје заклучно со 1.01.2005 година.
Во членот 7 од Одлуката е предвидено дека „Владата на РМ и ЈП ГАМА Скопје во тужбата ПС. VII бр.368/05 поднесена против Макпетрол АД ќе го остваруваат само тужбеното барање кое се однесува на утврдување на правото на Република Македонија на сопственост на идеален дел на Гасоводниот систем на Република Македонија.
Во членот 8 од Одлуката е предвидено дека Владата на РМ ќе ги уреди даночните импликации кои ќе произлезат од бришењето на влогот на Република Македонија кој што во евиденцијата во финансиските извештаи и завршните сметки на Макпетрол АД се води како обврска на Макпетрол АД према Република Македонија и истовремено од 1996 година се води како основен влог на Република Македонија во ЈП ГАМА Скопје.
Според член 9 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на РМ“.
4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на други прописи и на негови делови со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Видно од содржината на оспорената Одлука произлегува дека таа е донесена согласно член 4 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1996, 6/2002, 40/2003 и 49/2006),а во согласност со Протоколот за начинот на уредување на меѓусебните односи во стопанисувањето со Гасоводниот систем на Република Македонија склучен меѓу Владата на РМ и Макпетрол АД Скопје, а не само врз основа на наведениот протокол како што потенцира подносителот на иницијативата.
Според член 1 од Законот за јавни претпријатија, јавни претпријатија можат да се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес. Јавни претпријатија во име на Република Македонија основа Владата на Република Македонија, во име на општината советот на општината и во име на градот Скопје Советот на град Скопје.
Според член 4 од наведениот закон, основачот на јавното претпријатие со одлука може јавното претпријатие да го преобрази во друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво. Ако во јавно претпријатие се вложат средства на правни и физички лица, основачот донесува одлука јавното претпријатие да се организира како друштво со ограничена одговорност или акционерско друштво.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, уставно судска практика, целината на содржината на Одлуката и оспорениот член 4, Судот оцени дека оспорената одлука нема карактер на пропис подобен за уставно судска оцена, туку дека станува збор за поединечен и конкретн акт донесен во функција на процесот на преобразба на конкретно јавно претпријатие во акционерско друштво.
Имено, за да еден конкретен акт биде предмет на уставно судска оцена, меѓу другото, треба да содржи општи норми, да уредува односи на општ начин, од него да произлегуваат права и обврски за неопределен број на субјекти во правото, што не е случај со оспорената одлука.
Тргнувајќи од наведеното, а врз основа на наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспорената одлука во целина ,а со тоа и членот 4 од означената одлука , односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.170/2012
29 мај 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски