Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеите 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2013 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за општина Струга за УЕ-2 Дел од Блок 9/1. бр. 07-2212/22, донесена од Советот на Општина Струга на 30 септември 2010 година, објавена во („Службен гласник на Општина Струга“ бр. 10/2010).
2. Фуад Латифоски од с. Лабуништа – Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата подносителот укажува дека деталниот урбанистички план бил во спротивност со Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот од причина што не е почитувано постапката за донесување на деталниот урбанистички план. Имено, за време на јавната анкета подносителот на иницијативата не бил присутен во Македонија, односно Струга, и не можел да ги изнесе забелешките во Анкетниот лист.
Според подносителот на иницијативата, се пореметело нормалното користење и функционирање на неговиот објект на наведената градежна парцела, со што истиот како таков го губел вредноста, функционалноста и нормалното користење на истиот, а со тоа се реметеле и одредени имотно-правни односи во смисол на околноста дека соседните објекти веќе биле до неговата стреа. Поради тоа подносителот предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деталниот урбанистички план на град Струга за УЕ-2 Дел од Блок 9/1 донесен со Одлука на Советот на Општина Струга, бр.07-2212/22 од 30.09.2010 година.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со оваа Одлука се донесува Детален урбанистички план за дел од блок 9/1 – Струга.
Според членот 2 од Одлуката, Урбанистичкиот план содржи: графички дел; текстуален дел; стручна ревизија; одговор на стручна ревизија, и извештај од стручна консултација.
Според членот 3 од Одлуката, извештајот од стручната консултација е составен дел на Одлуката.
Според членот 4 од Одлуката, деталниот урбанистички план за дел од блок 9/1 – Струга, ќе го спроведува Општинската администрација на општина Струга, врз основа на Согласност бр. 16-7617/2 од 10.08.2010 година издадена од страна на Министерството за транспорт и врски на РМ.
Според членот 5 од Ослуката, деталниот урбанистички план за дел од блок 9/1 – Струга се заверува со печат и потпис од Градоначалникот на општина Струга, со назначување на бројот и датумот на седницата на која е донесен.
Според членот 6 од Одлуката, Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на општина Струга“.
4. Според членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Во конкретниот случај, од наводите во иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата ја оспорува содржината и постапката за донесување на деталниот урбанистички план, или поинаку кажано, иако иницијативата се повикува на несогласност на планот со Уставот, Законот и Правилникот, во неа не се наведува ниту една причина зошто оспорениот план е спротивен и на кои одредби од Уставот, Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот тој е спротивен, односно во иницијативата отсуствуваат наводи за тоа од кои причини подносителот смета дека оспорената Одлука за донесување на деталниот урбанистички план не била донесена во постапка согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, од кој аспект само може Уставниот суд да ги оценува урбанистичките планови.
Во таа смисла, сите забелешки на планот наведени во иницијативата, а кои се однесувале на содржината на планот, подносителот на иницијативата можел да ги истакне во постапката за донесување на самиот Детален урбанистички план, односно на Јавната презентација и јавната анкета која била спроведена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, што од негова страна, видно од доставената документација не било сторено.
Но, независно од тоа дали при овие измени и дополнувања на планот биле почитувани или не соодветните нормативи и стандарди за уредување на просторот, на чие непочитување се укажува во иницијативата, е прашање што излегува од доменот на надлежноста на Уставниот суд. Ова затоа што во случај Судот да се впушти во оценка и на овие наводи, тогаш тоа во суштина би значело оценување на меѓусебната усогласеност на овој план со горе означениот правилник, а со оглед дека се работи за прописи од ист правен ранг, согласно член 110 од Уставот Судот не е надлежен да одлучува за тоа.
Имајќи предвид, дека со иницијативата предметната одлука се оспорува од аспект на нејзината содржина и во однос на акти чија што оценка не е во надлежност на Уставниот суд, како и фактот што во неа нема јасни и конкретни причини за оспорување на предметната одлука од аспект на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, односно фазите за донесување на планот уредена со закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, д-р Гзиме Старова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.7/2013
27 февруари 2013 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски