171/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 09 мај 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за овластување за потпишување на акти, донесено од началникот на Генерал-штабот на Армијата на Република Македонија, заведено под број 03-191/5 од 11 април 2012 година.

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.

3. Според наводите во иницијативата началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија ги овластил командантите во Армијата на Република Македонија да донесуваат решенија за плати, надоместоци на плати и други надоместоци на активниот воен и цивилен персонал и ваквото решение не било во согласност со член 170 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Ова од причина што решение за плати, надоместоци на плати и други надоместоци на активниот воен и цивилен персонал донесувал министерот за одбрана или од него овластено лице, а не началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија или од него овластено лице, како што било тоа сторено со оспореното решение. Поради наведеното, смета дека оспореното решение не било во согласност и со член 26 од Законот за одбрана, од причини што во таа законска одредба не било предвидено дека Генералштабот на Армијата донесува решенија за плати, надоместоци на плати и други надоместоци на активниот воен и цивилен персонал или пак да потпишува акти во име на министерот за одбрана.

Натаму, во иницијативата се наведува дека оспореното решение како пропис, односно општ акт, не било ниту јавно објавено во „Службен весник на Република Македонија“, со што бил повреден и член 52 став 1 и 2 од Уставот.

Според наводите во иницијативата, оспореното решение не било во согласност со член 8 став 1, алинеја 3, член 51, член 52 став 1 и 2 од Уставот, член 26 од Законот за одбрана и член 170 став 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Од овие причини, предлага Уставниот суд, да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на решението и истото да го поништи и воедно да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспореното решение, бидејќи со неговото извршување би можеле да настапат тешко отстранливи последици.

4. Судот на седница утврди дека врз основа на точката 2 од Решението за генерално овластување од министерот за одбрана, заведено под број 02-1365/1 од 23 февруари 2012 година, началникот на Генералштабот на Aмијата на Република Македонија, донесе Решение за овластување за потпишување на акти. Во точката 1 на ова решение, на командантот на Воздухопловната бригада, потполковник Кире Колевски, му се дава подовластување за потпишување на акти со кои се регулира изработката и донесување на: решенија за плати, надоместоци на плати и други надоместоци за активниот воен и цивилен персонал поставен на должност во Воздухопловната бригада и потчинетите единици на Воздухопловната бригада. Според точката 2, ова решение влегува во сила со денот на донесувањето. Решението е потпишано од Генерал-мајор Горанчо Котески, началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Решението е заведено под број 03-191/5 од 11 април 2012 година.(оспорено решение)

Решението за генерално овластување од министерот за одбрана, заведено под број 02-1365/1 од 23 февруари 2012 година, е донесено врз основа на член 57 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на РМ“ бр.58/00, 44/02, 82/08, 167/10 и 51/11) и во врска со член 8 став 1 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола („Службен весник на РМ“ бр.90/2009) според кој „Раководителот на субјектот може да даде овластување (генерално или посебно) на еден или повеќе раководни лица кои хиерархиски директно му се подредени“. Согласно ставот 2 на овој член, „Со актот за овластување може да се даде подовластување“. Дефинициите на овие и на другите поими употребени во овој закон се дадени во членот 3 на законот.

Врз основа на одредбата од член 8 став 7 на цитираниот закон, министерот за финансии донел Правилник за начинот за давање на овластувања („Службен весник на РМ“ бр.147/2010 и 34/2011), со кој се пропишува начинот на давање на овластувања при што меѓу другото, во член 2 се утврдува дека генералното или посебното овластување за спроведување на финансиското управување и контрола, раководителот на субјектот го дава со решение. Врз основа на решението од став 1 на овој член, примателот на овластувањето може да даде подовластување со кое се пренесува целосно или делумно применото овластување.

Во согласност со сите напред цитирани прописи, министерот за одбрана денел Решение за генерално овластување бр.02-1365/1 од 23.02.2012 година со кое, на началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија му се дава генерално овластување за спроведување на финансиското управување и контрола во Армијата на Република Македонија и потпишување на актите, меѓу кои се и решенијата за плати, надоместоци на плати и други надоместоци на активниот воен и цивилен персонал поставен на должност според актот за формација на Армијата (точка 1 од решението). Според точка 2 на ова решение, а врз основа на ова генерално овластување, примателот на овластувањето, во конкретниот случај началникот на Генералштабот на Армијата, може да даде подовластување на персонал поставен на должност според актот за формација на Армијата.

5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, Судот утврди дека оспорениот акт нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно судска анализа.

Од содржината на оспореното решение, произлегува дека се работи за акт решение со кое на командантот на Воздухопловната бригада, потполковник Кире Колевски, му се дава подовластување за потпишување на акти со кои се регулира изработката и донесување на: решенија за плати, надоместоци на плати и други надоместоци за активниот воен и цивилен персонал поставен на должност во Воздухопловната бригада и потчинетите единици на Воздухопловната бригада. Како таков, оспорениот акт претставува само интерен акт на Министерството за одбрана, со кое врз основа на генерално овластување, примателот на овластувањето, во конкретниот случај Генерал-мајор Горанчо Котески, началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, може да даде подовластување на персонал поставен на должност според актот за формација на Армијата.
Од причина што оспорениот акт не претставува пропис во смисла на членот 110 алинеја 2 од Уставот, туку оперативен, интерен акт на Министерството за одбрана, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот, и поради што се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.171/2012
09 мај 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски