Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 април 2013 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВАAT:
– член 70 став 6 во делот:„ кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот“ и член 96 став 7 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011 и 51/2011) и
– член 15 став 2 од Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2010 и 168/2010).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од проф. Слободан Унковски и 12 други професори и друг академски кадар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје и група сенатори при Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, со Решение У. бр. 98/2011 од 13 февруари 2013 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот и Уредбата означени во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 70 став 6 од Законот за високото образование, претседателот на Одборот, кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот, го претставува и застапува Одборот.
Според член 96 став 7 од Законот, менторот на докторскиот труд не може да биде член на комисијата за одбрана на докторскиот труд.
Судот, исто така, утврди дека согласно член 15 став 2 од Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност, менторот на докторскиот труд не може да биде член на Комисијата за одбрана на докторскиот труд.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија. Според ставот 2 на овој член, условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.
Според член 47 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво, а според став 3 на истиот член, Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата.
Од наведените уставни одредби произлегува дека автономијата на универзитетот е уставна категорија и услов за обезбедување на квалитетно високо образование.
Тргнувајќи од содржината на член 46 став 2 од Уставот произлегува дека условите, вршењето и престанокот на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон, што значи дека автономијата на универзитетот не е апсолутна категорија што се исцрпува само со наведената уставна одредба. Материјата по однос на тоа што претставува автономија на универзитетот и кои се елементите на автономијата на универзитетот, Уставот препушта да биде предмет на уредување со закон.
Врз основа на наведеното, донесен е Законот за високото образование, со кој се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност (член 1).
Видно од образложението за неговото донесување, во овој закон, при дефинирање на решенијата во него, користени се искуствата и регулативата за високото образование на земјите на Европската унија и земјите во регионот, како и релевантните меѓународни документи: Магна карта на универзитетите (Bologna Magna Charta Universitatum) усвоена во Болоња 1988 година, основните принципи и препораки на Болонската декларација потпишана во 1999 година од министрите за образование на 29 европски земји, како и препораките и документите произлезени од досегашниот целокупен Болонски процес.
Автономијата на универзитетот е регулирана во посебна глава втора (член 11 до член 14). Според член 11 од Законот, универзитетите и единиците во нивниот состав и самостојните високообразовни установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија (став 1). Со академската автономија се гарантира интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот процес, како врвни вредности и способности (став 2). Автономијата на универзитетот вклучува академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата (став 3). Високообразовните установи имаат право да покренат постапка пред надлежен суд за заштита на автономијата на универзитетот (став 4).
Академска слобода е дефинирана во член 12 од Законот, и таа опфаќа: – слобода во научно-истражувачката работа, уметничко создавање, примената и посредување на знаењето, – самостојно уредување на внатрешната организација и работењето со статут во согласност со закон, – слобода на изведување на наставата, спроведувањето на научните истражувања, уметничката дејност, односно творештво и применувачка дејност, вклучувајќи ја слободата на објавување и јавно претставување на научните резултатити и уметничките достигања, – слобода на студирањето, утврдувањето на правилата на студирање, облиците и видовите на наставно-образовните дејности и на проверката на знаењата на студентите, – слобода на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети, како и подготвување на учебници и други учебни помагала, – слобода на изборот на методот на интерпретирање на наставните и уметничките содржини, – утврдување услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус, како и други видови на образование, – подготвување, усвојување и остварување на научно-истражувачки програми и применувачка работа, – доделување стручни, академски и научни звања согласно со закон, како и доделување на почесни академски титули, – определување услови, критериуми и постапка за избор во наставно- научни, научни, наставни звања и – избор во наставно-научни, научни, наставни звања.
Автономија во управувањето е регулирана со член 13 од Законот, и се изразува во: – планирањето, остварувањето и развојот на високообразовната дејност, – воспоставувањето и уредувањето на внатрешната организација, – донесувањето на статутот, односно правилникот на единицата, – изборот, именувањето и отповикувањето на органите согласно со статутот, – располагањето со одобрените финансиски средства, како и со сопствените приходи, – формирањето на фондови и основањето други организации од сопствени приходи, донации и други извори заради вршење на високообразовна, научно-истражувачка, издавачка и применувачка дејност, – управувањето и користењето на имотот во согласност со намената за кој е добиен, – одлучувањето за формите на соработка со други организации, – здружувањето и асоцирањето во соодветни организации и форуми во земјата и странство, – остварувањето на меѓународна соработка, склучувањето договори и учеството во меѓународни организации и асоцијации и – одлучувањето за други права утврдени со статутот, односно правилникот на единицата.
Неповредливоста на универзитетскиот простор е дефинирана со член 14 од Законот. Така се утврдува дека просторот на универзитетите и на самостојните високообразовни установи е неповредлив. Полицијата и другите државни органи на безбедност не можат без согласност на ректорот, односно директорот или на лице овластено од нив, да влегуваат во овој простор, освен за спречување на извршување на кривично дело, на непосредно што претстои или започнато кривично дело, за задржување на неговиот сторител, како и во случај на природни и други непогоди (пожар, поплава и слично). На универзитетот и на самостојните високообразовни установи се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја.
Член 70 од Законот се однесува на составот и изборот на Одборот за акредитација и евалуација. Така, се утврдува дека Одборот е составен од 23 члена од кои девет од редот на професорите избрани од Интеруниверзитетската конференција, соодветно на застапеноста на универзитетите според нивното учество во вкупниот број на прв пат запишани студенти во студиска година, два члена од Македонската академија на науките и уметностите, еден претставник на најрепрезентативното тело на работодавачите, два членa од интеруниверзитскиот парламент на студентите и девет члена именувани од Владата на Република Македонија, од кои најмалку шест члена се од редот на професорите на високообразовните установи (став 1). Според став 6 на истиот член, претседателот на Одборот, кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот, го претставува и застапува Одборот.
Според член 71 став 1 од Законот, Одборот е самостоен во својата работа и одлучува во рамките на својата надлежност врз основа на принципот на стручност и компетентност.
Од анализата на наведените одредби произлегува дека Одборот е надлежен и за прашањата за акредитација на високообразовните установи од прв, втор и трет циклус на студии и за прашањата за евалуација на квалитетот на вршењето на високообразовната дејност, научноистражувачката, уметничката и стручната работа, на академскиот кадар и на студиските програми на високообразовните установи. Ваквата надлежност на Одборот, како единствено тело одговорно и за акредитација и за евалуација на високото образование е утврдена со Законот за високото образование (“Службен весник на Република Македонија“ број 35/2008), со чие влегувањето во сила престанува да важи Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија” бр. 64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007) кој предвидуваше постоење на Одбор за акредитација ( во чиј состав имаше и членови кои ги именува Владата) и постоење на Комисија за евалуација на универзитетот (во чиј состав немаше членови на Владата).
Прашањето за акредитација и евалуација на високото образование според Судот, спаѓа во прашањата поврзани со условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, кои според член 46 став 2 од Уставот, се уредуваат со закон. Сепак, според Судот, определбата во Законот (член 70 став 6) Владата да го именува претседателот на Одборот од редот на членовите на Одборот, значи повреда на самостојноста на органот и неговата работа врз основа на принципот на стручност и компетентност, којшто принцип законодавецот го утврдил како основен за работа на Одборот и значи создавање на услови за обезбедување на доминантна позиција на Владата во Одборот, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека член 70 став 6 од Законот, во делот:„ кого Владата на Република Македонија го именува од редот на членовите на Одборот“ не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Член 96 од Законот се однесува на третиот циклус на универзитетски студии – докторски студии. Со одредбата се пропишува траењето на докторските или специјалистичките студии, бројот на ЕКТС кредити, стекнувањето на научниот назив по завршување на истите, при што се определува дека универзитетот со општ акт го уредува стекнувањето на ЕКТС кредити на докторските студии и ги пропишува ЕКТС кредити потребни за пријава на докторски труд, се утврдуваат критериуми за тоа кој може да биде ментор на докторски труд, кој може да брани докторски труд, се пропишува составот на комисијата за одбрана на докторски труд, се определува содржината на студиската програма за докторски студии и периодот на нејзината евалуација.
Според Судот, законското решение во член 96 став 7 од Законот, според кое менторот на докторскиот труд не може да биде член на комисијата за одбрана на докторскиот труд, не е во согласност со начелото на владеењето на правото. Имено, не може да се прифати како основана и оправдана забраната пропишана со закон, менторот на докторскиот труд, кој го следел и координирал кандидатот кој го изработува докторскиот труд во сите фази на изработка, докрај да биде вклучен во одбраната на тој труд и да го даде својот придонес како член на комисијата за одбрана. Поради тоа, Судот оцени дека оваа законска одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Уредбата за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/2010 и 168/2010), е донесена врз основа на член 27 став 2 од Законот за високото образование, според кој условите како нормативи и стандарди за основање на високообразовна установа и вршење на високообразовна дејност поблиску се утврдуваат со уредба за нормативи и стандарди за основање на високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност , која на предлог на министерството надлежно за високото образование и по претходно мислење на Интеруниверзитетската конференција, ја донесува Владата на Република Македонија.
Со наведената уредба се утврдуваат нормативите и стандардите за условите кои треба да бидат исполнети за основање високообразовни установи и за вршење на високообразовна дејност.
Според член 15 став 2 од Уредбата, менторот на докторскиот труд не може да биде член на Комисијата за одбрана на докторскиот труд. Тоа значи дека оваа одредба, идентично како член 96 став 7 од Законот, се однесува на забрана на менторот на докторскиот труд да биде член на Комисијата за одбрана на докторски труд, што според Судот нема уставна оправданост и води кон повреда на начелото на владеењето на правото.
Поради тоа, Судот оцени дека член 15 став 2 од Уредбата, ја дели правната судбина на член 96 став 7 од Законот и исто така не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точкиата 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.98/2011
3 април 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски