Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 6 ставови 3 и 4, член 7 став 1, во делот: „кон секоја исправа или поднесок“, член 7 став 2, во делот: „кон секоја исправа или поднесок“ и член 7 став 3 од Законот за адвокатските маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012).
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на членовите од Законот означени во точката 1 од ова одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативи поднесени од Стамен Филипов од Скопје, Димитрија Атанасовски од Скопје, Адвокатска комора на Република Македонија – Скопје, како и 15 иницијативи од повеќе групи адвокати во Република Македонија и од адвокати поединци, со Решение У.бр.166/2012 од 20 февруари 2013 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука.Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
5. Судот на седницата утврди дека во член 6 ставови 3 и 4 од Законот е предвидено дека за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички се плаќа надоместок кој е на товар на адвокатот.Висината на надоместокот од ставот 3 на овој член се утврдува според реалните трошоци направени за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички.
Според член 7 став 1 од Законот адвокатот е должен адвокатската маркичка да ја приложи кон секоја исправа или поднесок за кој согласно со тарифата е предвидена награда која гласи на износите од членот 2 став 1 од овој закон.
Во член 7 став 2 од истиот закон, се предвидува дека адвокатот е должен писмениот договор од членот 2 став 2 од овој закон да го приложи како прилог кон секоја исправа или поднесок на кој не е ставена адвокатска маркичка, доколку плаќањето на наградата е над минималните износи предвидени со тарифата, односно каде што плаќањето се врши преку носител на платен промет.
Согласно член 7 став 3 од законот, исправата или поднесокот кој е составен од адвокат кој не содржи адвокатска маркичка, содржи адвокатска маркичка во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со ставот 2 на овој член, се сметаат за неуредни и ќе бидат отфрлени од страна на примателот.
6. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.
Во член 9 од Уставот на Република Македонија се предвидува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Во член 33 од Уставот, кој е поместен во Глава II од Уставот, со наслов: „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, точка 3, со поднаслов: „Економски, социјални и културни права“, се предвидува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Членот 53 од Уставот определува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија која се остварува на начин што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите, а истовремено како економска обврска за секој стои плаќањето на данок и други јавни давачки и учествувањето во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од содржината на член 53 од Уставот, произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.
Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011) адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош согласно овој и друг закон (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).
Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бршење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.
Во членот 6 од овој закон е предвидено дека адвокатската дејност ја вршат исклучиво адвокати кои положиле заклетва и се запишале во Именикот на Адвокатската комора на Република Македонија (став 1). Адвокатите ја вршат адвокатската дејност како адвокати поединци и адвокати здружени во адвокатско друштво (став 2). Адвокатите поединци и адвокатските друштва се запишуваат во именик на адвокатите кој што се води во Адвокатската комора на Република Македонија (став 3).
Според член 7 од Законот, адвокатот поединец ја извршува адвокатската дејност поединечно (став 1).
Во член 8 од овој закон е предвидено дека двајца или повеќе адвокати, можат да основаат адвокатско друштво (став 1). Адвокатското друштво врши адвокатска дејност како адвокат поединец (став 2). Адвокатското друштво се основа со одлука за основање (став 3). Адвокатското друштво се запишува во Именик на адвокатски друштва кој што се води во Адвокатската комора на РМ со што се стекнува со статус на правно лице согласно со овој закон (став 5).
7. Од анализата на содржината на член 6 ставови 3 и 4 од Законот, а во корелација со одредбите од Законот за хартии од вредност, Судот оцени дека обврската адвокатот да го плаќа надоместокот за печатење, издавање, транспортирање и чување на адвокатските маркички, која висина се утврдува според реалните трошоци направени за наведените дејствија, не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што колизијата на одредбите од двата закона кои егзистираат во правниот поредок на Република Македонија, доведуваат до правна несигурност на граѓаните на Република Македонија, со што се доведува во прашање доследната примена на законите во Република Македонија. Од изнесените аргументи, Судот оцени дека оспорениот член 6 ставови 3 и 4 од Законот, е во спротивност со Уставот на Република Македонија.
Анализирајќи го членот 7 ставови 1 и 2 од Законот, во контекст на наводите во иницијативата, според Судот истиот во делот: „кон секоја исправа или поднесок“, е во директна спротивност со начелото на ефикасност и економичност на постапката, што е едно од основните начела за судење во разумен рок, кон што тежнее и нашиот правосуден систем, а секако во смисла на член 6 од Европската конвенција за човекови права. Имено, обврската на адвокатот адвокатската маркичка да ја доставува кон секоја исправа или поднесок за кој согласно со тарифата е предвидена награда која гласи на износите од членот 2 став 1 на овој закон, односно од членот 2 став 2, според Судот, значи нереално прикажување на приходите на адвокатот што се основ за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход со што не се реализира уставниот основ на законодавецот за утврдување на изворите на приход на адвокатите поединци, како основ за нивно одданочување.
Што се однесува до ставот 3 на членот 7 од Законот, Судот оцени дека истиот во целина не е во согласност со одредбите од Уставот на кој се повикуваат иницијативите – член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53, а поради следниве причини.
Од содржината на ставот 3 на членот 7 од Законот за адвокатски маркички произлегува дека тој предвидува отфрлање на исправата или поднесокот составен од адвокат од страна на примателот доколку истите не содржат адвокатска маркичка, или пак истата е поднесена во помал износ од оној што е определен со тарифата или не содржи писмен договор во прилог согласно со ставот 2 на овој член од Законот.
Според Судот, наведената законска определба навлегува во судската надлежност, односно во текот на постапката која се води по одреден иницијален акт, што е во спротивност со Амандман XXV од Уставот.
Амандман XXV од Уставот предвидува дека видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Од анализата на оспорената законска одредба во корелација со содржината на уставниот амандман, произлегува дека ваквото условување е во спротивност со начелото на владеењето на правото и во крајна линија, со овластувањата на адвокатурата, како самостојна и независна јавна служба да врши јавни овластувања во согласност со закон. Имено, ваквата одредба е спротивна со Амандман XXV од Уставот од причина што оценката на неуредност на исправата или поднесокот која резултира со отфрлање на соодветниот поднесок е од влијание за текот на постапката што во смисла на Амандман XXV точка 4 од Уставот е предмет на процесните закони, кој што се донесуваат со двотретинско мнозинство, што не е случај со оспорениот закон.
Така, оспореното законско решение во член 7 став 3, веќе е законски уредено во повеќе процесни закони како што е сторено во член 98 став 8 од Законот за парнична постапка (за кој веќе Уставниот суд со Решение У.бр.96/2011 и У.бр.216/2011 се произнесе дека се во согласност со Уставот на Република Македонија) како и во другите закони кои го регулираат текот на судската постапка.
Од наведеното Судот утврди дека оспорената одредба на член 7 став 3 од Законот не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, како и со Амандман XXV од Уставот.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.166/2012
24 април 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски