42/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Решението за разрешување и именување на членови на училишен одбор на Општинското основно училиште “Јосип Броз Тито“ – Струга, бр.07-795/14 од 22.02.2013 година, донесено од советот на општина Струга („Службен гласник на општина Струга“ бр.5/2013).

2. Градоначалникот на општина Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението означено во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспореното решение не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и член 21 ставовите 1 и 4 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2002, 46/2004, 126/2006, 10/2008, 161/2008 и 145/2010). Имено, со оспореното решение, за членови на училишниот одбор на Општинското основно училиште (ООУ) “Јосип Броз Тито“ – Струга, биле именувани функционери, односно членови на советот на општина Струга, со што не биле почитувани одредбите од Законот за спречување на корупција, според кои избран или именуван функционер или службно лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, а во случај на избор или именување или стекнување својство на службено лице му престанува поранешната функција. Именуваните членови на училишниот одбор не доставиле неотповиклива оставка од членови на советот, ниту пак советот на општина Струга ја констатирал причината и денот на престанување на мандатот на овие членови.

Исто така, Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања не ги почитувала процедурите на Деловникот за работа на советот на општина Струга, при што седницата на Комисијата за предлог на членови на училишниот одбор на ООУ “Јосип Броз Тито“ – Струга, наместо да биде закажана најмалку три дена пред нејзиното одржувања, се состанала за време на паузата од седницата на советот, за која немало записник ниту пак пишан извештај по предлогот, туку предлогот за членови на училишниот одбор усмено го предложил претседателот на Комисијата, при што било искажано мислење дека Комисијата немала кворум за работа.

Градоначалникот на општина Струга, согласно член 51 став 1 од Законот за локална самоуправа, донел Решение бр. 08-1022/1 од 05.03.2013 година за запирање на објавувањето на оспореното решение, бидејќи сметал дека Решението не било во согласност со Уставот и законите.

Советот на општина Струга на седницата одржана на 12.03.2013 година го разгледал наведеното решение на градоначалникот и донел Заклучок бр.07-1081/4 од 12.03.2013 година за потврдување на Решението за разрешување и именување на членови на училишен одбор на ООУ “Јосип Броз Тито“ – Струга, бр. 07-795/14 од 22.02.2013 година. Потоа, Решението е објавено во „Службен гласник на општина Струга“ бр.5/2013.

Градоначалникот на општина Струга смета дека оспореното решение не било во согласност со Уставот и закон, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на неговата уставност и законитост, како и да го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на ова решение, до донесување на конечна одлука по иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека советот на општина Струга, на седницата одржана на 22.02.2013 година, донел Решение за разрешување и именување на членови на училишен одбор во ООУ “Јосип Броз Тито“ – Струга, бр. 07-795/14.

Според точката 1 од ова решение, од должноста членови на Училишниот одбор претставници на основачот на ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга, се разрешуваат: Јулијана Зуноска и Соња Маџоска, поради завршување на мандатот.

Според точката 2 на истото решение, за членови на Училишниот одбор претставници на основачот на ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга, се именуваат: Хујнор Кица и Вахит Кадриоски

Согласно точката 3 на ова решение, ова Решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Струга“.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од правните елементи кои го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, Судот оцени дека оспореното решение нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што не може да биде предмет на уставносудска анализа.

Од називот и содржината на оспореното решение произлегува дека со него се врши поименично разрешување и именување на членови на училишниот одбор на ООУ „Јосип Броз Тито“ – Струга, од што произлегува дека по својата форма и содржина претставува поединечен, конкретен акт, кој не го задоволува критериумот за пропис подобен за уставно-судска оцена, поради што се исполнети условите од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.42/2013
17 април 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски