Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи и 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Мирјана Гркова, Родна Арангелова, Верка Василевска, Македонка Мицајкова, Елисавета Колева, Илија Мелов, Орданчо Марков, Иван Димовски, Маријка Шајкарова, Митре Стојанов, Киро Настов, Блаже Тасевски, Маре Јанева, Елизабета Јосифова, Ленка Митрева, Трајче Павлов, Снежана Бошкова, Љубица Гурева, Миска Ѓорѓиева, Зора Николова, Љупчо Делов, Тодор Мешков, Ѕвонко Пиличев, Панда Ангелова, Љубинка Костадинова, Горан Ивановски, Зоранчо Симонов и Нада Јованова, сите од Кавадарци за заштита на слободите и правата поради дискриминација по основ на социјална припадност.
2. Мирјана Гркова и уште други 27 граѓани до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата, според нив, повредени со решение ПП.бр.10/11 од 28 февруари 2012 година на Основниот суд Кавадарци и решение Рож.бр.1811/12 од 31 октомври 2012 година на Апелациониот суд Скопје.
Судот со цел да не постапи на штета на странките сметаше дека се работи за можна повреда на слободите и правата со двата наведени акта, а не само со второстепеното решение иако од барањето за заштита на слободите и правата не произлегува сосема јасно дали слободите и правата се повредени само со второстепеното решение (почеток на барањето) или и со првостепеното и со второстепеното решение (низ текстот и на крајот на барањето).
Во барањето за заштита на слободите и правата се наведува дека подносителите на барањето пред Основниот суд Кавадарци поднеле предлог за повторување на постапката по предметот П.бр.862/98, согласно член 392 став 1 точка 3 од Законот за парничната постапка, но Судот со решение ПП.бр.10/11 од 28 февруари 2012 година го одбил предлогот за повторување на постапката, кое решение било потврдено со пресудата на Апелациониот суд Скопје Рож.бр.181/12 од 31 октомври 2012 година.
Во продолжение на барањето се образлага текот на постапката пред првостепениот суд, кој, според подносителите на барањето, сторил повеќе суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка. Ова од причина што првостепената одлука (ПП.бр.10/11 од 28 февруари 2012) ја донел врз база на претпоставки дека тие сепак му дале уредно полномошно на адвокатот Ѓорѓи Митев од Кавадарци за поднесување на тужба и за застапување, иако такво полномошно во предметот П.бр.862/98 не постоело, немало ниту еден писмен или друг доказ дека заедничкото полномошно е дадено, а тие во постапката предлагале и докази во спротивна насока, но првостепениот суд не ги прифатил предложените докази (увид во судски предмети, сослушување на сведоци и друго) и не дозволил нивно изведување.
Во постапката по жалба, покрај укажувањето на сторените повреди Апелациониот суд Скопје го потврдил првостепеното решение, со образложение дека предметот П.бр.861/98 повеќе пати бил доставуван до Апелациониот суд во Скопје и до Врховниот суд по повод редовни и вонредни правни лекови, па доколку адвокатот Ѓорѓи Митрев немал уредно полномошно за тужителите предметот би бил административно вратен заради доставување на уредно полномошно, што не било случај, од каде Апелациониот суд Скопје заклучил дека не се сторени суштествени повреди на одредбите од Законот за парничната постапка.
Врз основа на наведеното подносителите на барањето сметаат дека првостепениот и второстепениот суд дискриминирачки постапиле по однос на социјалната припадност и положба на тужителите (во барањето не е конкретно определена) по однос на тужениот Република Македонија-Основен суд Кавадарци примену-вајќи ги законите неосновано и неоправдано на нивна штета, а во корист на тужениот. Со ваквото постапување им биле повредени правото на фер судење и правото на еднаквост на оружјата на стран-ките од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи (член 6 од Конвенцијата и член 1 од Протоколот 12).
Како правен аргумент за основаност на нивното барање се наведуваат Одлуката У.бр.84/2009 од 10 февруари 2010 година на Уставниот суд и решението Рев.бр.1049/06 (без датум) на Врховниот суд на Република Македонија.
Поради сето наведено тужителите бараат фер судење, на кое ќе имаат можност да приложат докази согласно позитивните прописи и ги бараат правата загарантирани во Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Според нив судовите сториле дискриминација по основ на социјална положба, согласно член 110 од Уставот и ги прекршиле член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 50 и член 118 од Уставот, член 6, 13 и 14 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и член 1 од Протоколот бр.12 кон Конвенцијата. Оттаму, бараат Уставниот суд да ја испита уставноста и законитоста на решението Рож.бр.1811/12 од 31 октомври 2012 година, со кое е потврдено првостепеното решение ПП.бр.10/11 од 28 февруари 2012 година и истите ги поништи како противуставни и противзаконити.
3. Судот на седницата врз основа на доставената и при-бавена и доставена документација ја утврди следната фактичка состојба:
Во постапката по предметот П.бр.862/98 на Основниот суд Кавадарци формиран по тужба на тужителите, во оваа постапка подносители на барањето, барањето за надомест од работен однос по основ на минат труд било уважено со пресуда под наведениот број од 10.09.2011 година. Пресудата била потврдена со пресуда на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.5150/01 од 6.12.2001 година. Врховниот суд на Република Македонија, по повод барање за заштита на законитоста, со решение ГЗЗ.бр.123/02 од 23.04.2003 ги укинал првостепената и второстепената пресуда и предметот го вратил на повторно судење на Основниот суд Кавадарци.
Во повторното судење Основниот суд Кавадарци донел пресуда П.бр.862/98 од 23 април 2008 година со која тужбеното барање на тужителите за надомест од работен однос по основ на минат труд било одбиено како неосновано, која пресуда Апелациониот суд Скопје ја потврдил со пресуда РОЖ.бр.1852/08 од 19.02.2009 година.
Заради настанатата состојба и околноста што тужителите претходно го наплатиле своето побарување спрема тужениот Република Македонија, сега од страна на државата е поднесена тужба за враќање на исплатени средства без основ за што е донесена пресуда П.бр.494/06 од 25.09.2009 година со која тужбата се уважува, а тужените се задолжуваат да ги вратат задолжените парични средства.
На 25.07.2011 година сега подносителите на барањето за заштита на слободите и правата предложиле повторување на постапката пред првостепениот суд по предметот П.бр.962/98 кој предлог со решението ПП.бр.10/11 од 28 февруари 2012 година е одбиен како неоснован. Вака донесеното решение е потврдено со решението Рож.бр.1811/12 од 31 октомври 2012 година на Апелациониот суд Скопје.
Второстепеното решение подносителите на барањето го примиле лично во периодот од 17 до 28 ноември 2012 година, а барањето за заштита на слободите и правата до Уставниот суд е поднесено преку пошта на 11 јануари 2013 година, односно во рокот од 2 месеци предвиден во членот 51 од Деловникот на Судот.
4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.
Во конкретниот случај подносителите на барањето го наведуваат основот на дискриминација и актите со кои била сторена дискриминацијата. Меѓутоа, во барањето отсуствуваат елементи и докази врз основа на кои ќе може најнапред да се утврди нивната социјална припадност, односно на која социјална или општествена група тие припаѓале во време на сторување на дискриминацијата, а потоа и за тоа на кој начин судовите нив ги довеле во дискриминирана нееднаква положба, заради таквата нивна социјална состојба, наспрема фаворизираната положба на спротивната странка во постапката.
Тука треба да се има предвид дека аргументот за различниот социјален статус на странките во судската постапка, сам по себе, не доведува до дискриминација по автоматизам, а изразот дикриминација подразбира секое разликување, исклучување или предност заснована врз раса, боја на кожа, пол, вероисповед, политичко мислење, национално или социјално потекло, кои доведуваат до уништување или намалување во поглед на можностите или третманот на граѓаните во определена работа во определена област, пред надлежни органи и други организации, институции или слично. Самиот статус на граѓаните по некои од наведените основи, сам по себе не имплицира дискриминација, туку нееднаквиот и различен третман и постапување во еднакви случаеви, што во секој случај треба да се докаже. Меѓутоа, во конкретниот случај, od baraweto на подносителите не може да се заклучи со сигурност за тоа каков бил нивниот статус и дали заради тој статус имале нееднаков третман наспрема тужениот. Оттука, околноста што барателите во постапките пред судовите не успеале во спорот, наспрема другата страна која успеала во спорот, не е аргумент за поинаков и нееднаков третман на странките во конкретната судска постапка.
Тргнувајќи од погоре наведеното, според наша оцена, во конкретниот случај, барателите само деклара-тивно се повикуваат на заштита на слободи и права користејќи го основот „забрана за дискриминација по основ на социјална припадност”, samo kako povod i pravno opravduvawe na svoeto barawe, koe vsuшnost e барање Судот да постапи на начин кој ги надминува неговите уставни надлежности. Поднесеното барање, во суштина претставува барање Уставниот суд, да се впушти во преоценување на конкретни акти на судовите од чии одлуки барателите не се задоволни, што излегува надвор од рамките на надлежностите на Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер – Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.
У.бр.5/2013
27 февруари 2013 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски