41/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 174 став 3 во делот “или кога судот смета дека не е нужно тоа да го стори одговорното лице“ и член 178 став 3 во делот ”или според посебни околности” од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008 и 16/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точкaта 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата наведените делови од оспорените одредби на Законот за облигационите односи не биле во согласност со Амандманот XXV, како и со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 од Уставот на Република Македонија, ова од причина што судот судел врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, а не според свое сопствено субјективно мислење, како што било предвидено во конкретниот случај. Со оспорените делови од член 174 став 3 од Законот, според наводите во иницијативата, на судот му била препуштена законодавна функција и во практиката ќе се појавел судски субјективизам, едностраност, па и можни злоупотреби, а тоа било во спротивност со член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму во иницијативата е наведено дака слична била состојбата и со оспорениот член 178 став 3 од Законот, затоа што не се знаело кои се тие посебни околности и каде биле истите предвидени, како и на кој начин судот во практиката ќе ги утврдел. Подносителот на иницијативата смета дека оспоренета одредба била нејасна, недоречена и практично била неприменлива и биле можни злоупотреби и едностраности и предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека членот 174 став 1 од Законот, со наслов “Надомест на материјална штета” и поднаслов “Воспоставување на поранешната состојба и надомест во пари”, одговорното лице е должно да ја воспостави состојбата што била пред да настане штетата. Доколку воспоставувањето на поранешната состојба не ја отстранува штетата наполно, одговорното лице е должно за остатокот на штетата да даде надомест во пари. (став 2) Кога воспоставувањето на поранешната состојба не е можно, или кога судот смета дека не е нужно тоа да го стори одговорното лице, судот ќе определи тоа да му исплати на оштетениот соодветна сума пари на име надомест на штетата. (став 3) Судот ќе му досуди на оштетениот надомест во пари кога тој го бара тоа, освен ако околностите на дадениот случај го оправдуваат воспоставувањето на поранешната состојба.(став 4)

Согласно членот 178 став 1 од Законот, со наслов “Обем на надомест на материјалната штета” и поднаслов “Обична штета и испуштена корист”, оштетениот има право како на надомест на обичната штета, така и на надомест на испуштената корист. Висината на надоместот на штетата се определува според цените во времето на донесувањето на судската одлука, освен ако нешто друго не е уредено со закон. (став 2) При оцената на висината на испуштената корист се зема предвид добивката што можела основано да се очекува според редовниот тек на работите или според посебни околности, а чие остварување е спречено со оштетниковото дејствие или пропуштање на оштетениот.(став 3) Кога предметот е уништен или оштетен со кривично дело сторено со умисла, судот може да ја определи висината на надоместот според вредноста што предметот ја имал за оштетениот (став 4).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV на Уставот, со кој се заменува член 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006) судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Судовите во примената на правото ги заштитуваат човековите слободи и права. Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на законитост и легитимност, рамноправност на странките, судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување и економичност. (член 10 став 1)

Прашањето за надомест на штета и изгубена зработувачка како општоприфатено правно начело е уредено со Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008 и 161/2009). Имено, според член 141 од Законот, тој што ќе му предизвика штета на друг должен е да ја надомести, доколку не докаже дека штетата настапила без негова вина. Штетата е намалување на нечиј имот (обична штета) и спречувањето на негово зголемување (испуштена корист) како и нанесувањето на друга физичка или душевна болка или страв (нематеријална штета член 142).

Според член 174 од Законот, одговорното лице е должно да ја воспостави состојбата што била пред да настане штетата. Доколку воспоставувањето на поранешната состојба не ја отстранува штетата наполно, одговорното лице е должно за остатокот на штетата да даде надомест во пари.

Кога воспоставувањето на поранешната состојба не е можно, или кога судот смета дека не е нужно тоа да го стори одговорното лице, судот ќе определи тоа да му исплати на оштетениот соодветна сума пари на име надомест на штета.

Судот ќе му досуди на оштетениот надомест во пари кога тој го бара тоа, освен ако околностите на дадениот случај го оправдуваат воспоставувањето на поранешната состојба.

Враќањето во поранешна состојба претставува граѓанскоправна санкција која како таква е пропишана со закон, со цел да се заштити општиот интерес. Ваквата санкција има и превентивна улога или заштитна улога во правниот промет што помалку да функционираат ништовни договори.

Согласно член 175 од Законот, обврската за надомест на штетата се смета за стасана од моментот на настанувањето на штетата. Во однос на надомест во случај на пропаѓање на предметот одземен на недозволен начин, со членот 176 од овој закон, е уредено дека ако предметот што на имателот му бил одземен на недозволен начин пропаднал поради виша сила, одговорното лице е должно да даде надомест во пари.

Во членот 178 од наведениот закон е уредено прашањето на обемот на надоместот на материјална штета (обична штета и испуштена корист). Според член 179 од Законот, земајќи ги предвид и околностите што настанале по причинувањето на штетата, судот ќе досуди надомест во износ кој е потребен материјалната ситуација на оштетениот да се доведе во онаа состојба во која би се наоѓала да немало штетно дејствие или пропуштање.

Оттука, имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека законодавецот со оспорените одредби од Законот за облигационите односи, не отстапува од општите правила за надомест на штета и не се предвидува поинаков начин, односно обем на обештетување на оштетениот. Во сферата на склучувањето на договори како специфичен облигационен однос, прашањето на надомест на штета треба да го утврди судот, заради што пред него се води постапка. Имено, судот е тој кој во секој конкретен случај ценејќи ги околностите поради кои, како и фактот дека договорот е незаконит поради повреда на материјалните одредби од законите ќе ја утврди висината на штетата што оштетениот ја трпел без негова вина.

Притоа, се имаше во предвид дека иницијативата не содржи сосема јасни причини по однос на сомнението за согласноста на оспорениот дел од законската одредба со уставните одредби, освен што се наведува дека, на подносителот на иницијативата му пречи можноста судот да определи во состојба кога воспоставувањето на поранешната состојба не е можно, дека не е нужно тоа да го стори одговорното лице, и да определи тоа да му исплати на оштетениот соодветна сума пари на име надомест на штетата.Потребно е да се потенцира дека надлежниот суд одлучува за овој вид на надомест на штета во парнична постапка.

Во член 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010) ги уредува правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Според член 7 став 1 од овој закон, странките се должни да ги изнесат сите факти врз кои ги засноваат своите барања и да предложат докази со кои се утврдуваат тие факти. Судот е овластен да ги утврди и фактите што странките не ги изнеле и да ги изведе и доказите што странките не ги предложиле, ако од резултатите од расправата и од докажувањето произлегува дека странките одат кон тоа да располагаат со барања со кои не можат да располагаат, но својата одлука не може да ја заснова врз факти и докази за кои на странките не им е дадена можност да се изјаснат.(став 2)

Согласно член 8 од Законот, кои факти ќе ги земе како докажани одлучува судот по свое убедување врз основа на совесна и грижлива оцена на секој доказ посебно и на сите докази заедно, како и врз основа на резултатите од целокупната постапка

Во ставот 2 на членот 96 од Законот, се определени можните насоки на одлучување на судот кога несовесната страна ќе постави барање за враќање на она што и го дала другата страна. Така, судот има можност во целост или делумно да го одбие барањето, а може и да одлучи другата страна она што го примила врз основа на забранетиот договор да и го предаде на оштетената страна.

Според член 466 од овој закон, во споровите заради утврдување на постоење или непостоење на договор, заради извршување или раскинување на договор, како и во споровите заради надомест на штета поради неизвршување на договор, покрај судот од општа месна надлежност, месно е надлежен и судот на местото каде што според спогодбата на странките тужениот е должен да го изврши договорот.

Според тоа, а тргнувајќи од анализата на содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на член 178 став 3, Судот оцени дека таквата одредба не е нејасна, недоволно дефинирана и определива, така што во отсуство на прецизни и јасни критериуми таа би создавала простор за арбитрерност и со што би го довела во прашање начелото на владеење на правото и би продуцирала субјективизам во одлучувањето на судовите, затоа што не се знаело кои се тие посебни околности и каде биле истите предвидени, како и на кој начин судот во практиката ќе ги утврдел.

Имајќи го во предвид наведеното, Судот утврди дека оспорениот дел од член 174 став 3 во делот ”или кога судот смета дека не е нужно тоа да го стори одговорното лице” и член 178 став 3 во делот ”или според посебни околности” од Законот за облигационите односи не може да се доведе во релација со наводите во иницијативата од причини што законодавецот е доволно јасен и прецизен при уредувањето на општите правила за надомест на штета и не се во спротивност со Амандманот XXV, како и со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 61 став 1, член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од членот 174 став 3 и член 178 став 3 од Законот за облигационите односи со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер- Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.41/2012
27 март 2013 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски