У.бр.120/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи и 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 27 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 25 од Правилникот за натпреварување на Македонската кошаркарска федерација од 6 октомври 2011 година и член 25 од Правилникот за натпреварување (сезона 2012/2013) на Македонската кошаркарска федерација од 4 октомври 2012 година, двата донесени од Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација.

2. Влатко Атанасоски од Прилеп до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста за Правилникот за натпреварување на Македонската кошаркарска федерација од 6 октомври 2011 година.

На 04.10.2012 година, оспорениот правилник престанал да важи со влегување во сила на Правилникот за натпреварување (сезона 2012/2013) на Македонската кошаркарска федерација. Но во Правилникот што сега е во сила, во членот 25 на ист начин, како во Правилникот што престанал да важи, се уредува прашањето покренато во иницијативата поради кои причини Судот одлучи двата правилника да бидат предмет на оцена пред со цел расчистување на прашањето покренато со иницијативата.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 25 од Правилникот се повредувале членот 32 став 2 и членот 55 од Уставот, бидејќи се ограничувала достапноста на работното место, се вршела дискриминација по возраст и се загрозувала слободата на претприемништвото на трговските друштва кои вршеле дејност спорт, односно на спортските клубови.

Подносителот на иницијативата поаѓа од содржината на членот 31 од Законот за спорт и наведува дека со оспорената одредба се ускратувале правата на професионалните спортисти и се дискриминирале по возраст. Ова и од причина што согласно членот 53 од Законот професионалните спортисти имале задолжително здравствено осигурување, а оспорената одредба била во спротивност со наведената законска одредба (двете одредби биле во колизија), бидејќи спортистите на возраст од 16 години најчесто биле ученици на кои не би можел да им се обезбеди професионален работен однос и да им се обезбеди задолжително здравствено осигурување како што предвидувал Законот за спорт за професионалните спортисти.

Имајќи предвид дека спотртскиот клуб, согласно членот 6 од Законот за спорт, бил спортско здужение, односно друштво кое врши дејност спорт, произлегувало дека со оспорената одредба се дискриминирал претприменичкиот дух на друштвото, бидејќи било обврзано својата дејност да им ја довери на извршување на лица врз основа на нивната возраст.

Со оглед на тоа што оспорениот член 25 од Правилникот создавал последици, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, потоа да ја поништи оспорената одредба и да ги поништи сите дејствија и резултати во националните организирани натпревари, кои се постигнале со неговата примена.

3. Судот на седницата утврди дека Точката 6 од Правилникот што сега е во сила, носи наслов: „Право на настап“ и во неа е содржан членот 25 од Правилнкот.

Според наведената одредба, на официјални првенствени и Куп натпревари право на настап за одреден клуб имаат сите играчи кои поседуваат пропишана лиценца за настап издадена од Регистрациската комисија на МКФ. Предуслов за издавање на лиценцата е потврда за уредно извршен лекарски преглед.

Согласно одлуката на Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација за оваа натпреварувачка сезона 2012/2013 секој клуб од Прва машка лига ќе мора во првиот дел од натпреварувањето во првото полувреме да има на терен млад играч до 20 години, Прва лига жени и Втора лига мажи до 18 години и Трета лига мажи до 16 години.

Доколку екипата нема да се придржува на овој пропис следи санкција.

Според содржината на членот 25.1 од Правилникот, доколку во текот на натпреварот играчот добие 5 лични грешки или заради повреда мора да ја напушти играта а од останатите играчи на теренот нема играч на таа возрасна категорија, тогаш мора да биде заменет со играч кој влегува во иста возрасна категорија, во однос на степенот на натпреварување (до 20, 18 или 16 години).

Доколку екипата нема таков играч тогаш започнува или продолжува натпреварот со 4 или помалку играчи согласно правилата на ФИБА Европа.

Доколку во текот на натпреварот тренерот на екипата намерно или ненамерно во петорката на теренот пропушти да стави играч од споменатите возрасни категории кога тоа записничарот, судиите или делегатот ќе го забележат еден од играчите на теренот мора да биде заменет со играч од споменатите возрасни категории. При тоа на теренот му се досудува техничка грешка и натпреварот продолжува со две слободни фрлања и топка од страна за противничката екипа.

За следење и контрола на играчите од споменатите возрасни категории се задолжува делегатот на натпреварот кој е должен на почетокот на натпреварот и во неговиот тек при замените да ги предупреди судиите во евентуалните неправилности во однос на овие одредби.

Членот 25 од Правилникот што престанал да важи ја имал иста содржина.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одредба е содржана во Правилникот за натпреварување на Македонската кошаркарска федерација, кој бил донесен од Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација на 6 октомври 2011 година. На 4 октомври 2012 година (по поднесување на иницијативата) Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација донел нов Правилникот за натпреварување (сезона 2012/2013) на Македонската кошаркарска федерација, според чии одредби претходно донесениот правилник престанува да важи со донесувањето на новиот правилник (4 октомври 2012 година).

Со оглед дека, Правилникот за натпреварување на Македонската кошаркарска федерација од 6 октомври 2011 година, во кој била содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1991), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во Правилникот за натпреварување (сезона 2012/2013) на Македонската кошаркарска федерација, од 4 октомври 2012 година, кој сега е на сила, правното прашање покренато во иницијативата е уредено со членот 25, кој пак, има иста содржина како оспорената одредба од Правилникот што престанал да важи.

Судот тргнувајќи од содржината на членот 25 од важечкиот Правилник, но и од карактерот и содржината на Правилникот во кој тој е содржан оцени дека оваа одредба не е подобна за уставно судска оцена. Според содржината на оваа одредба произлегува дека на официјални првенствени и куп натпревари право на настап, во првата половина на натпреварот, имаат на терен млад играч до 20 години, Прва лига жени и Втора лига мажи до 18 години и Трета лига мажи до 16 години. Во натамошниот текст на одредбата се содржани правилата поврзани со замена на ваквата возрасна категорија на играчи на самиот натпревар, санкциите за непочитување на наведените правила за натпревар и друго.

Според тоа со членот 25 од Правилникот не се нормираат односи во правото на општ начин, за неопределен круг на субјекти, што е карактеристика на прописите подобни за уставно-судска оцена, туку се воспоставуваат правила на игра во кошарката и тоа за официјални првенства и куп натпревари со цел стимулирање на настапот на младите играчи, а за правилата на игра Судот не е надлежен да одлучува.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.120/2012
27 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски