Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставностa и законитоста на
– Одлуката за граѓанската иницијатива за самопридонес за изградба на фекална канализација и водоснабдителен систем на населените места Требош, Палатица и Озормиште, број 07-795/5 од 19 август 2009 година, донесена од Советот на Опшина Желино и објавена во („Службен гласник на општина Желино“ бр.9/2009) и
– Одлуката за приклучок на водоводната и канализационата мрежа во општина Желино, број 07-795/6 од 19 август 2009 година, донесена од Советот на Опшина Желино и објавена во („Службен гласник на општина Желино“ бр.9/2009).
2. Латиф Арифи од с.Стримница, Општина Желино до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 26 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002) од член 83 до 87 од Статутот на општина Желино и допис-иницијативата на граѓаните на месните заедници од с.Требош, Палатица и Озормиште, Советот на општина Желино на седницата одржана на 19.08.2009 година ја донесе Одлуката за граѓанската иницијатива за самопридонес за изградба на фекална канализација и водоснабдителен систем на н.м.Требош, Палатица и Озормиште
Според член 1 од оваа Одлука, за почнување на реализацијата на проектот на фекална канализација и водоснабдување што ги поврзува трите села н.м. Требош, Палатица и Озормиште, граѓаните самоиницијативно ќе придонесуваат финансиски. Иницијативата од граѓаните на овие три населени места се реализира врз база на 10% од потписите дадени од граѓаните.(член 2) Реализацијата на овој проект до завршувањето ќе ја спроведе општината преку Општинското јавно претпријатие со средства кои ќе се обезбедуваат од самопридонесот на граѓаните, Буџетот на Република Македонија, од надлежното министерство, Бирото за рамномерен регионален развој, како и од разни организации од земјата и странство.(член 3)
Граѓаните кои ќе самопридонесат за реализирање на овој проект, повеќе од износот кои ќе се предвидува со посебна одлука за приклучок, ќе бидат ослободени од уплата за приклучок, додека тие што ќе партиципираат со помал износ, ќе ја компензираат на начин кој ќе се одредува со посебна одлука за приклучок.(член 4) Износот на таксата за приклучок во фекалната канализација и водоснабдителниот систем, ќе се одреди со посебна одлука.(член 5) За земениот став во врска со граѓанската иницијатива, Советот на општина во одреден законски рок ќе ги информира граѓаните од горенаведените населени места.(член 6) Оваа одлука влегува во сила од денот на донесувањето, односно објавувањето во „Службен гласник на општина Желино“. Одлуката е заведена под број.07-795/5 од19.08.2009, потпишана од страна на претседателот на Совет на општина Желино и објавена во („Службен гласник на општина Желино“ бр.9/2009)..
Судот на седницата исто така утврди дека врз основа на член 22 и 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002), Советот на општина Желино, на седницата одржана на ден 19.08.2009 година донесе Одлука за приклучок во водоводната и канализационата мрежа, во општина Желино. Во членот 1 од оваа Одлука, граѓаните на општина Желино и правните лица, се обврзуваат за приклучок во водоводната и канализационата мрежа, да склучуваат посебни спогодби со Јавното комунално претпријатие „Мирембајтја“ од Желино. Износот за приклучок за овие проекти, за физички лица – за еден станбен објект за фекална канализација, се одредува да е 250 евра и за водоводната мрежа 250 евра, односно за правни лица – за фекална канализација во износ од 450 евра и за водоводната мрежа 450 евра. Во овој износ не е предвидено ДДВ-то.(член 2) Граѓаните кои самопридонеле за реализација на овие проекти, во иста сума или поголема за приклучок, ќе се ослободат од исплатата за приклучок на фекална канализација и водоводна мрежа. (член 3) Оваа одлука влегува во сила од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Желино“.Одлуката е заведена под број.07-795/6 од19.08.2009 и потпишана од страна на претседателот на Совет на општина Желино и објавена во („Службен гласник на општина Желино“ бр.9/2009).
4. Според наводите во иницијативата првата одлука не била донесена во согласност со член 26 од Законот за локалната самоуправа, од причина што не биле исполнети условите кои биле пропишани во одредбите на овој член (не била запазена постапката за испитување на уредноста на иницијативата и не била обезбедена поддршка со потписи на 10% од граѓаните запишани во изводот од избирачкиот список на Општината).
Исто така, во иницијативата е наведено дека оваа Одлука не била во согласност со одредбите на членовите 74 и 78 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, каде што било децидно утврдено дека потписите на граѓаните се давале пред надлежен орган, на утврден образец и исклучиво во постапка за распишување на референдум, како облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на општините.
Во однос на Одлуката за приклучок во водоводната и канализационата мрежа во општина Желино, во иницијативата е наведено дека со истата се воведувала јавна давачка за граѓаните, која можела да се утврдува само со закон. Понатаму во иницијативата е наведено дека оваа Одлука не била во согласност со повеќе одредби од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, Законот за комунални дејности и Законот за јавните претпријатија.
Поради ова, и двете оспорени одлуки не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 33, член 51, член 68 став 1 алинеи 2 и 3 и член 114 ставови 4 и 5 од Уставот и членовите 22 и 26 од Законот за локалната самоуправа и се предлага Уставниот суд на Република Македонија, да ги укине или поништи оспорените одлуки.
5. Судот во текот на претходната постапка утврди во однос на фактичката состојба дека до Советот на Општина Желино е доставен допис-граѓанска иницијатива, заведен под број 07-790/1 од 15 јули 2009 година со барање да се одржи седница на Советот и да се донесе одлука за самопридонес во врска со изградба на фекална канализација и водоснабдителен систем за населените места Требош, Палатица и Озормиште.
Со писмо број 07-790/2 од 17 јули 2009 година потпишано од претседателот на Општина Желино, доставено е позитивно мислење и извествување дека е потребно да се обезбедат листи на потписи од мунимум 10% од граѓаните кои е потребно да се достават до Советот на Општината Желино.
Од доставената документација повеќе од 600 граѓани на соодветен образец доставиле своерачен потпис со податоци за реден број, име и презиме и единствен матичен број на граѓанинот.
Врз основа на член 26 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002) и член 83 до 87 од Статутот на општина Желино и допис-иницијативата на граѓаните на месните заедници од с.Требош, Палатица и Озормиште, Советот на општина Желино на седницата одржана на 19.08.2009 година ја донесе Одлуката за граѓанската иницијатива за самопридонес за изградба на фекална канализација и водоснабдителен систем на н.м. Требош, Палатица и Озормиште. Одлуката е заведена под број 07-795/5 од 19 август 2009 година, донесена од Советот на Опшина Желино и објавена во („Службен гласник на општина Желино“ бр.9/2009) и потпишана од претседателот на Советот на Општина
Врз основа на член 22 и 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на РМ“ бр.5/2002), Советот на општина Желино, на седницата одржана на ден 19.08.2009 година донесе Одлука за приклучок во водоводната и канализационата мрежа, во општина Желино. Одлуката е заведена под број 07-795/6 од 19 август 2009 година, донесена од Советот на Опшина Желино и објавена во („Службен гласник на општина Желино“ бр.9/2009) и потпишана од претседателот на Советот на Општина.
6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Со членот 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.
Според член 114 став 4 од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката.
Во Амандманот 16 од Уставот, со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот, се предвидува дека локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локалното ффинансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.
Според Амандман 17 точка 1 од Уставот, со кој се заменува ставот 1 од членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Во Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) во членот 25, кој е поместен во Глава 4 со наслов: „Непосредно учество на граѓаните во одлучувањето во општините“ и поднаслов: „Облици на учество на граѓаните“ е предвидено дека граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.
Со член 26 на овој закон, се уредува граѓанската иницијатива, како една од формите на непосредно учество на граѓаните во одлучувањето за прашања од локално значење. Така, согласно став 1 на овој член, се утврдува дека граѓаните имаат право да му предложат на советот да донесе одреден акт или да реши одредено прашање од неговата надлежност. Според ставот 2 на истиот член, граѓанска иницијатива не може да се поднесе за кадровски и финансиски прашања. Согласно ставот 3 на овој член, за предлогот од ставот 1 на овој член, советот е должен да расправа ако го поддржат најмалку 10% од избирачите на општината, односно на месната самоуправа на која се однесува определеното прашање. Според ставот 4 на истиот член, расправата од ставот 3 на овој член, советот е должен да ја одржи најдоцна во рок од 90 дена по доставената иницијатива и да ги информира граѓаните за својата одлука.
Според член 31 од Законот, органи на општината се советот и градоначалникот.
Надлежностите на советот се утврдени со член 36 од Законот, при што согласно точката 1 на овој член, во надлежност на Советот е да го донесува статутот на општината и другите прописи.
Според член 2 став 1 точка 2 од Законот, во кој е утврдено значењето на одделните изрази употребени во Законот, прописи се општи акти со кои советот го уредува вршењето на надлежностите на општината.
Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2000) го уредува финансирањето на единиците на локалната самоуправа (член 1 став 1). Според член 4 став 1 точка 7 од истиот закон, сопствени извори на приходи се и приходите од самопридонес.
Од анализата на наведената уставна и законска регулатива, а во контекст на наводите во иницијативата Судот утврди дека неосновани се укажувањата во иницијативата дека со оспорените одлуки за граѓаните од наведените подрачја се воведувала јавна давачка. Ова од причина што, Советот на општина Желино постапува во рамките на своите ингеренции и овластувања утврдени во Законот за финансирање на единиците за локалната самоуправа и Законот за локалната самоуправа, а со цел задоволување на основните потреби на граѓаните од наведените подрачја и ги донел оспорените одлуки за воведување на самопридонес, за решавање на прашање од локално значење.
Имено, за Судот не е спорно дека воведувањето на самопридонес, по повод граѓанската иницијатива за самопридонес за изградба на фекална канализација и водоснабдителен систем, нема карактер на јавна давачка, ниту пак интенцијата на доносителот на оспорениот акт била да истото го утврди како јавна давачка, каков што карактер му придава подносителот на иницијативата. Оттука, јасно произлегува дека средствата од самопридонесот се наменети за конкретно извршена работа, односно услуга за изградба на фекалната канализација.
Видно од доставената докумантација, повеќе од шестотини граѓани во Општина Желино, на 15 јули 2009 година поднеле барање до Советот на Општина Желино (заведено под број 07-790/1) да се одржи седница на Советот на која бараат да се решаваат нивните проблеми.
Според подносителот на иницијативата, наведеното барање на граѓаните претставувало граѓанска иницијатива за која требало да се расправа согласно член 26 од Законот за локалната самоуправа, но во конкретниот случај не биле исполнети условите кои биле пропишани во одредбите на овој член. (не била запазена постапката за испитување на уредноста на иницијативата и не била обезбедена поддршка со потписи на 10% од граѓаните запишани во изводот од избирачкиот список на Општината).
Оттука, Судот оцени дека првенствено треба да се има предвид дека за барањето на граѓаните за самопридонес, Советот на Општина Желино расправал на седницата одржана на ден 19.08.2009 година и ги донел оспорените одлуки. Тоа значи дека поднесокот на граѓаните бил разгледан кога се донесени оспорените одлуки, што е во функција на реализација на уставно гарантираното право на граѓаните непосредно и преку избраните претставници, да учествуваат и одлучуваат по прашања од локално значење.
Со оглед на тоа што воведувањето на самопридонесот не е јавна давачка, туку истиот е наменет за извршување на конкретна работа, односно услуга, Судот утврди дека со оспорените одлуки не се повредува член 33 од Уставот, ниту пак темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија утврдени во член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и Амандманите 16 и 17 и член 114 од Уставот на Република Македонија, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со овие одредби од Уставот, во однос на кои со иницијативата се оспоруваат, како и по однос на членовите 22 и 26 од Законот за локалната самоуправа и членовите 74 и 78 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.29/2013
24 април 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски