12/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 април 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за дел од УЕ 3 блок 2, локалитет АСНОМ универзитетски центар КО Кочани, општина Кочани, бр.07-1053/1 од 06.04.2012 година, донесена од Советот на општина Кочани („Службен гласник на општина Кочани“ бр.4 од 6.04.2012 година).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување постапка за оценување на согласноста на оспорената одлука со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2010).

3. Јордан Јанев, Душко Донев, Кирило Алексиев, Драгољуб Коцев и Јордан Ангелов, сите од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, во постапката на донесување на оспорената одлука бил повреден член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што Деталниот урбанистички план за делот од УЕ 3 блок 2 локалитет АСНОМ универзитетски центар КО Кочани, општина Кочани, како план од пониско ниво, не бил усогласен со Генералниот урбанистички план од УЕ 3, блоковите 1, 2, 3 и 5 на локалитетот АСНОМ, како план од повисоко ниво.

При донесувањето на оспорената одлука, исто така, бил повреден и член 17 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што, според иницијативата, не било јасно дали било формирано партиципативно тело кое ќе ги пренесува ставовите, мислењата и сугестиите на граѓаните, и доколку било формирано, дали истата веродостојно, односно правилно и суштински истото си ја вршело работата и ги остварувало предвидените надлежности од член 17 став 6 од Законот.

Подносителите на иницијативата, сметаат дека во постапката на донесување на оспорената одлука бил повреден член 24 ставови 1, 3, 7 и 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што по извршената јавна анкета и јавна презентација, по дадените забелешки и сугестии со поднесување на анкетни листови, граѓаните не биле известени во смисла на член 24 став 9 од Законот, ниту пак добиле писмено известување од кои причини нивните забелешки не биле прифатени, што е законска обврска на стручната комисија во смисла на став 9 од член 24 од наведениот закон.

Исто така, подносителите укажуваат дека оспорената одлука не била во согласност со член 10 став 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на РМ“ бр.142/2010), член 31 став 1 од Законот, како и со член 43 од Уставот.

Поради наведените причини се предлага и изрекување на времена мерка, односно Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука донесена од Советот на општина Кочани, содржи шест члена, во која конкретно во членот 2 е дефинирана границата на планскиот опфат, а во членот 3 утврдени се класите на намени.

Во членот 4 од Одлуката се наведува дека урбанистичкиот план содржи документациона основа – текстуален и графички дел и планска документација – текстуален и графички дел.

Според член 5 од Одлуката, составен дел на планот се Стручната ревизија и Извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија, како и Извештајот од јавна анкета и јавна презентација.

Членот 6 од Одлуката предвидува дека истата влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Кочани“.

5. Во текот на претходната постапка, по прибавената писмена документација ја утврдивме следната фактичка состојба:

Постапката за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ 3 блок 2 локалитет АСНОМ универзитетски центар КО Кочани општина Кочани, започнува во 2010 година.

Со Прогамата за изработка на урбанистички планови на подрачјето на општина Кочани за 2010 година под точка Г под бр.14 е предвидена изработка на детален урбанистички план за локалитет АСНОМ во Кочани и врз основа на тоа е изработена Планска програма со тех.бр.238/10 од ДПУП „БИЛД“ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје, одобрена со бр.22-2554/3 од 26.11.2010 година, изработени се ажурирани геодетски подлоги дел.бр.193/07 од 31.08.2007 година и дел.бр. 138/12 од 21.02.2012 година и од ДППГР „ГЕО КАРТА“ ДОО Кочани, заверени од Агенцијата за катастар на недвижности со бр.1209/273 од 13.09.2007 година изработени се заштитно конзерваторски основ од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Штип заверени со бр.07-269/6 од 16.11.2011 година и добиено е Решение за одобрување на заштитно конзерваторски основи бр. УП.17-661 од 29.11.2011 година од Министерство за култура Управа за заштита на културното наследство.

Изработен е нацрт план со тех.бр.238/10 од ноември 2010 година од ДПУП „БИЛД“ ДООЕЛ експорт импорт Скопје, на кој е извршена стручна ревизија со тех.бр.332/10 од ноември 2010 година изработена од ДООЕЛ „НИМАЕР“ Струга – д.е.Скопје, на која изработувачот на планот има доставено Извештај за постапување по забелешките од стручната ревизија согласно член 21 став 5.

Согласно член 24 став 2, по нацрт планот е добиено Мислење бр.22-2554/6 од 26/10.2010 година од Комисијата за давање мислење на нацрт урбанистичките планови и давање предлог до Градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација, формирана од Градоначалникот на општина Кочани со Решение бр.08-1983/1 од 10.09.2009 година бр.08-1983/2 од 25.10.2009 година и бр.08-559/1 од 3.03.2011 година.

Советот на општина Кочани, го утврдува нацрт планот со Заклучок бр.07-2792/1 од 3.12.2010 година објавен во Службен гласник на општина Кочани бр.15/2010.

Градоначалникот на општина Кочани со Одлука бр.22-2809/1 од 7.12.2010 година организира јавна презентација и јавна анкета. Со Соопштение бр.22-2809/2 од 7.12.2010 година од Градоначалникот на општината, објавено во два дневни весника „Нова Македонија“ и „Утрински весник“ на ден 9.12.2010 година и објавено на локалната телевизија ТВ Кочани, се известени граѓаните на општина Кочани и правнитие лица за времето и местото на одржување на јавната презентација и периодот на траење на јавната анкета. Графичкиот прилог на нацрт планот е истакнат на огласна табла пред влезот на општинската зграда и на веб страната на општина Кочани www.kocani.gov.mk. Исто така со Известување бр.22-2809/7 од 10.12.2010 година од Градоначалникот известени се субјектите од членот 29 за времето на одржување јавна презентација и периодот на траење на јавната анкета.

Јавната презентација е одржана на ден 14.12.2010 година во просториите на општина Кочани во салата на Советот на општина Кочани и на истата присуствуваа претставници на јавни претпријатија и заинтересирани граѓани од конкретното подрачје опфатено со планот (во прилог доставуваме список на присутни). Од јавната презентација е изготвен записник бр.22-422/1 од 16.02.2011 година.

Градоначалникот на општина Кочани со Решение бр.22-2809/3 од 7.12.2010 година формира стручна комисија за изработка на Извештај од јавната анкета. Комисијата изготвува Извештај од јавната анкета со список на прифатени забелешки и опис на начинот на нивното вградување бр.22-422/2 од 16.02.2011 година и со Известување е известен секој подносител на анкетен лист за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки, што може да се види од приложените докази. Оттука, не се точни наводите во иницијативата дека при спроведувањето на јавната анкета и јавната презентација од страна на општината по овој план, не е почитуван законот.

Изготвен е предлог план во кој се вградени прифатените забелешки од анкетните листови, добиени се мислења од надлежните институции, Министерство за култура, Управа за заштита на културното наследство, ЕВН Македонија АД Скопје КЕЦ Кочани, КЈП Водовод – Кочани, Дирекција за заштита и спасување Подрачно одделение за заштита и спасување Кочани.

Со допис бр.22-259/6 од 24.02.2012 година Предлог планот е доставен во Министерството за транспорт и врски за добивање согласност.

Од Министерството за транспорт и врски добиена е Согласност бр.16-5145/2 од 12.03.2012 година и добиената согласност со потребните прилози е доставена до Градоначалникот на општината со допис бр.22/сл. од 21.03.2012 година за доставување на Предлогот на планот до Советот на општината на разгледување и усвојување.

На седницата одржана на де. 06.04.2012 година Советот на општина Кочани донесува Одлука за донесување на Детален урбанистички план за дел од УЕ 3 блок 2 локалитет АСНОМ универзитетски центар КО Кочани општина Кочани, планска документација 2010-2015 година бр.07-1053/1 од 6.04.2012 година, објавена во Службен гласник на општина Кочани бр.4 од 6 април 2012 година.

6. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни врдности на уставниот поредок е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” 51/2005, 137/2007, 151/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011 и 53/2011).

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, за каков што се работи во конкретниот случај, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфра-структурата.

Според ставот 3 од овој член од Законот, графичките прикази на планот одржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парцелизација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.

Според ставот 4 од овој член од Законот, текстуалниот дел од планот содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба на поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури и други параметри.Во ставот 7 на членот 11 од Законот е предвидено дека деталниот урбанистички план како план од пониско ниво,мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила. Според ставот 6 од истиот член заради обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.

Според одредбата од членот 21 став 1 од Законот, плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 24 од Законот, се утврдува дека по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета (став 1). Организирањето на јавната презентација и јавната анкета на плановите од став 1 на овој член го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредување на просторот (став 2). За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај (став 3). Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да достават забелешки, предлози и мислења на анкетни листови (став 4). Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината (став 5).

Според член 24 став 6 од Законот, извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Според став 7 на овој член од Законот, извештајот е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот, а согласно ставот 8, врз основа на извештајот, комисијата е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

Во членот 24 став 10 од Законот утврдено е дека времето и местото каде ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со сопштение во јавните гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположба и површина на опфатот на планот.

Според член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислење и согласнос не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според членот 26 став 7 урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, како предлози на планови се доставуваат во рок од шест месеца од добивањe на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот заради добивање на согласност. Урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 1 од овој закон се доставуваат во рок од 12 месеца од добивањето на мислењето од членот 25 став 1 на овој закон до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Доколку плановите не се достават во утврдениот рок, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, ќе и укаже на општината дека е должна постапката за нивно донесување да ја повтори согласно со овој закон.

Тргнувајќи од наведените законски одредби во контекст на доставената документација и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека во текот на донесувањето на оспорениот Детален урбанистички план биле испочитувани сите фази на постапката предвидени во важечкиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Од овие причини не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со одредбите од Уставот и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Тргнувајќи од наведената законска регулатива, како и увидот и анализата во доставената и прибавена документација за донесување на оспорената Одлука во делот што се оспорува со иницијативата, Судот оцени дека Советот на Општина Кочани како доносител на оспорениот акт, ги спровел законски определените дејствија во постапката за донесување на предметниот детален урбанистички план.

Во врска со конкретните наводи во иницијативата дека постои несогласност на деталниот со генералниот урбанистички план, односно на план од пониско ниво со план од повисоко ниво, со што се повредува член 11 став 7 од Законот, според Судот се неосновани. Ова, од причина што укажувањата во иницијативата по однос на намената на земјиштето и карактерот на објектите се однесуваат на содржината на деталниот урбанистички план, што според нас, е прашање од технички карактер и не се однесуваат на правните аспекти на постапката за донесување на планот. Оценката на стручно-техничките прашања и аспекти на планот излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд, кој ја цени само постапката за донесување на урбанистичкиот план, а не и неговата содржина.

При градење на правното мислење Судот го имаше во вид наводите од иницијативата дека постапката не била законита, бидејќи Советот на Општина Кочани немал формирано партиципативно тело согласно членот 17 став 6 од Законот, меѓутоа тоа се наводи кои не навлегуваат во фазите на постапката во која е донесен оспорениот план, туку се однесуваат на претходен период пред започнување на постапката, што за овој суд е ирелевантно во однос на уставно судската оцена на оспорениот план. Ова од причини што Уставниот суд на Република Македонија при оцената на уставноста и законитоста на плановите, ја цени законитоста на постапката во која тие се донесуваат, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка, а не и претходните работи и работни задачи како тековни надлежности на субјектите од локалната самоуправа, па оттука прашањата по однос на партиципативно тело кое ќе ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица за идни потреби и целисходности од пристапување или непристапување кон донесување на планови или нивни измени и дополнувања, и кое партиципативно тело ќе ги следи состојбите во планирањето преку давање на иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина е политика на делување на локалната самоуправа во рамките на Законот за просторното и урбанистичко планирање и тоа не е директно поврзано со постапката во која плановите се донесуваат или менуваат.

Наводите од иницијативата дека известувањата до граѓаните по однос на прифатените или неприфатените забелешки, не биле спроведени во смисла на член 26 став 8 од Законот, па со тоа постапката била незаконита, се неосновани. Наведеното од причини што од увидот во прибавената документација, се констатира дека известувањата се заведени во деловодна книга и носат архивски број и датум,односно од увидот во писмената документација со сигурност се утврди дека комисијата постапувала во смисла на член 24 став 8 од Законот и сите подносители на анкетните листови биле известени за прифаќање,односно неприфаѓање на истакнатите забелешки и предлози и сугестии притоа давајќи образложени аргументи за ваквиот став.

По однос на наводите дека постапката била незаконита бидејќи известувањето до граѓаните ги доставила Општината, а не Комисијата, според Судот тоа е техничко прашање кое не имплицира повреда на постапката. Ова од причини што од увидот во Извештајот на Стручната Комисија се констатира дека сите членови на Комисијата го потпишале Извештајот за прифатени, делумно прифатени или неприфатени забелешки за сите поднесени анкетни листови од граѓани, а и во самото известување е содржано дека Комисијата по разгледување на доставениот анкетен лист го известува граѓанинот во смисла на прифаќање, неприфаќање или делумно прифаќање на забелешките и предлозите на Нацрт-планот со образложени причини за тоа. По однос наводите дека не биле испочитувани и респектирани забелешките и предлозите од сите граѓани, односно не биле прифатени сите нивни забелешки и предлози по однос содржината на оспорениот план со предвидените плански решенија, тоа не се прашања од надлежност на Уставниот суд кој ја цени исклучиво законитоста на постапката од аспект на фазите за донесување на планот, а не и од аспект на содржината на планот. Ова од причини што Уставниот суд нема надлежност да го преиспитува работењето на субјектите кои одлучувале за целисходноста и оправданоста на предложените плански решенија од граѓаните, како и на нивните забелешки по однос на нацрт-планираните решенија, туку Стручната Комисија која е надлежна да постапува по забелешките и предлозите од граѓаните по однос на нацрт-плановите и да одлучува за нивната оправданост или неоправданост. Имено, клучно за постапката во која е донесен оспорениот план е транспарентноста во смисла на запознавањето на граѓаните со планските решенија во нацрт-планот, заради овозможување граѓаните преку анкетни листови да достават свои предлози и забелешки на нацрт-планот.

7. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Наводите во иницијативата за конкретно барање на согласноста на Одлуката со член 10 став 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија “бр.142/2010),од аспект на тоа дека со урбанистичките планови не смеело да се намалуваат условите за живот и работа на луѓето, Судот оцени дека претставуваат барање за оценување на акти од ист ранг, а тоа излегува од границите на надлежноста на Уставниот суд.

Имено, одредбите од овој Правилник предвидуваат задолжителна примена на стандардите и нормативите, а тоа не ги прави наведените одредби спротивни на Уставот, односно Уставот и законите, бидејќи ваквата формулација само значи дека сите инволвирани субјекти во процесот на планирање имаат законска обврска во изработката, донесувањето и спроведувањето на плановите да обезбедат услови за похумано живеење и работа на граѓаните, рамномерен и одржлив просторен развој на населените места и градбите, рационално и одржливо користење на просторот, заштита на недвижното културно наследство и заштита и унапредување на животната средина и природата, усогласеност со европските нормативи и стандарди во планирањето и уредувањето на просторот, што е и интенција на Законот за просторно и урбанистичко планирање и на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање.

Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање претставува технички норматив кој се заснова на одредени научни и стручни мислења и искуства од областа на урбанистичкото планирање и кој се носи од страна на надлежниот министер по законски спроведена постапка. Поточно, надлежниот министер формира комисија (најмалку пет членови, од кои еден научен работник од областа на урбанистичкото планирање, еден архитект со овластување за изработка на урбанистички планови и тројца стручни работници од областа на урбанистичкото планирање). Комисијата ги изработува стандардите и нормативите и дава предлог до надлежниот министер, а за изработените стандарди и нормативи се организира стручна расправа од научни и стручни работници од областа на урбанистичкото планирање, па по вградување на забелешките од стручната расправа, стандардите и нормативите ги пропишува надлежниот министер.

Тргнувајќи од наведеното,според Судот се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност на член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот и членовите 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4, член 11 став 7, член 17 став 6,член 24 став 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.12/2013
3 април 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски