У.бр.19/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 13 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за донесување на измени и дополнување на Детален урбанистички план на град Кичево за населбата “Бала маало“, број 07-1016/4 донесена од страна на Советот на општина Кичево на 14 јули 2000 година и објавена во „Службен гласник на општина Кичево“ бр.4/2000.

2. Mенка Калчиноска од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одлука не била во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи, со кои се налагало стамбено деловни објекти да се градат само ако се со поголема ширина од 6 метри, а не како што бил случајот со КП.бр.1927 која била со ширина од 4 м. на едната страна, и 3,40 метри на другата страна. Со вака предвидениот објект за градба од страна на изготвувачот на деталниот урбанистички план било повредено хуманото живеење на жителите во соседството на КП1927. Поради тоа се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и истата да ја поништи во делот за КП.бр.1927.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 1 од оспорената одлука, Предлог-планот бил изготвен од ИН-ПУМА од Скопје со технички број 61/2000 од јуни 2000 година и истиот бил составен дел на оваа Одлука.

Во членот 2 е наведено дека оваа Одлука содржи: текстуално образложение, графички прилози според законските одредби, одредби за реализација на планот, стручна ревизија на Нацрт-измени и дополнување на ДУП за населбата “Бала Маало“ – Општина Кичево, изготвена од Архитектонскиот факултет од Скопје од март 2000 година и Извештај од јавната анкета по Нацрт-измени и дополнување на ДУП за населба “Бала Маало“-Општина Кичево, со образложение за неприфатените забелешки, број 26-694/2-1 од 13 јуни 2000 година.

Според членот 3 од Одлуката, планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето во 4 примероци, како и оригиналните графички прилози на хамер и фолија со потпис и печат на доносителот на планот, а останатите примероци се донесуваат до Подрачната единица на Министерството за урбанизам и градежништво во Кичево.

Согласно член 4 од Одлуката, планот ќе го спроведува Министерството за урбанизам и градежништво – Подрачната единица во Кичево, по добиената согласност за спроведување на планот од страна на МУГ-Скопје.

Според член 5 од Одлуката, примерок од истата се доставува до Канцеларијата на Главниот архитект и Министерството за урбанизам и градежништво Подрачната единица во Кичево

Во член 6 од одлуката е определено дека таа влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Кичево“.

4. Според член 110 став 1 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива од Веле Калчиноски од Кичево, веќе ја оценувал уставноста и законитоста на оспорената Одлука за донесување на измени и дополнување на Детален урбанистички план на град Кичево за населбата “Бала маало“, број 07-1016/4 донесена од страна на Советот на општина Кичево на седницата одржана на 14.07.2000 година и објавена во „Службен гласник на општина Кичево“ бр.4/2000. Судот со Решение У.бр. 229/2011 иницијативата ја отфрлил поради тоа што одлуката се оспорувала од аспект на нејзината содржина и во однос на акти чија што оценка не е во надлежност на Уставниот суд, како и фактот што во неа немало јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука од аспект на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, односно фазите за донесување на планот.

Со оглед на тоа што и во предметната иницијатива истата одлука се оспорува од исти причини како и во претходно наведениот предмет и во отсуство на основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата по основ на res judicata, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.19/2013
13 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски