47/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на Одлуката за отстапување на заеднички простории за трајно користење, донесена од Куќниот совет на станбена зграда на Бул. „Јане Сандански“ бр.72 во Скопје, на ден 9 март 2000 година.

2. Ристо Новоселски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постпка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука била донесена спротивно на одредбите на Законот за домување и истовремено подносителот наведува дека истата била во спротивност со Законот за основните сопственосно-правни односи („Службен весник на СФРЈ“ бр.6/1980 и 36/1990).

Имено, подносителот на иницијативата смета дека ниту во времето кога била донесена (2000 година), ниту пак сега на Куќниот совет не му било дозволено да располага со деловите од колективната станбена згграда кои се во заедничка сопственост на сите станари до степен на отстапување на трајно користење или оттуѓување во корист на некои сопственици на станови во истата зграда.

Понатаму, во иницијативата експлицитно се наведуваат хронолошките текови на начинот на решавање на овој проблем пред судовите во редовната постапка, за што децидно е наведено во иницијативата која Ви се доставува во прилог на овој реферат.

Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага Судот да ја поништи оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука содржи 7 (седум) члена. Во членот 1 од Одлуката се предвидува дека се отстапуваат заедничките простории за трајно користење (ходникот пред влезот во станот). На станарите кои го имаат откупено помошните простории.

Според член 2 од истата Одлука правото на отстапување на заедничките простории на трајно користење се врши со надомест од 300дм за м2 (2х150) или во противденарска вредност 3.180,00 денари за кое што станарите ќе склучат поединечно договор со куќниот совет.

Во членот 3 од Одлуката, се предвидува правото на отстапување на заедничките простории на трајно користење ќе го користат станарите од становите бр.-1, 4, 5, 8, 9, 12, 13, 16, 17, 20, 21, 24, 25, 28, 32, 36, 37, 40 и 41.

Од ова право на трајно користење се изземаат станарите од станот бр.29 порадитоа што помошната просторија ја има купено станарот од спротива, стан бр.44 затоа што тука влезот на куќичката на лифтови која треба да биде слободна за влегување во секое време.

Согласно член 4 од Одлуката средствата добиени од овој основ ќе се користат за тековно и инвестициско оджување на зградата и заедничките простории.

Согласно член 5 од Одлуката поставувањето на влезна врата на заедничките простории ќе биде согласно со скица – цртеж направен од стручно лице заради подобро функционирање на станбената целина.

Во член 6 од Одлуката се предвидува дека договорот од страна на куќниот совет ќе го потпише предметот, а во член 7, пак, е предвидено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, во конкретниов случај оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што истата не може да биде предмет на уставно судска оцена.

Од називот и содржината на оспорената одлука произлегува дека со неа се врши отстапување на заеднички простории за трајно користење во конкретна станбена зграда, од што произлегува дека по својата форма и содржина претставува поединечен, конкретен акт(inter partes), кој нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот,односно нема дејство erga omnes,поради што Судот оцени дека оспорената одлука не може да биде предмет на уставно судска оцена. Поради тоа, Судот оцени дека се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.47/2013
9 мај 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски