1/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 20 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 45-б од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на РМ“ бр.13/2006,86/2008 и 6/2010).

2. Македонското здружение на млади правници, застапувано од Жарко Хаџи-Зафиров од Скопје од Адвокатско друштво Бона Фиде, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 45-б од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, односно со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија владеење на правото, член 13 и Амандман XX од Уставот на Република Македонија со кој се дополнува членот 13 од Уставот.

Имено, Комисијата за заштита на правата на слободен пристап до информации од јавен карактер е дефинирана како независен државен орган со својство на правно лице кое согласно законот врши следење на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и одлучува по жалбите против одлуките на имателите на информации од јавен карактер. Согласно Амандман XX од Уставот се отвара можноста државните органи да бидат и прекршочни органи во исто време поради економичност, ефикасност и целисходност, од причина што овие органи се најупатени и најстручни за утврдување на повредата им е дадена можност за изрекување на санкции. Делот на прекршочните одредби од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер всушност е обезглавен бидејќи не е јасно кој може да поведе прекршочна постапка пред надлежен суд за изрекување на санкција. Оваа можност не е дефинирана ниту во член 32 во кој е дефинирана надлежноста на Комисијата, туку во членот 80 од Законот за прекршоците е наведено дека „прекршочната постапка се поведува по барање од овластениот орган и оштетените и дека овластените органи се должни да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка секогаш кога постои основано сомневање дека е сторен прекршок“.

Имајќи го предвид Амандман XX, според подносителот нелогична била поставеноста на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во однос на прекршочната надлежност, бидејќи Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер при постапувањето по жалбите против одлуките на имателите на информации од јавен карактер секогаш утврдува дали е сторена повреда на одредбите од законот.Оттука а согласно духот и намерата на Амандманот XX на Уставот не било јасно зашто Комисијата не е надлежна за изрекување санкции кога ги исполнува сите предуслови во однос на статусот и утврдувањето на основите за сторена повреда на законот за кој е предвидена прекршочна санкција да иницира постапка пред прекршочен суд, притоа обременувајќи го судот со предмети за кои токму таа е надлежна да одлучува.

Оспорената одредба била спротивна и на начелото на владеење на правото од причина што не било јасно утврдено зошто токму Комисијата не е прекршочен орган кога намерата на уставотворецот пред донесување на Амандман XX е токму државните органи да изрекуваат санкции поради прекршување на Законот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 45-б став 1 од Законот, а кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека „за прекршоците утврдени со овој закон прекршочната постапка ја води и прекршочни санкции изрекува надлежниост суд“.

4. Според член 13 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Лицето незаконито лишено од слобода, притворено или незаконито осудено, има право на надомест на штета и други права утврдени со закон.

Со Амандман XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 51/2011) во членот 1 определил дека со овој закон се определуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршување на прекршочните санкции и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно врз основа на овој и друг закон органите на државната управа или организациите и другите органи што вршат јавни овластувања надлежни за изрекување на прекршочни санкции (во натамошниот текст: прекршочни органи).

Со одредбите од членовите 53-156 е уредена „прекршочната постапка“. Според Законот, прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече само надлежен суд, а за одделни прекршоци определени со закон и орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања на надзор над спроведување на законите со кои се пропишани прекршоците (член 53 ставови 1 и 2); за прекршок и за изрекување на прекршочна санкција одлучуваат судот, односно прекршочниот орган со одлука, против која се дозволени правни средства утврдени со овој закон (член 57); а во делот на одредбите кои се однесуваат за прекршочната постапка пред прекршочен орган, со член 66 е определено дека прекршочниот орган при водење на прекршочната постапка соодветно ги применува одредбите на Законот за општата управна постапка, освен ако со овој закон и со законот со кој е пропишан прекршокот поинаку не е определено.

Со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е предвидено дека со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за остварување на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер со кои располагаат органите на државната власт и други органи и организации утврден со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон.

Во членовите од 30 до 37 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на статусот на Комисијата за заштита на правата на слободен пристап до информации од јавен карактер која е независен државен орган, составот, именувањето и разрешувањето на членовите на комисијата, надлежноста, начинот на работа, формирањето на секретаријатот како стручна служба на Комисијата, како и судската заштита против решенијата на комисијата.

Во членовите од 39 до 45-а од Законот поместен во Глава IX „Прекршочни одредби“ е утврдена висината на глобата за прекршок што може да биде изречена на одговорното или службеното лице кај имателот на информација доколку постапи спротивно на одделни одредби од Законот.

Во оспорениот член 45-а став 1 од Законот е утврдено дека „за прекршоците утврдени со овој закон прекршочната постапка ја води и прекршочни санкции изрекува надлежниот суд“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за прекршоците, како и анализата на одредбите од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а кои се однесуваат на надлежноста на Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, наспрема наводите во иницијативата дека со оспорениот член се повредува член 8 и Амандман XX од Уставот,Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што, според Судот право е на законодавецот, а имајќи го предвид членот 13 и Амандман XX од Уставот да определи дали за одделни прекршоци определени со закон прекршочната постапка и санкција ќе ја води и изрече суд или орган на државната управа.Тоа поточно значи дека со Амандманот XX од Уставот не се исклучува надлежноста на прекршочниот суд да води и изрекува прекршочна санкција,туку напротив со него само се дава можност и на државните органи кога за тоа се овластени со закон, за прекршоците утврдени во законот да можат да водат и да изрекуваат прекршочни санкции.

Фактот, што во конкретниов случај во членот 45-б став 1 за предвидените прекршоци во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, прекршочна постапка и санкција изрекува надлежен суд, а не Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер како што смета подносителот на иницијативата не го прави истиот несогласен со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски,Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.1/2013
20 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски