У.бр.71/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 април 2013 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 176 став 4 точкa 4 и став 5 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата на Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.71/2011 од 20 март 2013 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 176 став 4 точкa 4 и став 5 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката е поведена затоа што пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 13, Амандман XX, член 51 член 68 став 1, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седница утврди дека според член 176 став 1 од Законот, министерот на предлог на претседателот на Прекршочната комисија може да донесе решение за разрешување на член на Прекршочната комисија во следниве случаи: (оспорен став 4).. ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело (оспорена точка 4)..ако со правосилна судска одлука се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка; (оспорена точка 6). Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот, а која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците. (оспорен став 5)

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 од овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според Амандман XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка утврдени со закон.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 68 став 1 алинеи 2 и 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите и ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 1 од Законот за енергетика („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/2011) се уредуваат: целите на енергетската политика и начинот на нејзината реализација; енергетските дејности и начинот на регулирањето на енергетските дејности; изградбата на енергетските објекти; статусот и надлежноста на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија; пазарот на електрична енергија, пазарот на природен гас, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт и пазарот на топлинска енергија; условите за остварување на енергетска ефикасност и промоција на користењето на обновливите извори на енергија и други прашања од значење за енергетиката.

Во Глава XVI. “ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ” од Законот, се предвидени оспорените одредби од член 176 став 4 точките 4 и 6 и ставот 5, како прекршочни одредби со кои се утврдени прекршоците и прекршочните органи во Законот за енергетика.

Според член 175 став 1 од овој закон, поведување на прекршочна постапка за прекршоци утврдени во овој закон можат да побараат органите кои со овој закон се задолжени да вршат инспекциски надзор, Регулаторната комисија за енергетика и Агенцијата за енергетика. За прекршоците од членoвитe 179, 180, 182, 183, 185 став 1, 186 став 1, 187, 188, 189 став 1 и 190 став 1 на овој закон, надлежните органи од ставот 1 на овој член, поднесуваат барање за поведување на прекршочна постапка до надлежниот суд. (став 2) На постапките покренати во согласност со ставот 2 од овој член се применуваат одредбите од Законот за прекршоците.(став 3) За прекршоците од членовите 179, 180, 182, 183, 185 став 1, 186 став 1, 187 ставови 1 и 2, 188, 189 став 1 и 190 став 1 на овој закон, прекршочна постапка не може да се поведе ниту да се води ако поминат четири години од денот кога е сторен прекршокот.(став 4) Ако прекршоците од членовите 179, 180, 182, 183, 185 став 1, 186 став 1, 187 ставови 1 и 2, 188, 189 став 1 и 190 став 1 на овој закон, се сторени од користољубие или со нивното сторување се предизвика поголема имотна штета, надлежниот суд може да изрече глоба во висина од десеткратен износ од определениот минимум.(став 5)

Согласно член 176 став 1 од Законот, Министерството ја води прекршочната постапка и изрекува прекршочни санкции за прекршоците од членовите 181 став 1, 182 ставови 2 и 3, 184 ставови 1, 2 и 3, 185 став 2, 186 став 2, 189 став 2 и 190 став 2 на овој закон.

Во ставот 2 на овој член, е уредено дека за водење на прекршочната постапка и изрекување на прекршочна санкција за прекршоците утврдени во ставот 1 на овој член, министерот со решение формира Прекршочна комисија, составена од три члена од редот на лицата вработени во министерството, и тоа: еден член дипломиран правник, со положен правосуден испит и со пет години работно искуство во својата област, којшто е претседател на Прекршочната комисија; еден член со висока стручна подготовка од областа на техничките науки со пет години работно искуство во својата област и еден член со висока стручна подготовка од областа на економските науки со пет години работно искуство во својата област.

Прекршочната комисија се избира за период од три години со право на повторен избор на членовите.(став 3) Според оспорениот став 4 на член 176 од овој закон, Министерот на предлог на претседателот на Прекршочната комисија може да донесе решение за разрешување на член на Прекршочната комисија во следниве случаи: со истекот на времето за кое е именуван за член; по негово барање; со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон; ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело; (оспорена точка 4), ако му се утврди трајна неспособност за учество во работата на Прекршочната комисија; ако со правосилна судска одлука се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка; (оспорена точка 6), ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.

Според оспорениот став 5 на член 176 од Законот, членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот, а која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците. Прекршочната комисија донесува деловник за својата работа кој го одобрува министерот.(став 6) Прекршочната комисија работи во совет, а одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.(став7) Членовите на Прекршочната комисија одлучуваат самостојно и независно врз основа на закон и според своето стручно знаење и сопствено убедување. (став 8) Против решенијата на Прекршочната комисија со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поведе управен спор. (став 9) Министерот ќе го пропише начинот на кој Прекршочната комисија ќе води единствена евиденција на прекршоците, изречените санкции и донесените одлуки, како и начинот на пристап до информациите кои се содржани во евиденцијата. (став 10)

6. Основите за разрешување на член на Прекршочната комисија се утврдени во ставот 4 на член 176 од Законот, меѓу кои е содржанa и оспоренитa точкa 4 , според која претседателот и член на Прекршочната комисија може да се разреши, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело.

Од содржината на оспорената одредба произлегува дека осудата со правосилна судска пресуда за кривично дело, претставува основа за разрешување на член на Прекршочната комисија. Од тоа како е формулирана одредбата, произлегува дека оспорената одредба се однесува за осуда на кривично дело воопшто, без оглед на неговиот вид, природа или тежина, и независно од видот и висината на санкцијата.

Со тоа, според наше мислење, се ограничува по сила на закон правото на членот на Прекршочната комисија да ја врши оваа должност и во случај кога кривичното дело за кое лицето е осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа дејност. Според наше мислење, ваквата преопшта формулација на оспорената одредба не е доволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, што е еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.

Имено, со оглед на тоа што во оспорената одредба од Законот не се наведени ниту видот на кривичните дела, ниту пак изречените санкции кои во конкретен случај би претставувале основ за престанување на мандатот на член на Прекршочната комисија, произлегува дека осудата за кое било кривично дело, на која било кривична санкција е основ за престанок на должноста член на Прекршочната комисија. Поради непрецизноста на одредбата, би можло да настане ситуација осудата за кривично дело кое нема никаква врска со должноста член на Прекршочната комисија, да биде основ за престанок на неговиот мандат.

Од овие причини, Судот утврди дека формулацијата на законска одредба е недоволно прецизна и јасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните, како еден од елементите на принципот на владеењето на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, поради што Судот оцени дека постојат основи за сомнение во уставноста на одредбата од член 176 став 4 точка 4 од Законот за енергетика.

7. Во член 176 став 5 од Законот за енергетика, оспорен е делот кој предвидува дека министерот надлежен за работите од областа на економијата ја определува наградата за членовите на Прекршочната комисија. Имено, подносителот на иницијативата го оспорува самото право на министерот надлежен за работите од областа на економијата да ја определи висината на наградата и смета дека во законот недостасуваат параметри и критериуми за тоа.

Од анализата на оспорените одредби, како и од целината на Законот, Судот утврди дека во Законот не се содржани критериуми и мерила врз основа на кои надлежниот министер ќе ја определи висината на наградата на членовите на Прекршочната комисија и така даденото законско овластување на министерот, без критериуми и рамка значи навлегување на извршната власт во законодавната, што не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со останатите наведени членови од Уставот.

Според Судот, законската определба членовите на Прекршочната комисија, покрај платата, да примаат дополнителен надоместок за нивната работна обврска, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата или организација и друг орган што врши јавни овластувања, им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука, произлегува дека водењето на прекршочна постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност. Според тоа, Судот утврди дека вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на вработените во тој орган, во комисија за прекршоци не може да се смета за нивен дополнителен ангажман, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Во оваа смисла, Судот во Предметот У.бр. 20/2009 година, утврди дека дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот, поради што ги укина член 266-б став 4 точка 4 и став 8 и член 266-г став 12 од Законот за работните односи, кои одредби предвидуваа вакво право за државните службеници.

Поради наведеното Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на одредбите од член 176 став 4 точка 4 и став 5 со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член13, Амандман XX, член 51, член 68 став 1, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.71/2011
24 април 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски