192/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 77 став 3, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел на членот 77 став 3 од Законот, не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, односно со членовите 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9 став 2, член 34, член 39 и член 42 ставови 1 и 3, од причина што државните службеници кои биле од причините наведени во Законот, отсутни од работа немале да бидат оценувани и како последица на тоа не можеле ниту да се стекнуваат со соодветен степен на кариера предвидена во член 37 став 3 од истиот закон.

Иницијативата посебно потенцира на членовите 39 и 42 став 1 и 3 од Уставот, од причина што најчесто вакви подолги отсуства имале лицата од женски пол поради бременост, мајчинство итн., со што истите се доведувале во нерамноправна положба по однос на лицата од машки пол.

Од наведените причини, поради несогласност на оспорениот дел од членот од Законот со одредбите на Уставот на кој се укажува во иницијативата, се предлага оспорениот член да се поништи.

3. Судот на седницата утврди дека во член 77 став 3 од Законот е предвидено дека „Државените службеници кои во текот на шесте месеци за кои се врши оценувањето, биле отсутни од работа подолго од три месеци (боледување, неплатено отсуство и слично), како и државните службеници кои за прв пат се вработиле, во периодот во кој се врши оценувањето и работеле пократко од три месеци нема да бидат оценувани“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Во член 9 став 2 од Уставот се предвидува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во смисла на член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Согласно член 42 ставови 1 и 3 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица и малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Законот за државните службеници ги уредува опфатот на државната служба, статусот, правата и должносите и одговорностите на државните службеници, системот на плати и надоместоци на плати за државните службеници, како и надлежностите на Агенцијата за администрација (член 1).

Според член 2 од Законот, државните службеници ги вршат работите поврзани со функциите на државта во согласност со Уставот и со закон, професионално, политички неутрално и непристрасно.

Оспорениот дел од членот 77 од Законот, кој член е поместен во Глава VI, со наслов: „Оценување на државните службеници“, конкретно се однесува на оценувањето на оние државни службеници кои се отсутни подолго од три месеци во предметниот период на оценување од шест месеци, а поради причините кои се наведени во законот (боледување, неплатено отсуство и слично).

Подносителот на иницијативата смета дека со неоценувањето на државните службеници кои биле отсутни подолго од 3 месеци, се повредувал принципот на еднаквост, особено што, според неговите видувања, најчесто лицата од женски пол биле отсутни подолг период поради бременост, породилно отсуство или мајчинство, со што биле доведени во понеповолна положба од лицата од машки пол.

Анализирајќи ги уставните и законските одредби vis a vis наведените причини во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани од следните причини:

Отсуството од работа подолго од три месеци без оглед на причината за отсуство, според Судот, навистина претставува главна и основна пречка за оценување на државниот службеник. Имено, во вакви услови работодавецот нема валидни податоци за стручното знаење и способноста во работата, резултатите од работата, креативноста и совесноста во извршувањето на службените задачи на државниот службеник, односно нема релевантни показатели кои би биле од влијание за градењето на мислење и оформувањето на оценката на државниот службеник, што подоцна ќе влијае за стекнување на истиот со соодветен степен на кариера.

Во конкретнава ситуација, според Судот, оценувачот не е во состојба да врши континуирано следење на работата на државните службеници, од причина што прекинот во работењето на државните службеници, односно нивното подолго отсуство од работа, не дозволува присуство на континуитет во работењето, што е и причина за неможност на нивното оценување.Ова законско решение,пак,од друга страна има и позитивна рефлексија, односно ефект, од причина што кога државните службеници би се оценувале и во периодот на нивното отсуство, истите може да бидат и негативно оценети поради нивното отсуство и непокажување на никакви резултати во работењето со оглед на нивното отсуство од работа поради наведените причини во оспорениот законски дел. Оттука, токму вака определеното законско решение оди во прилог и е во интерес на државните службеници.

По однос на наводите во иницијативата за нерамноправноста на лицата од женски пол со лицата од машки пол, Судот оцени дека се неосновани ваквите укажувања во иницијативата. Имено, заштитата на жените кои се отсутни од работа поради користење на боледување заради раѓање и негување на децата имаат заштита со други постоечки закони (Законот за работните односи како lex specialis) со што се остварува правото на социјално осигурување, како и правото на здравствена заштита и правото на граѓанинот и неговата обврска да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, што е во целосна смисла и имплементација на членовите 34 и 39 од Уставот.Од друга страна неопходно е да се напомене дека не ретко се случува и лица од машки пол ,односно родител-татко да го користи породилното боледување,односно да ја реализира уставната обврска за грижа и заштита на семејството,како и чување и унапредување на здравјето на своите деца.Од наведените аргументи, со оспорената одредба не се прави дискриминација меѓу лицата од машки пол и лицата од женски пол на што се потенцира во иницијативата,поради што истата не е во спротивност ниту со членот 9 од Уставот.

Имајќи ја во вид направената уставно-судска анализа Судот оцени дека оспорениот дел на членот 77 став 3 од Законот за државните службеници е во согласност со одредбите од Уставот на кој се повикува подносителот во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.192/2012
3 април 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски