У.бр.125/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 22 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 и член 53 став 1 во делот: „по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект“ од Правилата за снабдување со топлинска енергија (”Службен весник на Република Македонија” број 97/2012).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата означени во точка 1 на ова решение, во целина, и посебно на член 9 ставовите 2 и 4, член 18, член 53 став 1 во делот: „Во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање“ и став 2 и член 55 став 1 од Правилата.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 54 и член 66 ставовите 1 и 2 од Правилата означени во точка 1 на ова решение.

4. Стрезо Стрезовски, Петар Баришиќ и Стамен Филипов, сите од Скопје и Либерално демократската партија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на Правилата за снабдување со топлинска енергија, означени во точка 1 на ова решение.

4.1. Според подносителот на иницијативата Стрезо Стрезовски, со одредбата на член 9 став 2 од Правилата, со која било предвидено дека граѓаните кои, од која било причина не склучиле договор, ќе се смета дека биле во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија, им се одземало правото на потрошувачите да ја изразат својата слободна волја за склучување на договор, што било спротивно на член 18, член 20 став 2, член 62 став 1 од Законот за облигационите односи, член 22 од Законот за енергетика и член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Член 9 став 4 од Правилата според кој било пропишано казнување со „задолжување“ на потрошувачите затекнати во вршење на кривично дело против имотот – нелегално користење на топлинска енергија, бил во спротивност со член 3 од Законот за кривична постапка, член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и член 14 од Уставот, член 6 и член 7 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, член 11 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 15 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

Член 13 од Правилата, според кој на управителот на станбената зграда му се доделувале должности да ги пријавува потрошувачите кои нелегално користат топлинска енергија и да составува некакви записници и дава некакви писмени согласности врз основа на кои снабдувачот ќе правел некакви „промени“, бил во спротивност со член 19 од Законот за домување, каде вакви надлежности не постоеле, член 3 од Законот за кривичната постапка, член 6 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, член 10 и член 11 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 14 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

Со член 53 став 1 и став 2 од Правилата се ограничувале слободата и правата на човекот и граѓанинот, со подзаконски акт и тоа на дискриминирачки начин, што не било во согласност со Одлуката на Уставниот суд, У.бр. 148/2008, член 8 став 1 алинеите 3 и 11, член 9, член 51 став 1 и член 54 став 1 и став 3 од Уставот, член 1 од Протокол 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Преамбулата и членовите 1, 2 и 29 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права. Со оглед дека во ставот 2 било предвидено „задолжување“ односно плаќање без да постои облигационен однос, тоа не било во согласност со член 8 став 1 и член 38 од Законот за облигационите односи, член 8 став 1 алинеја 3 и член 55 од Уставот.

Член 66 во ставовите 1 и 2 од Правилата, претставувале диктат, во кој се наложувало на потрошувачите кои се исклучиле од системот за затоплување до 01.10.2012 година, повторно да се приклучат или да плаќаат надомест за некакви фиксни трошоци. Ваквиот диктат немал правен основ, со него се вршела дискриминација, се мешал во приватниот живот на граѓаните и се ограничувала нивната правна положба самостојно да одлучуваат на кој начин ќе ги затоплуваат своите домови.

– дискриминацијата не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 11, член 9, член 51 став 1 и член 54 став 1 и став 3 од Уставот, член 1 од Протокол 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Преамбулата и членовите 1, 2 и 29 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права;

– мешањето во приватниот живот на граѓаните не било во согласност со член 25 и член 26 од Уставот, член 8 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, член 12 и член 17 став 1 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 17 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права;

– ограничувањето на правната положба на граѓаните самостојно да одлучуваат на кој начин ќе ги затоплуваат своите домови не било во согласност со 55 од Уставот, член 6 од Универзалната декларација за правата на човекот и член 16 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права.

4.2. Според иницијативата на Либерално демократската партија, со член 13 став 3 од Правилата се овозможувало снабдувачот да може по своја слободна проценка да оцени дали има промена на статусот на потрошувачот, што значело дека снабдувачот можел сам субјективно да одлучува дали е приклучен неовластено потрошувачот, без да изврши било каква проверка. Овој член, спротивно на Уставот, ја штител монополската положба на единствениот снабдувач на топлинска енергија Топлификација АД.

Со член 18 од Правилата се предвидувало дека потрошувачите биле должни да плаќаат надомест и за делови од станбени згради кои воопшто не се затоплувале (скали, ходници, подруми, тавани и кој знае што се не, бидејќи во овој член немало формулација за тоа што се подразбира под „ и др.“), што овозможувало монополско и самоволно однесување и заштита на единствениот снабдувач на топлинска енергија Топлификација АД спротивно на Уставот.

Со членовите 53 и 54 од Правилата, со кои се предвидувале услови за исклучување на потрошувачите од колективните станбени објекти, по нивно барање, а по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи, односно од сите потрошувачи, што практично било невозможно особено за големи станбени објекти, со што, спротивно на Уставот, се штитела монополската положба на снабдувачот Топлификација АД.

Понатаму, со членот 53 од Правилата се предвидувало дека и исклучените потрошувачи се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија кој се определувал согласно тарифниот систем за топлинска енергија, со која одредба се овозможувало монополскиот снабдувач да наплаќа и за услуги кои воопшто не ги испорачува, што исто така било во спротивност со Уставот. Покрај тоа, овој член овозможувал и ретроактивна примена, што исто така било во спротивност со Уставот. Понатаму, подносителот на иницијативата укажува дека Уставниот суд пред неколку години, веќе укинал повеќе одредби од неколку акти кои предвидувале да се наплатува и за неиспорачана топлинска енергија, односно и за потрошувачи кои се исклучени од системот на снабдување со топлинска енергија, што значи се работело за веќе еднаш пресудена работа. Понатаму, овој член овозможувал неодговорно и монополско однесување на Топлификација АД Скопје и наплата на топлинска енергија во паушал и за оние потрошувачи во чии станбени објекти воопшто и не поминувала никаква инсталација поврзана со испорака на парно греење, со што со овој член дополнително се овозможувало и дури поттикнувало монополско однесување и монополска положба. Притоа, во овој член воопшто и не се споменувала обврската за снабдувачот, да се воведе систем за мерење по грејно тело, со што би се овозможила реална и стварана наплата за испорачана топлинска енергија, како што било во сите земји на Европската унија, каде заштитата на потрошувачите, а особено од монополското однесување, била една од темелните вредности на правниот поредок на Унијата.

Поради наведеното, оспорените членови 13, 18, 53 и 54 од Правилата биле спротивни на Законот за облигационите односи и член 8 став 1 алинеите 3 и 7, член 52 став 4 и член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, поради што се бара Уставниот суд да ги укине.

Исто така, со оглед дека постоеле услови за нанесување на ненадоместливи штети за граѓаните, се бара Уставниот суд да донесе решение за времена мерка за запирање на примената на оспорените одредби од Правилата, до донесување на конечна одлука по иницијативата.

4.3. Според иницијативата на Петар Баришиќ, со член 55 став 1 од Правилата се овластувал снабдувачот на пристап на секој имот заради исклучување на испораката на топлинска енергија, што недвосмислено значело повреда на домот, бидејќи затоплувањето се врши на домаќинства, која присила можела да се дозволи само со судска одлука. Поради тоа, оваа одреба од Правилата била во колизија со член 26 од Уставот.

Член 66 од Правилата пропишувал присила за склучување на договори и приклучување на дистрибутивниот систем на оние лица кои се исклучиле од системот пред влегување во сила на овие правила, па доколку тоа не го сторат им се заканувало со обврска за плаќање на надоместок на снабдувачот. Вака пропишаните правила не можело да бидат поповолни за граѓаните, бидејќи граѓаните мора да плаќаат нешто што не го користат. Поради тоа, постоела повреда на член 52 став 4 од Уставот. Задолжително пропишаниот надоместок не можел да се смета како јавна давачка за да се намират јавни расходи, туку пропишаниот надоместок претставувал приход на приватно трговско друштво.

Според подносителот на иницијативата, во конкретниот случај не можело да се пропише било каква присила ретроактивно во корист на приватно трговско друштво, туку на граѓаните морало да им се остави право на слободен избор. Не можело пропишаната температура за време на затоплување во становите од +20 степени целзиусови да се смета како квалитетно затоплување.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 55 став 1 и член 66 од Правилата и да ги поништи, а воедно предлага Судот да донесе привремена мерка со забрана за примена на тие одредби до донесување на конечна одлука. Доколку не се донесе таква мерка, граѓаните ќе се доведеле во неповолна положба поради пропишаните преклузивни рокови.

4.4. Според иницијативата на подносителот Стамен Филипов, со член 13 од Правилата се пропишувале надлежности за управителот на станбената зграда, иако надлежностите на управителот можеле да се пропишуваат само со Законот за домување или со друг закон, а не и со оспорените правила. Содржината на Правилата била пропишана со член 28 став 2 од Законот за енергетика, од каде произлегувало дека тука не биле опфатени надлежностите на управителот на станбената зграда.

Член 53 став 1 од Правилата значела дека оној кој сака да се исклучи од дистрибутивниот систем на топлинска енергија бил условен од претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на колективниот објект, што било во спротивност со член 30 од Уставот и член 8 и член 9 став 3 од Законот за сопственост и други стварни права. Со исклучувањето, односно раскинувањето на индивидуалниот договор за снабдување со топлинска енергија, сопственикот на конкретниот стан не го нарушувал правото на останатите сопственици да склучуваат договори со дистрибутивниот систем на топлинска енергија и не им нанесувал штета. Односот на останатите сопственици бил индивидуален однос со дистрибутерот на топлинска енергија и договорните услови биле прашање на согласност помеѓу нив, без никакво вмешување на оние кои не сакаат да склучат договор. Од друга страна, со барањето за претходна согласност од вкупниот број на потрошувачи на колективниот објект, во случај на исклучување, се ограничувало правото на сопственикот да располага со својот стан во потполност, односно, се барал посебен надоместок за да може да си го оствари правото на сопственост, што било спротивно на Уставот и закон, еден или повеќе од сопствениците да се поставувал во субординација кон останатите сопственици на зградата. Позитивната законска регулатива упатувала на спротивно решение. Имено, сопственикот кој се исклучил од системот, автоматски бил поставен во ситуација од него да се бара дозвола цевките за пренос на топлинска енергија да поминуваат низ просторот на неговиот стан. Сопственикот кој се исклучил требало да дозволи ваков премин, без барање на посебен надомест за овој проод, согласно член 17 од Законот за сопственост и други стварни права, во кој се уредувале односите меѓу соседите како сопственици на недвижен имот (соседско право).

Според член 53 став 2 од Правилата, не само што се употребувал просторот на стан, кој не е дел од договорниот однос, не само што се присилувале граѓаните кои не сакаат да ја користат топлинската енергија од дистрибутивниот систем и мораат да бидат изложени на несакано загревање на просторот, туку и за несаканите дејствија морале да плаќаат одредена сума на пари. На тој начин се повредувало/ограничувало правото на сопственост и граѓанинот бил присилен да воспостави договорен однос со дистрибутерот, без можност за избор и под присила. Ова било во спротивност со член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 7, член 30 и член 50 од Уставот и членовите 8 и 9 од Законот за сопственост и други стварни права, заради тоа што со наведените обврски на граѓаните им се оневозможувало несметано и мирно уживање на својата сопственост и се оптоварувале со давачка која не била со закон предвидена, а која била поврзана со нивната сопственост. Со договорот за снабдување со топлинска енергија, кој се склучувал помеѓу тарифниот потрошувач и снабдувачот, се договарало тарифниот потрошувач да добие топлинска енергија за која треба да се плати соодветен надоместок. Со раскинувањето на договорот тарифниот потрошувач се откажувал од добивањето топлинска енергија, со што го губел правото на добивање топлинска енергија и во исто време се ослободувл од обврската за исплата на истата. Оттука, произлегувало дека оваа одредба била спротивна на членовите 4, 7, 8, 12 и 121 од Законот за облигационите односи, како и член 2 од Законот за енергетика. Со оспорената одредба не само што се заштитувала монополската позиција на единствениот снабдувач со топлинска енергија ДООЕЛ Скопје, лиценциран дистрибутер на топлинска енергија за целиот град Скопје дури до 2015 година, туку и се дестимулирале и се оневозможувале граѓаните да инвестираат средства за искористување на обновливи извори на енергија.

Определувањето на обврска за плаќање на несакана испорака на топлинска енергија не произлегувала ниту од Законот за енергетика. Имено, во член 28 од овој закон било пропишано што уредуваат правилата за снабдување со топлинска енергија, меѓу кои не се споменувало прашањето за раскинување на договорот од страна на потрошувачот на топлинска енергија, со што произлегувало дека ова раскинување на договорот останува да биде уредено само со Законот за облигационите односи.

Определувањето на обврска за плаќање на несакана испорака на топлинска енергија било во спротивност и со член 115 точка 4 од Законот за енергетика, според која одредба значело дека никако не можело да се бара од потрошувачите, кои се исклучени од системот, да одговараат за обврска на операторот што ја презел во моментот на добивање на лиценцата. Решавањето на проблемот со губење на топлинската енергија во текот на дистрибуцијата од местото на производството до местото на испорака бил дел на обврска на снабдувачот и не можело да биде ставено во обврска на субјектот кој веќе не бил во договорен однос со истиот. Едновремено, со тоа се прекршувала и загарантираната слобода на пазарот и претприемништвото од член 55 став 1 од Уставот, бидејќи не само што не се казнувал, туку и се наградувала неспособноста на ДООЕЛ Скопје да ги задржи потрошувачите со сила ( а да не се зборува за стекнување нови потрошувачи), односно му се дозволувало наводниот трошок од исклучените потрошувачи да го префрли или стави на товар на тековните потрошувачи.

Членот 66 од Правилата бил спротивен на член 20 став 3 од Законот за облигационите односи, според кој изјавата на волја морала да биде направена слободно и сериозно. Имено, со наметнувањето обврска за склучување договор, како што било во оспорениот член, всушност се нарушувала слободата на волјата на една од договорните страни.

Според основната одредба на член 16 од Законот за облигационите односи, врз облигационите односи кои се уредуваат со други закони и меѓународни договори кои ги ратификувала Република Македонија се применуваат одредбите на овој закон во прашањата што не се уредени со тој закон, односно меѓународен договор. Со оглед дека во Законот за енергетика не била предвидена одредба која се однесува на оваа проблематика, требало да се применат одредбите на Законот за облигационите односи, а не оспорените правила.

Постоењето на присила за склучување на договор, претставувало основа за рушливост на договорот (член 103 од Законот за облигационите односи).

Поради наведеното, оспорените правила не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 6, 7 и 11 и став 2, член 30, член 51 и член 55 од Уставот, Законот за енергетика, Законот за домување, Законот за сопственост и други стварни права и Законот за облигационите односи.

При одлучувањето по оваа иницијатива, подносителот предлага Судот да ја има предвид и одредбата на член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.148/2008.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените правила во целина и посебно на член 13, член 53 и член 66 и истите да ги поништи.

Воедно, се предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените правила, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

5. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, потрошувачите што не склучиле договор со снабдувачот од било кои причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија. Според став 4 на истиот член, потрошувачите кои не се пријавиле уредно и благовремено од било која причина кај снабдувачот, а се затекнати дека користат топлинска енергија во грејна сезона, ќе бидат задолжени со надоместок за топлинска енергија за период од една година, а најмалку за период од почетокот на тековната година.

Според член 13 од Правилата, управителот на станбената зграда односно заедницата на сопственици – правно лице е должен да ги пријави потрошувачите на топлинска енергија кои на нелегален начин ја користат истата, односно да пријави промена на статусот исклучен / вклучен, како и да пријави за промената на сопственикот. За оваа цел снабдувачот му стои на располагање на Управителот да во негово присуство со својата стручност се утврди вистинската состојба (став 1). Доколку потрошувачот одбива да дозволи контрола во грејните простории и инсталации на потрошувачот кој на нелегален начин ја користи топлинската енергија, Заедницата на сопственици и снабдувачот прават записник (став 2). Врз основа на записникот од став 2 на овој член и писмена согласност на Управителот на стамбената зграда, односно Заедницата на сопственици– правно лице, снабдувачот ќе ја направи промената, без да се направи увид во грејниот простор и грејната инсталација на потрошувачот (став 3). Заедницата на сопственици е должна да ги достави податоците за потрошувачот кај кого се врши промената согласно став 1 (став 4).

Согласно член 18 став 1 од Правилата, надоместокот за потрошената топлинска енергија за затоплување на заеднички простории: скали, ходници и др. кои не се влезени во грејната површина на потрошувачот, се распределува подеднакво на сите потрошувачи под исти услови и цени како и за затоплување на останатите простории, пропорционално на потрошената енергија.

Според член 53 став 1 од Правилата, во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошу-вачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Според став 2 на истиот член, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија. Согласно став 3 на овој член, доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.

Според член 54 од Правилата, потрошувачот кој што живее во индивидуален објект и кој од било кои причини не сака да користи топлинска енергија е должен да го одјави користењето на топлинска енергија, со писмено барање(образец) за исклучување насловено до снабдувачот (став 1). Потрошувачот е прописно исклучен кога грејните тела физички се одвоени од грејната инсталација на објектот и записнички констатирано од страна на снабдувачот (став 2). Исклучување и приклучување на затоплуваниот простор на потрошувачот може да се изврши, по барање на потрошувачот, само вон грејна сезона, односно во период од 30 мај до 30 август во годината (став 3). По барањето на потрошувачот од став 3 на овој член, снабдувачот е должен да постапи најкасно до 15 септември во годината, а доколку снабдувачот не го испочитува крајниот рок, потрошувачот нема да биде задолжуван за периодот во кој се греел по вина на снабдувачот (став 4). Доколку потрошувачот поднесе барање по истекот на рокот утврден во став 3 на овој член, снабдувачот ќе постапи по барањето кога ќе бидат создадени услови за тоа, без да се наруши режимот на греење на останатите потрошувачи, а потрошувачот доколку се работи за исклучување ќе биде задолжуван со надомест до денот на исклучувањето (став 5). Потрошувачот при поднесување на барање за исклучување должен е да ги подмири сите заостанати обврски према снабдувачот по основ на испорачана топлинска енергија (став 6).

Според Член 55 став 1 од Правилата, снабдувачот има право на пристап во секој имот или објект заради исклучување на испораката на топлинска енергија, во случај кога потрошувачот направи прекршок во согласност со Законот за енергетика или не извршил плаќање за топлинска енергија во согласност со обврските од договорот за снабдување или роковите и условите за давање на услуга.

Согласно член 66 од Правилата, со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година (став 1). Сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија (став 2). Снабдувачот е должен да им достави договор за снабдување со топлинска енергија на сите исклучени потрошувачи во колективни објекти за домување најдоцна до 01.09.2012 година (став 3). Трошокот за приклучување на потрошувачите од став 1 на овој член е на сметка на дистрибутерот (став 4).

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ број 16/2011 и 136/2011), со овој закон се уредуваат:
1) целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација;
2) енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности;
3) изградбата на енергетските објекти;
4) статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија;
5) пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија;
6) условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на
користењето на обновливите извори на енергија и
7) други прашања од значење за енергетиката.

Регулирањето на прашањата поврзани со вршењето на енергетските дејности определени со овој закон, според член 15 став 1 од Законот, ги врши Регулаторната комисија за енергетика. Според став 2 на истиот член, Регулаторната комисија за енергетика е независна во своето работење и одлучување во рамките на надлежностите утврдени со овој закон.

Според член 28 од овој закон, Регулаторната комисија за енергетика за секој вид енергија и природен гас донесува одделни правила за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас (став 1). Согласно став 2 на овој член, со правилата од ставот 1 на овој член поблиску се уредуваат општите услови и начинот на снабдување, како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на соодветен вид енергија или природен гас и операторот на соодветниот систем, а особено:
1) условите, начинот и рокот на склучување на договорот за продажба на соодветниот вид енергија или природен гас;
2) начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи;
3) условите и начинот на обештетување на потрошувачот во случај на намалена испорака или прекин;
4) потрошувачите на кои не може да им се прекине испораката и начинот на
обезбедување на гаранции за намирување на трошоците за потрошената енергија или природен гас од страна на овие корисници;
5) начинот и постапката за промена на снабдувачот по избор на потрошувачот и право на корисникот без надоместок да го промени снабдувачот;
6) квалитетот на испорачаната енергија или природен гас пропишан во соодветните мрежни правила;
7) квалитетот на услугите што ги обезбедува снабдувачот;
8) минималните услови и начин за организациона поставеност и техничка опременост за обезбедување на комуникација со потрошувачите заради обезбедување на пропишаниот квалитет на услугите што ги обезбедува снабдувачот;
9) начинот и постапките за комуникација и размена на информации меѓу снабдувачот и операторите на соодветните системи заради обезбедување на пропишаниот квалитет на енергијата или природниот гас и услугите што ги обезбедуваат операторите;
10) условите и постапката за исклучување на потрошувачите од преносните, односно дистрибутивните системи во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските уврдени со закон, пропис и договор;
11) начинот, формата и роковите за поднесување на извештаите кои снабдувачот е должен да ги достави до Регулаторната комисија за енергетика;
12) неопходните информации што снабдувачите се должни да им ги обезбедат на потрошувачите преку соодветните сметки, како и информациите што треба да бидат јавно достапни, а се од интерес за сите потрошувачи и
13) заштитата на потрошувачите.

Тргнувајќи од напред изнесеното, Судот оцени дека право е на законодавецот да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајов, да основа Регулаторна комисија за енергетика, на која и се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика.

Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, врз основа на член 28 од Законот за енергетика, ги донела оспорените Правила за снабдување со топлинска енергија, со кои се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинска енергија и операторот на дистрибутивниот систем.

Со оглед дека во Законот за енергетика постои основ за донесување на Правилата кои се оспоруваат, произлегува дека истите се во функција на доразработка и операционализација на одредбите од Законот за енергетика од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Поради тоа, Судот оцени дека нема основ за прифаќање на барањето во една од иницијативите, за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата во целина.

7. Според член 118 став 1 од Законот за енергетика, снабдувачот со топлинска енергија на потрошувачите со кои има склучено договор е должен да обезбеди сигурно, континуирано и квалитетно снабдување со топлинска енергија во согласност со Правилата за снабдување со топлинска енергија, договорите за снабдување склучени со потрошувачите и издадената лиценца.

Тоа значи дека законодавецот пропишал дека снабдувањето со топлинска енергија се остварува врз основа на склучен договор помеѓу снабдувачот со топлинска енергија и потрошувачот.

Според член 9 став 2 од Правилата, потрошувачите што не склучиле Договор со снабдувачот од било кои причини, а користат топлинска енергија, се смета дека се во потрошувачки однос со снабдувачот, под исти услови како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија. Согласно став 4 на овој член, потрошувачите кои не се пријавиле уредно и благовремено од било која причина кај снабдувачот, а се затекнати дека користат топлинска енергија во грејна сезона, ќе бидат задолжени со надоместок за топлинска енергија за период од една година, а најмалку за период од почетокот на тековната година.

Наводите во една од иницијативите дека ваквите одредби во Правилата не биле во согласност со одредбите од Законот за облигационите односи кои се однесуваат на склучување на договор како израз на слободна волја на странките (член 18, член 20 став 2 и член 62 став 1), поради што значеле повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, Судот ги оцени како неосновани.

Ова затоа што е неспорно дека законодавецот утврдил снабдувањето со топлинска енергија да се остварува врз основа на склучен договор помеѓу снабдувачот со топлинска енергија и потрошувачот, што е и разработено со Правилата. Но, со оспорените одредби на член 9 од Правилата, се уредува случајот кога станува збор за злоупотреби на ваквиот начин на снабдување со топлинска енергија од одредени потрошувачи, кои без да склучат договор, неовластено ќе се приклучат на системот за дистрибуција на топлинска енергија и ќе користат топлинска енергија, користејќи ги техничките можности за тоа ( што е најчесто случај во објектите за колективно домување во кои е изградена грејна инсталација поврзана со системот за дистрибуција на топлинска енергија и во кои објекти може да постојат потрошувачи кои формално се исклучиле од системот, но кои фактички ја користат топлинската енергија). Во таков случај, основано произлегува дека и овие потрошувачи, исто како и потрошувачите кои склучиле договор, треба да плаќаат за топлотната енергија која ја користат. Со оглед дека станува збор за плаќање на услуга која фактички се користи, произлегува дека корисниците на таа услуга се во потрошувачки однос со снабдувачот, исто како и корисниците што склучиле договор за снабдување со топлинска енергија, поради што Судот оцени дека не може да стане збор за повреда на начелото на владеењето на правото, како што се наведува во иницијативата.

8. Во однос на покренатото прашање за оценување на уставноста и законитоста на член 13 од Правилата, Судот го имаше предвид следното:

Според член 10 став 1 од Закон за домување („Службен весник на Република Македонија“ број 99/2009, 57/10, 36/11 и 54/11 и 13/2012), управувањето со станбените згради претставува следење и спроведување на одлуките донесени од собирот на сопствениците на посебните делови во зградата, застапување во правниот промет и во постапките пред надлежните органи со цел за функционирање, одржување и зачувување на заедничките делови на станбената зграда. Согласно став 2 на овој член, работите на управување од ставот 1 на овој член може да ги врши управител или заедница на сопственици за што сопствениците на посебните делови се должни да донесат одлука со која ќе одлучат овие работи да ги врши управител или заедница на сопственици.

Правата и обврскита на управителот се утврдени во член 19 став 1 од Законот, и тоа:
1. ги извршува одлуките на сопствениците на посебните делови;
2. се грижи за редовно одржување и функционирање на заедничките делови;
3. ги застапува сопствениците на посебните делови во работите на управување и во име на одделни сопственици поднесува тужба за ослободување од обврската за плаќање, односно тужба за задолжување за плаќање на трошоците и издатоците на сопственикот на посебниот дел;
4. ги застапува сопствениците на посебните делови пред управните органи во работите на издавање на дозволи и согласности и во постапките за упис на недвижностите и други управни постапки, во врска со станбената зграда и земјиштето, како и за други работи поврзани со управувањето;
5. подготвува план за одржување на станбената зграда, план со динамика за спроведување на овој план и се грижи за спроведување на планот;
6. подготвува пресметка на трошоците на управување на станбената зграда и ги распоредува трошоците меѓу сопствениците на посебните делови;
7. ги прима уплатите на сопствениците на посебни делови врз основа на месечна пресметка и ги плаќа обврските од договорите склучени со трети лица;
8. ги информира сопствениците на посебните делови за својата работа и им
доставува месечни и годишни пресметки;
9. изготвува годишен извештај за управување со објектот;
10. во согласност со одредбите од овој закон стопанисува со резервниот фонд;
11. врши набројување и нумерирање на становите и го пријавува уписот на
податоците во органот што ги води јавните книги на недвижностите и
12. треба да ги познава стандардите и нормативите за пристапност на лица со хендикеп во станбениот објект.

Според став 4 на истиот член, управителот може да има и други овластувања утврдени со овој закон и со договорот за вршење на управувачки услуги.

Според член 54 став 1 од Законот, ако во станбена зграда има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сопствениците на посебните делови можат да донесат одлука за формирање заедница на сопственици како правно лице за управување со станбената заграда. Одлуката е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови.

Согласно член 58 став 1 од Законот, заедницата на сопственици има право да склучува договори за работи на управување на станбената зграда и не може да врши друга дејност.

Според член 13 став 1 од Правилата, управителот на станбената зграда односно заедницата на сопственици – правно лице е должен да ги пријави потрошувачите на топлинска енергија кои на нелегален начин ја користат истата, односно да пријави промена на статусот исклучен/вклучен, како и да пријави за промената на сопственикот. За оваа цел снабдувачот му стои на располагање на Управителот да во негово присуство со својата стручност се утврди вистинската состојба. Со член 13 став 3 од Правилата, се пропишува дека врз основа на записникот од став 2 на овој член (доколку потрошувачот одбива да дозволи контрола во грејните простории и инсталации на потрошувачот кој на нелегален начин ја користи топлинската енергија, Заедницата на сопственици и снабдувачот прават записник) и писмената согласност на Управителот на станбената зграда, односно Заедницата на сопственици – правно лице, снабдувачот ќе ја направи промената, без да се направи увид во грејниот простор и грејната инсталација на потрошувачот.

Според Судот, вака утврдените должности на управителот на станбената зграда односно заедницата на сопственици – правно лице со Правилата, ги надминуваат рамките на правата и обврските на управителот на станбената зграда односно заедницата на сопственици утврдени со Законот за домување. Имено, законската регулатива за ова прашање упатува дека покрај овластувањата на управителот утврдени со Законот за домување, управителот може да има и други овластувања утврдени со договорот за вршење на управувачки услуги. Со оглед дека во Законот за домување не се опфатени наведените овластувања на управителот, произлегува дека со договорот за вршење на управувачки услуги, станарите во становите за колективно домување можат на управителот со договор да му пренесат овластување да ги пријавува и состојбите и промените на користењето на топлинска енергија од станарите, но во никој случај тоа не е прашање кое со Правилата треба да им биде наметнато на управителот на станбената зграда односно заедницата на сопственици. Не навлегувајќи во оправданоста на ставот на Регулаторната комисија за енергетика дека ангажирањето на управителот на станбената зграда, односно заедницата на сопственици како директно засегнати страни од последиците на некоректно однесување на поедини исклучени потрошувачи е реален пристап за надминување на оваа состојба (искажан во одговорот на иницијативите, доставен до Уставниот суд со акт бр. 09-1601/2 од 28.09.2012 година), според Судот, уставно-правно не е дозволено со Правилата, како подзаконски акт донесен од Регулаторната комисија за енергетика, надвор од законот, да се утврдуваат права и должности за управителот на станбената зграда односно заедницата на сопственици – правно лице. Ваквата регулатива води кон повреда на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорениот член 13 од Правилата.

9. Според член 18 од Правилата, надоместокот за потрошената топлинска енергија за затоплување на заеднички простории: скали, ходници и др. кои не се влезени во грејната површина на потрошувачот, се распределува подеднакво на сите потрошувачи под исти услови и цени како и за затоплување на останатите простории, пропорционално на потрошената енергија.

Наводите во една од иницијативите дека со ваквата одредба се овозможувало монополско и самоволно однесување на снабдувачот Топлификација АД Скопје, како единствен снабдувач во градот Скопје, Судот ги оцени како неосновани. Ова затоа што во станбените згради каде постојат заеднички простории дефинирани со Законот за домување (член 6), на што и се однесува оспорената одредба, реално постои пасивно преземање на топлинската енергија во овие заеднички простории, иако тие директно не се загреваат, што фактички ја зголемува топлотната енергија која се испорачува за загревање на становите, поради што основано произлегува дека сите потрошувачи во станбените згради подеднакво треба да учествуваат во надоместокот за испорачаната топлотна енергија. Одредбата не се бави со конкретни снабдувачи со топлотна енергија како што се наведува во иницијативата (снабдувањето со топлотна енергија, согласно се член 37 од Законот за енергетика, се врши со издавање на лиценца), туку на принципиелен начин го утврдува плаќањето на реално испорачаната топлотна енергија во станбените згради, поради што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на член 18 од Правилата со Уставот, како што се наведува во иницијативата.

10. Со член 53 од Правилата се уредува исклучувањето од дистрибутивниот систем по барање на потрошувачите во колективни објекти. Така, во ставот 1 на овој член, се пропишува дека во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање, по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект. Според ставот 2 на овој член, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија, а согласно ставот 3 на овој член, доколку сите потрошувачи од исто мерно место писмено побараат исклучување од топлификациониот систем за цела грејна сезона или повеќе грејни сезони истите не се задолжуваат со надоместок доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија.

Во однос на прашањата за оценување на уставноста и законитоста на ставот 2 на оваа одредба, кои се покренуваат со иницијативите, Судот го имаше предвид следното:

Според член 28 став 2 точка 2 од Законот за енергетика, со Правилата за снабдување на топлинска енергија поблиску се уредуваат начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната енергија или природен гас и услугите за користење на преносните, односно дистрибутивните мрежи.

Пазарот на топлинска енергија е уреден со главата IX од Законот (член 111 до член 121).

Според член 120 став 1 од Законот, потрошувачите на топлинска енергија приклучени на системот за дистрибуција во подрачјето на кое е воспоставен систем за топлинска енергија имаат право на слободен избор од кој снабдувач ќе бидат снабдувани. Според став 2 на истиот член, снабдувачот со топлинска енергија, врз основа на отчитувањата на мерните уреди и отчитувањата на уредите за локално распределување од членот 119 став 4 на овој закон, врши фактурирање и наплата на испорачаната топлинска енергија на потрошувачите по цена која се состои од просечната цена на топлинската енергија од членот 116 ставот 7 на овој закон за пресметковниот период определен во согласност со правилникот од членот 113 став 5 на овој закон, тарифата за користење на дистрибутивниот систем и надоместокот за снабдување со топлинска енергија.

Од анализата на наведената и останатите законски одредби, произлегува дека законодавецот пропишал право на слободен избор на потрошувачот од кој снабдувач ќе бидат снабдувани со топлинска енергија, врз база на склучен договор, што значи и право на потрошувачот да одбие да склучи договор, односно право да се исклучи од дистрибутивниот систем за снабдување со топлинска енергија. Во таа смисла. со Правилата е предвидена можност сите потрошувачи од исто мерно место, кои се лоцирани во ист објект на колективно домување, да се исклучат од топлификациониот систем за цела грејна сезона или за повеќе грејни сезони и истите, доколку за пресметковниот период на мерниот уред не е регистрирана потрошувачка на топлинска енергија, нема да бидат задолжени за надоместок на топлинска енергија (член 53 став 3).

Со Правилата е предвидена можност и поединечен потрошувач во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, по свое барање, да се исклучи од дистрибутнивниот систем, меѓутоа, во тој случај, се бара претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи во тој колективен објект (член 53 став 1). Исто така, се предвидува вака исклучените потрошувачи да плаќаат одреден надоместок за користење на топлинска енергија (член 53 став 2). Со иницијативата се поставува прашање дали овие исклучени корисници се оптоварени со обврска да плаќаат за услуга која не ја користат.

Во одговор на ова прашање, Судот ја имаше предвид спецификата на колективните објекти за домување, на која се укажува од страна на Регулаторната комисија за енергетика, во одговорот на наводите во иницијативите.

Имено, во објектите за колективно домување, исклучените станови од грејната инсталација заради пасивното преземање на топлинската енергија добиена како последица на поминување на топлинсктата енергија низ вертикалните цевки, како и заради непосредниот пренос на топлинската енергија низ материјата, односно од стан кој се снабдува со топлинска енергија кон стан кој не се снабдува со топлинска енергија, односно од подрачје со повисока температура кон подрачје со пониска температура (кондукција на топлината), предизвикуваат одземање на топлинската енергија од прилкучените станови во колективното домување. Заради појавата на кондукција на топлина, исклучените станови од грејната инсталација во објектите за колективно домување се подгреваат на сметка на приклучените, а исклучените само се догреваат до бараната температура и затоа имаат помал трошок на греење во однос на оние кои се приклучени на грејната инсталација. Така, со исклучувањето всушност се нанесува штета на останатите приклучени корисници, бидејќи дел од топлинската енергија, според законот на физиката, се шири линеарно во сите правци, така што дел се пренесува и кај исклучениот корисник, без оглед дали тој тоа го бара или не. Снабдувањето со топлинска енергија во објекти на колективно домување нема ист третман како и снабдувањето со вода или електрична енергија, како што тоа најчесто се објаснува. Во колективните објекти исклучените корисници од снабдувањето со вода или електрична енергија немаат влијание врз останатите корисници на вода и електрична енергија, но исклучените станови од грејната инсталација имаат негативно влијание врз останатите корисници на топлинска енергија. Исклучените станови се пасивни корисници на топлинска енергија добиена од соседните и останатите станови во колективниот објект.

Во објекти за колективно домување каде снабдувањето со топлинска енергија е предвидено да биде преку системите за дистрибуција на топлинска енергија, не може да стане збор за несакана испорака на топлинска енергија. Сите станбени единици во колективниот објект се снабдуваат со топлинска енергија, а кај исклучените станови топлинската енергија се испорачува преку ѕидовите, подот и таванот со кои се граничи со соседните станови кај кои има испорака на топлинска енергија, како и преку вреловодните цевоводи за испорака и поврат на топлоносителот кои поминуваат низ просторот на исклучениот корисник

Оттука, произлегува дека корисникот на топлинска енергија во колективен објект не е во субординарен (подреден) однос со останатите корисници, туку станува збор за меѓусебно поврзана зависност во користењето на топлинската енергија, како и од аспект на трошоците.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неспорно произлегува заклучок дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 2 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.

Поради наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива се овозможувало и поттикнувало монополското однесување и монополската положба на снабдувачот на топлинска енергија, спротивно на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, овозможувајќи му да наплаќа за услуги што воопшто не ги испорачува.

11. Во однос на бараната согласност од вкупниот број на потрошувачи на колективниот објект, за поединечно исклучување на потрошувачите од дистрибутивниот систем, пропишана со член 53 став 1 од Правилата, Судот го имаше предвид следното:

Во Законот за домување се пропишани повеќе случаи кога се бара согласност од станарите за преземање на одредени дејствија: – донесување на план за одржување на станбената зграда (член 12 став 4), определување на управител (член 18 став 1), договор за вршење на управувачки работи (член 22), раководење со собир на сопственици (член 38 став 2), формирање на заедница на сопственици-правно лице (член 54 став 1), престанок на заедницата на сопственици (член 64 став 1). Заедничко за сите овие случаи е дека одлуката е донесена ако за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови.

Според член 59-а алинеја 5 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012 и 25/2013), доколку се работи за доградба и надградба на згради во етажна сопственост, потребно е да се обезбеди договор со заедницата на сопственици на посебни делови на објектот или писмена согласност од мнозинството сопственици на посебните делови од објектот кои претставуваат повеќе од половината од вкупната површина на објектот со имотни листови за посебните делови на објектот.

Според член 101 став 1 од Законот за сопственост и други стварни права (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 92/2008, 139/2009 и 35/2010), стан, дел од стан, помошна станбена и заедничка просторија врз основа на проектна документација може да се пренамени за вршење на деловна дејност по барање на сопственикот на тој дел од зградата, ако со тоа не се загрозува безбедноста на граѓаните во зградата, ако не и се нанесува штета на зградата и ако не се оневозможуваат другите корисници во мирното користење на становите, по претходна согласност на мнозинството сопственици на становите, односно на целовните простории во зградата, односно на влезот во зградата.

Според член 110 од истиот закон, поправките и преправките на деловите од зградата што се во функција на зградата како целина, можат да се вршат врз основа на договор за заемни односи, а ако не е склучен таков договор врз основа на непосредна спогодба на мнозинството сопственици на деловите од зградата. Поправките и преправките на деловите на зградата што се во функција само на определени делови од зградата (влезови), се вршат врз основа на согласност на мнозинството сопственици на тие делови од зградата (став 1). Ако меѓу сопствениците не дојде до согласност, односно ако некој од нив не се согласи со потребата од поправките, односно преправките, надлежниот суд по предлог на заинтересираниот сопственик, односно на сопствениците, ќе одлучи во вонпарнична постапка дали да се извршат тие поправки, односно преправки, водејќи сметка за нивната оправданост(став 2).

Од наведените одредби произлегува дека законодавецот, во регулирањето на односите на сопствениците на посебни делови во објектите за колективно домување, секогаш водел сметка за согласноста или волјата на мнозинството сопственици на посебните делови. Оттука, произлегува дека во случајот на барање согласност за поединечно исклучување од дистрибутивниот систем на топлинска енергија од сите потрошувачи на тој објект, значи отстапување од наведеното начело на кое се заснова уредување на односите во колективните објекти на домување. Притоа, таковото отстапување не е резултат на волјата на законодавецот, таквиот посебен однос, поради неговата евентуална специфика, да биде уреден со закон, туку е уредено со Правилата, односно со подзаконски акт, што според Судот, претставува утврдување на права и обврски за граѓаните со подзаконски акт наместо со закон, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото.

Тргнувајќи од основните начела утврдени во Законот за сопственост и другите стварни права, според кои сопственикот има право својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и да располага со неа по своја волја, доколку тоа не е спротивно на закон или на некое право на друго лице; дека секој е должен да се воздржува од повреди на правото на сопственост на друго лице (член 8), како и дека правото на сопственост не смее да се врши со цел на друг да му се причини штета или тој да се спречи во остварувањето на неговото право (член 9 став 3), произлегува дека условувањето на поединечното исклучување од топлинскиот систем со согласност од сите потрошувачи (корисници) на системот во објектот на колективно домување, предвидено со подзаконски акт, без законски основ, основано води кон повреда на сопственоста и правата кои произлегуваат од сопственоста, како и повреда на уставната определба утврдена во член 30 став 3 од Уставот, дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 53 став 1 во делот: „по претходно добиена согласност од вкупниот број на потрошувачи на тој колективен објект“ од Правилата со Уставот и наведените закони.

12. Според член 55 став 1 од Правилата, снабдувачот има право на пристап во секој имот или објект заради исклучување на испораката на топлинска енергија, во случај кога потрошувачот направи прекршок во согласност со Законот за енергетика или не извршил плаќање за топлинска енергија во согласност со обврските од договорот за снабдување или роковите и условите за давање на услуга.

Наводите во една од иницијативите дека со оваа одредба се повредувала неповредливоста на домот, гарантирана со член 26 од Уставот, Судот ги оцени како неосновани.

Имено, според член 119 став 3 од Законот за енергетика, ако мерниот уред се наоѓа на имотот на корисникот, корисникот е должен да му овозможи на овластено лице на операторот на системот за дистрибуција на топлинска енергија право на пристап на секој имот или објект до мерниот уред, односно приклучокот заради:
1) читање на мерните уреди;
2) контрола, вградување, надзор, замена и одржување на опремата на мерното место;
3) исклучување на корисникот кога постапува спротивно со условите за користење на дистрибутивната мрежа пропишани во мрежните правила за дистрибуција и
4) исклучување на потрошувачот по барање на снабдувачот, во согласност со одредбите од Правилникот за снабдување.

Имајќи ја предвид наведената законска регулатива, според Судот, со оспорената одредба од Правилата, во согласност со Законот, се регулира фактичката положба кога мерниот уред се наоѓа на имотот на корисникот – потрошувачот и кога е нужно да биде овозможен пристап до уредот на овластеното службено лице на снабдувачот, со цел овозможување на користење на системот во согласност со Законот, поради што оцени дека во овој случај не може да стане збор за повреда на домот, во смисла на член 26 од Уставот.

13. Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Иако во една од иницијативите се бара оценување на уставноста на член 54 од Правилата, во иницијативата воопшто не постојат аргументи за изразување сомнеж во уставноста на оваа одредба, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека истата треба да се отфрли во овој дел.

14. Со член 66 став 1 од Правилата, кој е систематизиран во главата 15. Преодни и завршни одредби, се пропишува дека со денот на влегувањето во сила на овие Правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.

Според ставот 2 на овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

Тоа значи дека со овие одредби се воведува задолжителна обврска за сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување, во еден преклузивен рок да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветен снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција, а во спротивност се должни да плаќаат надоместок за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија.

Поаѓајќи од ваквата цел на одредбите, кои по својата природа се преодни одредби кои имаат темпорален карактер, кој се исцрпел по определениот краен рок за нивната примена (01.10.2012 година), Судот оцени дека оспорените одредби ја исцрпеле својата содржина и дејство и веќе не се во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

15. Наводите во една од иницијативите дека во Правилата воопшто не се споменувала обврската за снабдувачот да воведе систем за мерење по грејно тело, со што би се овозможила реална и стварна наплата на испорачана топлинска енергија, како што било во сите земји на Европската унија, всушност претставува барање Правилата да уредуваат односи на поинаков начин од пропишаниот, што е прашање од надлежност на доносителот на Правилата или законодавецот, но не е во надлежност на Уставниот суд.

16. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

17. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.125/2012
22 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Издвоено мислење по предметот У.бр.125/2012