У.бр.164/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 февруари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за техничките, употребените и другите услови за одредени типови на електронски комуникациски мрежи и електронска комуникациска инфраструктура, придружни инфраструктурни капацитети и средства („Службен весник на РМ“ бр.68/2012) донесен од директорот на Агенцијата за електронски комуникации.

2. Македонски Телеком АД застапувано од Даниел Сас од Скопје и Близу Медиа енд Броудбенд ДООЕЛ застапувано од Кирил Трендафилов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 11 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на ицијативата оспорениот член 11 од Правилникот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 51, член 52 став 4 и член 55 од Уставот. Ова од причина што со опстојувањето во сила на оспорениот член ќе се забавел процесот на развој на пазарот на електронските комуникации во Република Македонија, бидејќи операторите на кабелската комуникациска мрежа наместо да се стремат кон спроведување на иновации во нудењето на телекомуникациски услуги во Република Македонија, предвидените средства за развој ќе ги насочат кон изместување на постојните мрежи, односно нивно поставување под земја.

Од друга страна, пак, ваквите трошоци не можеле да се предвидат однапред, па сето тоа доведувало до непредвидливост и несигурност во деловното работење на операторите. Исто така со оваа одредба операторите на кабелската електронска комуникациска мрежа се доведувале во нерамноправна положба во однос на останатите оператори кои поседуваат друг вид на мрежа, а за кои не постојат никакви обврски својата мрежа, односно своите кабли да ги постават под земја. Имено, операторот на македонскиот електропреносен систем како и операторот на дистрибутивната мрежа за електронска енергија својата мрежа ја поставуваат надземно и не се обврзани со ниту еден законски или подзаконски акт постојната или идната мрежа да ја постават под земја, што е дискриминаторски спрема операторите на електронски комуникациски мрежи и електронска комуникациска инфраструктура.

3. Судот на седницата утврди дека Според оспорениот член 11 од Правилникот „Операторите на кабелска електронска комуникациска мрежа која е изградена пред влегување во сила на овој правилник, треба поставувањето на каблите на кабелската комуникациска мрежа согласно член 28-а од овој правилник да го извршат во период од 30 месеци од денот на влегувањето во сила на овој правилник“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 на овој член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Со Законот за електронски комуникации („Службен весник на РМ“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007, 98/2008, 83/2010, 13/2012 и 59/2012) е утврдено дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на вршење на дејноста во областа на електронски комуникации во Република Македонија, основање на Агенција за електронски комуникации, изградба, одржување, безбедност, надзор и користење на комуникациски мрежи и услуги интерконекција и пристап до електронски комуникации, обезбедување на универзална услуга, обезбедување на конкуренција, користење и контрола, радиофрекфенциски спектар, нумерологија, односи меѓу давателите и корисниците на услуги, управувањето, заштитата на тајноста и доверливоста на електронските комуникации и други прашања што се однесуваат на електронски комуникации.

Според член 17 став 1 ж) од Законот, директорот кој раководи со Агенцијата донесува подзаконски акти и други акти за спроведување на овој закон.

Во членот 29 од Законот поместен во насловот „Основни услови за јавните електронски комуникациски мрежи и електронски комуникации, инфраструктурни и придружни инфраструктурни капацитети и средства“ е утврдено дека електронски комуникациски мрежи, комуникациски инфраструктурни и придружни инфраструктурни капацитети и средства треба да бидат планирани, проектирани, изградени, одржувани и да работат согласно овој закон, прописи за просторно планирање и градење, прописи за заштита на животната средина, нормативите, прописите и технички спецификации содржани во препораките на Европската Унија.

Доколку не постојат препораки од ставот (1) на член 29 од Законот се применуваат нормативите и техничките спецификации на Европскиот телекомуникациски институт за стандардизација (ETSI), Еврпскиот комитет за стандардизација (CEN) и Европскиот комитет за електротехничка стандардизација (CENELEC) како и нормите, прописите, одлуките и препораките на Меѓународната организација за стандардизација (ISO), Меѓународниот електротехничка комисија (IEC) и Европската конференција на администрации и пошта и телекомуникации (CEPT).

Во членот 29-а од Законот, се утврдени условите за изградба, употреба и одржување на јавните електронски комуникациски мрежи и електронски комуникациски инфраструктури и придружни инфрастрктури, капацитет и средства.

Во точката 7 на членот 29-а се утврдени работите на одржување на јавна комуникациска мрежа и електронска комуникациска инфраструктура и придружни инфраструктурни капацитети и средства кои се работи од јавен интерес и кои се вршат согласно со прописите од областа на градење и тоа:

а) довршување и надоградување на постојните средства и опрема за јавни комуникациски мрежи (замена на опрема зголемување на капацитетот, воведување на нови системи), технологија, селидба, заштита и поправка на кабелската мрежа.
б) реконструкција, зајакнување или подигнување на постојните антенски системи.
в) обнова, реконструкција или замена на постојни објекти на јавни електронски комуникациски мрежи.
г) зголемување на капацитетот на постојните или инсталирање на нови комуникациски системи и јавни пристапни мрежи (микробранови системи, оптички и бакарни системи, интерфејси и др.).
д) проширување на постојни системи за напојување со енергија и
ѓ) заземјување или проширување на постојното заземјување поради замена на постојните објекти.

Врз основа на наведените членови од законот, директорот на Агенцијата за електорнски комуникации на 28 јуни 2011 година донел Правилник за техничките, употребните и другите услови за одредени типови на електронски комуникациски мрежи и електронска комуникациска инфраструктура, придружни инфраструктурни капацитети и средства („Службен весник на РМ“ бр.88/2011) со кој се пропишуваат технички, употребените и другите услови за одредени типови на електронски комуникациски мрежи ………(член 1).

Електронска комуникациска мрежа и електронски комуникациски инфраструктурни и придружни капацитети и средства треба да се планираат, проектираат, градат, употребуваат, реконструираат и одржуваат под услови утврдени со Закон за електронски комуникации, прописите донесени врз основа на него, прописи за просторно планирање и градење, прописи за заштита на животната средина, нормативите, препораките и техничките спецификации содржани во препораките на Европската Унија.

На 4 јуни 2012 година директорот на Агенцијата за електронски комуникации донел Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за техничките, употребените и други услови за одредени типови на електронски комуникациски мрежи и електронска комуникациска инфраструктура, придружни инфраструктурни капацитети и средства („Службен весник кна РМ“ бр.68/2012).

Во овој правилник во членот 10 е предвидено дека по членот 28 се додава нов член 28-а а кој гласи:

1) Во населено место или во густо населени зони, со густина на население поголемо од 300 жители на еден квадратен километар, поставување на каблите на кабелската електронска комуникациска мрежа се врши само под земја, во кабелска канализација или во цевки,

2) Во населено место или во густо населени зони со густина на население помеѓу 100 жители и 300 жители на еден квадратен километар, поставувањето на каблите на кабелската електронска комуникациска мрежа се врши на следниот начин:

– под земја, во кабелска канализација или во цевки или
– над земја, прицврстена на соодветни носачи.

3) Во населени места, со густина на население под 100 жители на еден квадратен километар, поставувањето на каблите на кабелската електронска комуникациска мрежа се врши:

– директно во земја, или
– над земја, прицврстена на соодветни носачи.

Во оспорениот член 11 од Правилникот е предвидено дека „Операторите на кабелска електронска комуникациска мрежа која е изградена пред влегување во сила на овој правилник, треба поставувањето на каблите на кабелската комуникациска мрежа согласно член 28-а од овој правилник да го извршат во период од 30 месеци од денот на влегувањето во сила на овој правилник“.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредби од Законот за електронски комуникации како и целината на Правилникот за техничките, употребените и други услови за одредени типови на електронска комуникациска мрежа …….. и оспорениот член 11 од измената на Правилникот наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причина што според мислењето на Судот, а тргнувајќи од фактот што дејностите поврзани со јавните електронски комуникациски мрежи и услуги, градењето, работите на одржувањето, развојот и користењето …………. се работи од јавен интерес, при што целта на законодавецот со оспорената одредба не била да ги доведе во нееднаква положба операторите на кабелската електронска комуникациска мрежа во однос на останатите оператори кои поседуваат друг вид на мрежа. Од увидот во Законот и во Правилникот видно е дека и за операторите на дистрибутивната мрежа на електронска енергија и операторите на кабелска електронска комуникациска мрежа пропишани се технички, употребени и други услови во зависност од тоа која услуга ја пружаат операторите.

Исто така, Судот смета дека оспорениот член 11 од Правилникот не може да се доведе под сомнение во однос на член 52 став 4 од Уставот, односно тој нема повратно дејство од причини што со него на операторите на кабелската електронска комуникациска мрежа му е оставен релативно доволен рок за усогласување на условите за вршење на дејноста со цел вооедначување на условите на сите оператори кои вршат таква дејност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.164/2012
13 февруари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски